Материјалот низ кој може да ги следиме етимологијата и семантиката на македонските презимиња, за жал, сè уште е многу скромен, што се должи, пред сè, на фактот дека презимето како цврста антопонимска категорија настанува подоцна, односно меѓу македонското население презимето се затврдува дури во XIX век, со навлегувањето на европските обичаи и институции.
Како што наведува Трајко Стаматоски: „Работејќи на Речникот на презимињата кај Македонците мене постојано ме следеше и сè уште ме следи мислата дека решавам енигми, дека пополнувам крстословки во кои одвреме-навреме остануваат и празни места. Но токму тие места се и предизвикот и нивното пополнување е вистинското творештво и вистинското задоволство. Кога ќе се открие еден знак, тогаш оди многу полесно. Ако се утврди со сигурност (од разни извори) дека определена хипокористична форма е од определено основно име, тогаш врз него полесно се надоврзува и гради односно се открива целото гнездо“ . Со други зборови, секогаш е поинтересна онаа област што е помалку истражена и за која постојат помалку податоци.
Женските презимиња, пак, се појавуваат уште подоцна од машките, но, и покрај тоа, станува збор за една доста развиена и стабилна категорија. Сепак, во актуелниов контекст, кај женските презимиња забележуваме низа отклонувања од нормата и од традицијата, кои се резултат како на лингвистички така и на екстралингвистички фактори. Едно од тие отклонувања ќе биде предмет на интерес и на овој текст, како една појава што сè почесто ја среќаваме во современиот живот, предизвикувајќи притоа голем број дебати и анализи во трудовите на македонските лингвисти, но и пошироко – на интернет-порталите и на дружбените мрежи, како нови алатки преку кои го следиме јавното мислење. Како што напомнува и самиот наслов, станува збор за машкиот презименски облик за лицата од женски пол, односно за несоодветното менување на формалната страна на македонското женско презиме.
Дијахрониски преглед на македонските женски презимиња
Најдрагоцени извори преку кои ја следиме еволуцијата на категоријата презиме кај Македонците претставуваат кодиците и пописните дефтери од турско време. Според истражувањето на Елка Јачева-Улчар, женско презиме, сфатено во денешната смисла на зборот, првпат се среќава во Трескавечкиот кодик. Станува збор за презимето Бонболова (Ѓурѓа), кое претставува посвојна придавка образувана со суфиксот -ова за ж. род (: -ов). Приближно од исто време е и женското презиме регистрирано во кодикот на манастирот „Св. Богородица“ во Матка: Поповска (Божна). Како што истакнува Јачева-Улчар: „Овие, иако скудни податоци, даваат драгоцени и мошне важни информации за никулците на женското презиме во Македонија, чиј зародок е многу понапред од времето во кое имаме стабилизирана антропономастичка категорија презиме и тоа во услови на еден изразито остар патријархален општествен контекст“. Инаку, пред тоа, женските имиња поретко се определувале со презиме што одговара на посвојна придавка, туку многу почесто со името на мажот (Ѓореица Стамена, Лубика Симоница, Нехтена Митреица, Велика Дачкоица, Мита Аврамица), појава што ја среќаваме и многу подоцна, можеби не толку при административното и официјално бележење на презимињата на жените, но секако при разговорната комуникација. Сепак, драстично повисокиот степен на еманципација на македонската жена (продорот на жената во сите аспекти на општествениот живот: образованието, науката, културата, политиката), придонесува кон крајот на претходниот и во овој век веќе да засведочиме поголемо осамостојување на женската презименска форма, но наспроти тоа – и многу поголемо експериментирање во однос на оваа форма, за што ќе стане збор понатаму.
Женското презиме во Македонија – форма и семантика
Во една своја статија, Стаматоски признава дека: „Човек мора да биде наполно свесен дека е невозможно да се утврди сосем прецизно етимологијата на секое презиме. Во одделни случаи таа е толку замаглена, толку е изменет гласовниот состав на одделно презиме, а причините за тоа денеска не се познати, што изјаснувањето е незамисливо“ . И покрај тоа, според некои генерални класификации, во основата на македонските презимиња, воопшто (и кај машките и кај женските), кои во принцип претставуваат придавски форми (образувани со суфиксите -ов, -ев, односно -о(в)ски, -е(в)ски), најчесто се вложени или машки лични имиња или фамилијарни имиња во чија основа, повторно, лежи машко лично име како резултат од дејствувањето на патролинеарниот принцип иманентен на нашата традиција .
Оттука, јасно е дека најсоодветна и најприродна формула за женско презиме во македонскиот јазик е онаа што одговара на присвојна придавка во женски род, односно женското презиме да завршува на -ова или -ева, односно на -о(в)ска или -е(в)ска.
Машки презименски облик за лица од женски пол – ставови и препораки
Без оглед на горенаведеното, во последнава деценија сме сведоци на една нова тенденција во однос на женското презиме во Македонија, која ги „запали“ не само македонистите туку и пошироко – дружбените мрежи, интернет-порталите и слично. Едни сметаат дека станува збор за слободен личен избор, други, пак, дека се работи за нарушување на конгруенцијата и на стандардот на македонскиот јазик.
Елка Јачева-Улчар во својата статија посветена на македонските женски презимиња подетално ја разгледува оваа тенденција. Нејзините ставови се:
„Во последнава деценија, особено во главниот град, жените при стапувањето во брак најчесто кон своето презиме го додаваат презимето на мажот во машкиот облик, сп. Стојановски, Тасев итн. Како што кажавме и погоре, женските презимиња во Македонија кои се образувани со посвојните суфикси -ов/-ев и -о(в)ски/-е(в)ски според нашата традиција имаат женски облик, а имено македонските женски презимиња во нашиот систем на презимиња завршуваат на -ева/-ова и -е(в)ска/-о(в)ска. Според наше мислење, но и според мислењето на другите македонски ономастичари, оваа специфика на македонското женско презиме треба да се чува, зашто е добро кога информацијата за родовата припадност ја носи и презимето, а не само личното име.
Ваквата форма на женското презиме, како што може да се види погоре, кај нас е нотирана во наши ракописи кои се датирани во втората половина на 18 век. Овие податоци говорат за една подолга традиција во употребата на горенаведената форма на женски презимиња во Македонија. Употребата на машката форма на презимето за лица од женски пол сметаме дека се должи на еден вид помодарство и подражавање на еден презименски модел кој не е ниту во духот, ниту во традицијата на македонскиот антопонимиски систем, што во крајна линија значи и кршење на македонската јазична норма. Со цел зачувување на женската форма на женското презиме во Македонија, можеби, во овој период кога се прави измена, дополнување и корекција на Законот за употреба на македонскиот јазик, е добро како одредба да влезе и женскиот облик на презимето, со кој би се надминала новата ситуација што ја имаме во овој поглед кај женските презимиња. Ако се согласиме со премисата дека онимите се своевидни споменици за културата како заеднички содржател на јазикот и идентитетот на еден народ, тогаш и категоријата презиме, иако понова во однос на преостанатите антропономиски категории, претставува значајно и драгоцено сведоштво не само за јазично-историските процеси, туку и сведоштво за социјалните и за историските околности во кои се развивал тој. Оттука, грижата за неговото зацврстување и стабилизирање, (особено во неговиот женски облик), треба да биде рамна на грижата што ја пројавуваме како народ спрема сите артефакти од нашето духовно културно наследство“ .
Како што наведовме и претходно, со оглед на тоа што врз изборот на машкиот презименски облик кај жените влијаат многу повеќе екстралингвистички отколку лингвистички фактори (иако не би требало да е така), во виртуелниот простор се огласија и многу други научни и културни работници, кои не се македонисти и кои оваа појава ја разгледаа и од надворешнојазичен аспект. Така, на пример, Румена Бужаровска му пристапува на проблемот од гледна точка на идентитетот (на жената): „Овој проблем не е само јазичен, туку навлегува и во сржта на нашето патријархално воспитување и родовите улоги што тоа ги наметнува. Потребно е само да ги замениме улогите, да го направиме она што се очекува од другиот за да сфатиме колку ова нешто е или разумно, или апсурдно. Па така, еве, замислете дека сте жена и дека мажот решава да го додаде вашето презиме на неговото. Некако нешто ви подзасмрдува, ама не сакате да признаете што. Некако не е доволно традиционално? Мажот ви се чини како слабак или папучар? Сетете се само каква лавина од потсмев предизвика веста објавена во дневниот весник ’Вест‘ дека зетот на Бојо Андрески на своето презиме го додал и презимето на својата сопруга – Андрески. Е сега замислете си уште колку вицеви ќе проструеја во македонскиот сајбер простор тој да ја земеше и родовата определеност на презимето на жена му, и да станеше – Драган Андреска. Зошто да не? По таа логика, ако може Петранка Стојановски, може и Стојан Петровска. (…) Но еве, да го тргнеме на страна прашањето на националниот и јазичниот идентитет. Што се случува со идентитетот на жената? Не само што таа свечено го предава во моментот кога од ’практични‘ причини ќе го избрише своето и преземе презимето на нејзиниот сопруг, туку како да се откажува и од својот родов идентитет. Во време кога толку многу се дискутира за промената на името и идентитетот, еден ваков чин од нашето секојдневие е во најмала рака парадоксален“ .
На ова го надоврзуваме ставот на Лилјана Грџо-Дамовска: „Од дискусиите по социјалните мрежи евидентно беше инсистирањето на личен избор без обврски кон македонската јазична норма, но можеа да се видат и многу небулози, како тоа дека по донесувањето на Правописот, презимето Каневче ќе биде преименувано во Каневчеви, дека ќе се посегнело по идентитетот на жената, итн. итн. А јас, меѓу тие редови очекував барем една од жените со машко презиме да објасни и да го посочи силниот мотив за таа во својот извод да запише машко презиме. (…) Редно е да се чујат жените со машки презимиња и нивниот аргумент зошто сакаат да имаат машко презиме. Моја блиска пријателка ми рече дека во матично погрешно го напишала презимето и така останало (алиби-приказна), колешка смета дека машкото презиме звучи помоќно од женското, па како аргумент во прилог на тоа ми наведе дека жените во владата ги ословувале со министер за култура, министер за внатрешни работи, а треба министерката за култура, министерката за внатрешни работи итн. (…) Петрушевски е жената претепана од својот сопруг и бара засолниште, на Велковски сопругот не ѝ дава со месеци да си го види детето, Николовски бара сопругот да ѝ дозволи и таа да одлучува колку деца ќе имаат. Тие го оствариле своето право, имаат машки презимиња. Другото? Не дај боже овие да не се инцидент“ .
За крај, добро е да се надоврземе и на препораките во новото издание на Правописот на македонскиот јазик, каде што се дава предност на женската варијанта на презимињата на лицата од женскиот пол.
Литература:
Иванова, О. 1999: Студии од топонимијата и антропонимијата. Скопје.
Јачева-Улчар, Е. 2009: ,,Женското презиме во Македонија“. Зборник во чест на проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова по повод 70 години од раѓањето, 163-168.
Стаматоски, Т. 2002: На ономастички теми. Скопје.
Стаматоски, Т. 1990: Македонска ономастика. Скопје.
Бужаровска, Р. 2014: Одродување. Преземено од: karmakasha.mk/top-kasa/guru/item/868-odroduvanje.
Грџо-Дамовска, Л. 2014: Жени моќни колку машко презиме. Преземено од: http://www.dnevnik.mk/?ItemID=E048CC61DE355941AA84A823A83E04B0