Кога зборуваме за постмодернизам, зборуваме за термин кој се врзува за втората половина на XXиот век. Покрај големиот број дефиниции и толкувања, постмодернизмот најчесто го поврзуваат со карактеристики како фрагментација, плурализам, иронија, пародија, дисконтинуитет и хибридизации. За постмодернизмот треба да се зборува како за процес. Книжевната теорија поаѓа од воочување на основните разлики помеѓу модернизмот и постмодернизмот. Линда Хачион во својата книга „Поетика на постмодернизмот“ го изнесува своето мислење дека постмодернизмот иако често проследен со негативна реторика, се карактеризира со изрази како дислокација, децентрализација, неодреденост и антитотализација. Изрази кои на некој начин содржат негативни префикси.
Според Хачион, постмодернизмот е модификација на модернизмот. Како главни карактеристики на постмодернистичката проза се нејзината саморефлексивност, имплицитна критика на реалистичкиот пристап кога е во прашање нарацијата и представување на фиктивниот свет, како и тенденцијата која го усмерува читателското внимание при толкување на еден прозен текст. Постмодернистичката проза се препознава и по некои стилски средства како што се иронија или црн хумор, но како главно обележје е токму интертекстуалноста. Каков е светот кој се создава во самиот текст, на што во текстот треба да се верува и на што можеме да се потпреме? Овие неколку прашања не водат до едно поголемо размислување за поимањето на стварноста во текстот и вон текстот. Постмодернизмот се залага за објективно претставување на стварноста што отвара прашање за историјата и историографијата. Од тука постмодернизмот лесно можеме да го доведеме во корелација со историографската метафикција.
„Историографската метафикција ја одржува разликата меѓу своето формално (само)претставување и својот историски контекст и на тој начин ја проблематизира можноста за историско значење, зашто не постои помирување, нема дијалектика, само неотстранлива противречност.“ (Хачион 1996, 179-180). Затоа овде како пример за анализа на едно постмодернистичко дело или историографско метафикциско дело го земаме романот на Џ.М.Куци „Фо“, дело во кое за основа е земен романот „Робинзон Крусо“ од Даниел Дефо.
Многу од книжевните конвенции што се користат за да се опише едно дело, делото на Куци најчесто влегува во рамките на метафикција. Доминантната тема во постмодерната фантастика или терминот „метафикција“ е дефиниран од страна на многу книжевни критичари. Џон Барт во својата симплифицирана дефиниција зборува дека метафикцијата е „роман кој имитира друг роман отколку да го имитира реалниот свет“. Фикционално пишување кое систематски привлекува внимание како артефакт да поставува прашања во врска со односите меѓу фикцијата и реалноста. Создавање нов наратив преку ре-презентација на веќе позната приказна. Често се опишува како нарцистички, интроспективно, интроверно и авторепресентативно, меѓутоа постојат неколку карактеристики и книжевни техники со кои може да се идентификува дали станува збор за метафикција или не. Прво, метафикцијата внесува интертекстуални референци и алузии со испитување на фикционалните системи, инкорпорирајќи ги двата аспекти и на теоријата и на критиката. Авторот често се става во метанаративноста со кометирање и самиот инволвирајќи се со фикционалите ликови. Куци е добар пример за ова, затоа што го прави истото. Креира фикционален автор, Фо. Метафикционалните автори го поставуваат прашањето како наративните конвенции ја филтрираат реалноста.
Романот на Куци се вклопува во една подгрупа на метафикцијата а тоа секако е концептот на историографската метафикција. Во суштина е метафикција која е концентрирана на историјата/историски. Некои познати историски детали намерно се фалсификуваат со цел на преден план да дојде ретроспективата на пишаната историја и константниот потенцијал за намерни и ненамерни грешки. Исто така, постмодернизмот како и метафикцијата поставуваат прашања за универзални вистини и истории рефлектирајќи ги наративите кои можат да ја искриват „вистината“. Линда Хачион пишува дека „(тие) се романи кои интензивно се авто-рефлексивни но исто така може повторно да го воведат историскиот контекст во метафикцијата и да го проблематизираат целото прашање за историското знаење/сознание.“ Историографската метафикција се бори со многу проблеми како што се идентитетот и субјективноста, референтноста и застапувањето, интертекстуалната природа на минатото, идеологијата на минатото како и улогата на јазикот.
Како интертексутален жанр, историографската метафикција директно се поврзува со хипертекстот односно користи алтернативни решенија за репрезентација на минтатото како стварност. Историографската метафикција се одликува со двојно преиспитувачки интертекстуален однос. Употребата на метафикционалните техники делува и на осмислувањето на историјата, односно како да се демонстрираат и проблематизират сите процеси кои се вклучени во конструкцијата на новото дело. Како основ се зема концептот на историјата кој упатува покрај историските така и на фикционалните наративи, така што историографската метафикција гради нов текст во однос на историскиот. Односно историографската метафикција ја одржува разликата помеѓу своето формално (само)претставување и својот историски контекст. Книжевната теоретичарка Хачион вели: „Во рамките на интересот за историското минато историографската метафикција поаѓа од базичната премиса – минатото неспорно се случило, но проблематични се обезбедувањето на пристап до него и обезбедувањето на знаење за него. Затоа проблематизирачките димензии во овие романи еднакво се однесуваат и на облиците на спознавање на минатото, но и на облиците на пишување на историјата, што најчесто се манифестира преку нагласување на аспектите на „текстуалноста на ахивот и нужната интертекстуалност на секое пишување.“ Од што заклучуваме дека историографската метафикција несомнено се враќа кон историјата го проблематизира пристапот и значењето на тоа минато. Историографската метафикција на некој начин претставува судир меѓу фикционалниот свет и историскиот факт во едно дело. Сопоставување на фактичкото и на фикционалното во романот. Така си поигрува и со вистините со цел да се стават под сомневање сите факти што се поврзани со минатото.
Користена литература:
1. Димова Ѓоргиева, Марија. 2012. Повторната средба на Клио и Калиопа.
2. Куци.Џ.М. 2004. Фо.
3. Хачион, Линда. 1996. Поетика постмодернизма: историја, теорија, фикција.