Книжевните награди имаат особено значење за секоја национална книжевност. Тие претставуваат патоказ за читателите, ги водат кон најквалитетното во домашната литература и на тој начин ја промовираат. Во едно неправедно општество, какво што е нашето, наградите може да претставуваат и лажен патоказ, кога се доделуваат незаслужено, не според квалитетот на делото, туку според реномето на авторот или според неговите пријателски врски со членовите на комисијата или организацијата што го организира конкурсот. Таквите случаи создаваат лажна претстава за слаб квалитет на целокупната национална книжевна продукција и ги падат читателите. Верувам дека Рациновото признание годинава на читателите ќе им даде точен патоказ кон квалитетната македонска литература. Не се познавав лично со ниту еден од членовите на комисијата и ми претставува особена чест тоа што едногласно одлучиле да го наградат романот Диссомнии.
Верувам дека членовите на комисијата во Диссомнии ја препознале универзалноста на романот и не го затвориле во рамките на украинското или македонското општество. Голем дел од случувањата опишани во романот, како и дилемите на ликовите, се исклучително актуелни и во Украина и во Македонија и во многу други земји. Обоените револуции, психолошката војна, влијанието на новите облици на пропагандата врз психологијата на поединецот во 21-от век, лажната борба за демократија, се релативно нови теми, кои светската книжевност уште не стигнала да ги обработи. Покрај нив, Диссомнии допира и до сосема други теми и чувствителни точки, какви што се последиците од загубата на блиските луѓе, човечноста, неверството, привиденијата, македонската народна демонологија, кревкоста на човековиот ум и неговата зависност од сонот. Диссомнии е мојот најкомплексен роман и не можам да ги набројам сите опфатени теми.
Од друга страна, според критичарката Ќорвезироска, Диссомнии е тежок за пишување и интерпретирање, но лесен за читање, така што тој е привлечен и за пошироката читателска публика. Според мене, еден од клучните фактори во оценувањето на квалитетот на едно дело е степенот на реалната читателска наслада. Нескромно верувам дека читателите уживаат во структурата на Диссомнии, во серијата заплети, дилеми, во хорор елементите, во трилер елементите.
На крајот на краиштата, важни се само читателите. А нив ги нема во изобилство, но мојот впечаток е дека ги има и ќе ги има сѐ повеќе. Македонската книжевна продукција привлекува сѐ поголем интерес, има сѐ повеќе издавачи кои се отвораат кон домашните автори. Таков е и издавачот на Диссомнии, издавачката куќа Антолог, на која и во оваа прилика ѝ изразувам посебна благодарност. Македонскиот јазик најубаво се чувствува и најбрзо расте во делата на македонските писатели. Од таа причина, пишувањето е и патриотски чин, а поддршката што ја добиваме од издавачите, читателите и државата – исто така.
Дел од предизвиците пред кои денес стои македонскиот писател имаат допирни точки со јазичниот и книжевниот подвиг на Кочо Рацин. И денес македонскиот писател мора да ја води вечната битка за своето оружје, македонскиот јазик. И денес од македонскиот писател се очекува да се обиде да спречи некои општествени текови. А овие задачи не се лесни. Цицаат многу енергија, а на крајот веројатно ќе бидеме поразени. Нобеловката Светлана Алексиевич напиша: „Секој ја извикува својата вистина. Каков кошмар од нијанси.“ Нараторот во Диссомнии додаде: „Победува најгласно извиканата вистина, а најгласно ќе биде извикана онаа вистина во која ќе се вложат повеќе пари.“
Но, писателите најмалку имаат право да се предадат. Во ова време на хиперпродукција на текст, на претежно глупави и бесмислени статии на портали и објави на Фејсбук, време на луд занес дека секој може да напише семоќен текст со кој ќе повлијае врз општествените случувања, веројатно романсиерот би требало да е најблиску до напишувањето семоќен роман, кој како тивка вода ќе помести барем нешто во општеството. Јас се надевам дека Диссомнии е тивка вода.
Победува најгласно извиканата вистина, а најгласно ќе биде извикана онаа вистина во која ќе се вложат повеќе пари.
Тагови од објавата
број 92-93