Отидени

Туку пакуј куферите и дим одовде.

Трчаме, пливаме, се билдаме, немаме воздух, диши си викаме, качуваме планини, гледаме, шпиунираме, бегаме едни од други, листаме списанија, скроламе, скроламе… Ма сè правиме само тоа што треба не.
Сите зборуваме со себеси, сметајќи го тоа за нормално и вообичаено.
Велат капитализмот ќе се самозабрзал до таа мера што самиот од себе ќе се сопнел и паднел. Као му нема чаре, ќе падне овој бе.
Еве, еве каде и да е, ќе ни помине животниот век. Такви сме си ние, само уште ова да помине, уште ова и после може да земам здив. И ќе помине и лошото и доброто и тоа што сакаш и тоа што ни на душманот не си го посакувал, ќе помине и љубовта и тагата и животот.
Туку пакуј куферите и дим одовде.
Еден колега вели, подобро за него, ќе немало кој да му смета при станувањето министер или директор. Ќе нема кој. Ќе нема… Ќе…
Еден момче напиша стихозборка со наслов ,,Ќе”. Е тоа треба да се прочита. И никако и никогаш да не се заборави. Доби награда за најубава поема на Струшките вечери за песната ,,Нас иднината нè заборавила”. Дел од истата стихозбирка. По нецела година потоа замина за Ирска. Сега зборува ирски како да му е мајчин.

tin-man-1176557_1280

Нас иднината нè заборавила

Кога сме далеку
како самогласки и нивните сенки
во ненапишан збор
се вдомуваме
како чекори на провев во нечии соби
со измислени ѕидови,
со нацртани врати и прозорци
од туѓа детска фантазија,
се вдомуваме
таму каде што
ниту ногарките на столиците
не можат да ја издржат
тежината на задреманата празнотија,
затоа што
нас иднината нè заборавила.

Мане Манушев

Тагови од објавата
More from Адријана Ананиева
Во гората
Дрвјата стануваат повисоки и погусти. Снопови светлина ја осветлуваат гората.
Повеќе
0 replies on “Отидени”