Ви се чита добар роман? Топла препорака – Кафка на брегот од Харуки Мураками! Роман што со спојот од необичност својствена за роман како што е Волшебниот рид од Томас Ман и стилот типичен за некои од реалистичните романи, резултира во, да ја употребам фразата – метафизичка гимнастика за умот. Харуки Мураками во ова делo е на врвот од својата креативност и тоа резултира со нешто што содржи длабочина што е навистина вредна за читање.
Романот ја следи судбината на двајца главни ликови – тинејџерот-бегалец Кафка Тамура, кој го напушта својот дом со цел и идеја/замисла дека треба да стане најцврстиот петнаесетгодишник на светот и остарениот Наката, чии патишта во вртлогот на судбините се повеќе се доближуваат. Во меѓувреме се случува убиство – таткото на Тамура е убиен и полицијата е во потрага по убиецот. Убиениот господин Тамура е опишан како некој кој живеел повлечено, изработувал скултури со уникатен стил кои добиле признанија низ целиот свет, последниот период бил визитинг-професор на еден институт на уметностите, а полицијата го смета злосторството за лична одмазда.
Како значаен ми се чини дека може да се издвои делот кога библиотекарот Ошима му ја опишува госпоѓицата Саеки на Тамура: „Кафка, во животот на секој човек постои точка од каде што нема враќање. А во некои случаи и точка од каде што веќе не можеш напред. И кога ќе дојдеме до таа точка, се што можеме е молкум да го прифатиме тој факт. Тоа е начин да преживееме.“ Се друго е недозреаност, нели. Исто така: „Госпоѓица Саеки има рането срце. Тоа во извесна мера важи за сите, вклучувајќи ги и присутните. Но госпоѓица Саеки има посебна лична рана која го надминува вообичаеното значење на тој израз. Најзината душа се движи по мистериозни патишта. Не велам дека е опасна – не сфаќај ме погрешно. Во секојдневниот живот е многу средена, веројатно повеќе од сите други што ги познавам. Шармантна е, продлабочена, интелигентна. Затоа нека не ти пречи ако забележиш нешто чудно кај неа.“ Госпоѓица Саеки е опишана како некој кој не одбива пристоен разговор, но ретко зборува за нешто друго освен за банални теми. Доколку во некој момент ненадејно се појави минатото – особено доколку темата ја засега неа – брзо и елегантно поминува на друга тема. Секогаш е учтива и љубезна, но во нејзините зборови го нема оној вид заинтересираност и возбуда какви што нормално се очекуваат.
Како теми во романот се провлекуваат – потрагата по себеси, интерпретација на митот за Едип, инцестуозни врски, грижа на совеста, итн. Сето тоа раскажано на нежен и суптилен начин и како што се приближува крајот нештата на неизнасилен и се позабрзан начин магично се испреплетуваат и се составуваат во една компактна целина.
Ако поверуваме во тоа дека кога две (или повеќе) празнини ќе се спојат (пра-зен – состојба на потенцијал на сите можности), од тоа можат да произлезат волшебни нешта, а Мураками го окарактеризираме како нежен сликар на негативните простори, за Кафка на брегот може да се каже дека е роман во кој може слободно и лесно да се вљубите и претставува литература што на светол начин ги трансцендира (веројатно типично за јапонската култура и менталитет) некои од психолошките поими како: свест, потсвест, несвесно, архетип (мит), сон и други.