До Марта Маркоска

Писмо од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
  • Писмо од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
  • Драга Марта,

    Каснатините од комарци кои отекуваат како Голи оток, не се ништо повеќе од улични лилјаци кои не знаат да играат тенис. Вистина, кога комарецот ќе се залепи за мониторот, станува само уште една недоречена буква во низата на тивките штетници, но подобро комарец отколку немарец. Немарците не се грижат за ништо. Тие со задоволство би седеле на работ на светот и би гледале како вселената престанува да трепери, и единственото нешто кое би им паднало тешко, се празните кесички од смоки стуткани во нивните џебови…
    Но, како и да е, утре е среда. Најавија врнежи. Грмотевици. Громови. Тротоарски капења на случајните минувачи од страна на нафтенодериватните брмбрмулки. Да беа вистински домаќини, Еписторија и Еписторие ќе ја облечеа челата чаршија во една огромна кабаница од водоотпорни писма, без ниту една граматичка грешка. Да беа вистински домаќини, ќе ги собереа сите поштари во градот и ќе им приредеа гозба од сништата. Да беа вистински домаќини… Но тие се само измислени ликови, излезени од фантазијата на двајца тешки лажговци, а лажговците, како што знаеме сите, немаат ниту минато, ниту сегашност, ниту иднина. Лагата е безвременска, вистината живурка во куќата на Алцхајмер.
    Што се однесува до годините, сакаме да ти подариме неколку од нашите (чим толку сакаш да ни ги имаш), или барем да се менуваме – како со сликички, зашто и годините имаат дупликати: години заробени во луп, години заробени во килибар, орочени години во некоја банка која пропаднала и ги оставила своите клиенти да зујат како гладни комарци на Арткикот…
    Сега е 12:17 минути по полноќ. Се гушкам со една жолта фротирка која ми раскажува приспивни приказни и која ќе заспие пред мене.

    Сонувај како трчаш низ полиња со Аутан,
    Лукаш

    Тагови од објавата
    Напишано од
    More from Владимир Лукаш
    Точки на изгрејсонце / И така натаму / Тапетно лето
    „Вечен мир? Каков подмолен рекламен трик“, ѝ рече Ц (упокоен 1976) на...
    Повеќе
    0 replies on “До Марта Маркоска”