Од своето основање во февруари 2004 година, па сѐ до денес, Фејсбук е една од најпопуларните и највлијателните социјални мрежи. Профил на Фејсбук имаат речиси сите, а целите за мрежно поврзување на корисниците на Фејсбук се различни. Клучна би била размената и дистрибуцијата на информации, па така свои Фејсбук профили имаат и значајни и влијателни јавни личности, политичари и бизнисмени, одделни фирми и институции, весници и списанија, но и огромен процент „обични“ луѓе. Доколку зборуваме конкретно за македонскиот контекст (во отсуство на точно проверени информации што би се однесувале на глобален, светски план) почетниот облик на Фејсбук беше социјална мрежа во која се поврзуваа претежно корисници од помладите генерации. Со текот на времето Фејсбук стана прифатлив и популарен и кај постарите генерации, а набрзо стана и доволно влијателен медиум на кој се регистрираа дури и јавните личности и политичарите. И покрај тоа што во Македонија официјален медиум е телевизијата, многу информации се споделуваат на Фејсбук и се дознаваат на Фејсбук, токму преку официјалните профили на овие значајни личности, но и на весниците и списанијата коишто ги дистрибуираат информациите по електронски пат. Доволно е човек само бесплатно да се регистрира, да креира круг на пријатели и да одлучи кого и што сака да следи. Вести, жолт печат, „ексклузивни“ новости, рецепти, огласи… Изборот е навистина широк.
Корисникот на Фејсбук е слободен да коментира или реагира на што сака, како и на својот сопствен профил да пишува и споделува што сака. Ограничувања не постојат, освен во случаи на потенцијални навредливи материјали, говор на омраза, закани и слично. Токму поради постоењето на оваа опција на Фејсбук- пишувањето и споделувањето на каква било содржина што корисникот сака да ја напише и објави, стигнуваме до изложувањето на поентата и целта на овој текст. Има корисници што оваа опција ја користат едноставно за да си го искажат своето мислење во однос на нешто, било да е тоа актуелна политичка ситуација во Македонија или во светот или, пак, нешто поврзано со културната, општествената, забавната, научната сфера во Македонија и пошироко. Има корисници што опцијата ја користат за нешто да честитаат, известат, понудат или пофалат. Има и такви што оваа можност на Фејсбук ја користат за да пишуваат поезија! Сосем изненадувачки и неочекувано со оглед на тоа што поезијата во последно време, како да не е многу популарна меѓу младите чиишто интереси на социјалните мрежи се далеку „попрости“ и сосредоточени на популарни и актуелни проблематики. Поезијата, барем навидум, како да не е една од нив. Но, прегледувајќи ги бегло и набрзина актуелните поетски изблици на Фејсбук, забележуваме дека тие наидуваат на сосем солидна и позитивна рецепција од страна на останатите корисници. Оттаму и нашиот интерес за овој актуелен феномен на денешницата: тенденцијата да се пишува поезија на една социјална мрежа каква што е Фејсбук.
При нашето разгледување на Фејсбук-поезијата се наметнаа повеќе прашања, а овој текст е обид тие да бидат барем соодветно поставени, ако не и соодветно одговорени. Истражувањето и анализата се базираат врз еден конкретен пример- поезијата на Дарко Лешоски кој е еден од најактуелните Фејсбук-поети, така што сознанијата изложени во овој текст можеби повеќе би се однесувале на феноменот Лешоски како Фејсбук-поет отколку на Фејсбук-поезијата воопшто. Моето љубопитство пред сѐ е побудено од прашањето што е тоа што го направи Лешоски толку популарен и познат. Предмет на разгледување се притоа неговите песни и (донекаде) неговата активност на Фејсбук од 2009 до 2013 година (од неговата појава на Фејсбук до објавувањето на неговата прва збирка поезија во издаваштво на Табернакул). И покрај тоа што Лешоски е сѐ уште актуелен и сеприсутен, нашиот интерес (повторно донекаде) запира во моментот кога неговата поезија „излегува“ од виртуелниот простор на Фејсбук и „тргнува“ да го изоди „нормалниот“ пат на своите печатени роднини од лектура, редакција, издавање, промовирање, продавање итн. Околу тој процес ќе бидат наведени само кратки податоци, чисто за да се илустрираат претходните заклучоци во однос на Фејсбук-поезијата воопшто.
Клучни прашања се притоа прашањата околу (не)можноста за формирање на сопствено и индивидуално мислење во однос на некој (во случајов Лешоски) Фејсбук-поет, во услови на откриен идентитет и изложеност пред останатите негови поклоници или противници. Колку е можно мислењето настрана од толпата кога станува збор за некаква сензација од форматот на Лешоски? Колку е сѐ она што се пласира како поезија навистина поезија? Каква е улогата на читателот и во каков однос се поставува тој со делото? Во колкава мера пишувањето на Фејсбук отвора нови можности за поетите, но и за читателите? Дали пишувањето на Фејсбук е исклучиво позитивно? И најпосле, дали читателот некако влијае врз пишувањето на поетот и дали поетската продукција е иста пред и по објавувањето на реална збирка поезија?
Пред да преминеме на конкретните примери од поезијата на Лешоски, предлагам да направиме кратко изложување и потсетување на теориските алатки што во случајов ми се чинеа важни и применливи при разгледувањето на овие прашања.
Во 60-тите години од XX век актуелна е т.н. теорија (естетика) на рецепцијата. Современата книжевна теорија го воведува терминот рецепција сакајќи да го пренасочи вниманието на естетските квалитети на книжевното дело, притоа избегнувајќи нив да ги припишува исклучиво на самото дело или, пак, (само) на авторот на делото. Имајќи предвид дека освен авторот на книжевното дело и самото дело постои уште една инстанца во книжевната комуникација, а исто така претпоставувајќи веќе дека науката за книжевноста не може да се занимава само со авторот и со делото, вниманието на книжевната теорија се сосредоточува на читателот. Притоа, важни стануваат прашањата за односот помеѓу авторот и читателот, и уште повеќе, односот помеѓу книжевното дело и читателот. И токму во контекст на ваквите истражувања кои ја земаат предвид важноста на читателот, германскиот теоретичар Ханс Роберт Јаус го воведува терминот рецепција. Во однос на тоа Јаус вели дека историјата на книжевноста не треба да биде историја на авторите и на делата, притоа премолчувајќи ја историската функција на читателот, слушателот, набљудувачот. „Книжевноста и уметноста стануваат конкретен историски процес дури благодарејќи му на непосредувачкото искуство на оние кои делата на книжевноста ги прифаќаат, во нив уживаат, или за нив судат и на тој начин ги признаваат или отфрлаат, одбираат или забораваат…“ (Старделов 2003: 449)
Јасно е дека книжевното дело постои за да биде (про)читано, делото што останува неоткриено од читателската публика речиси и да не постои. Оттаму би се рекло дека книжевното дело постои само додека е читано, тврдење што недвосмислено ја истакнува важноста на читателот. Според Јаус читателот не би требало да се сведува на пасивен примател на книжевното дело. Читателот е активен член на книжевната комуникација чијашто активна рецепција, критичко читање, толкување и разбирање придонесуваат за определување на одредени естетички норми. Понатамошната книжевна продукција што ќе ги репродуцира или, пак, ќе ги надмине тие естетички норми е во голема мера зависна од тоа како читателската публика го прифаќа книжевното дело, како го чита, разбира и вреднува, или најпросто, како и дали едно книжевно дело поминува кај публиката. Од читателот, всушност, се очекува да учествува во процесот на комуникацијата, интерактивно да се вклучува и со тоа (можеби) да поттикне некое општествено однесување. Во тој контекст е важно мислењето на Сартр дека читателот е сотворец на писателот. Тој не го прима делото како завршена структура со точно дефинирано значење туку секое читање на едно исто дело го осмислува одново и му дава некое ново, претходно неодгатнато значење.
Покрај поимот рецепција, Јаус воведува уште еден важен поим, поимот хоризонт на очекување. Секое зафаќање на читателот со нов текст кај него неминовно предизвикува повикување на претходно прочитани текстови. Очекувањата на читателот од книжевното дело се во голема мера зависни од неговите претходни искуства и знаења. Делото само ги раздвижува во читателот неговите животни искуства, компетенции и идеи. Читателот, значи, го доживува делото во зависност од сопствените очекувања коишто се, во потесна смисла на зборот, ограничени од индивидуалните книжевни искуства на читателот, а во поширока смисла се однесуваат на севкупното животно искуство на читателот. Оттаму и т.н. естетичка импликација на дијалогот дело-читател која се однесува на проверката на естетичките квалитети на делото во однос на претходно прочитаните дела. Историската импликација, од друга страна, се однесува на препрочитувањата на едно дело од повеќе последователни генерации при што низата рецепции на тоа дело одлучува за неговото историско значење. Хоризонтот на очекување е варијабилен и е тесно поврзан со т.н. естетичка дистанца. Тоа значи дека за естетичките квалитети на едно дело се одлучува преку отскокнувањето на делото од хоризонтот на очекување на првите читатели. Колку е дистанцата поголема толку е делото позначајно и обратно, а колку е дистанцата помала делото малку изненадува, не е значително иновативно ниту, пак, историски значајно. Односот помеѓу делото и публиката којшто е најважен за Јаус може да се разгледува на дијахрониски и синхрониски план. Кога станува збор за дијахронискиот план тогаш зборуваме за средба помеѓу некое дело од минатото со читателите низ историјата па сѐ до денешниот читател, а на синхрониски план се случува средбата помеѓу делото и современиот читател.
Интересно е и дообјаснувањето на Карл Роберт Манделков дека хоризонтот на очекување има три аспекта кои го ограничуваат процесот на рецепција: аспект на епохата, на делото и на авторот. Хоризонтот на очекување на епохата е всушност очекувањето на современата публика за една свежа, современа, нова и шокантна книжевност, таква каква што се разликува од дотогашните читателски искуства и е доволно смела да пречекори преку границите на конвенционалноста. Очекувањето на делото се однесува на неговото поврзување со авторот како најрепрезентативен момент од неговото творештво и оттаму идентификацијата на таквото дело како точка за споредба со другите дела на истиот автор. Но, во современ контекст, очекувањата на делото се однесуваат и на неговата различност и отскокнување од неговите „печатени роднини“. Очекувањата на авторот не се веќе врзани само со своето дело и својата публика туку и со медиумот и можностите што тој ги нуди, пред сѐ интермедијалноста, мултимедијалноста, интерактивната рецепција, привлекувањето на поширока публика итн.
Дарко Лешоски е моментално познат не само како Фејсбук-поет туку и како јавна личност чие мислење (очигледно) се вреднува и почитува. Присутен е на Фејсбук некаде од 2009 година, а до 2017 година има објавено една збирка поезија со наслов Дете од лоша фамилија којашто за рекордно време го доживеа и своето второ издание. Покрај своите песни кои ги пишува на својот профил на Фејсбук, Лешоски е познат и како активен проследувач на актуелната политичка сцена во Македонија. Секојдневни се неговите огласувања на Фејсбук во однос на политичките случувања во државата, а своите мислења Лешоски ги кажа и како гостин во емисијата Топ тема на Телма. Вклучен е и во сатиричната емисија Фчерашни новости, а неколку пати веќе беше интервјуиран за различни македонски весници и списанија. Најпросто кажано, Лешоски е сеприсутен!
За потребите на овој текст беше неопходно да се помине доста време на неговиот профил на Фејсбук. Заклучоците од ова претурање по минатата активност на Фејсбук на Дарко Лешоски се вакви: Лешоски моментално пишува помалку поезија отколку што пишува свои размислувања за различни (најчесто политички) прашања; во своите почетоци на користењето на Фејсбук неговите песни не наидуваат на ист прием на каков што наидуваат три-четири години подоцна; славата на Лешоски е во голем пораст пред објавувањето на збирката поезија и расте сѐ до денес иако тој веќе е далеку попасивен како поет; сѐ поголемото прифаќање и допадливост кај публиката како да не придонесува за подобрување на квалитетот на поезијата на Лешоски. Овие заклучоци се изведени само од она до кое беше можен пристапот на Фејсбук од временска дистанца од 6 до 7 години. Тоа значи дека не можеме да знаеме колкав круг пријатели и следбеници имал Лешоски од 2009 до 2013 година, иако може да се тврди дека кругот бил доста потесен од денешниот. Не можеме да знаеме ни дали првичните следбеници на поезијата на Лешоски се негови блиски или, пак, се објективни читатели на кои поезијата навистина им се допаѓала. Иако тоа не може со стопроцентна сигурност да се тврди, изгледа дека меѓу следбениците на Лешоски најбројни се оние од женски пол, а од нив најбројни се оние од помладите генерации.
Техниката и стилот на пишување на Дарко Лешоски, како и мотивите кои ги препознаваме во неговите песни се во голема мера инваријабилни. Од самите свои поетски почетоци на Фејсбук, сѐ до објавувањето на збирката стихови и периодот што му следуваше на неговата првообјава, Лешоски мотивски беше и остана романтичарски ориентиран. Од онаа мотивска тријада на романтизмот (сакана-мајка-татковина) Лешоски најголемиот процент од песните го посветува на својата (некоја?) сакана, а има и песни кои се посветени на неговата мајка (со таа разлика што присутни се и песните врзани за неговиот татко, дедо, семејството воопшто, а меѓу неколкуте најпознати и најсподелувани песни на Лешоски е песната посветена на неговата сестра). Песните кои се мотивски врзани за татковината имаат критички призвук и се во некоја мера политизирани.
Чести се и песните во кои Лешоски ја проблематизира сопствената поетичка постапка. Тенденцијата на поетите да пишуваат за сопствената поезија е одамна присутна во македонскиот поетски дискурс, а е најчесто одлика на оние поети кои пројавуваат симболистички импулси. Ваквото проблематизирање на сопствената поезија преку самата неа говори за онаа суштинска поврзаност на поетот и неговата поезија и за единството што постои помеѓу нив. Поетот се идентификува со и преку својата поезија и vice versa таа со него и преку него. И единствено преку поезијата може да се пишува за поезијата, преку поетската реч да се објасни и прокоментира поетската реч. Овој став Лешоски јасно го изложува во еден коментар прилепен кон песната посветена на песната Одземање на силата на Блаже Конески, а некогаш испратена на конкурсот во чест на Блаже Конески кој го распишува Филолошкиот факултет во Скопје. Лешоски ја преобјавува песната од своите бруцошки денови кажувајќи дека „требаше есеј. Јас пратив песна. Интерпретација преку песна. Да бе сега есеј да застанам да куцам 10 страни. Имав девојка. Вака ми беше полесно. Пратив. Му кажав само на татко ми. После некое време прочитав дека добил награда некој есеј бла бла бла но имало и еден невообичаен индивидуален пристап. Цинички се изнасмеав сам со себе. Уште мислам дека на песна се враќа со песна. На расказ со расказ и на повели со фала.“
На својата поетичка постапка и на својот поетски порив Лешоски се навраќа многу пати. Се поистоветува со своите песни и го осмислува својот живот преку поезијата како единствена поента и цел на неговото постоење, притоа алудирајќи на нејзината ослободувачка, но и разорна моќ. Слично на романтичарскиот мотив на фаталната убавина, воедно заведувачка и опасна, функционира и самата поезија. Оној кој еднаш го ослободил поетскиот порив нема никогаш да побегне од него. „Јас морам да пишувам… инаку ќе умрам!“ вели тој и во следните стихови продолжува вака: „Вчера бев на доктор…/ ми рече на стетоскоп нешто во градиве ми шушка/ му реков носам еден куп незапишани песни/ качени на душа- на ушка/ рече дека морам да пишувам (еднаш навечер пред спиење)/ после лице и заби миење/ пред да легнам да сонувам/ инаку ќе умрам од студ рече,/ па макар живеел и на Јамајка/ ќе се сонувам себеси како лик во некоја несреќна бајка/ несвесно ќе се свиткам на креветот како фетус/ кој се гуши во стомакот на сопствената мајка…“
Темата Ars poetica е присутна и во повеќе други песни. Ваков пример е и песната Скоро љубовна… (Таа: Дарко многу пиеш! Ја: Еден ден ќе напишам многу убава песна) во која Лешоски прави едно испреплетување на поетскиот, љубовниот и алкохолизираниот занес, поврзувајќи ги една со друга овие гранични состојби на свеста. Само преку стихови може искрено, длабоко и чувствено да се искаже љубовта, а само со алкохолот може да се стигне до потребната точка на искреност и храброст за да им се дозволи на чувствата да претечат во стихови. А потоа, откако „скоро љубовната песна“ ќе биде напишана и оставена до перницата на саканата „ќе видиш преубав лирски субјект“ ѝ вели Лешоски и „дур се трудам да не прснам од смеење/ дур нарачувам водка и чорба/ во првиот угостителски објект/ и со келнерот и со тебе и она лифчето на кое ќе ти оставам мастилна крв,/ а ти…/ ти од моето сино вино сите јанѕи и копнежи те гледам кај ги отпиваш/ од зборовите- мојот здив слушам кај го испиваш/ и тоа знам ти доаѓа ко онака мелем…“
Песната Cheap verses (sinnerman’s song) е репрезентативна за поезијата на Лешоски не само поради очигледното присуство на темата Ars poetica туку и поради поетичката техника што тој најчесто ја користи. Станува збор токму за експлоатацијата на можностите кои ги нуди Фејсбук и кои се поклопуваат со хоризонтот на очекување на Лешоски како автор. Постапката изгледа вака: Лешоски пишува песна во која кажува како ја напишал таа песна. Седејќи на шанк и слушајќи ја Нинче (Nina Simone) добил инспирација нешто да напише. Во барот немало ни тоалетна хартија, па така песната ја напишал на банкнота од десет денари. Освен напишаната песна, Лешоски го остава и линкот (врската) кон песната Sinnerman на Нина Симон, истата што ја слушал додека ја пишувал својата песна, а на крајот стои фотографија од десетденарката на која првенствено била напишана песната на Лешоски. Доколку читателот го следи упатството на Лешоски, што самото по себе се наметнува, и кликне на понудената врска кон Youtube, тој автоматски станува не само читател туку и слушател. И покрај тоа што читателот е секогаш воедно и слушател бидејќи дури и читањето во и на самиот себе подразбира еден внатрешен слушател, овој пат станува збор за едно поинакво искуство на читателот. Со слушањето на песната на Симон паралелно со читањето на песната на Лешоски, читателот внатрешно во себе слуша една содржина (песната на Лешоски), но паралелно и симултано настанува и надворешното слушање на уште една содржина (песната на Симон). Освен тоа што со слушањето на песната на Симон се активира сетилото за слух, гледањето на фотографијата од банкнотата на крајот од песната му нуди уште една дразба на сетилото за вид, покрај самото читање на песната. На овој начин Лешоски создава еден означителски систем кој користи воедно два медиума, визуелниот и аудитивниот медиум, фотографијата и музиката. Ваквата мултимедијалност подразбира соработка на медиумите при што секој од нив ја чува својата автономија и својот идентитет, а реципиентот не доживува двоен идентитет на еден медиум, каков што е случајот со визуелната поезија, туку дејството на медиумите го доживува како хиерархиски организирана суперструктура. (Андоновски 2011: 101)
Оваа постапка на Лешоски е доста честа и на почетокот и во понатамошниот тек на неговата активност на Фејсбук. Има и други песни во кои Лешоски нуди фотографии од ливчињата на кои ја запишал песната, а врските кон Youtube се уште почести од фотографиите и различните илустрации. Врските се некогаш сместени на почетокот песната, веднаш под насловот, што значи дека читањето на песната е предвидено да се случи симултано со слушањето на некоја друга песна. Некогаш ги има на одредено место во текот на песната, што би значело дека читањето треба да започне во тишина, а потоа да се активира и сетилото за слух. Третиот начин е наведување на врска кон песна на крајот од песната, што алудира на намерата на Лешоски музиката да се пушти штом читањето завршило и преку слушањето на звуците уште еднаш да се доживее и обмисли прочитаното. Врските кон Youtube ги има и во објавената збирка поезија каде што, се разбира, не функционираат така сјајно како што функционираат на Фејсбук бидејќи испечатената врска на хартија значи дека читателот треба да ја препише врската во пребарувач на компјутер, таблет или телефон па така да го активира и сетилото за слух, а оваа постапка е далеку понепрактична отколку постапката на Фејсбук кога со еден клик се стига до понудената музика.
Песната Cheap verses (sinnerman’s song) којашто ни се чинеше најрепрезентативна за поетичката постапка (но секако не и за мотивските тенденции!) на Лешоски е од 2010 година. Оваа песна има само еден единствен лајк! Тоа значи дека постои само еден следбеник на Лешоски кому оваа песна му се допаднала! Песните на Лешоски ретко кога имаат помалку од 250 лајкови, има и такви кои добиле и над 2000 лајкови, а неговата убедливо најпозната песна Е тој да го чуваш!Тој да го чуваш бе лепотице! има над 2500 лакови, 631 споделување и 74 коментари, од кои некои се дури две години постари од нејзиното објавување. Јасно е дека разликата во лајковите помеѓу неговите најстари песни и оние непосредно пред објавувањето на збирката стихови е огромна. Споменатата песна е најверојатно песната којашто го извлече Лешоски од светот на анонимноста (или подобро кажано од светот на просечноста), а најверојатно тоа е песната која му го „заработи“ на Лешоски и објавувањето на неговата збирка, но и мислењето на некои негови следбеници дека таа, иако најсподелувана, не е неговата најдобра песна. Песната е долга, пишувана на разговорен стил со примеси од скопскиот дијалект, а веднаш забележлива е анафората „чувај го“. Композициски песната не е поделена на строфи, отсутвува секаква рима, а стиховите се со различна должина. Метафоризацијата е многу ниска што значи дека песната тежнее повеќе кон метонимискиот пол. Забележливи се неколку компарации, но стилските фигури во глобала отсуствуваат. Ваквиот наративен тон е својствен за речиси сите песни на Лешоски и можеби токму поради нивната расказност и должина, паралелното слушање на музиката сјајно функционира бидејќи потребно е речиси исто време да се прочита песната колку што е потребно за да се слушне понудената музика.
Кога веќе Лешоски се придржува кон истите техники на пишување, а мотивите (како впрочем и некои поетски слики) се повторуваат со години, зошто рецепцијата на неговата поезија е толку варијабилна? Интересно е тоа што односот помеѓу делото и публиката не би можел да се разгледува на дијахрониски план, кога станува збор за поезијата на Фејсбук.Читателот и делото се секогаш на синхониско рамниште. Станува збор за современ читател кој егзистира истовремено со делото бидејќи авторот објавува нешто коешто во истиот момент станува достапно и читливо за јавноста. Дури и кога читателот чита нешто од минатата творечка активност на авторот, со самото негово оставање на лајк, коментар, реакција и сл. тој повторно го актуализира делото и го „преместува“ во најновите активности на авторот. А редовните посети на профилот на Фејсбук на Лешоски, без разлика дали се следи исклучиво неговата поезија или неговата активност воопшто се најверојатно клучни за неговиот успех. Истовременоста на авторот, делото и читателот е во случајов предуслов за популарноста бидејќи овие редовни „проверки“ на читателот дали Лешоски напишал нешто ново или не, водат кон неговото „навлекување“ на феноменот Лешоски воопшто. Читателот егзистира во истиот виртуелен простор како и авторот и таму добива можност да погледне во неговиот свет и да ја доживее илузијата дека авторот му е познат и близок. Во минатото беа чести случаите читателите воопшто и да не знаат како изгледа авторот на делото кое го читаат, а сѐ уште има такви кои намерно и свесно го дистанцираат авторот за делото да го доживеат независно од неговата фигура. Спротивно од тоа, читателите на поезијата на Лешоски можат редовно да гледаат негови фотографии, да дознаат каде и со кого се движи тој и слични приватни податоци. Лешоски, уште повеќе, е познат по својата отвореност и хумор насочен кон самиот себе така што тоа го прави уште поинтересен за неговиот круг следбеници.
Уште поважно е тоа што читателите на поезијата на Фејсбук имаат можност да директно и непосредно да ги искажат своите мислења и ставови преку оставање лајк на објавената песна, нејзино споделување на сопствениот профил, оставање на некаква реакција искажана преку понудените емоџи, коментирање, оставање некаква анимација, гиф, напис, емоџи и слично во коментар итн. Тоа овозможува разни облици на интерактивно вклучување на читателот во книжевната комуникација или, според тоа што би го рекол Стенли Фиш, станување на читателот дел од интерпретативната заедница. Стенли Фиш го воведува овој научен термин токму со намера да објасни дека самиот чин на читање подразбира интеракција на текстот и читателот. Читателот го активира сопственото книжевно и животно минато искуство кога му пристапува на новиот текст што би подразбирало активација на неговите знаења, искуства, емоции, ителектуални и когнитивни способности воопшто при интерпретацијата и разбирањето на текстот. Правејќи го тоа читателот (се обидува да) го декодира она што авторот го енкодирал во текстот и токму поради тоа читателот и авторот стануваат дел од истата интерпретативна заедница. Уште повеќе, читателот е исто така творец на делото. Самиот тој ја иницира средбата со делото, а процесот на читање, осмислување, толкување, допишување на делото е исто така во суштина творечки чин. Или како што вели Старделов, кај читателот „повторно се одигрува драмата на создавањето на делото“. (Старделов 2003: 450) Во случајот со поезијата на Лешоски, кога читателот е толку ангажиран околу приватниот живот на авторот, останува отворено прашањето дали читателот влегува во интерактивна релација со делото или само со авторот. Или, поедноставно, дали сите читатели кои оставаат свои „докази“ дека прочитале некоја песна на Лешоски, ги упатуваат нив кон песната или кон Лешоски самиот? Дали секој коментар кој содржи насмеани, вљубени, срцести емоџи е упатен кон текстот или кон авторот?
Овие проблематични прашања го наметнуваат и прашањето за квалитетот на поезијата што се објавува на Фејсбук бидејќи при ваквото објавување релевантен е само авторот кој бесплатно и според сопствениот вкус и критериум дистрибуира свои дела до читателите. Останува на читателите да одлучат дали нешто им се допаѓа или не, но сепак, во ваквите случаи станува тешко размислувањето настрана од толпата. Кога веќе се создава „култот“ кон одреден Фејсбук-поет треба да се земе предвид дека одреден дел од читателите може да не се навистина читатели туку само следбеници на трендот што се вика Лешоски. Како контра-реплика на ова тврдење може да се земе фактот што издадената збирка стихови на Лешоски наиде на добар прием, доживеа и второ издание за многу краток период, а неговите промоции во неколку градови од Македонија беа вистински сензации. Но, како контра- реплика на претходнава контра-реплика стои фактот што Лешоски е веќе далеку попасивен во својата поетска продукција. Како и да е, Лешоски несомнено е сѐ уште актуелен и популарен и покрај конкуренцијата на други Фејсбук-поети.
И најпосле, што е тоа што ѝ овозможува толку топол прием на поезијата на Лешоски? Читањето како процес е во најголема мера зависно од индивидуалните способности на читателот да го дешифрира напишаното, а сѐ тоа во согласност со неговите сопствени емоционални, когнитивни, и социјални вештини. Самото читање, пак, може генерално да се подели на читање за добивање некакви информации и читање за забава. Според германскиот педагог Ханс Гирл, има четири видови читање: информациско, когнитивно, евазивно и литерарно. Во врска со оваа типологија, самиот Гирл предупредува дека не постои „чист“ читател т.е. ниеден читател не може да се смести исклучиво во само една категорија, ниту, пак, четирите категории можат да постојат независно една од друга. Гирловата типологија е поважна за разгледување на читателските навики и најмногу за стекнувањето и развојот на читателските вештини. Според четирите видови читање, Гирл определува четири видови читатели и тоа соодветно функционално-прагматични, рационално-интелектуални, емоционално-фантастични и литерарни читатели.
Феноменот Лешоски и неговата поезија може на некој начин да се објасни преку евазивното читање и неговата дефиниција како читање за забава преку кое се наоѓа начин за бегство од прозаичното секојдневие и поттикнување на мечтаењето во кое се исполнуваат желбите на читателот. Следствено на тоа емоционално-фантастичните читатели кои го практикуваат евазивното читање стремат кон силни емоционални доживувања, а светот што им го отвораат стиховите на Лешоски е свет на илузии каде што онаа моќна и страсна љубов е најважното нешто. Овие читатели не се интересираат за текстот како уметност и ретко кога им е важна неговата литерарност како внатрешен бит и суштина на книжевната уметност. Важно е само задоволството и забавата што ги нуди читањето без разлика дали текстот е тривијален или не.
И во овој случај, како што тврди и самиот творец на оваа типологија, не смееме да генерализираме и читателите на Лешоски да ги категоризираме без исклучоци како емоционално-фантастични читатели, ниту, пак, смееме целокупниот поетски опус на Лешоски да го етикетираме како тривијален. Но јасно е дека Лешоски го пишува она за кое има побраувачка кај читателската публика на Фејсбук, а за да има литерарни читатели потребна е поголема длабочина на напишаното. Јасно е и дека Лешоски и неговите читатели се рамноправни во интерпретативната заедница што ја формираат бидејќи Лешоски енкодира толку колку што тие имаат желба и волја да декодираат. На овој начин авторот и читателот се наоѓаат на истото рамниште што во случајов се покажува како сигурен пат кон успехот.
Разгледувајќи го проблемот со рецепцијата на делата на Жинзифов, Миладинов и Прличев, Старделов со право заклучува дека читателот исто толку колку и делото може да го направи авторот безличен. Тој го детектира проблемот во неможноста на делата на овие автори да воспостават книжевна комуникација со своите читатели (и критичари). А за тоа колку еден писател е жив може да се суди само според неговата рецепција во комуникативниот простор на литературата на која ѝ припаѓа. Сѐ додека делото не наиде на каква било рецепција тоа дело е само книжевно-историски факт, а не полнокрвно дело кое вистински духовно и естетски егзистира. За разлика од Прличев, Жинзифов и Миладинов чии дела, според Старделов, мораа да почекаат пред да се артикулираат во комуникативниот простор на македонската книжевност, добар процент од делата на Лешоски наидоа на моментален прием кај читателската публика. Старделов вели вака: „ …за секоја литература најважно е да има големи автори и големи книжевни дела… не е помалку важно таа да има и големи читатели, читатели како големи творци кои ќе ги приграбат своите автори и нивните дела како свои…“ (Старделов 2003: 462)
Ова размислување на Старделов не само метафорично туку и буквално важи за поезијата на Лешоски. Неговите читатели имаат можност вистински и буквално да ги „приграбат“ и да ги посвојат песните на Лешоски како свои преку опцијата споделување што ја нуди Фејсбук. Со споделувањето на некоја песна на Лешоски таа се пренесува и на профилот на корисникот кој ја споделува и така стои и како негова песна, а тоа е навистина високо ниво на поврзување на делото и читателот. Но истакнавме веќе дека кога станува збор за поезија на Фејсбук може да се зборува само за синхрониско рамниште. Тоа би значело дека таа поезија сѐ уште егзистира само во едно конкретна книжевна актуелност и сѐ уште го нема поминато тестот на времето. Затоа не може да се зборува за историска импликација на односот дело-читател според кој низата рецепции од неколку генерации читатели одлучуваат за историската вредност на делото. Сепак, драмата на литературата е навистина во драмата на нејзината рецепција. А драмата на рецепцијата на делото на Лешоски се одигрува секој ден и веќе со години не се симнува од репертоарот на Фејсбук. Не можеме да знаеме кој прв започна да пишува стихови на Фејсбук во Македонија, но можеме да сме сигурни дека Лешоски беше меѓу оние кои придонесоа ваквиот вид „чкртање“ по сопствениот ѕид на Фејсбук да стане тренд. Заслугата донекаде лежи во вдахнувањето нов живот во поезијата и нејзината реанимација. Притоа се мисли на фактот што на овој начин поезијата е достапна за сите без притоа да се оди во библиотека или во книжарница. Или просто на можноста некој да се „навлече“ на поезија додека ја зема својата дневна доза Фејсбук. Но, нашата загриженост за полезноста на овој феномен е врзана за прашањето дали сѐ што се пласира како поезија на Фејсбук е навистина поезија. Ова прашање сѐ уште чека на својот одглас во комуникативниот простор на македонската критика. А Румена Бужаровска на својот профил на Фејсбук еднаш напиша вака:
„Не е песна
ако тоа што го мислиш
што и онака не е
ништо посебно
го поделиш во редови
и
го
објавиш
на Фејсбук.“
Користена литература:
1. Андоновски, Венко. О/Абдукција на теоријата, Том 1: Жива семиотика. Скопје: Галикул, 2011.
2. Kuvač-Levačić, Kornelija. “Razvoj i vrste čitanja, tipologija čitatelja s obzirom na čitanje “neknjiževnih” tekstova”. http://www.azoo.hr/images/izdanja/citanje/03.html (преземено на 30 април 2017)
3. Старделов, Георги. Искушенијата на естетичкиот ум- XX век. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите, 2003.
4. Танески, Звонко. „Стратегии на читањето“. http://www.mirage.com.mk/index.php/mk/component/content/article/243-miraz/5/hibrid/311-2013-04-23-12-55-16 (преземено на 14 мај 2017)
5. Tkalec, Gordana. “Primjenjivost teorije recepcije na medij internet”. file:///C:/Users/User/Downloads/TKALEC_fluminensia_2010_2.pdf (преземено на 30 април 2017)