Седев на својата карпа во архипелагот, се обидував да го осмислам својот четврти роман, не одеше. Тогаш, моите очи паднаа врз една рубрика од две колумни во данскиот весник Политикен: „Мажите може да се казнуваат, но не да се силуваат“, пишуваше таму, се зборуваше за еден маж изложен на понижувачки третман од една жена што го поканила дома на сендвич по заедничка вечер.
Беше 15 јули 1975 година. Таму ја добив приказната за четвртиот роман.
Седумдесеттите години беа времето на идеологиите, на поларизацијата во финското општество. Здружение 9 продолжуваше со мапирањето на проблематиката на улогата на половите, првите женски групи неодамна се имаа појавено и кај нас, читав нордиски дневни весници и го поврзав написот во данскиот весник со Интернационалната година на жената. Во САД Вименс Либ се грижеа за две обоени жени што биле силувани од бели мажи и потоа ги убиле мажите што ги силувале.
Значи, се решив да пишувам книга за една жена што е силувана – едно сосема обично случување – и што решава да не се крие од срам и од вина, туку да се обиде да го натера мажот да увиди на што ја изложил. Ништо не е напишано за тоа се чувствуваат како жртвите на силување, како реагираат, што им се случува – се обидов да се замислам и во улогата на жртвата и во улогата на престапникот. Проблематиката на половата еднаквост доведена до екстремност во една област што можеби би натерала некои мажи да увидат дека таа, исто така, важи и за нив.
Седев меѓу дивите зумбули и пишував грубости.
Мојата финско-шведска издавачка куќа беше преплашена, лекторот советуваше да не се објавува. Преведувачката на фински соопшти дека нејзината машина за пишување одбива да има што и да е со мојот текст. Но мојот шведски издавач, Сулвај Нелинге од Треви, сакаше да ја смести книгата во Книга на месецот и молеше за дозвола да објави извадоци во списанија.
Мажите не можеш да ги силуваш беше издадена од Содерстром во Хелсинки на 14 ноември 1975 година, истиот ден кога и големата студија на Сузан Браунмилер, Against Our Will. About Men, Women and Rape , беше издадена во Њујорк.
Мојата книга беше целосно распарчена. Освен двајца критичари, Густаф Виден од Боргобладет и Лоло В. Рајт во Фолктиднинген ну тид, немаше никој во Финска што виде што се обидов да направам.
Една госпоѓа дојде и ме удри на моето работно место, една друга ме плукна. Луѓето ја преминуваа улицата кога ќе ме видеа. Моите синови, на десет и на дванаесет години, се тепаа за честа на својата мајка во училишниот двор.
Јас седев на својата црвена софа во текот на ноќите и продолжував.
Веднаш по Нова година, 1976 година, во Експресен се појавија големите написи на Марија-Пија Боетиус за Браунмилер, новинарката Лена Сванберг ја спои мојата книга со нив и со моменталната дебата околу обновувањето на законот за сексуалните престапи во Шведска. Мажите не можеш да ги силуваш излезе во Треви на 31 март 1976 година… и наеднаш сè беше поинаку.
Седев на директен пренос на телевизија во Гетеборг, Јорн Донер сакаше да направи филм според романот, странски договори почнаа да доаѓаат: нордиските земји, Англија, САД, но исто така и Југославија, Грција, Јапонија, Германците печатеа издание по издание на Wie vergewaltige ich einen Mann? – таму очигледно имаа потреба од упатство за користење.
Дома имав печат на чело, прашањето е дали некогаш вистински ќе се измие: Перверзна. Луда. Силува мажи. „Мора ли жените да станат хистерични само затоа што полнат четириесет години?“ ,,Боже мој, па таа не ни умре!“
По ова, многу нешта се случија во законодавството, силувањето се гледа како кршење на човековите права, сега е казниво и во бракот. A yes is a yes and no is a no / whoever you are, wherever you go .
Силувањето никогаш не е дејство од страст. Силувањето секогаш е дејство од моќ. Никаде не е односот меѓу половите толку соголен како кога станува збор за сексуалното насилство.
Дали сите може да станат престапници? Дали секој е потенцијална жртва? Кога се појавува недоразбирањето?
Судските процеси, кои привлекле големо внимание на северот, покажуваат дека силувањето не е само во нашето општество едно обезвреднето поглавје. Групните силувања се сè почест престап, да не го заборавиме сексуализираното насилство при водењето војни.
Секој посебно, жена или маж, млад или стар, има право да очекува почит. Толку е едноставно. Толку тешко. Триесет години отсега, може да се прашувам како сум се осмелила да се зафатам со една толку табуизирана тема со една таква избезуменост. Вистината е дека не увидов дека дискусијата за силувањето во 1975 година сè уште се движеше, така да се рече, по наполно девствена почва во Финска, земјата на фасадите и на предрасудите.
Човек се прашува како е денес.
П.С. Иако во книгата, сепак, не станува збор за сексуалното насилство.