Беше десет часот наутро и веќе стануваше жешко, веќе два часа седев на работната маса и буричкав низ листовите хартија, кои ја покриваа целата површина на масата и понекогаш нежно се лулаа со струењето на топлиот воздух, кој влегуваше во собата низ отворениот прозорец кон улицата. Сите листови беа испишани со мојот ракопис; неправилните редови беа исполнети со пречкртани зборови и реченици. Многу често ми се случуваше да не можам да го најдам листот што ми треба, дури и по долго барање; тогаш се пикнував под маса, каде што имаше подеднакво голем куп листови како горе; и таму долу пребарував по неспокојните листови, исполнети со истите букви и истите чкртаници како оние на листовите на масата, па по некое време од тој тесен простор се подигнував горе, стегајќи го в раце листот што сум го пронашол. Понекогаш ми се случуваше да загледам на подот листови однесени од провевот дури до средината на собата, па лазев по нив на колена по избледениот тепих.
Секогаш кога ќе успеев на масата или под масата да го најдам изгубениот лист, ми се појавуваше возбуда на грабливец кој нетрпеливо меѓу заби ја носи жртвата кон своето дувло. Со двата лакти силно ги оттурнав листовите насобрани пред мене, за да си направам простор за пишување; листовите на крајот од масата притоа се навалија преку нејзиниот раб и паднаа на подот. Потоа на пронајдениот лист некое време напнато бележев и пречкртував зборови, кои дотогаш успеале да го избегнат чкртањето, а во проредот меѓу редовите впишував нови зборови и реченици. Кога веќе вметнатите реченици ќе нараснеа до толку, што на листот не остануваше ни малку слободно место, извлекував нови листови од отворената фиока покрај своето лево колено; брановите на текстот се прелеваа врз нив; брзината со која пенкалото се движеше по хартијата, малку по малку се намалуваше, сѐ дури не запрам сосема, многупати и на средината на некој збор. Текот на зборовите и сликите од кои бев понесен, одеднаш се заменуваше во мртвило на текстот. Некое време неподвижно седев на маса, па започнував на површината на масата, под масата, а некогаш и низ целата просторија да барам некој испишан лист; одново ги оттурнував сите листови на кои до тој момент сум работел – притоа пак неколку од нив паѓаа на подот – на ослободеното место ставав некој нов пронајден лист, па почнував на него да пречкртувам реченици и меѓу редовите да вметнувам нови. На тој начин листовите кружеа помеѓу површината на масата и подот, а нивното струење стануваше сѐ посиловито; се раѓаше некое чудовишно дело со немирни, непостојани, променливи и речиси нечитливи страници. Таквото кружење на хартијата траеше веќе пет дена.
Пред година и половина раскинавме со девојката; некое време подоцна почувствував дека од тагата, разочарувањето, непријатноста и комичноста на сцените на разделбата се раѓа неочекуван плод: моите доживувања почнаа да се претвораат во ембрион на новела. Веќе неколку години немав напишано ништо и веќе се помирив со тоа дека сум завршил со пишувањето. Бев среќен кога повторно, по долго време, на дното на мислите и чувствата ги препознав добро познатите размрдувања, преку кои се огласува зародишот на новото дело, кое се бори за живот. Во тоа време работев како уредник во издавачка куќа и морав секој ден претпладне да одам во редакцијата; навечер веќе бев премногу изморен за да можам да пишувам, а освен тоа, мојот јазик во текот на денот попримаше од стилот на ракописот што сум го читал дента. Кога ќе ја изедев набрзина студената вечера од измрсена хартија, купена на враќање од работа, седнував на работната маса и почнував да пишувам. Но набргу незадоволно забележував дека во моите реченици се инфилтрираат сите оние одвратни лоши навики од авторот за чијшто текст сум бил задолжен. Исто така се обидував да пишувам и во саботите и неделите, но само што ќе успеев да влезам во шема, односно во играта на зборовите, сликите и мислите што сум ги терал една недела претходно, веќе доаѓаше недела навечер и ми преостануваше само да ја угаснам ламбата и да си легнам да спијам.
Одлучив привремено да го одложам пишувањето, да заштедам пари за неколку месеци скромен живот, да поднесам отказ во редакцијата и непречено да ѝ се посветам на работата над новелата. Си купив бележник во кој си ги запишував мислите и идеите и му се радував на периодот кога ќе можам секој ден наутро да станувам рано, да си варам кафе и да седнувам на работната маса. Секаде се зборуваше за блиското доаѓање на крајот на милениумот, па си дадов ветување дека новелата ќе ја завршам пред да се појави двојката на почетокот на календарот. Сметав дека ќе пишувам околу шест месеци, па затоа во издавачката куќа ги известив дека ќе ги напуштам кон крајот на јуни. Во календарот за 1999 година си го заокружив први јули како ден кога ќе почнам да пишувам, а во текот на зимата и пролетта честопати блажено си мислев на деновите на сосредоточена работа, кои ме чекаат. Сега веќе беше петти јули, а јас веќе пет дена седев дома, додека ми паѓаа листови од маса наземи, а јас постојано ги собирав, не знаејќи како да ја сопрам таа ѓаволска воденица.
Исто како и во претходните денови, до доцна попладне војував со нескротливиот текст; и исто како и во претходните денови, во текот на денот стануваше сѐ пожешко, од моето чело врз листовите паѓаа капки пот и од нив се размачкуваа буквите, еден по еден ги отворав сите прозорци, и од провевот, кој одвреме-навреме ги развеваше завесите и минуваше низ сите соби, листовите летаа сѐ подалеку, така што некои од нив ги наоѓав под креветот, врз шкафот, во претсобјето… Разочарувањето и гневот од безуспешната работа се преплетуваа со малаксаноста и заморот од горештината. Мојата vita nuova не започнуваше баш најдобро, си помислив.
Исто како и во претходните четири дена, на крајот се предадов и си реков: утре ќе биде поладно, подобро ќе се наспијам и пишувањето конечно ќе ми тргне; лудото кружење на листовите ќе сопре, листовите ќе останат мирни на површината на масата, а текстот полека и сигурно ќе се движи напред. Го оставив пенкалото на масата и го кренав погледот кон прозорецот. На очите, изморени од целодневната борба со буквите, им дозволив слободно да скитаат по фасадите на зградите на спротивната страна на улицата, да прескокнуваат од балкон на балкон, да лизгаат по меките линии на испрашените сецесни орнаменти, да кружат околу дамките на испрсканиот малтер. И исто како и во текот на минатите денови, си реков дека по целодневното измачување имам право да отидам да поседам во блиската кафеана, којашто нејзиниот сопственик ја нарекуваше ресторан со летна бавча, иако ја сочинуваа само неколку маси и клупи расштркани по асфалтот што ја исполнуваше празнината во редот на зградите. Станав од масата и истрчав по скали на улица.
Редот на предните фасади на зградите се протегаше до далечината и одлево и оддесно; освен двајца мажи во измрсени кошули, кои на тротоарот од спротивната страна се наведнуваа над отворената хауба на еден чукнат автомобил, не забележав присуство на ниту еден друг човек. Најважна ми беше среќата што ја црпев од фактот што освен неколкуте написи над продавниците, кои информираа за сосема невини и едноставни работи и ништо од мене не бараа, немаше никакви други букви! И натаму беше жешко, иако на ѕидовите на зградите од спротивната страна на улицата веќе имаше пурпурно светло и долгите сенки ги исцртаа гипсените орнаменти, кои се виеја по ѕидовите како ползечки растенија. Каросеријата на еден оддалечен автомобил светеше со заслепувачки портокалов оган; зградите што беа на мојата страна на улицата како големи сунѓери веќе почнаа да ја впиваат темнината во која тонеа сите рабови. Улицата се протегаше во двете насоки во монотониот ритам на еднакво долгите блокови; десно во далечината се рашируваше во еден мал плоштад, од каде што допираа тивките звуци на автомобилите и трамваите, кои сопираа и тргнуваа, мешајќи се со некое придушено цвилење; тоа очигледно доаѓаше од зад ѕидовите на една од ниските работилници, кои ја зафаќаа целата страна на кратката попречна улица, која се отвораше наспроти мене и завршуваше со грмушки.
Улицата на која живеев, беше долга, права и широка, но на неа имаше само неколку дуќанчиња, претежно сервиси и заложилници, и вообичаено беше како сега, сосема безживотна. И од мојата лева страна правите блокови ја следеа линијата што ја нацртал архитектот; во далечината, каде што двата реда згради завршуваа, празнината помеѓу нив ја исполнуваше розова површина; некое време размислував што е тоа што го гледам, па потоа сфатив дека тоа е ѕид со кој е заградена некоја фабрика и кој е осветлен со зраците на зајдисонцето. Погледот кон празната улица ме привлече; си реков дека ќе отидам да се прошетам затоа што и онака имам доволно време за кафеаната. Тргнав кон ѕидот на фабриката; одамна не бев одел во таа насока, обично брзав на спротивната насока, кон трамвајската постојка на плоштадот.
Патем сретнав само едно дете со куче, а во еден од прозорците загледав ќелав и исончан маж во бела маица, кој стоеше потпрен на парапетот, пушеше и замислено набљудуваше нешто на празниот тротоар. Кога дојдов на крајот на улицата, ѕидот на фабриката веќе потона во сенките на зградите. Некое време се колебав на која страна да тргнам. Знаев дека ако тргнам десно по ѕидот, ќе стигнам до едно мало пазарче, кое го сочинуваа неколку тезги, а ако тргнам лево, ќе стигнам до едно ниско кружно ритче, чијашто нагорнина беше зад сивата редица приземни куќички, изградени некогаш пред војната од страна на работниците во фабриката. Свртив десно, но по неколку чекори се премислив; се вратив и се упатив на спротивната страна. Долго одев покрај ѕидот на фабриката, над кој имаше бодликава жица. На крајот ме чекаше изненадување: немаше никаква населба со куќички. Од нив останале само темели и дупки во земјата; при погледот кон врвот на ридот ги здогледав новите бели викендички, како во Баварија или Калифорнија; беше очигледно дека ќе се спуштаат и уште подолу, и дека жолтиот багер, кој сега одмораше навален на половината од нагорнината покрај неколку лимени објекти, е наменет за да го расчисти патот кон нивниот понатамошен напредок.