Ех, си беа тоа времиња. Беа и поминаа. Сега се сеќавам, како вчера да беше, си се
гордеевме со нашиот сој, нашиот род и нашиот подем. Во расцут ни беше нашиот крај, народ на секоја страна, полни куќи со љубов и радост. Беа времиња кога улиците ни беа полни со детска смеа, топка се играше на секој агол од поодамна асфалтираните улички, а постарите гордо чекореа по селските друмови знаејќи дека успешно ги завршиле своите работни обврски од кои зависи целото нивно семејство. Си се фалеа, си се надмудруваа меѓу себе, да ги слушаш од страна ќе си речеш овие само на уста се работливи, но не беше баш така. Вреден народ бевме. На мајките и бабите не им беше тешко да станат рано наутро и да ги зготват вкусните јадења, дечињата да си ги наранат. Оџаци чадеа од сите куќи селски, а тебе, срце ти се полни кога ќе помислиш дека куќите се живи, полни се со луѓе – полни со живот.
Најубаво беше на пролет. Куќите почнуваат да се чистат, да се подновуваат та да заличат на ново, на нешто поубаво. Се спремаа за празниците кои се ближат, пролетни празници најубави, испреплетени со мирис на штотуку расцветани багреми и цреши. Спокој и убавина се ширеа низ улиците и долината на нашата мала рекичка, која патем беше срцето на нашиот крај. Чешмата и црквата сред село беа центар на сите збиднувања. Мажи, жени и деца се разладуваа со студената питка вода, а постарите денгубеа на дрвената костенова клупа под стариот крошен јавор крај чешмата. Јаворот – симбол на селото. Колку само генерации поминале та се заљубиле и замилувале под него, ех, само да можеше дрвото да зборува! Загледај се, намигни си, фрли си по некој збор, и, така, се започнуваа љубовните приказни нашински. Убави моменти, убави спомени крие сенката на јаворот. Свадбите кои се правеа и ората кои се виеја крај дрвото и чешмата беа, тукуречи, селски настани. Цело село на сред село, да се види кој се венча, кој што носи и како се дуздисал. Колку и да немаш, за вакви пригоди мора да најдеш. Народ те гледа, срамота било да излезеш со секидневна руба. Се знаеше порано што е што, кој е кој, ама за убаво ако е, никој ништо не замерувал. Сите беа прифатени, сакани, љубени и со сето срце добредојдени.
Најгорделиви бевме на нашето училиште. За тогашно време имавме голема училишна зграда, една од поголемите во крајот. Врвулици деца излегуваа на пладне од училниците, токму кога ќе го одекнеа железното ѕвоно за означување на крајот на последниот час. Смеа и радост на лицата на децата се гледаше, чиниш светот го освоиле, па нивен е. Како врапчиња пролетуваа низ големите дрвени порти затрчани кон чилишните дворови. Радосни за завршувањето на часовите и здодевните објаснувања од учителите. Помило им беше трчањето и играњето низ падините, задевањето, одошто седењето во дрвените клупи. Па и не си можел да им замериш, деца се, сакаат да се изнаиграат, да се изнауживаат. Децата беа светлината на селото, ѕвездички кои трепереа по селските друмови и штурчиња кои ѕвечеа по селските долови. Беа радост на најмилите, а гордост на селаните. Ах, убаво си беше сѐ порано, но за жал, беше и не се врати…
Отиде сѐ во неповрат. Горчина на срцето лежи и тежи за сѐ што изгубивме и го пуштивме матната вода да го проголта. Сѐ што се градело, создавало, негувало, милувало со векови пропадна за миг. Како ветрот народот да го одвеа по сите страни на земјата, за трагот да не му се најде, мизерија да остане, мрачнина да натежне и да завладее. Остана празно, запустено, куќи да паѓаат, племни да се распаѓаат и чешми да отсекнуваат. Остана дупка натрупана со камења низ кои жуборка реката сè уште милувајќи ги долините и доловите, но сега празни и тивки, чиниш ожалостени за некогашното. Тажат за детската смеа, плачот и викотници, ѕвончето кое ечеше и оџаците кои димеа. Тажат и жалат, но кој да ги чуе? Еден по еден, народот се исели. Имало повеќе работа во туѓина велеа, па луѓето се залажуваа – бегаа. Тешко се живеело во старото огниште, имало поубаво кажуваа, па си ја бараа луѓето среќата на туѓо место. Пуста желба за поубава живеачка, на сѐ ќе те натера, сѐ да видиш и доживееш и пак ништо да не најдеш. Тешка грутка в срце ќе ти донесе, душата да ти ја овене, за родното место вжештен жар на срце да ти натежне. Таква ни била судбината, тешејќи си велам, коренот да ни се исуши, гласот да не ни се чуе, ликот да не ни се препознае. Се тешам, но не се дотешува, раната не се залечува, болката не се преболува. Останав сам во селото. Никој нема да те поздрави, рака да ти подаде, нити во двор да ти престапи. Крајот се ближи, на врата чука си помислив – да ме земе – и последното гранче од сувото дрво да го досуши. Како осамено дрво во опустошена шума се чувствувам, сам и беспомошен, во секој миг да падне, на земја да тресне и така крај да стави – мртва тишина да остане. А тишината и сега на секој чекор се препознава. Празни куќи недораспаднати, ѕидови олупаднати, улички обраснати, непрепознатливи, и полиња необработени. Полека црната земја селото го проголтува, го јаде и дојадува и ништо не остава. Прашина се сторува од селото наше, училиштето празно тоне, чешмата селска секнува, и сеништа ги обиколуваат куќите-чафкарници. Остана само јаворот да е сведок на добрите времиња, времиња кои се сега спомени – спомени заборавени. Нема веќе кој да вреви по улиците и долините, нема веќе кој оро да вие на сред село, нема веќе кој ни да се радува, ни тагува. Тага срце ми изеде. Селото згаснува, животот ми минува, а сојот…ни се распаѓа.
Н.С.__