Теориска анализа на фрагменти од циклусот поезија „Молитви“ од Ацо Шопов

Дефинирајќи го лирскиот циклус како извесно мноштво на взаемно поврзани поетски текстови, ние со самото тоа во структурата на циклусот констатираме присуство не само на експлицитно изразени поетски текстови, туку акцентираме помалце очигледни (но не и помалце значајни) компоненти, како што се интертекстуалните врски.

Лирскиот циклус претставува композиција во рамка, разграничена од другите текстови. Функцијата на рамката не е толку насочена кон графичката оформеност туку кон нумерацијата на поетските текстови во внатрешноста на циклусот. Поврзаноста претставува темелно обележје на текстуалноста. Нејзината суштина се состои во „пренесувањето информации за идентична тема од еден сегмент на текстот во друг“. Како целина се покажува таквиот текст „кој при преминот од еден степен на смисловна компресија во друг, „подлабок“ степен, секогаш за рецепиентот го задржува смисловниот идентитет, лишувајќи се само о маргиналните елементи“.
Поврзаноста на текстовите на интертекстуално ниво многу се разликува од внатрешните текстуални врски. Лирскиот циклус е целосно единство, кое по своите важни карактеристики се поклопува со текстот, тој првично е ориентиран на културните контексти кои реално или потенцијално функционираат во даден социум.

Поврзаност на поетските текстови во лирскиот циклус

Поетскиот текст кој влегува во составот на лирскиот циклус претставува од една страна целосно или доврешно уметничко дело кое ги поседува сите обележја карактеристични за „изолираниот“ поетски текст. Взаемната поврзаност на поетските текстови, говори за збогатувањето на текстот во циклусен контекст. Вклученоста на поетскиот текст во структурата на лирскиот циклус предодредува извесни промени, како на план на неговите смисловни реализации така и преку актуализација на контекстуалните односи. Суштината на овие промени се состои од тоа што поетскиот текст вклучен во структурата на лирскиот циклус, се наоѓа во силна зависност од другите текстови на одредена циклусна низа, а таа зависност доаѓа до израз затоа што циклусната низа става извесни ограничувања со ектензивно ширење на контекстуални ориентации на даден текст.
Секој уметнички текст кој во себе содржи мноштво поетски значења, ориентиран на мноштво социокултурни контексти прифатени со терминот „тотални контексти“. Лирскиот циклус, кој сам по себе претствува текст (надтекст), исто така е ориентиран кон тој универзален контекст. Ниеден текст сам по себе не може да содржи поетски значења на лирски циклус. Тие се плод само на взаемни делвои значења на взаемно зависни поетски текстови.

Едно од категоријалните обележја на лирскиот циклус е неговото поимање како взаемна поврзаност во единство на одредено мноштво текстови. Совршено очигледно е дека за експликација на внатрешните циклусни интертекстуални врски чисто граматички врски ирелевантни и дека трансполирањето на синтаксичките врски на ниво на интертекстуалните интеракции е апсолутно неприфатливо. Но, лингвистиката на текстот ја проучува внатрешната текстуална кохезија, додека поврзаноста на лирскиот циклус интертекстуалната појава.

Дефинирајќи го лирскиот циклус како извесно мноштво на взаемно поврзани поетски текстови, ние со самото тоа во структурата на циклусот констатираме присуство не само на експлицитно изразени поетски текстови, туку акцентираме помалце очигледни (но не и помалце значајни) компоненти, како што се интертекстуалните врски.
Како интертекстуални циклотворни врски го нарекуваме мноштвото на сите формални и симисловни односи кои настануваат помеѓу поетските текстови во граница на даден циклусен простор. Постојат максимално поврзани циклуси кои всушност претставуваат циклуси во кои секој поединечен текст е поврзан непосредно со другите текстови од тој циклус. Минимално поврзани циклуси ги нарекуваме оние во кои поетските текстови меѓусебно поврзани но не со внатрешни смисловни врски туку по некое надворешно обележје на пример тематско, хронолошко и др.

Циклотворна функција на интертекстуално повторување

Очигледно е дека два текста можат да формираат одредено единство само од постоење на извесна сличност: сликовна, тематска, идејна и др. Во најексплицитен облик тоа се манифестира во „повторување“ на одредени елементи (loci communes) во двата текста.
Интертекстуалното повторување кои по своите функционални карактеристики се разликува од внатрешното текстуално повторување. Пред се, говорејќи за сликата (во краен случај во поетскиот текст), неопходно е да имаме на ум дека не станува збор само за книжевна слика туку и за слики кои настануваат на значително пониско ниво на организација на текстот: граматичко ниво (морфеми), звучно и ритмичко ниво. Очигледно е дека поетската слика настанува на повисоко ниво за разлика од лексичкото ниво. Актуализацијата на сликата која се повторува во читателската рецепција можна е во условите доволни на таканаречената „компактна низа“.

Внатрешното текстуално и интертекстуалното лексичко повторување имаат не само функционален туку и суштински аспект. За разлика од внатрешното текстуално повторување , кое во поетскиот текст воглавно врши стилистички функции (емоционална, функција на појачување и др.), интертекстуалното повторување претставува структуротворен (во дадениот случај – циклотоворен) фактор. Квантитативниот параметар се одредува со интензитет на повторувања на сликата во различни текстовни циклуси. Секоја лексичка слика која се повторува во два или повеќе текстовни циклуси претставува спојна алка помеѓу тие текстови. Се разбира, колку повеќе вакви алки (повторливи слики) помеѓу текстовите, толку повеќе се открива заедничкото помеѓу нив. Меѓутоа не треба да се смета дека степенот на поврзаност на поетските текстови во лирскиот циклус се наоѓа директно во пропорционална зависност од квантитативниот параметар на повторливите слики. Квалитативниот параметар на најопшто ниво се одредува со способноста на дадена слика да стапи во однос со семантичките комплементарности со идентична слика (или во нејзина корелација) во друг циклус текстови. Тоа значи дека два текста можат да образуваат циклусно единство тогаш кога една иста слика (или нејзиниот корелант) во двата текста има нееднаква семантичка структура, што е условено со разлика на нејзиното контекстуално окружување.

Говорејќи за квалитативниот параметар, имаме карактеристика на интертекстуално повторување како што е динамизам (динамично повторување) кое претставува интертекстуална репродукција на една иста слика во различна значенска перспектива, со што таа се збогатува со нови значенски параметри, настанати како резултат на интеракцијата на поетските текстови.
Интертекстуалното повторување само по себе не претпоставува циклично единство. Овие повторувања можат да бидат само знаци кои антиципираат можност на циклус но не и негово карактеристично обележје. Во спротивно, за циклус би требало да се смета целиот опус на дела на некој автор кои имаат заедничка тематска или идејна усмереност. Циклотворното обележје не е втемелено во самата повторлива лексема, туку во контекстите во кои таа се реализира, во кои се актуелизираат овие или оние аспекти на нејзината семантичка структура.

Циклус поезија
„Молитви“ (1963)
– Ацо Шопов

Во циклусот поезија на Ацо Шопов, присутни се единаесет песни кои ланчено се поврзани една со друга. Покрај првичниот назив „Молитви“ често може да го сретнеме и како „Молитви на моето тело“.

Молитва за еден обичен но уште непронајден збор

„Телото мое те моли:
Пронајди збор што личи на обично дрво
што личи на дланки јагленосани и прародителски голи,
што е како чедност во секое молење прво.
За таквов збор телото мое те моли.“

Лирскиот субјкет во оваа песна е телото кое моли да се пронајде вистинскиот збор, обичен збор кој „личи на обично дрво“, „што личи на дланки јагленосани и прародителски голи“. Како да се пронајде збор на раѓање, лелекање..

„Телото мое те моли
Пронајди збор од кој – штом со крик не ќе рече –
несвесно крвта почнува да боли,
крвта што бара корито да тече
за таков збор телото мое те моли.“

Исто така во оваа молитва при дадениот пример на првите две строфи може да се забележи дека почнуваат со ист стих „телото мое те моли“ и завршуваат со истиот стих „за таков збор телото мое те моли“.

Втора молитва на моето тело

Различна од првата молитва но сепак поврзана. Покрај цикличното повторување на телото како тематски елемент кој е присутен како во оваа песна, така и во претходната.

„Ова тело што лежи како мост и трпеливо одамна чека
да помине веселник некој и да го пробуди пак..
за да заечи сино од нежност и со секој извиен лак
ова тело што лежи како мост и трпеливо оддамна чека.“

Поврзаноста меѓу објектот и субјекотот е видлива и значајна затоа што нема одредена доминација, туку се присутни паралелно. Во оваа молитва преовладува компарацијата на телото со мост кое поетската слика ја дава идеата дека низ мостот нешто треба да помине, а мостот поврзува. „да помине веселник некој и да го пробуди пак..“ веселникот може да биде и самиот збор. Во секоја од трите строфи првите и последните стихови започнуваат исто „ова тело што лежи како мост“.

Трета молитва на моето тело

Третата е можеби најпознатата негова песна од молитвите. Иако базичната тематска основа е „телото“ и сите песни се поврзани една со друга во циклус наречен молитви, сепак тие се различни. Субјектот различно се движи низ содржината на песната, во овој случај имаме директно обраќање до некое „замислено ти“.

„Што си: девојка, жена, мајка: Што си
ти што бдееш пред овој храм во кој со тишина се лечи
телото мое, молитвено што клечи
Светлина ли, мрак ли твоето идење му носи.
Што си: девојка, жена, мајка, што си?“

Ацо Шопов фасцинантно ја изведува онаа потрага по зборот која е потреба на секој писател за да на еден или друг начин се зближи со своето време. Токму од таа потреба и потрага се јавуваат тешкотиите а воедно и убавините на поетското творење.Читањата на песните на Ацо Шопов често се поттик и инспирација за пишување на нови песни, или создавање на слики, уметнички дела, визуелни и уметнички творби. Затоа што делата кои ги создава Шопов, се непресушен извор на инспирација. Токму по оваа песна „Трета молитва на моето тело“ е направена музичка адаптација која е изведена на македонската поп сцена. Видно изменета уште при самиот наслов, но сепак автентичното стои.
Пред ова тело чиј глас со виј го гони
Ветрот што лута под тајни небосклони,
Чиј глас е жед и виј на вијот земен.
Што си ти застаната со спокој темен“

Можеби токму со оваа песна започнува мотивот на жената и на љубовта во поезијата на Шопов. Но, кон овој мотив Шопов не приоѓа на едноставен начин. За него љубовта не е едноставна. Уште на почетокот на песната субјектот го поставува тројството: девојка, мајка, жена (еротска љубов, мајчинска, сопружничка). Веднаш може да се направи компарација слично како кај Блаже Конески во „Болен Дојчин“ што и се обраќа на Ангелина со: непозната жено, мајко, сестро. На сличен начин и Шопов и приоѓа на љубовта. Исплашен од немирот и чувствата што му навираат, во до тогаш мирниот и спокоен живот (храм во кој со тишина се лечи) тој не знае што да направи. Дали да ги отвори портите и да и дозволи на непознатата љубов да влезе во неговото срце? Но, тој нема избор – таа победува, таа доаѓа и го разбранува неговото тело, го прави да се чувствува моќен и возвишен.

„Што си ти: девојка, жена, мајка,
Ти – скаменета пред влезот на мојот храм
Со моќно име: ПОБЕДУВАМ,
Па ова тело возвишено го крена.
Што си ти: девојка, мајка, жена?“

Чувството на несигурност и страв наспроти чувството на љубовта во песната се дадени во постојан контраст (светлина – мрак; тишина – глас; клечи – крена).

Четврта молитва на моето тело

„Овде си, над ова тело, како смирено крило,
ти – толку разумно – толку студено штедра,
па сакам да се помолам за она што веќе било,
зошто иднината во сите срца е ведра.“

И во оваа песна е застапено телото. Но веќе во мотивот се насетува присутноста на љубовта, еротиката, екстазата, задоволството, во една разиграна форма со специфичен стил. „Зошто иднината во сите срца е ведра“ индиректно упатува на надежта поврзана со љубовта.

„Сплети ги тие светлини, тоа горење бело,
тие светкавици во темнина што спијат,
обви го со нив денес ова гордо исправено тело,
сеедно – како камшик или ко бршлан вијат.“

Можеби не толку карактеристично за Шопов сепак постојат флуидни значења во песната, затоа што не може аналитички да се дешифрира и категоријално да се дефинира кон што конкретно цели субјектот преку овие стихови. Енигматичноста во оваа песна е повеќе од присутна , „сплети ги тие светлини, тоа горење бело“ повеќе значенски и донекаде двосмислен стих. Како би ја сплетеле светлината? Какво е тоа горење бело? Ацо Шопов знаел што пишува, знаел дека со пишаното ќе го отежнува секое наредно толкување.

„Сплети ги в огромна лузна, скамени ги во вера,
Дај ми, таа светлина со кошмар да ја пијам,
Зашто се она што потемнува во моето Вчера
Јас како светло Утре во длабини го кријам“

Совршенството на овие стихови, не допушта да биде целосно сфатена. Субјектот зборува за тагата за поминатото вчера, и сеќавањето што ќе го носи во светлото Утре. Енигматичноста, двосмисленоста и неизвесноста поставени на значенски план во оваа песна не дозволуваат да се изгради јасна поетска слика (или барем јас не успеав да ја доловам). Повторно имаме некое обраќање, најверојатно до жена. Во текот на целата песна имаме рима, која е карактеристична за песните на Ацо Шопов. „вера – вера; пијам – кријам; бело – тело; спијат – вијат; крило – било; штедра – ведра.“
Читајќи ја песната можеме константно да доаѓаме до нови точки на анализирање. Интимноста се состои во чинот на индивидуалното доживување на песната. Иако повторно имаме компарации , токму со нивна помош доаѓаме до знање дека субјектот зборува за жена во која може да најде утеха , разумна жена со гордо исправено тело.

Петта молитва на моето тело

Зар ќе го издоиш ова тело, овие шеметни височини
ветре на тишината, пеперуго на сонот недоболина.
Каде потаму во мене? Затани, неуморно, почини
на овој камен каракамен, на оваа година

Во оваа строфа од песната имаме чувство дека се присутни монолошки карактеристики, но суштински сепак нешто е упатено кон некого, искажано преку длабоките доживувања и рефлексии на поетот. Овој фрагмент потсетува на размислувањата на рускиот формалист Виктор Шкловски кој вели дека поетската реч треба да ја има моќта – кога ќе каже крв, да ја предизвика сиката на крвта, кога ќе каже камен да биде – камен.. (како по прв пат да го гледаме) (В. Шкловски, Умијеќе ријечи, Загреб, 1976).

„Зар ќе испливаш од ова тело, од овој темен вител
танчарко на сите подземни, сите нескротени води.
Ти си само овде како прастар жител
и играш врз ова тело гневно што те роди.“

Овде имаме елементи на архетипска природна, која асоцира со архетипот на создавањето на светот и човекот воопшто. Фигуративно и со специфичен дискурс на поезијата, поетот во оваа песна го симулира и го реконструира мотивот со помош на моќните поетски слики.

„Заробени сме сега во игра, во круг,
и носени од тмурна и нестварна плима
цел живот патуваме од еден до друг
и секој го крие она што го има.“

Повторливоста на кругот одлично го надополнува стихот „цел живот патуваме од еден до друг“. Тоа се битни индиции кои даваат друга димензија на песната односно втора поетска слика. Архетипската матрица која е присутна во песната не е случајна, таа алудира на спознавање на светот и повторливоста на нештата.

Шеста молитва на моето тело

„Везилка си на оваа игра, на овој домородски ритам.
Од дивина со крвта ми викаш, од далечина;
„Кон твоето тело неподвижно итам
Јас непозната, глув водопад од месечина“

Со оваа шеста песна од циклусот „Молитви“ имаме двоен субјект, односно во првите два стиха имаме еден субјект, а додека во другите два стихови имаме женски субјкет кој зборува.

Седма молитва на моето тело

„Твојата молбена закана, твојата лукавост нежна
и сите твои слатки измами ги знам.
Дали оваа игра денеска толку ми стежна
па пред тебе до болка и јас се разголувам.“

Повторно се јавува сентименталноста, љубовта кон жената која ја карактеризира со лукавост нежна, слатка измама. Повторливоста во циклусот песни не се случајни или премногу слични една со друга. Секоја песна си има своја посебна семантичка, стилска и поетска функција.

„Ти знаеш – на ова место нема никаква трага,
ни хисник овде ни ѕвер некаков мине.
Биди милозлива, биди дарежлива и блага
со ова тело од чекање што гине.“

Двосмисленоста во песната е повторно пристуна, копнеж по допирот од саканата , субјектот говори за исчекување кое постебено го убива. Односно тоа најдобро доаѓа до израз во последните два стихови „биди милозлива, биди дарежлива и блага со ова тело од чекање што гине“.

„Ова тело личи на жедна суводолица
поцрнета од сонце, испукана од жега.
Ова тело е истрајно и гладно како јаловица.
Биди му родилка, зачни го повторно сега.“

Во последнта строфа имаме градација на копнежот по саканата, по женското тело. „Биди ми родилка, зачни го повторно сега.“ алузија на нешто што умира за одново да се роди, љубовта е она што може да го оживее полумртвото тело. „биди ми родилка“ не можеме да го истоветиме со значењето на зборот мајка, но родилка би го поврзеле со мајка, метафората која ја употребува во овој стих Шопов ја споредува со новото раѓање.

Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов

Деветта молитва на моето тело

„Еве го тоа место, тоа неизодливо тело,
распослано како нема глад,
еве ги сите светлини и води
на овој соѕидан град.“

Десетта молитва на моето тело

„Еве го место, таа заробена убавина,
таа чудесна смрт од сино и бело,
од сино и бело во очите на ветрот
еве го тој непрокопсаник, тоа тело.“

Овде е дадена само назнаката дека смрта ја поврзува со чудесна, субјектот кој живее умирајќи и обратко, опеаната смрт која не ја поистоветува со црно туку со белото и синото дава поглед на творечкиот немирен дух. Токму таа исконска проекција на телото која е присутна во секоја молитва, зборува за душата како патник во телото, „еве го тој непрокопсаник, тоа тело“ како да зборува за двојство помеѓу душата и телото.

Последна молитва на моето тело

„Црн е твојот ветар, а ноќта бела
и секој дамар напнат од зрелина.
Застани како меч во овој дрворед од тела
пред да се сушиш заслепено со белина.

Но и тогаш играта ќе продолжи пак
Со иста таинственост и со иста чедност,
И тие треви што ќе те покријат со мрак
Ќе изгорад во пожарнот на твојта жедност.“

Користена литература:
Стерјопулу Елени Апостолос, Структура лирског циклуса.
Шопов Ацо, „Раѓањето на зборот“

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Најчестите јазични грешки во новинарските текстови
Ако тргнеме од добропознатиот факт дека новинарите се оние што им задаваат...
Повеќе
0 replies on “Теориска анализа на фрагменти од циклусот поезија „Молитви“ од Ацо Шопов”