РОДИ МЕ МАЈКО СРЕЌЕН И ФРЛИ МЕ НА БУНИШТЕ

Кон филмот Црниот Перикле (Pericle il nero) во режија на Стефано Мордини (Stefano Mordini) и во копродукција на „Буена онда“ (Buena Onda),„Раи чинема“ (Rai Cinema), „Ле филм ду флев“ (Les films du fleuve),„Ле продукцион ду трезор“ (Les productions du tresor), Белградски филмси фестивал, март 2017 год.

По италијанските филмски хитови со светска слава: Пазолини (Pasolini) и Златно момче (Un ragazzo d’oro) од 2014 година и двата дела на Век на љубовта (Manuale d’amore) од 2012 и 2011 година, но и не толку скорашните, но популарни: Брат ми е син единец (Mio fratello e’ figlio unico) од 2006 година и Три метри над небото (Tre metri sopra il cielo) од 2004 година, во 2016 година се случи уште филмски хит на познатиот италијански актер со голем филмски багаж зад себе – Рикардо Скамарко (Riccardo Scamarcio), филмот Црниот Перикле (Pericle il nero) во режија на Стефано Мордини (Stefano Mordini). Нема да се сложам со Роза Мајукаро (Rosa Maiuccaro) од http://movieplayer.it кога вели дека „златното момче“ направило „погрешен чекор“ и дека улогата во овој филм не му е една од најдобрите во кариерата. Напротив, сметам дека и во овој филм, како и во сите претходни, Скамарко го потврдува својот актерски талент и умешност за трансформација за потребите на ликовите. И Дебора Јанг (Deborah Young) од „Кан ривју“ (Cannes Review) истакнува дека оваа улога е најсилната, а истовремено и најчудната улога на овој актер. Имено, тој во овој филм доаѓа од улога на „златно момче“ и интелектуален љубовник во улога на мафијашки потрчко, маргинализирано копиле кое ги врши најдолните мафијашки услуги – содомизација на жртвите на ситните мафијаши. Иако и двата лика имаат силна патологија и невротичност во нивната суштина – вториот е професионален силувач кој не ги повредува жртвите на класичен, „мачо“ начин, со тепање и покажување сила – сепак, интерпретацијата и манифестацијата на овие искривени вредности е сосема поинаква. Од тие причини, навистина е потребно да му се даде признание на Скамарко за умешноста и посветеноста да влезе во кожата на различни ликови. Можеби е излишно потенцирањето на потребата да се уважува и укажува актерското камелеонство како дел од актерскиот професионализам, меѓутоа, сепак, филмската индустрија, особено со филмовите наменети на светскиот т.н. народен пазар, инсистира на пренесување на исти и слични ликови од еден во друг филмски контекст и, ко за инает на разновидноста, внимава тие „различни“ ликови да ги олицетвори со истите актери/ки. Свесни сме дека со тоа создава чувство на лојалност и поврзување со публиката, но, од друга страна, пак, не верувам дека е актерски многу креативно и предизвикувачки.

BadTaste.it го сместува Црниот Перикле во оној „жанр филмови кои, всушност, не припаѓаат на ниеден жанр“, а тоа се всушност, „типичните италијански филмови“. Сепак, генерално земено, критиката е сложна дека станува збор за филм ноар. Њола напоменува дека станува збор за „жанровски филм, но и многу повеќе од тоа“. Таа повеќе акцент става на љубовната приказна во филмот, што за неа претставува „срцето на филмот“, при тоа нагласувајќи дека тоа е „сосема невообичаено за филм ноар“. Нејзиното „оправдување“ е дека

  • во долгиот и доминантен центар на филмот, Перикле веќе не е криминалец, всушност не е ништо од она како е претставен претходно и станува традиционален лик на италијанската филмска уметност.
  • И Вирџинија Кампјоне (Virginia Campione) жанровски го дефинира филмот како егзистенцијалистички ноар, во кој главниот лик бегајќи од осаменоста, трага по љубов и нормално семејство и живот, а за да го оствари тоа, потребно е да создаде целосно нов идентитет. На тој начин филмот од жанровски мафијашки преминува во „филм на созревање“, а токму вака го толкува Антонио Мариа Абате (Antonio Maria Abate) од cineblog.it. Токму за тој аспект ќе коментира и Алесија Лаудати (Alessia Laudati) од film.it која забележува дека

  • понекогаш се добива впечаток дека филмот се врти премногу околу истата идеја на ликот; која, иако добро изградена, има малку да понуди на ниво на дејствување и на ниво на социолошки портрет, како и на ефикасноста на епилогот и на личната трансформација која при крајот е премногу.
  • Факт е дека филмот природно и визуелно наративно е поделен на два дела – првиот дел жанровски е филм ноар, а вториот road movie, кога патот е претставен и конкретно и апстрактно, метафорички, односно кога филмот е снимен по автопати (физичкото бегство на протагонистот), но и метафоричното бегство на протагонистот од самиот себеси, од наметнатиот живот, животот во које е фрлен со раѓањето, кон животот по кој чезнее.

    Во секој случај, филмот е сконцентиран на еден лик, на главниот лик и ги претставува неговите две страни – ликот кој е во реалниот живот, оној кој му е наметнато да биде и ликот кој е по природа, оној кој посакува да биде, оној по кој копнее неговата суштнина. Баланс не е возможно да се постигне – станува збор за две страни од иста паричка; изборот е или-или. Црната судбина (неговото име – Црниот Перикле – алузија на трагичниот лик од античката трагедија) е истовремено и неговиот пат низ трње кој мора да го изоди сам. Попат ја сретнува љубовта, односно идеалот на љубовта – самохраната мајка со две деца, која исто како и него, на свој начин се бори со своите демони и за својот живот. Партнерката на Скамарко во филмот, француската актерка Марина Фоаз (Marina Fois), му е достојна во актерската игра и тие формираат одличен актерски пар на екран. Не греши Камило де Марко (Camillo De Marco) кога вели дека филмот е „режиран со нежност и елеганција“! Покрај уметничкиот израз на режисерот и добриот кастинг, внимателниот избор на продуценти, копродуценти и интернационални продукциски компании, за успешноста на филмот се должни и сценаристите кои останаа верни на дискурсот и нарацијата на оригиналниот роман по кој е снимен филмот – истоимениот роман на сценаристот по професија, Џузепе Феранино (Giuseppe Ferranino). Единствената измена која ја направиле е интервенцијата во физикусот на протагонистот – наместо крупен ќелав дечко се одлучиле за лик со постандарден изглед, наспроти типичниот, стереотипен физикус на ситен криминалец насилник; според мене, исправен чекор. Технички, филмот е навистина уредно снимен. Фотографијата на филмот е жива и ги доловува потребните моменти во најдобро светло, како и монтажата и глатко вклопената музика. Сè на сè, за филмот може да се заклучи дека е успешен и дека треба да се погледне, а од филмот може да се изведе заклучок дека, сепак, потребно е човек да се роди среќен, оти кога го прати среќата, и од буниште ќе се извлече и ќе стигне до палата; во спротивно, со таксират како судбина, и во палата да се роди, ќе заврши на буниште.

    director-1380748_1280

    Консултирани електронски единици:

    Abate, Antonio Maria. Cannes 2016, Pericle il Nero: recensione in anteprima del film in Un Certain Regard. http://www.cineblog.it/post/693003/pericle-il-nero-recensione-in-anteprima
    (пристапно на 5. март 2017)

    Brady, Tara. Pericles the Black: a smudged antihero on the lam. http://www.irishtimes.com/culture/film/pericles-the-black-a-smudged-antihero-on-the-lam-1.2655034
    (пристапно на 5. март 2017)

    Campione, Virginia. Pericle Il Nero: recensione del film con Riccardo Scamarcio.
    https://www.cinematographe.it/74073/recensioni/anteprime/pericle-il-nero-recensione-film.html
    (пристапно на 5. март 2017)

    De Marco, Camillo. “I worked on an awkward character”, Stefano Mordini, Director. Inerview. http://www.cineuropa.org/it.aspx?t=interview&l=en&did=309708
    (пристапно на 5. март 2017)

    De Marco, Camillo. Pericle the Black: A bad seed who is able to redeem himself.
    http://www.cineuropa.org/nw.aspx?t=newsdetail&l=en&did=309568
    (пристапно на 5. март 2017)

    Gandolfi, Marzia. Pericle il nero.
    http://www.mymovies.it/film/2016/pericleilnero/
    (пристапно на 5. март 2017)

    Gironi, Federico. Pericle il Nero: recensione del film con Riccardo Scamarcio e diretto da Stefano Mordini. https://www.comingsoon.it/film/pericle-il-nero/52608/recensione/
    (пристапно на 5. март 2017)

    Laudati, Alessia. Pericle il Nero – La nostra recensione.
    http://www.film.it/recensione/art/pericle-il-nero-la-nostra-recensione-45800/
    (пристапно на 5. март 2017)

    Niola, Gabriele. [Cannes 2016] Pericle il nero, la recensione.
    http://www.badtaste.it/recensione/cannes-2016-pericle-nero-recensione/173106/
    (пристапно на 5. март 2017)

    Maiuccaro, Rosa. Pericle il nero, il fuorviante adattamento di un romanzo da pelle d’oca.
    http://movieplayer.it/articoli/la-recensione-di-pericle-il-nero_15864/
    (пристапно на 5. март 2017)

    Mordini, Stefano. Pericle il nero. http://www.ondacinema.it/film/recensione/pericle_nero.html
    (пристапно на 5. март 2017)

    Young, Deborah. ‘Pericle’ (‘Pericle il nero’): Cannes Review.
    http://www.hollywoodreporter.com/review/pericle-pericle-il-nero-cannes-891746
    (пристапно на 5. март 2017)

    Тагови од објавата
    Напишано од
    More from Елена Пренџова
    „КОЛИБАТА“ ТРЕБА ДА СЕ РЕНОВИРА
    Кон филмот „Колибата“ (The Shack), во режија на Стјуард Хазелдин (Stuart Hazeldine),...
    Повеќе
    0 replies on “РОДИ МЕ МАЈКО СРЕЌЕН И ФРЛИ МЕ НА БУНИШТЕ”