ШТО ИМ СЕ СЛУЧУВАШЕ НА Г-ИНОТ А. И Г-ИНОТ И.

г-инот И. и г-инот А. се најдоа пред некоја пресушена чешма ... споменик од партизанските денови со срп и чекан врежани во каменот... не се најдоа, туку беа седнати на две столици со грб еден кон друг...

Армасници

Звук на будилник. Пладне. Неуредна соба, со стуткана постела на чие дно дреме мачка (црно-бела, поради маската на лицето се вика Зоро, иако е женска). По ѕидовите фотографии на филмски сцени: Мерилин со дигнато здолниште, „До последен здив“ од Годар, Deep Blue, „Убавицата на денот“. Г-инот А. набрзина се облекува додека ја слуша телефонската секретарка. Се јавуваат пријателот (му раскажува за проводот на синоќешната журка), мајка му (дека последен пат вечерал кај нив минатиот петок), љубовницата (вчера имала работа, не можела да дојде во „Круг“ на еспресо во 6).
Брза колку што може побрзо, ама…
– Доцниш, доцниш – го дочекува возбудено г-инот И. – па автобусот веќе ни замина, еве точно пред половина час, а следниот е дури во 5…
– Извини. Пак оние мои глупави обврски… Значи така… Имаме уште полни четири и пол часа… Тогаш, ќе причекаме…
и чекаат… чекаат и понатаму… г-инот И. вари кафе, а г-инот А. во својот филџан додава „натрен“ зашто во последно време се бори со вишок шеќер во крвта… ги сркаат кафињата гледајќи го пладневниот дневник на Телма… првата вест е синоќешниот голем протестен митинг… место на настанот… плоштадот… во срцето на Скопје…
на снимката од синоќа многу луѓе викаат, меѓу нив и новинарката…
преминот од колор-стварноста во црно-белиот филм се случува кога новинарката, привршувајќи го својот гласен прилог, е поклопена од уште посилниот глас на еден од демонстрантите: Уа владааа!…
г-инот И. и г-инот А. се најдоа пред некоја пресушена чешма … споменик од партизанските денови со срп и чекан врежани во каменот… не се најдоа, туку беа седнати на две столици со грб еден кон друг… како да беа наместени за почетна сцена од некоја представа (куклена?)… но тоа воопшто не ги вознемирува… напротив, таа поза на вкочанет живот им се чинеше дури обредно-свечена… се вртеа бавно… како во сон… додека не се соочија… со несентименталниот објектив… и додека апаратот чкрапаше, почуствуваа… независно еден од друг… нејасно… нешто се менува… и нема да биде онака како што беше… и кога столиците ќе останат празни… а потоа ќе пристигнат следните анонимни седачи…
враќањето во колорот, пред телевизорот во станот на г-инот И., е кога ја даваат временската прогноза. За Скопје – променливо облачно, со можни попладневни врнежи и грмежи и температури од 4 до 11 степени. Конечно, г-инот И. и г-инот А. можат да отпатуваат, со автобус, во македонско градче каде што не биле веќе десетина години.
цртежи на местото на трите точки:
часовници, бремени жени, пожолтен лист лист во тревникот, бакнеж, календар, недопушена цигара, клуч во брава, салфетки, полуиспразнета чаша, чадор, мачки, сексуален акт во „јавачка“ положба, циркузантче од неопределен пол што балансира по жица, дланка врз Венериниот брег што има хоризонтална лузна, расипана неонка што со крцкање се пали и гаси, куче скитник што лежи на персиски тепих со главата на предните шепи и мрда со опашката, медицинска сестра со старовремска капа и јаки листови на нозете, девојка со испулени сини очи во жолта фротирска машка пижама, сцена од автобусот во кој што, заедно со г-инот И. и г-инот А. се возат и еден молчалив татко со своето зборлесто девојче, кое му се обраќа со „татко Ратко“, еден испотен бизнисмен, кој постојано вика во мобилниот, нагласувајќи дека ќе биде таму најдоцна за еден саат, плус-минус пет минути, млада ромска двојка во која таа ем се кара, ем се смее: Ава карик… тева кераптуке нешто… макелту манца… а тој и се смее, и ја гушка.
г-инот А. кон г-инот И., додека автобусот минува низ една клисура со бујна вегетација и брза река (дождот, сепак, не падна): – Те сфаќам, љубовта не е баш секогаш фер спрема оние што љубат. Па, што и ако е така?

abstract-742362_1280

Кокино, Казимир

Откако паркираните автомобили ги зазедоа и така тесните тротоари во градот, бројот на пешаците – жртви растеше пропорционално со оној на прегазените мачки и кучиња. Губејќи ја последната заштита пред разулавените автомобили-куршуми, пешаците растревожено бегаа по улиците пред заканата на надоаѓачкото брмчење на машините. Некои ќе се скутреа до каросеријата на најблиското паркирано авто, некои ќе се завлечеа под него, само да се сокријат пред терминаторите на четири тркала. Дрвјата не можат да се користат за заштита, зашто се исечени по наредба на градските власти, да не му пречат на „слободниот сообраќај“.
Трчајќи слалом по тротоарот, меѓу густо доминантните автомобили, г-инот А., со дланките во џебовите од стариот, но добро скроен син капут, го здогледува пријателот, г-инот И. како прилепен до едно паркирано „рено“, ги колне несовесните возачи. – Те канам на кафе. – Да побрзаме, додека некој од овие лудаци не не собрал – му одговара овој, забрзано дишејќи.
Убавината на некој древен храм не произлегува од тоа што служел како азил за одредена содржина на животот, туку од тоа што неговиот облик е произлезен од чистата перцепција на пластичните односи. Таа уметничка перцепција (што во градбата на храмот станува облик) е скапоцена и жива за сите нас во сите времиња, иако содржината на животот во кој храмот бил изграден веќе не е жива.
Идејата за излет до Кокино, од каде се претците на г-инот А., дојде пред таму да биде откриена мегалитската опсерваторија (што секако го исполни со пионерска прачовечка гордост), но се уште остана на кафеански договори, иако веќе почнаа да се печатат календари со древните урнатини во нечепнатиот природен амбиент. Но, искрено кажано, г. А. и г. И. се вистински „гњаватори“, сè е кај нив нашироко и надолго, а ефектот… под очекувањата!
И онака, ќе дојдат насилните, ќе ги избркаат кротките. Варварите ги скрнават светилиштата, гнасите на четири тркала ги елиминираат изгубените пешаци. А потоа, како ништо да не се случило. По неколку децении, помеѓу урнатините на храмот никнала трева и некој овчар го донесува своето стадо да пасе токму таму. По неколку дена, еден друг пешак пред налетот на бесен автомобил, се вкочанува на истиот премин, можеби на истото место каде што беше згмечен пензионерот што брзаше кон детската градина да ја сочека својата внучка. Тивко е на ливадата и момчакот потпрен врз еден од расфрланите камења на некогашниот храм, бавно го брише испотеното чело, додека овчичките спокојно си џвакаат. Пешакот, откако колата прострелува крај него, се сепнува, трча кон тротоарот, таму ги симнува очилата (диоптер 4,5), „колку се луди овие возачи“, кога – „здраво, откаде ти тука?“, му се обрача весел глас, ги враќа очилата и пред себе го гледа најслаткото суштество во својот сегашен живот. Убаво му е што ја гледа. Секоја асоцијација на претходниот настан е избришана. Без страв, без суровост.
црн квадрат = сензибилитет
бела заднина = Ништо, она што е вон сензибилитетот
Убавите животни спијат во црниот квадрат. Незагрозени, разбирливи на сите јазици, сочувани во сетилниот облик (црниот квадрат). Едновремено и чисти – духовна хигиена, отфрлање на недостојните товари.
Господионот А. и господинот И. понекогаш умеат да заседнат. Сè уште не се договориле кога ќе тргнат за Кокино, утре сабајле, прекутре сабајле, или можеби најдобро во недела. Една трудна жена влегува во кафеаната. „Ќерката на Олга“, вели А. „Која Олга?“. „Олга од нашата гимназија. Олга Јаневска. Пред малку ги видов заедно, на улица“. „Ама што ми велиш? Не е можно“.
Независните души ги оставаат напиените тела и патуваат. Кон црниот квадрат! Кон црниот квадрат!

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
КАЈ ПСИХИЈАТАР
ВОДАТА (едно од можните причини за труење на Скопје)
Повеќе
0 replies on “ШТО ИМ СЕ СЛУЧУВАШЕ НА Г-ИНОТ А. И Г-ИНОТ И.”