СТРАДАНИЈАТА НА МЛАДИОТ С.К.

Деца бевме, си игравме војни, без да знаеме дека вистинска војна нè демне.

Се родив од татко Трибал и мајка Пајонка. Врсници ми се Дарданите. Додушa, јас бев најстар, па секогаш кога си игравме староседелци и дојденци (ние така си ја викавме играта, а модерната верзија е Каубојци и Индијанци), ме ставаа главен старешина, и тоа и на двете страни. Деца бевме, си игравме војни, без да знаеме дека вистинска војна нè демне. Моето детство заврши со почетокот на војните. Како момче ме регрутираа за воен камп. Бев одличен регрут, па ме унапредија со статус на колонија. Одамна беше тоа, многу одамна, пред ова време. Ни јас повеќе не се сеќавам добро… Сè ми е некако како во магла…
Како дете останав сираче. Ме посвоија соседите, деца на Ромул и Рем. Роднините тешко се откажаа од мене. Водеа битки, но ги изгубија. И самите израснати од сирачиња, потатковците беа фини со мене. Се грижеа ништо да не ми недостасува и воопшто не штедеа на моите пубертетски потреби. Но, Ромул и Рем се разделија. Едниот тргна на запад, другиот на исток. Одлучија дека е во моја корист јас да заминам на исток. Век подоцна одлуката се покажа правилна. Моето ново семејство, Византијците, ми придаваа голема важност. Откога успеав целосно да ја стекнам нивната доверба, ме одликуваа како Archidioecesis Scopiensis – достигнување со кое гордо се носев.
Но, за жал, среќата никогаш не е сама. Нејзината сестра близначка, несреќата, како паразитско второ јас И се населува во битието. Можеби јас ја предизвикав со тоа што се правев важен, но тогаш прв пат животот ме кутна на земја. Здравјето многу ми попушти, добив толку јака треска, што целиот ме срамни до земја! Помислив дека ми стигна крајот! Но, не била мојата судбина да згаснам така лесно! Од една потресна треска! Како феникс се дигнав од сопствените урнатини, и повторно застанав цврсто на двете нозе! И повторно станав главен! Ама историјата се повторува – втора разорна треска ме кутна на болничка постела. Успешно победувајќи ја првата, бев решен да $ се спротивставам и на втората. И успеав! Навистина, бев болежливо, но и силно дете, жилаво.
По пубертетот, се соочив со турбуленциите на адолесценцијата. Со раната адолесценција пристигна и првата љубов. Ме заљуби Турција. На почетокот беше насилна со мене, но јас не давав отпор. Кога ќе претераше, $ покажував благо одбивање, колку да $ дадам до знаење дека ги преминала границите. Но, таа умееше со мажите. Секогаш успешно ме стивнуваше. По сè изгледа се навикнавме еден на друг, штом останавме заедно пет века. Имавме чудна љубовна врска – малку љубов, повеќе стравопочит. Мојата љубена ме опсипуваше со подароци. До ден-денес ги чувам. Имам катче каде само нив ги чувам, посебен дел од себе посветен само за нив. Го нарекувам, во нејзина чест, Турска чаршија. И заслужила. Додека бев со неа, трет пат ме фати треска, и
повторно јака, и повторно разорна, и повторно целосно ме срамни со земја. Мојата љубена, со нега и грижа, успеа да ме дигне на нозе.
Но, не останав долго стоејќи. Набргу потоа повторно се разболев и дигав многу висока температура. Горев. Горев, горев, додека не изгорев целиот! До темел! Потоа, веќе ништо не беше како претходно… Јас и мојата љубена се разделивме. Бурно, како што почнавме. Љубовници, непријатели, па пријатели. Сега сме далеку. На дистанца. Велат, така е најдобро – далеку од очи, далеку од срце.

9374390194_f5299a4fc2_b

По неа имав неколку несреќни љубови. Сите со мене беа од корист. А јас, кутриот, наивен, јас сакав само љубов… Ни повеќе, ни помалку… Ама со глава во ѕид не бидува. Видов дека не функционира еден на еден, па се приклучив во, да се изразам политички коректно, групна хипи комуна. Бевме шестмина. Функциониравме, гледано одвнатре – надреално совршено, гледано отстрана –непожелно совршено. Издржавме прилично долго заедно. Се надополнувавме. После некое време, ненајавено и без некоја посебна причина, но можеби природно, почнавме да не се трпиме воопшто. Полека, еден по еден, почнавме да ја напуштаме комуната и да живееме засебно.
Но, јас повторно се разболев од старата болест – треската. Кога и да ме фатеше, ме зграбуваше со сета сила, и не ме пушташе дур` не ме кутнеше целосно, до темел. Последнава треска, скоро ме чинеше живот. Скоро ништо не остана од мене. По неа, веќе не бев истиот. Од неа ми остана и белег кој секогаш ме потсетува на тоа проклето рано утро кога почна да ме тресе, да ме дрма, ко божем се обидува да разбуди мртовец од вечен сон. Тој белег е музеј на моите страданија, тој белег е само мој музеј!
По таа кобна треска, забременив. Кога прв пат забременив сфатив дека сум женско. Од пуста желба по народната „прво, па машко“, моите родители ми го дале родот, без да ми го земат предвид полот. Почнав да растам. Бев навистина голема трудница. Ме зачна професионалец – рационално смислено и креативно осмислено. Бев најубавата трудница на светот во тоа време. Целата Земја зборуваше за мене и сите земји испраќаа подароци за моите деца.
Сепак, мојата втора бременост воопшто не наликува на претходната. Уште веднаш штом почнав да растам, добив чувство дека носам близнаци. Растев многу, рапидно и неплански, изобличено. Ко да носев неколку пара близнаци. Се покажа дека носам ѕверови. Ѕверови кои ме изобличуваат! Како чиреви никнуваат од мене, секаде каде ќе стигнат, наместо да ми излезат од вагината, тие ми се раѓаат од секоја проширена пора. Сега најмалку личам на себе. Немилосрдни се кон мене. И трудна ме силуваат! Ама јас си ги сакам своите деца – какви-такви. Докторите велат ќе ги носам до 2014-та. Долго време за една бременост, но, како се вели, закаснетите плодови се најслатки. А и јас не сум баш така млада како кога ги носев првите ми чеда во утробата…
Младост-лудост. Најдобро време за терање мода. Во доцната младост си ставив тетоважа. Убав, раскошен, светкав крст. На видно место. На ачик. Да се знае. Оддалеку да се гледа. Милениумски крст. Парадокс. Тетовираниот постар од истетовираниот симбол. Ама убаво ми стои. Не би ја вадела тетоважата, иако сега сум веќе во поодминати години.
Да, да, иако можеби не изгледам така, веќе сум стара, сенилна. Ете, заборавив и да ви се претставам. Крстена сум Скупи. Ме викаат Скопје…

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Пренџова
РОДИ МЕ МАЈКО СРЕЌЕН И ФРЛИ МЕ НА БУНИШТЕ
Кон филмот Црниот Перикле (Pericle il nero) во режија на Стефано Мордини...
Повеќе
0 replies on “СТРАДАНИЈАТА НА МЛАДИОТ С.К.”