2 песни

Песните се препеани во рамките на поетско-препејувачката работилница Триглав-Вардар/Вардар-Триглав што во организација на Здружението „Поесис“ се одржа во ноември 2017 год. во „Центарот за поезија Томаж Шаламун“ во Љубљана.
  • Песните се препеани во рамките на поетско-препејувачката работилница Триглав-Вардар/Вардар-Триглав што во организација на Здружението „Поесис“ се одржа во ноември 2017 год. во „Центарот за поезија Томаж Шаламун“ во Љубљана.

  • Цунами?

    За Теру Хиса (20.4.2011 – 10.9.2011)

    По долго време мојот пријател од Јапонија
    ми одговара на електронска порака.
    Предмет: Re. Како си? Како сте?
    Задоцнетиот одговор е кус и збиен.
    Крај датумот на раѓање на неговиот втор син
    недвосмислено е напишан и датумот на смртта.
    Цунами? помислувам и срцето
    ми го обвиваат лентите со снимки од телевизиските камери
    што ја констатираа природната катастрофа.
    Среде разурнатите куќи, автомобилите, лешевите на возрасните,
    дрвјата што носат се пред себе,
    барам мало телце,
    но не можам да го најдам.
    Зрачење?, помислувам кога со кнедла во грлото
    го насочувам погледот кон зборовите во наредниот ред.
    Не, просто не му успеало на хируршкиот нож
    кој се обидувал да го спаси неговото мало срце.
    Кнедлата во грлото се претвора во камен
    и при помислата дека треба да одговорам,
    ме полазуваат морници.
    Рефлуксниот езофагитис
    никогаш толку не ми додевал.
    Како ли го закопале?
    Кај нас порано децата ги закопуваа во бели ковчези,
    а сега речиси сите завршуваат како црна пепел.
    Re.Re.
    Останувам без збор.
    Потешко е одошто кога седиш пред бел лист хартија
    и биеш битка со инспирацијата.
    Поетот во мене ко вистински голем брат
    ми ја забранува секоја клишејска реченица.
    На Педијатриската клиника во Љубљана новинарите креваат врева
    заради некој израелски кардиохирург,
    заради висината на хонорарите, личните интереси…
    Колку оскуден е понекогаш фондот на зборови на новинарите,
    ама сигурно заслужуваат Оскар за одлична филмска глума.
    За жал родителите на болните деца засекогаш ќе останат само натуршчици.
    Како поет замолчувам,
    како човек онемувам.
    Ѓавол да ја земе (авто)поетиката!
    I am so sorry, imi pare rau,
    Тоши, навистина ми е жал.
    Моето искрено, искрено, искрено сочувство….
    И искреноста е еден од критериумите
    при вреднувањето на поезијата.


    Реквием за Ајлан Курди

    Со мозокот преполн
    со училишна материја
    наместо со етика,
    во мојата безбедна прегратка
    Ема уште една ноќ ги затвори очињата.
    И ти драг Ајлан, ги затвори,
    но засекогаш,
    во прегратката на студената вода.
    Сам-самичок засекогаш заспа на брегот на Егејското Море
    во кое секое лето се капат и премногу европски туристи
    кои на враќање дома
    зад себе двапати ја заклучуваат вратата пред натрапниците.
    Лесен да ти е песокот, Ајлан,
    сега можеш мирно да градиш замоци во облаците.
    Нека те чуваат Бог, Алах,
    Кришна, Вишну, Шива.
    Веста за твојата смрт го преплави светот,
    социјалните мрежи,
    жолтиот, црвениот и црниот печат.
    Милион луѓе ја лајкаше твојата смрт на Фејсбук.
    Ајлан, граничните чувари не читаат
    ни свети книги ни белетристика,
    ни басни од Езоп ни приказни од Андерсен,
    само закони, постудени од водата што те исфрли на брегот.
    Затоа ангелот чувар нека те придружува во вечноста.
    Спиј, драг Ајлан,
    почивај во мир.
    Твојата смрт нека им ги исуши рацете на оние
    кои над твоите врсници користат солзавец,
    нека им се заглави во грлата на политичарите среде деловните вечери
    и нека тропа врз совеста на ригидните бирократи!

    Препев од словенечки: Лидија Димковска

    Тагови од објавата
    Напишано од
    One reply on “2 песни”