За тие со црните наметки

Откако си замина мојата ќеркичка, Таа постојано беше во мојата куќа, но таа ноќ беше поинаква и беше сама, со неа не беа дванаесетте.

Таа вечер истураше. Дождовни капки како да се собрале само со една цел, да направат поплава и да однесат сѐ што им стои на патот. Како река се лееше дождот по удолнината од улицата „Рузвелтова“. Сите нешта што беа наоколу направени од лим создаваа чуден звук, некаков вид тропање, како некој со чудни стапчиња да чукаше по празни и полупразни шишиња. Штета. Таа не заслужи такво невреме за нејзиниот последен престој на таа улица, во тој град – во градот каде што ја запознав.
Една вечер кога ја отворив вратата повторно ги видов нив – дванаесетте покриени од главата до петите. Секогаш беа исто облечени, со нивните морничави наметки, а на главата имаа наметнато качулки кои беа зашиени за нивните наметки, црни, од горе, па надолу и обратно. Никогаш не сфатив зошто се облечени така, некој сигурно ги натерал да носат таква облека. Тие секогаш ме убедуваа дека тоа е човекот од огледалото. Јас не верував во тоа. Човек не може да живее во огледало и затоа ги мразев огледалата и сѐ уште ги мразам. Ни во мрачното место каде што сега живеам немам огледало. Не сакам на огледалото да се пресликуваат решетките што наликуваат на врата и поради кои постојано се слуша некаква врева и чудни звуци, како некој да гребе по тие решетки. Тропања, гребења, викотници, никогаш нема да го засакам ова место за живеење – никогаш!

Таа беше тринаесетта. Застаната до нив, доцртувајќи го кругот од црнила со наметки и качулки. Јас ја мразев нивната облека. Никогаш не облекував алишта во црна боја. Мојата омилена боја беше белата. Ја носев без да размислувам дали ја заслужувам. Зошто да размислувам? Зарем и за да носиш некое парче облека на себе треба да го заслужиш – како да не! Таа беше мртва, но стоеше застаната до нив, им го разубавуваше собирот, иако ниту мал дел од нивното тело не се гледаше, јас сепак знаев дека е Таа. Таа беше некако поинаква од нив. Од неа се ширеше некаква необична миризба, па кога ја вдишував морници ме лазеа низ целото тело. Морниците што ги предизвикуваше таа ги замислував како мали црвчиња и бубачки кои лазат по труповите од мртвите тела во гробовите. Тие мали работници ги глодаат мртовците, ги јадат, се до оној момент додека не ги соголат, но не до гола кожа, туку до гола коска. Е, токму такви морници ми предизвикуваше Таа. Јас бев заљубен во неа. Ја сакав поради тие морници што ми ги предизвикуваше, поради пустошот што го правеше откако ќе се појавеше, поради црната наметка со качулка бидејќи само нејзината ја сакав, поради реата што ја оставаше зад себе, неколку дена после нејзиното појавување, поради самата Таа, иако со себе го носеше злото.
Ја сретнав во болницата „Филип Втори“, кога се разминав за последен пат со љубовта во мојот живот, со мојата седумгодишна ќеркичка. Таа сега живее со тие мали бубачки и црвчиња во вечноста, доби ист живот како оној од мајка ѝ.
Таа одлучи да ми ја земе мојата ќеркичка, онаа која ја сакав повеќе од сѐ. Затоа мојата одлука беше конечна – Таа мора да умре.
Откако си замина мојата ќеркичка, Таа постојано беше во мојата куќа, но таа ноќ беше поинаква и беше сама, со неа не беа дванаесетте. Молњи постојано ја осветлуваа собата, како некој таму горе да ни испраќаше звучна порака со громови и огромни капки дожд кои непрекинато паѓаа. Си реков, тоа е одлична можност за мене. Отидов, го отворив шкафот и ја побарав мојата наметка со качулка што ја чував во една кутија заедно со сите спомени од мојата ќеркичка претворени во фотографии. Сега сигурно ќе се запрашете зошто и јас имав наметка? Морав, за да ме чувствуваат како дел од нив. Ама наметката ја немаше. Сигурно сум ја преместил на некое друго место. Тогаш, тоа што наметката не беше во кутијата и не ми беше важно, важен беше моментот. Го зедов парчето огледало и без да размислувам ѝ го пресеков гркланот на Таа што стоеше под црната наметка, а на главата со качулка. Сѐ се случи многу брзо. Но, тогаш доаѓаше најстрашното, Таа за првпат испушти звук што се поклопи со еден гром кој удри некаде во близина на нашата улица. Страшен врисок како да ми го распрсна на делови апаратчето за слушање што го носев на моето уво. Таа падна на земјата. Си помислив умре Таа која ми ја одзеде мојата ќеркичка, умре смртта што секогаш носи црна качулка, умре Таа што го знае секој влез на секое место… Не. Погрешна претпоставка. Со свои раце ја убив мојата сопруга и ја испратив до мојата ќеркичка. Крвта на земјата до нејзиното тело ја смрзна мојата што сега веќе како да не течеше низ вените. А Таа повторно успеа да си го направи своето. Ми избега од рацете. Па, Таа беше смртта, нормално беше тоа за неа, но доцна го сфатив тоа.

Огледалата сѐ уште ги мразам и сега постојано го носам моето апаратче за слушање за да можам подобро да ги слушнам звуците, да слушам точно и прецизно. Но, јас и сега повторно го слушам истото, за човекот со или во огледалото, не сум сигурен. Веќе дванаесет години живеам во оваа соба со решетки, ми останаа уште осум. Судот така ми пресуди. А ти, пишувачу на мојата приказна, немој да заборавиш во твојот текст да ја споменеш и црната наметка која ја имам нацртано на ѕидот во мојата ќелија и немој да кажуваш никому дека не ги пијам моите апчиња. Халуцинации не постојат, сѐ што гледаме околу нас е реалност, па затоа немам никаква потреба да пијам апчиња за нешто што не постои. Кога ќе излегуваш од оваа ќелија, земи ја со себе кутијата од чевли во која ги чувам апчињата кои не ги имам испиено во текот на овие години додека сум на ова место.
Откако си замина тој – пишувачот, дванаесетте повторно ми зборуваат за човекот со огледалото. Сега добро слушнав дека мислеа на некој со огледало. Сигурно тоа беше така затоа што копчето на апаратчето за слушање светеше зелено. Таа не беше со нив.

***

Денес, во затворот во Идризово се случи убиство. Затвореникот А.П. кој веќе 15 години ја одлежуваше својата казна поради убиство на својата сопруга, умре во затворската ќелија. Неговиот врат бил пресечен со некој остар предмет, стакло можеби, или некој друг предмет сличен на стакло, но со понатамошно истражување тоа ќе се докажело. Необичноста е во тоа што до неговото тело стоела кутија од чевли полна со апчиња кои стражарите му ги давале бидејќи имал некое благо психичко растројство. Но, не е само тоа. До неговото тело имало и фотографија на која тој заедно со неговата сопруга биле облечени во некакви црни наметки, а на главата носеле некакви чудни шапки што биле зашиени на наметките. Наметките биле долги до земјата, тие целосно биле покриени, но им се гледале само лицата. Позади на сликата имало испишано некој необичен текст со морничава и страшна содржина, но полицијата не сакаше да ги открива деталите. По завршувањето на целата истрага информациите ќе биле поопширни.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Милена Петреска
Фантастика или реалистичност – одберете сами!
Вербата без сомнеж е слепа блудница В. Андоновски, „Вештица“
Повеќе
0 replies on “За тие со црните наметки”