Нема враќање

Пријател да ми беше, ќе го познаев по прекарот мој.

Космичка вртимушка

Цел еден живот што го имав за себе,
и за мене со сите, а без тебе,
молневито се разврте како космичка вртимушка.
Смислата ми одлета во далечините оградени со чудна тишина,
тишина што не раздвојува соѕвездие.
А видов, не дека не видов со голото око на душата,
како самотно си стојат ѕвезда до ѕвезда, мојата и твојата,
туѓи една на друга.
Цел еден живот што го имав, како никогаш да го немав.
Безброј сонца и месечини ми се свртеа набрзина,
па не знам дали било ден или ноќ кога најмногу те љубев.
А знам, како болка во срце, знам дека пред секое будење ми се појавуваше сенката на она што не е родено за мене, а судено ми било да го видам. И да го помнам.
Што е животот без љубов, без сон, без убав збор и со празни насмевки?
Што е жена без прегратка, дремливо по улица што чекори сама?
Таков живот е пустина во моето срце.
Се обидувам да затворам очи,
да ја доближам таа космичка вртимушка,
да се закачам на некој звезден крак,
и како гостин да го свртам кругот на постоењето.
За жал, небото ми праќа опомена,
она што некогаш било,
ниту ветар ќе го однесе, ниту гром ќе го разбие.
Се што е сторено, за навек останува напишано во божјата книга.
Она што никогаш не било,
ниту ветар ќе го донесе, ниту облак ќе го истури врз отворено цветно поле..
Се што не е случено, во бескрај е отпатувано.
Љубов моја,
цел еден живот што го немав со тебе, за навек остана ненапишан од судбината.

Пејзажите убиваат

Кога сонцето те чека да го обоиш со насмевка
кога синото небо чека да му запееш
а не знаат дека ти е срцето празно
боли…боли…
празнината е грешна што голта бакнежи без да спои усни
ветерот е очаен
шепотите се како прашинка, а не љубов
недостасува топлина во ситните песочни камчиња
сеќавањата се осамени
двајца млади заборавиле да излезат од своите сиви светови
не испеале серенада на месечината
ох, тие празни пејзажи убиваат се наоколу
им недостасува сон за љубов
а се љубевме, не велам дека не се познававме
и скокавме да фатиме делче од облаците
оти деца на небото бевме
раскрилени
а сега сме соголени без крилја
и паѓаме…паѓаме..
во пејзажите што плачат да им избришеме солзи.

Ми недостасуваат убави пејзажи.

Талкач со ѕвезда во очите

Низ сенката на ноќта,
мислев дека патувам самотно,
ама не сум била сама.
Патник што талка низ чудесната земја,
сетив, зад грб, шушна врз трагите мои.
Стравот ме сврте да видам кој бестрашно ме следи,
Ама не видов очи со поглед-морници.
Видов како ѕвезда Северница блеска во нив.
Гледам, гледам во тие очи,
како каменот што гледа молчеливо, немо,
а душата ми потскокнува како жив копнеж,
силен да срони закоравени таги,
да исфрли темнина, да всели светлина.
Чии се тие очи волшебни како ѕвездено небо,
како Месечина загледана во далечина,
во вода стивната, мирна,
а вознемирува плашливо срце?
Пророк да беше, ќе го познаев по мудрата реч,
ама глас не пушти, пророштво не соопшти.
Скитник да беше, ќе го познаев по оделото старо,
ама дотеран е како човек за прослава.
.
Пријател да ми беше, ќе го познаев по прекарот мој,
ама ни името не ми го знаеше.
Непријател да беше, срцето ќе ми го искорнеше,
ама тој оган од мечти ми фрли како магија.
Магија што растерува дремливи сенки во ноќта,
за да го растоварат животот од она што било и болело.
Гледам, гледам во тие очи,
како трагач по вистината, молежливо,
пружам дланки да го испитам ликот негов,
да проверам дали е сон или јаве.
Јаве е.
Не е привидение.
Има ситни брчки околу очите, од ветер, од сонце…
Јаве е.
Не е привидение.
Му се насмевнувам.
Ја пушта насмевката да му игра на усните.
„Тука сум за тебе, љубов моја.“

Нема враќање

Чудни се патиштата на зборот, гласот и цртежот на светот
што некогаш си ги создал, а си ги отуѓил.

Некој ќе ти го врати зборот како исчитан, стар и пожолтен весник,
како потсетник дека нешто било, а не требало.

Некој намерно ќе ти ги расфрли згужваните цртежи пред нозете,
за ненамерно да ги згазиш,
па да штукнеш со умот,
оти се гледа само најважниот настан што си го пропуштил.

Бајата е веста дека стрелките се вртат наназад,
само еднаш,тогаш кога часовникот е расипан и дотраен.
Остануваат неподмачкани невидливи спојки,
шкрипат во молкот на изгубеното време.

Нема враќање, нема враќање на животот,
одминал како празна кочија, без свечени моменти.

Долгите трнливи патишта ненајдејно завршуваат,
во некоја слепа уличка,
морничава поради напуштеноста и неосветленоста,
оти секаде се стигнува доцна во ноќта…
Па стоиш сам, самотен и осамен …
Се вртиш во круг,
за да најдаш куќичка од која ќе ѕирка пламенче од свеќа што догорува.

Ама тоа не е чудно,
ни почудно од чудното,
ни најчудно од најчудните слики на светот,
нацртани од луѓето.
Слики во кои е вдахната нивната душа како единствено сеќавање.

Има нешто посилно од тоа.
Стравот да се тропне на вратата од некое друго постоење.
Туѓо.
А толку слично.
Слично како копнеж за УБАВО УТРО.

Ако ме бараш

Ако ме бараш
барај ме во солзите на очите
спушти се во нивниот океан
најди го бродот на копнежот
потонат
капетанот лежи на дното
заглавен во црвените корали
покриен со сидрото откинато од синџирот

Ако ме бараш
ќе видиш дека капетанот не е мртов
само е неподвижен
и се обидува
да отвори очи
да ги види штотуку родените ѕвездички
му скокаат на трепавиците
како златни прашинки

Ако ме бараш
барај ме во морското трње
таму го фрлив срцето
пуштило корења
од жал за душата
изгубена
како алга стуткана
од морска струја откината и
разнесена

Ако ме бараш
нема да ме најдеш

Амбис

Знаев, проклето знаев дека луѓето лажат.
Зборуваа дека не се паѓало во амбис ако животот ти е другар.
Ама никој не спомна дека животот е суров.
Кога го врти тркалото те остава на работ сам.
А не знаеш да леташ, па мора да паднеш.
Очите ти светкаат ширум отворени, чиниш,
сонцето го собираат за последен пат,
како кандило да им свети на изгубените надежи.
А тие, сиромашките, први се одлепиле од душата.
По нив ко црни гаврани се разгракале крвави солзи.
Го собрале сето минато во еден грч,
А тој, влече ли влече удолу.
Река ли те чека таму, крш камења или ситен чакал…сеедно е.
Оти што и да е остане, нема да биде живо.

Музиката

Музиката ми е леб за срцето.
Ја носам под пазувите на мојата осаменост.
Кога врне, нотата на капките ја внесувам во мојот крвоток
и тогаш плачеме заедно со музиката.
Ако е ноќ, ја прегрнувам тагата,
молчам од страв да не ме допре сонот со врела рака,
и тогаш, ете само тогаш, ја ослободувам мелодијата
сама да се вознесе во бесконечната лудост на постоењето.
Високо на небото.
Јас повторно ќе се преправам невидлива за очите на сите созвездија.
Ме познаваат како крадец на болни мигови.
Пред да се налутат на мене , ќе ги нахранам со мојата музика.
И пред да сетат дека се измамени, ќе ги покријам со новата зора.
Па ќе ја затворам устата на срцето.
Нека молчи до следната ноќ.
Можеби ќе стане похрабро.

Над кровот од животот

Од ден на ден, се почесто си заостанувам на патот мој,
изумувам да си чекорам по зелената трева,
не застанувам под црешата да си ги слушам врапците,
па како некогаш, заедно со нив,
безгрижно и јас да си свиркам од радост.
Заборавам да си шепотам мудри зборови,
да си напишам книга на животот, писмо до тебе,
со белите голуби да го испратам по ветров,
тајните да ми ги прочиташ, дека горам од страст да те љубам,
да ти зборувам, да те слушам, да ти се насмевнувам.
Се ќе напишев, само за да те расвеселам,
и немаше да спомнам дека предолго си отсутен,
дека далечината ме боли толку силно,
што заборавам дури и да постојам без тебе.
Везден лебдам над кровот од животот,
како облак накиснат од расплакана душа,
сама сум и немам сила порој да сопрам,
да не ми однесе срце низ долови и бездни.
А сакав, сакав и јас, раскрилена како слобода,
да пеам и да скокам во вис, виножито да дофатам.
На еден крај, да можев, бардак вода ќе оставев,
мелем за мечтите да не болат.
На другиот крај, ќуп со златни насмевки дар би подарила на небото.
Ех, да можев да го измамам чуварот на времето,
светлина да ми отвореше, ливада да ми ослободеше,
па да се истрчав од мене до тебе,
како пеперутка опиена од нектар на цвет што го љуби,
.
Да можев, ама не можев. Скршена бев.
Со Сонце, далечно и молчеливо, наглуво и слепо,
исто е ко без Сонце. Пусто. Без живот.

Тагови од објавата
0 replies on “Нема враќање”