Писмо до авторот

(За „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски)

Да не навлегуваме во муабетот: Кој е авторот? Дали е жив или мртов? И слични филозофски замки. Тоа не е ни битно, можев и поинаку да го насловам текстот, се знае кому му е упатен.

Си се извештил во занаетот, Давор. Си се ослободил од потребата да му покажеш на читателот колку многу ја познаваш теоријата на книжевноста, наратологијата, постмодернистичките постапки. Тоа е, според мене, најважната разлика помеѓу „Сонатата“ и „Собирачи на пепел“. Затоа што нема потреба тоа никому ни да го покажуваш ни да го докажуваш, ми се чини дека идеалниот читател кому ти сакаш да му се обратиш не го интересира тоа. Тој читател ти верува дека знаеш. Тој дури и знае дека знаеш. Многу е поубаво кога вака суптилно ќе покажеш колку владееш со приказната, кога ќе бидеш отсутен од дискурсот и ќе го оставиш читателот раат да си ужива. Јас и натаму „Сонатата“ ја сметам за еден од најквалитетните романи на нашата генерација, но оптовареноста со таа потреба да се покаже на ачик умешноста ѝ пречеше на приказната, ја обременуваше. Овде тоа го нема. Овде Јаков раскажува, а не Давор. Голема мајсторија е да те нема во текстот.

А те бидува ептен. Точно знаеш што правиш. Точно знаеш што каде треба да се наоѓа, што да претходи а што да следува, имаш чувство за филмски рез, знаеш кога да отидеш и како да се вратиш. Не наидов на ниту еден вишок во текстот, на ниту една недоследност и, освен некои јазични превиди, за кои ќе ти пишам подолу, ништо не ми попречи во читањето. Засега првото и единствено читање. Напротив, со леснотија и речиси со едно зачитување го прочитав романот. Јадранка за ваквите книги велеше: се читаат за едно попладне.

typewriter-801921_1280

Мислам дека е одлично што почнуваш со погреб. Нема попривлечна тема од смртта. Целата сцена со бањата потоа, која е некаков столб на раскажувањето, некакво место на навраќање, е надреална, мајсторски го одложуваш крајот, а крајот никако не го очекував. Што ќе рече: мене ме купи. Ќе видиме што ќе речат другите. Ликот на Јаков прецизно и лесно го полниш со значење. Мнемотехничките детали ти функционираат беспрекорно: чадорот, водата полна утроби од риби и пипала од октоподи, тенките мустачиња, златната душа итн. Метафората со рударите и со златната душа е моќна, особено што целот роман го ставаш во таа рамка, најавувајќи ја на самиот почеток со гатачката, а заокружувајќи ја при крајот со сонот. Да, ќефлија сум и што пак го користиш своето најмоќно оружје: сонот.

Забелешките што ти ги најавив се јазични. Знам дека за некого е тоа ситничарење, ама знам и дека тоа ситничарење тебе ти е важно. Башка, верувам дека романот ќе има и второ издание.

На неколку места го користиш глаголот се осуди (да направи нешто), кој е погрешен превод на српското усудити се (од усуд или fatum), кое, пак, нема никаква врска со осудити се. Оттука, решението би било просто: се осмели (да направи нешто). Затоа што смелост е да ѝ се спротивставиш на судбината.

На едно место велиш дека e Беатрис културно аташе, заборавајќи дека аташе оди во машки род, а не во среден како клише, на пример, бидејќи се работи за личност. Но замката е во тоа што Беатрис е жена, па како да се реши проблемот? Тука ти помага аналитичноста на македонскиот јазик и повикуваш предлог за пријател: Беатрис е аташе за култура (стр. 31).

И само уште едно место. На стр. 99 правиш замена на паронимите: сомнително/сомничаво. Тој што се сомнева е сомничав, а тој во кого се сомневаат е сомнителен. Па, така, ми се чини дека погледот на Јаков, сепак, е сомничав, а не сомнителен.

За крај, романот го доживувам приближно онака како што Јаков сака да изгледа пред светот: „ненаметлив, но воочлив“. Знам дека знаеш каков роман си напишал, биди си раат, немој да се опседнуваш со тоа каков впечаток ќе оставиш, книгата сама ќе си ја заврши работата.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Предизвиците на мојот превод
Кон преводот на „Рута Таненбаум“ (Бегемот)
Повеќе
0 replies on “Писмо до авторот”