Our business here is to be Utopian, to make vivid and credible, if we can, first this facet and then that, of an imaginary whole and happy world. – H. G. WELLS, A Modern Utopia
Во минатите две изданија на овој темат посветен на утопијата посочивме како Мор и Кампанела го замислуваат идеалното општество уште во средниот век. Но, сепак, зачеток на утописки идеи, слики на совршени места и замислени идеални општества можеме да пронајдеме и пред овој духовно непогоден период, уште во библијата и античките дела. Токму затоа, движејќи се хронолошки наназад, во ова трето издание на овој темат, ќе се навратиме во антиката. Повеќето од овие светови се поставени надвор од историјата и времето или во митско време. Kонфликтот помеѓу идеалното и реалното е секогаш присатен, со идеја и намера дека тие места некогаш постоеле, навистина постојат или тие општества се реално возможно остварливи. Таков е примерот со делото на Платон „Република“ или Политеја (πολιτεία), замислена идеална држава во која сé совршено функционира според однапред воспоставени принципи и која, за да биде парадоксот уште поголем, самиот автор на ова дело се обидел и практично да ја реализира (1)!
И во времето на Платон секако општеството не било совршено организирано, соочувајќи се со многу проблеми. Одбивните и не толку среќни политички околности и прилики во тој историски дел од времето како: класен антагонизам, непостојано државно уредување, класно раслојување на сироимашни и богати, постојана борба за превласт меѓу олигарсите и демократите, немири, политички метежи, војна меѓу хеленските полиси, го поттикнале да почне да креира визии за подобра држава и општество. Поставена нормално, во време далеку пред Моровото, Платон во оваа утопија се обидува да даде своевидна критика на моменталните политички околности и да даде визија за тоа како овој проблем би можел да се реши најбезболно преку неговата замислена држава.
Платон тргнува од идејата за праведноста и нејзината улога во душата на поединецот и устројството на државжата. Со намера да се согледа праведноста на човековата душа истражувањето продожува во рамките на државата, која како заедница на луѓе првично се формира поради човекова „потреба“. Бидејќи праведноста е однос помеѓу поединците, која зависи од организацијата на заедницата, може да се истражува како битен дел од државата, а не како особина на поединечен став. Оттука се гради и идејата за државата преку сите нејзини аспекти. Во оваа држава граѓанските задолженија се распределени според природата на душата на секој поединец, а според тоа секој поединец нужно припаѓа на еден од трите рода, во зависност од тоа кој дел од душата владее со неговата природа (разумскиот, срчаниот – храброста или нагонскиот). Значи, според поделбата на човековата душа се извршува и поделбата меѓу припадниците на државата во три класи: водачи кој се филозофи, воини – чувари и од пожедниот нагон на желбата произлегуваат земјоделците, занаетчиите и селаните. Поделбата е направена врз основа на воспитанието обезбедено од државата кое е заедничко за сите граѓани. Државата е праведна само доколку е поставена на овој начин, бидејќи секој од елементите игра своја улога. Хармонија се постигнува кога луѓето се водени од разумот, а општеството е водено од филозофите. Ваквата утописка замисла на државата е аристократска, владеена од најдобрите, која е подобра од: демократијата каде сите учествуваат во донесувањето на државни одлуки; олигархија или плутократија каде владеат малкумина богати; тимократија каде владее натпревар за чест и слава; и тиранија каде владее насилна и неограничена власт.
Конечно, оваа своевидна „виртуелна држава“ би била „држава во која би биле отстранети сите зли страсти, би се постигнала врвна рамнотежа на општествената целина и врвна целесообразност во заедничкото дејствување во полза на заедницата во целост: секому според природните својства и одлики, дејствување во една општествена дејност. Во тој несовладлив процеп меѓу желбата за благородно живеење и неможноста во определените реални услови – благородно да се живее, Платон ја „гради“ својата строга, дури и застрашувгачка Политеја, „држава“ за која многу демократски идеолози со „либерален“ став сметаат дека е одбивна според својата „тоталитарна“ идеологија“. Но, сепак, според многу теоретичари овој приказ на совршената држава претставува првата систематски изградена утопија, и евидентно влијаела за креирањето на подоцнежните слични замисли.
Every daring attempt to make a great change in existing conditions, every lofty vision of new possibilities for the human race, has been labeled Utopian. – Emma Goldman
(1) Платон, иако неуспешно, се обидел да ја реализира својата замисла за идеалната држава. Трипати патувал на Сицилиска Сиракуза. Првиот пат да ги види кратерите на Етна, каде Дионис Постариот го задржал како пријател, а по една расправија, Дионис се налутил, најпрвин сакал да го убие, а потоа го продал како роб. По низа перипетии, Киренаикот Аникерис го откупил и го пратил во Атина со што тој се спасил. Вториот пат Платон доаѓа кај Дионисиј (Помладиот) за да побара земја и луѓе за остварување на својата замислена држава. Тиранинот иако ветил, ветувањето не го остварил; напротив Платон доаѓа во опасност, затоа што бил осомничен дека го наговара Дионисиј да го ослободи целиот остров од тиранија. И од оваа ситуација повторно го спасува филозоф – Питагореецот Архита. А трет пат заминува на Сиракуза да ги смири Дион и Дионисиј, но откако не постигнал ништо, се враќа во Атина и престанал да се меша во политиката.