Просечен индекс на среќата

Надвор, ноќта имаше покриено сè. Чувството беше убаво, Алмодовар, да патуваш во комбето, како целиот свет да беше направен од темнина. Светлината премногу бара од нас.

Електрицитет во мојата крв и главата ми беше полна со зборови, сите зборови

– Значи, има уште надеж – рече Алипио.
– Не – објасни Доротеја Маркез. – Лекарите не рекоа баш така.
– Не разбирам. Тој ги мрдна прстите. Те слушаше и мрдаше со прстите.
– Лекарите велат дека е нормално, се случува често. Нервни импулси се, безволни реакции… Не го знам точниот термин.
Зборуваа тивко во мракот на комбето, Алипио од своето место зад воланот, Доротеја Маркез седната до него. Јас бев во редот зад нив, помеѓу Матеуш и Флор, и кога ги отворив очите, ги препознав нивните силуети спроти одблесокот од светлината на фаровите врз патот, кратките движења на нивните рамена предизвикани од нивните зборови. Надвор, ноќта имаше покриено сè. Чувството беше убаво, Алмодовар, да патуваш во комбето, како целиот свет да беше направен од темнина. Светлината премногу бара од нас.
Ги отспав првите триесетина минути на автопатот, но тогаш ги слушав како зборуваат и останав тивок, слушајќи. Матеуш, Флор, Вашко и Шавиер, сите спиеја. Или можеби не. Можеби тие се преправаа дека спијат и слушаа сè, исто како мене. Во секој случај, не можев да кажам што беше подобро.
Алипио ја крена ногата од педалот за гас неколку секунди, моторот издиша и комбето забави. Алипио воздржано заофка. Повторно го болеше ногата. Ја врати ногата на педалот и, по момент тишина, шепна:
– Лекарите ти велат така за да не почнеш да се надеваш. Има уште работи што може да тргнат наопаку. И сомнежи. Се разбира, уште многу сомнежи. Но, Боже мој, има многу луѓе на кои им се потребни недели за да излезат од кома.
– Лекарите рекоа дека сакаат да чекаат. Ќе направат уште некои испитувања следната недела и ќе решат дали да продолжат да го одржуваат во живот.
– Тој мрдна со прстите. Тој мрдна со прстите. Тоа сигурно значи нешто.
– Не, не значи.
– Не губи надеж.
– Не сакам да се надевам.
– Зошто?
– Сакав да се видиме за последен пат за да се збогувам со него. Ова беше многу важно за мене. Сега чувствувам мир. Не ми треба надеж.
– На луѓето секогаш им треба надеж.
– Не секогаш. Премногу надеж во животот и многу работи остануваат незавршени.
– Значи, не веруваш дека брат ти ќе оздрави?
– Не. Ако се случи, ќе бидам среќна. Но не очекувам дека ќе се случи.
Двајцата молчеа неколку минути. Црнината на ноќта влегуваше низ моите очи и ја совладуваше мојата глава пред да се прошири низ целото мое тело.
Потоа Доротеја Маркез рече:
– Многу размислував за она што го направивте: шест души поминавте половина континент за да ми помогнете да го видам брат ми. И не ми е јасно. Нема објаснување. Речиси е како фантазија. Знам дека никогаш нема да можам да ви се оддолжам за ова. Но мојата среќа е вистинска и ви се заблагодарувам од сè срце.
Чекав да ги слушнам овие зборови, Алмодовар, иако не бев свесен за тоа сè до тој момент. Кога ја слушнав, ме обзеде желба да ја прегрнам, да ѝ се заблагодарам. Бидејќи нејзините зборови му дадоа значење на целото патување и, некако, му дадоа ново значење на животот што беше пред нас.
Се обидов да сфатам дали децата и Шавиер се будни. Многу сакав и тие да го имаа слушнато сето тоа. Без тие зборови, можно е никогаш да не разбереа што навистина отидовме да правиме таму. Но никој не се помрдна, нивното дишење остана смирено, рамномерно.

Стигнавме во Женева околу два часот по полноќ. Сакав да одам да спијам во хотелот каде што имавме резервирано три соби. Но Доротеја Маркез повторно инсистираше да останеме кај неа. Беше многу доцна и не наоѓав веќе сила за да се противам.
Алипио излезе од комбето поткуцнувајќи. Ме погледна и се обиде да се насмевне, но не успеа. Шавиер изгледаше како дух. Му забранив да зема повеќе апчиња пред да заминеме од Марсеј и знаците на еден страшен мамурлак почнаа да му излегуваат на лицето. Флор и Вашко му потпомогнаа на Матеуш, кој не успеваше да се разбуди, го придржуваа до лифтот и потоа го легнаа в кревет. Јас ја туркав количката на Доротеја Маркез, иако бев истоштен. Алмодовар, ние бевме како војници по битки, без да знаеме дали сме изгубиле или сме победиле.

Се разбудив. Владееше длабока, убава тишина, но не надвор во светот, туку во мојата глава. Рано беше, нешто пред седум. Флор, Матеуш и Вашко сè уште спиеја. Станав од кревет, седнав на подот и го отворив лаптопот во скут. Го отворив сајтот со играта со птичарниците. Направив кориснички профил.
Половина час подоцна, Матеуш се разбуди и седна до мене. Погледна во екранот, па во мене, и праша:
– Што правиш?
– Сакам да одгледувам кокошки – одговорив.
Му се испушти еден краток извик, речиси смеа. Но не искоментира ништо.
Седевме така речиси еден час, култивиравме едно виртуелно парче земја, првите птичарници каде што имаше илјадници птици, инакубатори за јајца, потоа гаража за камионите што ги транспортираа пилињата и кокошките. Матеуш ме водеше низ секој чекор, а ентузијазмот му растеше во гласот. Го погледнав два-трипати: веќе личеше на мојот син. Не можев да сфатам дали разбираше што се обидував да му кажам.

Таа ме прегрна. Не рече ништо. Останавме така неколку секунди – јас наведнат врз количката, а нејзините раце околу мојот врат. Кога се исправив, го направи истото со сите: Алипио, Шавиер и децата.
Не ѝ кажавме што се случи со Матеуш, или со Шавиер. Таа веруваше дека сме неверојатни човечки битија, дека целиот свет може да го собере во нашите срца.
Влеговме во комбето. Беше речиси единаесет. Небото беше исполнето со облаци, во сите возможни тонови на сиво.

Алипио сврти со воланот и комбето излезе од автопатот во насока кон една бензинска станица. Немавме поминато повеќе од пет-шеесетина километри.
– Што е? – прашав.
– Не можам повеќе. Ногата ме боли како да има нож забиено во мускулот.
– Сакаш да почекаме додека да ти помине?
– Нема да помине.
– Е, па?
– Ајде да се смениме. Ти вози.
Не објасни ништо за своето премислување. Но претпоставувам дека само сакаше да стигне дома што е можно побрзо, како и другите.
Алмодовар, така завршив зад воланот и имав чувство дека комбето не е ништо повеќе од продолжение на моето тело. Мојата волја и моите движења ќе бидат доволни за да нè одведат дома.
Возев девет часа, со два кратки прекина, кога застанавме да јадеме и да наполниме гориво. Никој не зборуваше многу, ниту Алипио. Тишината од утрото преовладуваше во мојот ум, како да не ми преостануваше ниту една мисла. Замисли, Алмодовар, кое олеснување е да се движиш на автопилот, сите одлуки донесени инстинктивно и ги извршуваш со еден механички импулс. Постоеше само патот. Во Шпанија влеговме накај седум попладне, сонцето се спушташе по небото во хоризонтот пред нас. Да бевме побрзи, ќе можевме да го придружуваме околу планетата, во ден што би траел без престан.
Застанавме во еден мотел близу Виторија. Зборувавме малку додека вечеравме во еден мезе-бар близу мотелот. Потоа си легнавме. Тишината продолжи и додека спиев, во моите неми соништа. Веќе немав зборови.
Нашата волја да се вратиме дома беше сè. Веќе пред седум утрината бевме сите во комбето. Алипио ме замоли да возам. Се согласив, иако бев преморен.
Поминавме околу сто километри кога една полициска патрола ни сигнализира да запреме.
Запрев до банкината.
Еден полицаец го заобиколи комбето и се приближи до мојот прозорец.
Го погледнав Алипио. Тој спиеше. Се свртив да погледнам кон задните седишта. Шавиер и децата спиеја исто така.
Го спуштив стаклото.
Полицаецот ме поздрави со краток гест со раката. Имаше густа црна брада. Ѕирна во комбето и потоа ми побара документи.
Паричникот на Алипио беше во една преграда под радиото. Ја отворив и ги побарав документите. Му ги подадов на полицаецот. Потоа му ја подадов и мојата возачка дозвола.
Полицаецот сфати сè и без да ме погледне.
Ги претураше хартиите и картоните од едната во другата рака, запирајќи да ги проучи: мојата возачка дозвола, сообраќајната карта, осигурувањето што Шавиер го фалсификуваше. Знаев дека тој го откри бројот 1 што Шавиер го стави на местото на 0. Ќе требаше сите да излеземе од комбето и полицаецот немаше да нѐ пушти додека не ја платевме казната со парите што никој од нас ги немаше. Не се плашев. Мислам дека почнав да се навикнувам да примам удари од животот и од светот без да се противам. Тоа беше алтернативен пристап, да продолжам така, со тупаниците спуштени долу. Но потоа полицаецот ги стави на куп документите, ми ги врати и рече дека може да одиме.
Не можам да објаснам што се случи, Алмодовар. Подоцна, го погледнав осигурувањето: фалсификатот на Шавиер беше многу лош. Не знам како типот не успеа да го забележи тоа?
Помислив: Ние сме непобедливи. Сè додека веруваме дека сме непобедливи, неверојатни нешта ќе се случуваат. Одеднаш, почувствував електрицитет во мојата крв и главата ми беше полна со зборови, сите зборови. Тишината од дента се распрсна во порој мисли. Апсурдно беше, Алмодовар, моето тело се исполни со толку многу сила само поради една среќна околност.
Погледнав во ретровизорот. Тие и понатаму спиеја. Не изгледаа добро: беа премногу уморни, премногу изгубени, како да не беа сигурни во реалноста околу нив. Но тие се обидуваа, Алмодовар. Не се откажаа. Јас верував во ова со цело свое битие. Дури и Шавиер. Одеднаш идејата дека Шавиер ќе дочека старост затворен дома ми се чинеше величествена. И Вашко. Гледај, Алмодовар, јас згрешив: Вашко немаше да ја зарази Флор со своето немирно минато, со својот низок индекс на среќа. Баш напротив. Флор би можела да го расипе со својата хуманост. Тој би станал поцелосна личност поради тоа. Тие би се бакнале повторно, уште многу пати, и сите би биле подобри личности поради нив. Верувам во ова, како што верувам во она што го гледам со сопствените очи.
Главата ми беше преплавена со мисли за иднината, Алмодовар. Можеби не вистинската иднина, но една можна иднина. И тоа е сè што ни треба. Јас, во Вијана, со Марта и со децата. Телото на Марта покрај моето докрај, нејзиниот глас – светилник – секогаш ме води назад кон нас. Ќе почнам со каква било работа: портир, келнер, туристички водич – сеедно. И, во таа иднина, моите деца ќе бидат среќни. Мојата убеденост во ова е непоколеблива бидејќи знам дека сум способен да ги научам. Флор го има целиот свет во себе, ќе биде поголема и подобра од сите нас. Матеуш никогаш нема да мора да се грижи за среќата, ќе оди каде што ќе посака, моќта на неговата насмевка ќе биде огромна и јас можам да му помогнам да го разбере ова. Ќе одгледуваме кокошки уште долго време и, ако треба, и јас ќе ја избричам главата. И сакам да знаеш дека, додека ти си таму каде што си, секогаш кога ќе му притреба нешто на Вашко, јас ќе бидам таму за него. Тој никогаш нема да биде сам.
Тоа е план.
Тоа е План.
И еве сме, Алмодовар, во ова комбе, на пат назад кон Лисабон. Ти го кажувам сето ова од зад воланот, со патот испружен пред мене. За да знаеш дека уште сме тука и дека може да ни се придружиш кога сакаш. Не се плашам, Алмодовар. Сè уште верувам, и животот продолжува понатаму, како и секогаш. И покрај сè, деновите на планетава сè уште се направени од светлина, и темнината на ноќта и понатаму нè исполнува со страв. А, ние сè уште сме тука, Алмодовар.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Просечен индекс на среќата”