Избраните стихови на Томаж Шаламун (1941 – 2014), помакедончени во преведувачката работилница на Соња Должан и Викторија Блажеска, во 2015-та излегоа под возбудливиот наслов „Моите песни се како светлосни бомби“ (Скопје: Матица македонска, 2015). А еве како пее на македонски лично тој, Томаж Шаламун, во преводот на Соња Должан и Викторија Блажеска:
Помрачување
II
Ќе си земам клинци,
долги клинци
и ќе ги забивам во своето тело.
Сосема лесно,
сосема бавно,
за да трае подолго.
Ќе си направам детален план.
Ќе се тапацирам секој ден
на пример по околу десет квадратни сантиметри.
Потоа сè ќе запалам.
Ќе гори долго,
ќе гори седум дена.
Ќе останат само клинците,
залемени, цели ‘рѓосани.
Таков ќе останам.
Таков сè ќе преживеам.
Така некако запеа, но, се разбира, на словенечки, Томаж Шаламун во далечната 1966. Вака звучеше и значеше на македонски во тогашната 2015 кога излегуваат овие стихови. Вака звучи и значи и во оваа 2017-та. И со овој чин, поточно со објавувањето на овој избор од неговите стихови на македонски јазик, со извонредна корица која носи печат на ликовно уредување од неговата сопатничка Метка Крашовец, како да му се одаде почит заради неговото физичко отсуство. Притоа, први во регионов, но и подалеку, во таа 2015-та ја најавивме прославата на големиот јубилеј, што се случи наредната 2016 – 50 години од неговата првообјава „Покер“.
А 1966-та е година на вистинскиот нов почеток во словенечката лирика. „Покер“ го вдишува, но и издишува здивот на модерната словенечка поезија, онаа на Едвард Коцбек, Дане Зајц и Сречко Косовел, на францускиот симболизам и на српскиот надреализам, поточно на српскиот/југословенскиот модернизам, оној на Васко Попа. Збирката „Покер“, со своите необично јазичко-стилски перформанси, испеана како побуна против оној сентиментален хуманизам, кој егзистенцијалистичките поети како Дане Зајц, Вено Тауфер и Грегор Стрниша веќе го отфрлаат, е срцето на т.н. книжевно движење „реизам“. Всушност неоавангардниот Томаж Шаламун, заедно со Франци Загоричник, Иво Светина, Андреј Медвед и Матјаж Ханжек, со своите првообјави ја преземаат одговорноста да ја докрајчат традиционална книжевност. Така, трендовите што се појавуваат во рамките на таа нова поетика на шеесеттите години на минатиот век, како „реизам“ (фокусирање на предметите), „карнизам“ (фокусирање на претераноста на телото) и „лудизам“ (фокусирање на трансрационалната игривост), тотално ќе ја променат словенечката поезија засекогаш. Впрочем, конзервативните поетски кругови во тие шеесетти години на минатиот век се шокираат од слободата на неговиот поетски израз, како и од важноста што Шаламун им ја придава на телото и телесноста. А самиот тој, после многу години, еве што вели: „ … јас никогаш не сакав да шокирам. Тоа беше дел од околностите. Живеев малку поблизу до Западот, во Копер, уште во педесеттите патував во странство и се чувствувавме како Калофорнија во тогашната држава. А, сепак, словенечката култура беше мала, затворена и провинциска. Така и мојата прва зборка Покер (1966) е дочекана како разурнувачка, агресивна, провокативна книга. А всусшност беше скромна збирка, една од оние какви што излегоа во дваесеттите години во развиените европски земји.“
Како клучни во неговиот живот се годините:
1964 кога како уредник на списанието „Перспективи“ ја објавува својата поема „Дума 64“ („Duma 64“) заради која е упасен од тогашниот режим и кога по повеќедневен затвор излегува како книжевен и граѓански херој;
1970 кога како член на словенечкото уметничко друштво ОХО изложува во Галеријата на современи уметности во Загреб, каде случајно на тогашниот кустос на њујоршката МОМА, кој е во подготовки за првата голема меѓународна изложба на концептуалната уметност, му паѓа в раце каталогот од оваа словенечка изложба и од таа 1970 кога му се случува изложба во Њу Јорк ја започнува својата кариера во странство и
1980 кога во белградското, тогаш многу престижно списание „Книжевен збор“ („Књижевна реч“) ја објавува поемата „Зошто сум фашист“ во која повторно ги набројува сите нацистичко-фашистички злодела, со цел да потсети на нив, по пат на алегориска инверзија и кога тогашната партиска номенклатура повторно не го разбира па медиумски го прозива и омаловажува.
Значајни простори кои го дефинираат него како поет се, пред сè, Југославија, но и Америка. Тој е роден во хрватскиот Загреб, но преку босанскиот Мостар се вкотвува во словенечкиот Копер. Потоа сиот живот живее во Љубљана, со повремени преселби во Америка. Токму во тој поглед провокативно прозвучуваат зборовите на Миленко Јерговиќ (напишани на 22. 08. 2015): „Шаламун ја колонизираше Америка за потребите на својата поезија, исто како што претходно веќе ја колонизираше Југославија. Шаламун е најголемиот освојувач и хегемон во словенечката историја, тој е Џингис кан на словенечката поезија.“
Но и покрај тоа што од таа 1970 постојано е на релација Југославија поточно Словенија – САД, и покрај тоа што предава на неколку универзитети таму, и преведува од и на англиски, Шаламун му останува верен на словенечкиот јазик. Запрашан во едно интервју од 08. 12. 2008 зошто е вкотвен во словенштината, тој одговара: „По извесно време поминато во Америка, почнав да мислам на својот лош англиски. Се случуваше некаква културна шизофренија во мојата глава. Отидов по совет кај Чеслав Милош, кој тогаш предаваше на Беркли и не беше познат како поет во Америка. Се изненади што воопшто знам дека е поет. Го прашав што да правам, а тој ми одговори: Момче, престар си за да го смениш јазикот. Освен тоа Тито не е Сталин, затоа – врати се назад. Тогаш имав 29, и тоа беше добар совет. Мислам дека поетот навистина не може да го замени јазикот по 17, 18 години. Барем јас не можев.“
Како и да е, поезијата на Томаж Шаламун покажува една неверојатна посветеност на проблемот на насилството, обоен теолошки, филозофски и идеолошки, и затоа неговите стихови многу често ги напуштаат вообичаените лирски рамки на љубовта, природата, предметите. Па и покрај тоа што за сето ова пее на словенечки, тоа прозвучува доволно добро и моќно и светски и кога ќе се преведе на англиски. Затоа и ги прифаќам зборовите на Јерговиќ кога вели дека Шаламун е од сè помалку, дека тој е: „Авангардист, надреалист, естетик на грдото, антипоет и сетилен лирик, ведар традиционалист, романтичар, заводлив господар на љубовната поезија, химник, раскажувач во стихот и мајстор на наративното пеење, голем експериментатор и автор на најжестоките провокации во историјата на југословенското поетско творештво.“
А еве како големиот Томаж Шаламун пее за тоа кој е и што е:
Топ листа на генијалците
дали си фотогеничен?
да не сум фотогеничен, веќе три пати би бил
во гроб
зошто?
бидејќи сум фотогеничен
ти си блефер
знам дека мислиш оти сум блефер
а што си навистина?
генијалец
само ти мисли
абе тоа и го правам, мислам дека сум фотогеничен генијалец
и мислиш и дека нема никаква дамка?
не го кажав тоа, има дамки, многу дамки има
и?
што и, причекај убаво на раат да се развијам,
времето да ме избруси и да станам кристален фотогеничен генијалец
а каква е топ скалата на генијалците кај нас?
живи?
живи
габријел ступица
винко глобокар
иво данеу
проф. д-р инж. антон петерлин
миленко матановиќ
миро церар
руди шелиго
томаж шаламун
значи изобилство генијалци?
навистина е релативно вонредно поволно време
а славој жижек и марко швабич?
и двајцата се уште премногу млади и не би било фер да ги прогласуваме за генијалци
тоа предизвикува страшен притисок
Но колку навистина македонската читателска публика го знае?
За воља на вистината таа имала можност да се сретне со него и со неговите стихови и пред ова најново издание.
Првата и долго очекувана негова објава во македонската книжевно-културна средина се случува во 2004 година кога излегува неговата стихозбирка „Амбер“ во препев од словенечки на Ристо Василевски (Скопје: Арка, 2004).
Потоа по неколку години излегува изборот од неговата поезија под наслов „Глаголи на сонцето“ (Скопје: Блесок, 2008), во превод и со предговор на Лидија Димковска.
Иако дури седум пати Шаламун учествува на СВП, тој дури во 2009 година станува добитник на престижната награда „Златен венец“. Непосредно, пак, по завршувањето на 48-те Струшки вечери на поезијата, Шаламун станува и почесен член на ДПМ. По повод големата награда во таа 2009 година се случува и едно ново репрезентативно, тројазично издание на неговата поезија во препев на македонски јазик , а непосредно пред и по фестивалот се претставени во неколку наврати и преведени (постари или понови) одломки од поетското досие на Шаламун во македонската книжевна периодика и од страна на други преведувачи.
И што можеше да прочита македонскиот читател низ овие неколку изданија? А што може да почувствува македонскиот читател од ова најновото? Како пее во ова издание Шаламун?
Единствениот критериум при избирањето на песните, како што вели во својот поговор Соња Должан, бил песните да им се допаднат на самите преведувачки. И, секако, тие песни што ним им се допаднале додека ги читале на словенечки, потоа да им се допаднат и на македонските читатели кога истите тие ќе ги читаат на македонски. Затоа и таа и Викторија Блажеска го разголуваат целосно Шаламун. Го претставуваат „токму таков, каков што бил – сериозен и игрив, суров и милозлив, без влакно на јазик, а секогаш и во сè – бескрајно, дури брутално искрен“, поентира Должан. Во основата на овој избор лежи неговата поезија „Кога“ („Kdaj“) . Со оглед на тоа дека тој самиот ги избрал песните за ова словенечко издание, преведувачките сметаат дека тие му биле најомилени. Така, од овој негов избор, тие прават еден свој и го насловуваат како „Моите песни се како светлосни бомби“. Од друга страна, младата преведувачка Викторија Блажеска вели дека тргнувајќи од сознанието за преведувањето како најблиско, најдетално можно читање на даден текст, процесот на избор и препев на песните претставува комбинација на две сосема различни искуства. Едното е она на искусната преведувачка на која Шаламун ѐ е веќе добро познат, а другото е доживувањето на студентка која премногу кратко била современик на поетот и која за првпат го запознава преку неговите зборови. „Овие две читачки искуства“, поентира Блажеска, „на крајот се преплетоа и искристализираа во антологија која ги вклучува најубавите, најрепрезентативните, но и најдостапните песни за македонскиот читател, и ги опфаќа речиси сите периоди на творештвото на поетот од првата збирка, до песните објавени кратко пред неговата смрт.“ А нејзината страст која сака да ја сподели со нас во овој поговор триумфира со песна која таа ја насловува како „Препевајќи го Томаж Шаламун“.
Но, за што пее Шаламун?
Поезијата на Шаламун создава, всушност, впечаток на импровизирана или на импровизаторска игра, каква што ја познаваме од џез музиката.
„Уметничката структура во поетските исповеди на Шаламун необично ни наликува на игра со детска сложувалка. Тоа што било поставено се расклопува на делови, потоа се добива неприкосновено право повторно сè да се постави, при што, во овој нов случај, не се обрнува премногу внимание на првичното место и на функцијата на секој од елементите, туку им се бара нова локација, нова акција, нова намена, што од друга страна, секако, таа избрана постапка не дозволува да им се промени нивниот првобитен лик.“ Многу пати неговите стихови треперат со една автобиографска позадина. Во поголем број случаи тие се обојуваат со еден номадски космополитизам. Но, тие се хранат и со иронијата и тоа во моментите кога поетот трага по сопствениот уметнички и творечки идентитет, како во неговата песна:
Пишувањето (од збирката „Сокол“)
Пишувањето
поезија е
нај-
сериозното
дело на
светот.
Исто како
во љубовта
сè се
покажува.
Зборовите треперат,
ако се
вистински.
Исто како што телото
трепери во
љубовта,
треперат зборовите
на хартијата.
„Мојот свет е јасен и се нарекува така, како што се наречени моите книги“, вели Шаламун. Па така неговиот свет е „Покер“ (1966), „Бела Итака“ (1972) „Балада за Метка Крашовец“ (1981), „Аналогија на светлината“ (1982), „Сонет за млекото“ (1984), „Жива рана, жив сок“ (1988), „Сончева кочија“ (2005). Во своето обраќање по повод веста дека ќе му биде доделена наградата Златен венец на СВП, Шаламун ќе истакне дека зборовите го посетуваат. Тој вели, зборовите „брзаат низ мене или пак ме разјадуваат и изненадуваат, јас им се препуштам. На речениците кои ги препознавам им ја оставам сета слобода, дури и ужас. И мрзеливост. Сите можни работи.“ (2009: 7) Како во необичните скоро надреални/нереални наслови: „Њања од никаде ме посетува како риба“ (2008), „На лавот му ја изрендав главата до половина муцка потоа престанав“ (2009), „Кога ќе провали сенката“ (2010). Или едноставно како во:
Стара песна (од збирката „Маска“)
Само
затоа сум,
за кога ќе
умирам, да ми стави
рака на
чело
пријател.
Катица Ќулавкова ќе рече: „… Томаж Шаламун како поет импонираше и беше нешто што младите посакуваат да бидат како поети. Тоа е она поттикнувачко посакување, оној порив да се биде нешто добро, да се открие прикриениот код на поетскиот говор и да се излезе од застарените рамки на сликата, да се надмине инертноста на конформизмот, бајатоста на конзерватизмот. Томаж Шаламун беше сè она кое не беше демоде, сè она кое не беше dèja vu…“ (2009: 13)
Лидија Димковска, пак, во Речта изговорена во ДПМ, по повод прогласувањето на Шаламун за негов почесен член, нагласува: „… Томаж Шаламун е постојано на пат – во светот, вонсебе и во себе. (…) Космополитската поезија на Шаламун никогаш не побегнала од локалното за да биде глобална, напротив, своите жаришта и теми ги црпи од колективното (не)свесно, од архетипското наследство на народот, и словенечки, и кој било друг со кој поетот стапил во дијалог“
И за крај, да му дозволиме на големиот Шаламун пред нас да се збогува онака како што тој знае и умее – со своите стихови (од збирката „Балада за Метка Крашовец“):
***
Кога гол како
животно
лазам по оваа шума,
го чувствувам Светот.
Ќе се претворам
во треви.
Кога ќе ме јадат
црвите,
ќе прават злато,
како јас,
од Сè.