Разговор
Јас замислувам разговор со тебе,
Некакво правдање,
Некакво објаснување.
Јас смислувам прикладни зборови,
Вистинити,
Топли,
Искрени докрај.
Можеби јас би ти кажал
Во тој дијалог
Дека, и покрај сето,
Ти си повлекла виножито
Над мојот живот,
Дека ти си ме вклопила во некаква неповторлива целост,
Така што сѐ добило своја смисла,
Како само по себе да се создало чудо.
Можеби малцина, а можеби и никој
Не се измислил така себе си
Како што сме се измислиле ние двајцата.
Па сепак, и покрај тој голем подем
По гест и збор,
На крајот заклучувам
Дека е подобро да не дојде воопшто до тој разговор.
Блаже Конески
ЛИРСКА АНАЛИЗА
Депласирана одлика на лирската песна, длабоката емоција која е присутна всушност е духот на една песна, поетот се изразува со обид без патетизирање на чувствата. Иако имаме излив на емоција сепак воздржаноста е присутна.
Јазичната организација во песната е токму принципот на слично повторувањето „јас замислувам“ или „јас смислувам“ го имаме само во почетокот на песната но повторно се насетува дека тоа фиктивно „јас“ зборува до крајот на самата песна со големо артифицијално значење.
Ако зборуваме за наративноста во песната тогаш доаѓаме до навидум мал проблем, односно немаме конкретно дејство туку фабулата се задружува на специфична игра на зборови меѓу „јас“ и „ти“. Лирскиот субјект зборува во прво лице еднина. Имаме само еден говорник преку кој се чувствува фокусот на еден и единствен лирски субјект кој не ја менува својата позиција и се чувствува неговата нагласена експресивност.
Лирски субјект и лирски објект
Релацијата помеѓу субјектот и објектот е од круцијално значење за секоја лирска песна и токму таа релација ја гради нејзината структура. Врската меѓу субјектот и објектот во оваа песна се зацврстува преку минималните описи (но сепак од големо значење) за подоцна да дојде до кристализација на поетската слика. Лирскиот субјект континуирано се движи низ песната и се задржува во прво лице односно лирското „јас“ не варира. Имаме нагласена апелативност односно во песната имаме директно обраќање кон засмилено „ти“ или „тебе“ кое според стихот „ти си повлекла виножито над мојот живот“ или во стихот „ти си ме вклопила во некаква неповторлива целост “ јасно се гледа дека станува збор за обраќање кон женски лик во еднина. Единствениот глас кој зборува во песната, говори за еден „разговор“ кој би требало да го има токму со тоа лирско „ти“ кон кое се обраќа. Лирскиот објект е оној за кој се зборува во песната, а субјектот зборува за објектот низ целата песна потенцирајќи „разговор“ кој се однесува на жена. Не би можеле да кажеме дека лирскиот објект е целосна метафора на жена, тој претставува жена со која лирскиот субјект би требало да води разговор. Лирскиот објект специфично е присутен во почетокот преку првиот стих од самата песна „јас замислувам разговор со тебе“ и во последниот стих „дека е подобро да не дојде воопшто до тој разговор“.
Во песната имаме доминација на чувства, но чувствата зависат од лирскиот објект кој всушност е во самиот лирски субјект, тие зависат еден од друг. Затоа би можело да се каже дека имаме еднаква доминација. Лирскиот објект не би можеле целосно да го одвоиме од темата затоа што во еден стих „можеби јас би ти кажал во тој дијалог“ лирскиот објект и лирскиот субјект воспоставуваат внатрешна комуникација, имаме комуникација меѓу 1 лице и 2 лице односно „јас“ и „ти“. Иако немаме директна говорна ситуација, сепак преку лирскиот субјект и преку лирскиот објект лесно можеме да изградиме слика за некоја фиктивна говорна ситуација меѓу „јас“ и „ти“. Лирскиот објект е во фокус преку самиот наслов „Разговор“ и се движи паралелно со лирскиот субјект низ целата песна.
Лирска композиција
Лирската композиција ни овозможува да ја гледаме песната како еден целосен облик. Сè во една лирска песна е подеднакво важно. Краткоста се создава токму преку лирската композиција. Во овој пример ја согледуваме краткоста преку дваесет и два стихови кои треба да ги гледаме во две димензии т.е по хоризонтала и вертикала.
Вертикалната организација не е особено видлива затоа што таа ја зголемува семантичката перцептибилност на текстот токму преку римата, но во овој случај немаме изразена рима.
Хоризонталната организација најмногу се реализира преку улогата на паузата во песната која во оваа песна не е доволно застапена.
Преку вертикалната и хоризонталната организација доаѓаме до рамката во песната, која започнува со „Јас замислувам разговор со тебе“ и завршува со „На крајот заклучувам дека е подобро да не дојде воопшто до тој разговор“ дава заокружена целина со конкретен почеток и крај. Насловот на песната од Конески игра голема улога затоа што тој де факто е врзан со целината на песната. Преку наславот добиваме разјаснување на целосната функција на лирскиот субјект низ песната. „Разговор“ е решението на мозаикот на Конески. Симболиката на насловот „Разговор“ директно нè води до фиктивното „ти“ кон кое се обраќа лирскиот субјект заклучувајќи дека станува збор за жена.
Лирска гледна точка
Лирскиот субјект дава индивидуален поглед на свет, индивидуалноста се гледа преку стиховите „Дека ти си ме вклопила во некаква неповторлива целост, така што сè добило своја смисла, како само по себе да се создало чудо“ – перцепција на индивидуални чувства.
Лирско време
Лирското време не е проектирано во песната, имаме сугерирање на идно време за нешто што допрва ќе или немора да се случи. Се зборува за тој разговор кој можеби ќе се случи во некоја фиктивна иднина или воопшто нема да дојде до тој разговор. Реализирајќи го со претходно минато на оние двајца за кои зборува лирскиот субјект. Постои евокација, поради преплетот на иднината и сегашноста, иако станува збор за моментално размислување, за сегашни чувства упатени кон нешто што ќе се случи во иднина.
Поетска слика
Во песната на Конески воочиви се три поетски слики. Иако имаме еден движечки субјект кој зборува во песната, сепак истиот доловува повеќе поетски слики. Сложеноста на поетската слика во „Разговор“ во почетокот ја имаме кога лирското „јас“ првично размислува за тој некој разговор кој треба да се случи и наоѓање на зборови. Од тука, фокусот се конкретизира кога вметнува фиктивно „ти“ а со тоа и втора поетка слика. Фиктивното женско „ти“ кон кое се обраќа и дава емотивени експресии со идеализирани примеси „виножито“ што би требало да означува некој вид среќа, зборувајќи за целина формирана од двајца и др. И на крај имаме контраст на мислењето во слики, и покрај сето идеализирано минато на крај можеби и нема да се дојде до примарната цел – разговорот.
Звук и значење
Распоредот на зборовната организација кај Конески доаѓа до смисловната целина и без големно обраќање внимание на звукот. Значењето се става на повисоко рамниште во структурата на оваа песна. Значенската страна е далеку подоминантна од звучната а тоа се гледа и со недостигот на римата која на некој начин игра важна улога за доминација на звукот.
Метафоричен или метонимиски начин на обликување
Песната „Разговор“ од Блаже Конески повеќе би одговарала да се вметне како метонимиска песна затоа што имаме поврзаност на трите поетски слики една по друга. Иако станува збор за „разговор“ сепак од наративниот дел доаѓаме до сознание дека станува збор за жена и како лирскиот субјект се чувствува во врска со неа. Уште еден елемент кој води до метонимиски начин на обликување на лирската песна е токму неподеленоста на строфите и должината на песната.