Песна

Песните се препеани во рамките на поетско-препејувачката работилница Триглав-Вардар/Вардар-Триглав што во организација на Здружението „Поесис“ се одржа во ноември 2017 год. во „Центарот за поезија Томаж Шаламун“ во Љубљана
  • Песните се препеани во рамките на поетско-препејувачката работилница Триглав-Вардар/Вардар-Триглав што во организација на Здружението „Поесис“ се одржа во ноември 2017 год. во „Центарот за поезија Томаж Шаламун“ во Љубљана
  • ПРОГОНЕТА
    (извадок)

    I

    Се прогонив од куќата на татко ми.
    Стоев среде неа како да стојам среде земја.
    Чувствував како татни во нејзината внатрешност,
    бурите ја разоруваа, дрвените часовници
    наврапито ги придвижуваа стрелките,
    а времето, сепак, во неа одвај се движеше.
    Стоев среде неа и ги вдишував нејзините миризби:
    засиреното млеко, овчата кожа на жешкото сонце,
    чадот што налегнуваше врз сувата почва.
    Гласовите мрмореа пагански молитви
    и со нив ги покриваа прозорците, вратата
    јачеше од ударите. Крај огништето
    седеа наречниците и со прстот покажуваа во мене: ти, ти, ти

    II

    Седеа и со прстот покажуваа во мене.
    И мене ми беше туѓо и наедно топло во срцето.
    Во котлите секогаш клокотеше,
    овците самите се нудеа за колење. За колење.
    Ножиците сами, штрак-штрак, го стрижеа
    овчото руно, овците, излудени од страв
    од металните сечила, се туркаа
    во машките бедра, во менгемето на машките бутови.
    Бeeee, бeeeee, бeeee, ја сечеше
    полутемнината, бeeee, бeeeee, бeeeee,
    сечеше, липаше, липаше,
    сечеше, липаше, липаше,
    штрак бeee, штрак бeeee, штрак бeeee

    (Зборуваат ножиците:
    Да, така работевме, така како што нѐ тераа
    нивните раце, а нивните раце
    ги придвижуваа наредбите што ги силат
    од почетокот на времињата, без милост:штрак, сечеме, штрак, паѓа руно,
    штрак и конецот се замрсува, штрак и јажето
    паѓа како да е од олово, штрак и
    папочната врвка виснува како црево во
    женските раце, штрак, виснува во женските
    раце и расцутува: папокот на светот.
    А ние и понатаму ги кастриме, ги кастриме
    неговите пупки, ги кастриме неговите
    лисја: кој ќе преживее, посилен ќе биде.)

    III

    Сечеше во полутемнината и јас,
    пропадната во неа до половината, не
    можев ни да мрднам ни да викнам.
    А сепак бев на сигурно. Од ѕидовите од тула
    се ширеше миризба на кал, стврдната на сончевата
    жега. Видов испотени машки
    тела што се наведнуваа над неа,
    гнетејќи ја со рацете и нозете,
    дишејќи во неа. Бев на сигурно.
    Ги видов чичковците и братучедите,
    живите и одамна починатите, безброј колена
    претходни и следни, како ме штитат.
    Бидејќи: додека сум во нивната куќа,
    нема да ми фали ни влакно на главата.

    Препев од словенечки: Соња Цекова Стојаноска

    Тагови од објавата
    One reply on “Песна”