Пред четири години станав мајка. Пред тоа станав професорка. Моето дете ме научи повеќе од училиштето и факултетот заедно. Сепак, знаев дека и тоа ќе треба да научи понешто од мене.
Како едукациски советник за мудроста на воспитувањето, уште тогаш знаев која е единствената вистинска улога на родителот. Да го подготви своето дете за новиот начин на живот. И притоа да му го разубави и да му го украси животот.
Овие приказни за деца се своевидно продолжение на книгата Сафари на духот – Книга за мудроста на воспитувањето деца од професорката Ана Бучевиќ, која им се обраќа на родителите со желба да спознаат како мудроста на воспитувањето започнува со работата на себе како родител. Основната порака на таа книга е дека децата се огледало на родителите, а изразот „такво си е детето“ е можеби една од најголемите заблуди на минатото и на сегашноста. Време е да спречиме да стане дел и од иднината. И тоа е одлична вест за сите родители.
Моја желба беше да им се обратам на децата со посредство на приказните, во кои, се надевам, подеднакво ќе уживаат и родителите и децата, па ќе ги потсетат на вистинските вредности на животот, оние што ни осигуруваат радосен и исполнет живот, преполн љубов, пријатели и среќни односи, живот што на крајот ќе биде исполнет со прекрасни спомени.
Во денешното општество вредностите се поставени погрешно, а ги немаат поставено децата. Тие упорно се обидуваат да нè потсетат што всушност е животот. И ни го носат најубавиот подарок – повторното детство.
Но во трката на животот често ја пропуштаме нивната порака и ги уверуваме дека погрешиле. Децата ни веруваат и нè следат. А ние ги носиме во погрешна насока. И потоа се чудиме на разочарувањето со кое нè соочуваат при своите погрешни избори.
За среќа, времињата се менуваат. Дојдовме до точката на која сме речиси сигурни дека поубаво е да се биде отколку да се има, па повторно почнуваме да им веруваме на децата. Сепак, тој однос на водство и доверба е двонасочен, па децата и понатаму ни требаат како ментори…
Кога дојде време мојата ќерка Лучана да побара да ѝ читам приказни, се соочив со она со кое денес се соочуваат многу родители. Не бев сигурна дека сакам да ѝ ги читам класичните бајки и да ѝ ги пренесам сите пораки што тие во себе ги кријат. Ми беше речиси неверојатно тоа што во трите најпопуларни бајки за деца волкот е негативен лик или таткото ги напушта своите деца само затоа што тоа го бара маќеата. Се прашував зошто ги плашиме на тој начин и ја дозволуваме можноста за погрешни конструкции во нивните мали главчиња. Нема ли поради тоа можеби да се запрашаат дали и ние некогаш така ќе ги оставиме? Такви детали имаше премногу.
Не ми се допадна ни тоа што помајката секогаш е наречена маќеа и така неправедно вечно прикажана како негативен лик, додека да се биде помајка е чесна улога на жената што прифатила туѓо дете, а таа љубов некогаш може да биде поголема и подлабока дури и од мајчината.
Не сакав ни целосно да ги отфрлам класичните бајки. Знам и дека чесно носат прекрасни пораки за љубовта и за победата на доброто над злото и ја развиваат фантазијата во детските главчиња. И мене ми ги читале и ги обожавав, па не трпам лоши последици од тоа. Но треба да нè загрижуваат и невидливите детали.
Сакав да создадам рамнотежа во таквите бајки. Да ѝ дадам на Лучана и поинакви приказни. Како професорка, позната ми е исклучителната важност на развојот на емоционалната интелигенција, која неправедно, на штета на децата и на родителите, е запоставена во целиот воспитно-образовен систем. Сакав на својата ќерка да ѝ читам приказни што развиваат емпатија, самодоверба, што нема да создаваат стравови, туку ќе ослободуваат од нив. Сакав да ѝ читам приказни што ќе ги разбудат нејзината креативност и фантазија, желбата за давање и слободното изразување на чувствата. Такви што ќе ја поттикнуваат нејзината концентрација на вистинска присутност. И, најважно, сакав постојано да ја потсетувам на вистинските животни вредности, кои денес толку лесно ги забораваме, а тие се тајната на среќниот живот. И мирот кон кој тежнеат сите.
Проблемот со концентрацијата и присутноста на децата е проблем со кој денес се соочуваат многу родители. Дијагностицираните нарушувања во однесувањето сè почесто имаат потекло во тој проблем. Темпото на животот, брзината на денот, сликите во цртаните филмови… сè се движи со неверојатна брзина и децата се сè помалку способни присутно да се сосредоточат на сегашниот момент. А тој ја крие целата убавина на искуството. И силата за извршување одредени обврски. Не сакав со оваа речиси болест на денешнината да се соочи и моето дете.
Одлучив од нејзината четврта година да ја подучувам на важноста, на вредноста и на убавината на опуштањето. А децата го прифаќаат секое подучување ако го доживеат како дел од игра.
Поради тоа, дојдов до идеја по секоја приказна да направам вежба за опуштање, која ќе ги стиши сите оние брзи ментални процеси со кои децата секојдневно се соочуваат, а кои подоцна им ја отежнуваат можноста за концентрација и за присутна смиреност. Опуштање што ќе ги одмори и нивните тела, па на тој начин ќе им ги олесни ревитализацијата и регенерацијата потребни за преживување на новиот ден со полн потенцијал.
Научните истражувања што ги докажуваат придобивките на ваквиот вид опуштање ги има во огромен број. Секој стручен лекар денес ги препорачува како неопходни, а Светската здравствена организација (СЗО) уште во 1978 година вежбите за опуштање ги признала како еден од научноверифицираните здравствени и тераписки системи.
И, што е најважно, ваквите вежби за опуштање на децата на родителите многу им го олеснуваат животот со таа топка силна енергија наречена дете.
На крајот, она што интимно ме мотивира да ги создадам овие приказни е тоа што мојата ќерка ќе може да живее во светот што е создаден за неа, а ќе биде исполнет и со вашите деца. Не е поентата во тоа само јас да ѝ читам такви приказни на својата ќерка, туку во тоа да ги слушнат што повеќе деца и што повеќе родители, кои својата среќа поради своите среќни деца ќе ја прошират во целиот свет.
Тој свет сме го наследиле од своите предци и им го оставаме на своите внуци, а преку нашите деца должни сме да го оставиме барем малку поубав отколку што сме го затекле.
Со љубов,
проф. Нада Бучевиќ
Превод: Кристина Велевска