ГОЛЕМИОТ ЌОТЕК
Некој почукал дома кај конструкторот Клапациј, па тој подотворајќи врата, ја подал главата надвор и здогледал една мешлеста машина на четири куси нозе.
– Кој си и што сакаш? – запрашал.
– Јас сум Машината За Исполнување Желби, а ме испрати кај тебе твојот пријател и голем другар Трурл, како подарок.
– Како подарок? – рекол Клапациј, чиишто чувства кон Трурл биле силно измешани, а особено не му се допаѓало тоа што машината го нарекла Трурл како негов „голем другар“. – Епа, добро – се решил по кратко размислување – можеш да влезеш.
Ѝ наредил на машината да застане во аголот крај печката и без да обрне соодветно внимание на неа си се вратил на оставената работа. Тој конструирал набабрена машина на три нозе. Таа речиси била готова и само ја полирал. По извесно време Машината За Исполнување Желби се одѕвала:
– Те потсетувам за моето присуство.
– Не сум заборавил на тоа – рекол Клапациј и понатаму си го правел своето. За миг машината се одѕвала:
– Може ли да знаеме што правиш?
– Ти си Машина за Исполнување Желби или За поставување На Прашања? – рекол Клапациј и додал: – Ми треба сина боја.
– Не знам дали ќе биде онаа нијанса што ти е потребна – одвратила машината, вадејќи од преградата на мевот конзерва со боја. Клапациј ја отворил, без збор ја потопил во неа четката и се фатил за бојосување. До вечерта побарал уште: шмиргла, силициум карбид, сврдел и бела боја, како и шраф, па секој пат машината веднаш му го давала она што си го посакувал. Вечерта го покрил автоматот што го составувал со парче ткаенина, си каснал, па седнал спроти машината на еден мал триножник и рекол:
– Да видиме сега што умееш. Велиш дека умееш да правиш сè?
– Сè, не, но многу нешта – скромно одвратила машината. – Дали беше задоволен со боите, шрафовите и сврдлите?
– А, секако, секако! – одговорил Клапациј. – Но сега ќе побарам од тебе нешто далеку потешко. Ако не го направиш тоа, ќе те вратам кај твојот господар, со соодветна благодарност и мислење.
– А што ли е тоа? – запрашала машината, преместувајќи се од нога на нога.
– Еден Трурл – објаснил Клапациј. – Треба да ми го направиш Трурл, тенкичок како вистинскиот. Така што едниот да не се разликува од другиот!
Машината почнала да мрмори, да ромори, да шишти и рекла:
– Добро, ќе ти го направам Трурл, но со него да се однесуваш со почит, зашто тој е многу голем конструктор!
– Ах, те разбирам, можеш да бидеш мирна – одвратил Клапациј. – Епа, каде е тој Трурл?
– Што, така наеднаш? Всушност, тоа не оди туку-така – рекла машината. Ова мора да потрае малку. Трурловците – не се тоа шрафови, ни лакови!
Сепак, побргу од очекуваното почнала да труби, да ѕвони, на мевот ѝ се отвориле големи капаци и од темнината на внатрешноста излегол Трурл. Клапациј станал, го заобиколил, го погледнал од близу, го допирал темелно и чукал по него, но немало никаква сомнеж – пред него бил Трурл, како две капки вода сличен со оригиналот. Трурл којшто излегол од мевот на машината со подзамижани очи од светлината, но освен тоа, се однесувал сосема вообичаено.
– Како си Трурле! – рекол Клапациј.
– Како си, Клапацију! Но, како ли сум се нашол овде? – одвратил видно зачуден Трурл.
– А, да, ете, едноставно си навратил… Одамна не сум те видел. Како ти се допаѓа кај мене?
– Се разбира, се разбира… Што имаш таму под покривката?
– Ништо особено. Може ќе седнеш?
– Ех, некако ми се чини, доцна е веќе. Темно е надвор, изгледа ќе си појдам дома.
– Немој толку бргу, немој веднаш! – се спротивставил Клапациј. – Ајде првин до подрумот, ќе видиш, ама ќе ти биде интересно…
– А што ли имаш во подрумот?
– Уште немам, ама набргу ќе имам. Ајде, ајде… И, тапкајќи го, го Клапациј го допратил Трурла до подрумот, таму пак, го сопнал со нога, а штом овој паднал, го врзал, а потоа со една дебела палка почнал да го мава, дури не го направил џигер модар. Трурл врескал до небо, викал на помош, па пцуел и молел за милост наизменично, ама ништо од ова не помагало – ноќта била темна и глува, а Клапациј го мавал и понатаму, до бесвест.
– Оф! Леле! Зошто ме тепаш толку?! – викал Трурл, свивајќи се од ударите.
– Зашто ќеф ми е – објаснил Клапациј и замавнал. – Ова уште не си го искусил, мој Трурле!
Па го удрил по глава, што одекнала како буре.
– Пуштај ме веднаш, зашто ќе појдам до кралот и ќе му кажам што си ми направил, па ќе те фрли в зандана!! – врескал Трурл.
– Ништо нема да ми направи. А знаеш ли зошто? – запрашал Клапациј и седнал на клупата.
– Не знам – рекол Трурл, задоволен дека има пауза во јадењето ќотек.
– Зашто ти не си вистинскиот Трурл. Тој си е дома кај него, конструирал Машина Што Исполнува Желби и ми ја испратил како подарок, а јас за да ја испробам, ѝ наредив да те направи тебе! Сега главата ќе ти ја скинам, ќе си ја ставам под постелата и ќе си ја користам како столче при слекување чевли!
– Ти си чудовиште! Зошто сакаш да ми го направиш тоа?!
– Веќе ти реков: ќеф ми е. Ама доста со овие празни муабети! – така велејќи, Клапациј го фатил стапот со обете раце, а Трурл почнал пак, да вреска:
– Престани! Веднаш престани! Ќе ти кажам нешто многу важно!!
– Љубопитен сум, што ли можеш ти да ми кажеш, што ќе ме спречи да си ја користам главата твоја како столче за облекување чевли – одговорил Клапациј, ама престанал да го мава. Трурл тогаш извикал:
– Воопшто јас не сум Трурл направен од машината! Јас сум вистинскиот Трурл, највистинскиот на светот, и само сакав да дознаам што правиш ти толку одамна, што си се затворил дома во четири ѕида! Па конструирав машина, се скрив во мевот нејзин и наредив да ме донесе до твојот дом, со изговор, дека таа била подарок од мене за тебе!
– Ти се молам, ти се молам, ама приказна си измислил и тоа така, на делови! – рекол Клапациј и станувајќи, го стегнал подебелиот крај од стапот. – Можеш да престанеш со настојувањата, ти ги гледам лагите до бескрај. Ти си Трурл направен од машината, таа ги исполнува сите желби, благодарение на неа добив шрафови и бела боја, како и сина, сврдли и други нешта. Ако ѝ успеало да го направи она, успеала да те направи и тебе, драг мој!
– Сето тоа го имав подготвено во нејзиниот мев! – извикал Трурл. – Не беше тешко да се предвиди што ќе ти треба додека работиш! Се колнам дека ја кажувам вистината!
– Кога тоа би била вистината, би значело дека мојот пријател, големиот конструктор Трурл е еден голем измамник, а во тоа никогаш нема да поверувам! – одвратил Клапациј. – Еве ти!
И од високо го мавнал по грбот.
– Ова ти е за клеветата што ја фрли врз мојот пријател Трурл.
– Еве ти уште еднаш.
И го подбрал од другата страна. Потоа го мавал уште, го толчел и го биел, дури не се изморил.
– Ќе одам сега малце да си дремнам и така ќе си се одморам – се оправдал и го фрлил стапот. – А ти почекај си, зашто ќе се вратам… – Кога си заминал, а по целиот дом се разлеале одеците од неговото ‘рчење, дури тогаш Трурл фатил да ги олабавува јажињата, па ги олабавил, потоа ги разврзал јазлите, па тивко потрчал угоре, влегол внатре во машината и тргнал со неа трк дома. Клапациј пак, смеејќи се како нездрав, го гледал низ горниот прозорец ова бегство. Утредента тргнал во посета кај Трурл. Овој го пуштил в одајата, в мрачен молк. Во одајата владеел речиси мрак, па бистриот Клапациј и така забележал дека телото и главата на Трурл носат траги од вчерашниот ќотек што му го удрил, иако се гледало дека Трурл убаво се имал изнаработено поправајќи ги и рамнејќи ги длабнатините направени од ударите.
– Што си толку мрачен? – почнал да го задева весело Клапациј. – Дојдов да ти се заблагодарам за убавиот подарок, само штета, што додека сум спиел, тој се измолкнал оставајќи ја вратата отворена, како да му гори под нозе!
– Ми се чини, дека си направил несвојствена употреба со мојот подарок, да не кажам нешто повеќе! – избувнал Трурл. – Машината сè ми раскажа, не мораш да се заморуваш – додал луто, гледајќи дека Клапациј отвора уста. – Си ѝ наредил мене да ме направи, лично мене, а потоа со предумисла си го однел дупликатот од мене во подрумот и таму страшно си го претепал! И по ова омаловажување што си ми го сторил, по ваква благодарност за прекрасниот подарок уште се осмелуваш, како ништо да немало, да ми доаѓаш? Што имаш да ми кажеш?
– Наполно не го разбирам твојот гнев – одвратил Клапациј.
– Се разбира, ѝ наредив на машината да направи твоја копија. Ти велам, совршена беше, дури и се восхитив на нејзината глетка. Што се однесува на мавањето, машината треба многу да претерала – всушност, го мавнав неколку пати оној направениот, зашто сакав да испробам дали е солидно направен, исто така, бев љубопитен како ли ќе реагира. Се покажа исклучително бистар. Од на нозе ми раскажа една измислена прикаска, божем тоа си ти лично; не му ја подарив мојата доверба, па тогаш почна да се колне дека прекрасниот подарок не бил подарок, ами обична измама; веројатно разбираш, дека во одбрана на твојата чест, честа на пријателот мој, морав за толку безобразната лага да го измавам. Сепак, се уверив дека покажува огромна интелигенција, па не само физички, но и духовно потсетуваше на тебе, драг мој. Навистина, ти си голем конструктор, само тоа сакав да ти го кажам и со таа цел дојдов олку рано!
– Ах! Ама де, сигурно – одвратил веќе одоброволениот Трурл. – Навистина употребата што си ја имал на Машината За Исполнување на Желби и понатаму не ми изгледа некако најсоодветна, ама нека биде по твое…
– Ах, навистина, токму сакав да те прашам, што стори всушност, со оној вештачкиот Трурл? – запрашал наивно Клапациј. – Може ли да го погледнам?
– Вистински беше полуден од лутина! – одврати Трурл. – Се закануваше дека главата ќе ти ја смачка, притаен крај онаа големата карпа крај твојот дом, а кога го натерав да си го исфрли тоа од глава, ми се фрлаше в лице, ноќе пак зеде да плете примки и мрежи за тебе, драг мој, па иако сметав дека мене си ме навредил во неговиот лик, воден од спомените за нашето старо пријателство, за да ти ја тргнам од патот страшната опасност (зашто тој дури и се заборавил), го расклопив, без да видам друг излез, на ситни делови…
Тоа велејќи го Трурл, божем не сакајќи труснал со ногата по растурените остатоци од механизми што се валкале по подот.
По што се испратиле топло и се разделиле како срдечни пријатели. Од тој час Трурл не правел ништо друго, освен што наваму и натаму ја раскажувал целата сторија како тоа, тој му дарувал на Клапација Машина За Исполнување Желби, како оној што го добил овој подарок постапил недолично, наредувајќи ѝ да му направи еден Трурл, па му дал ќотек, како прекрасно составената копија од машината со соодветни лаги, насила се избавила од пленство и избегала, едвај изморениот Клапациј си легнал да спие, а тој самиот, Трурл, го растурил на делови направениот Трурл, којшто дотрчал до неговиот дом, а ова го направил пак, само затоа, за да го заштити својот пријател од одмаздата на натепаниот. И додека раскажувал и се фалел, и се пенел, и се повикувал на сведоштвото на Клапациј, па веста за оваа чудна случка дошла до кралскиот двор, па таму веќе никој не зборувал за Трурл нешто друго, освен со најголем восхит, иако до неодамна, сè уште од сите бил нарекуван како Конструкторот на Најглупавите Разумни Машини на светот. А штом Клапациј дочул дека и самиот крал богато го наградил Трурла и го одликувал со Орден на Велика Спирала и Хеликоидна Ѕвезда, извикал со силен глас:
– Како тоа? Значи затоа што ми успеа да го надитрам, кога го проѕрев, кога му дадов убав ќотек, што после мораше да бега наврат нанос, како неучтив некој да избега дур нозе го држат од мојот подрум, за тоа ли сега плива во почести, па и тоа како да му е малку, кралот уште и го одликува со орден? О свету, свету!…
И ужасно разгневен си се вратил дома, па си се затворил в четирите ѕида. Бидејќи, всушност, правел иста таква Машина За Исполнување Желби, како и Трурл, само оној порано ја имал завршено.