КАТАСТРОФИ

А реката постојано расте - ги искачува насипите, го урнува мовчето, потоа со дебели водени прсти се шири по околните улици, меѓу кои и по неговата.

ПОПЛАВА

– Симни се! Вардар го сруши дрвеното мовчеее! – се слуша оддолу, од улицата. Есента 62’ во Скопје се случува поплава и тој со другарите Оцко, Моте и Воне секој час трча кон кејот за да види со свои очи колку надошол Вардар во меѓувреме. А реката постојано расте – ги искачува насипите, го урнува мовчето, потоа со дебели водени прсти се шири по околните улици, меѓу кои и по неговата.
Вардар, односно неговите растркалани води, лесно стигаа до првите згради – уште претпладнето, тој со здружени сили со тројцата другари, довлечка вреќа песок на кејот, а сега влажниот јазик веќе ги оближува влезовите на зградите. Седнати по страна од влезните скали, за да не им пречат на возбудените станари кои безглаво истрчуваат, па се враќаат оставајќи траги, Оцко, Моте и Воне (една самогласка во имињата ја заменуваа со „о“) и тој си ги качуваат задниците по едно скалило погоре на секои петнаесет минути, додека зелената матна вода напредува, се шири и натаму и натаму…, ноќта, од балконот на четвртиот кат ги гледа војниците како во гумени чамци доаѓаат до најниските катови на соседните згради (значи водата е длабока најмалку 2 м.) и оттаму, преку прозорците, ги извлекуваат преплашените станари со по некој куфер или парче мебел – масичка, креденец, радио, закачалка…
За среќа на жителите на погорните катови, тоа е највисокото ниво на поплавата. Утредента, преку радио јавуваат дека водната стихија се повлекува. Подрумите остануваат потопени уште подолго време, ќумурот, дрвата за огрев, велосипедите и истрошените отомани се дават во кал, станарите, дури и татко му кој секогаш, барем на зборови, покажува агилност во „дадените ситуации“, сега некако се двоумат да се симнат долу, па молчешкум или со „ццц…“, меткајќи се по ходниците, го коментираат калливиот хаос.
Неговите решаваат да се преселат неколку дена на другата страна на Вардар, во куќата на дедо му, додека не се расчистат последиците од поплавата. Со брз чекор и растрчани раце се провева меѓу алеите со густо насадени домати, во бавчата на пајкомаалската куќа. Насекаде околу се намножиле полузрели плодови, зеленикаво-розе топки, одгоре небото се спуштило најниско што може, а тој трчка ли трчка, по сета онаа притаеност во станот на четвртиот кат, сега најслободно ја чувствува радоста на движењето, како пробудено ждребе што уште посилно посакува да се впушти во галоп. И тогаш, ненадејно, пред него се појавува дебелиот црн Мики, и самиот збунет од дирекната средба. Иако го познава, иако сака да се гали и преде во неговиот скут, сега се наежува како црн вештер и почнува да бега. Се затрчува по него, а мачорот, неверојатно снаодлив за својата тежина, се мушнува меѓу доматите. Го следи без да внимава на длабнатинката меѓу патеката и алејата, ногата му запнува и тој паѓа, удира со главата во зашилениот врв на еден од сините стапови за потпора на доматните стебленца, се прпелка, со носот во почвата, а низ лицето му се слева леплива, блуткава течност.
Крвари! (многу подоцна дознава дека како припадник на крвната група 0 има „ретка“ крв која послабо се згрутчува. Беспомошен, измачкан од почвата и крвта, наскоро и од солените солзи, иако се уште несвесен за болката што ќе ја трпи, кога неговите (мајка му, и таа плачејќи, татко му, изнервиран поради толкавата несмасност на „шмокљанчево“) под итно ќе го однесат во болница на шиење и преврска.
Вечерта, меѓу другарите од маалото се појавува со завој околу главата. Злате, најкрупниот меѓу нив, му се потсмева: – Дали си… дали си тоа ти? – Да, јас сум. Сабајлево си ја скршив главата. – Да, бе, ти си. Чалмосан!
И кога ќе му го извадат завојот, и долго потоа, низ целото основно, Злате го вика „чалмосан“, „смотан“, а тој мора да го поднесува таквото тормозење зашто, едноставно, му се плаши.

ЗЕМЈОТРЕС

Земјотресот го затекнува додека е на море. Во Малинска, во хотел со голема камена тераса на која навечер се пее „Марина“ и се игра твист. Веста за катастрофалниот земјотрес во Скопје ја слушнаа на плажа од транзисторот на една русокоса капачка со намокрени кадрици и претесен дводелен костим. Татко му, веќе истиот ден, се враќа со авион, „како граѓевинар“, да помогне колку што се може. Тој со мајка му останува уште две недели, со секојдневно слушање вести од транзисторот на русокосата Данка. Кога го соопштуваат списокот на загинатите, мајка му, со нејзиниот болникав израз, како да чека познато име и презиме за да го проследи со неверица и воздишки: – Слушна ли? Господе, господе, што се случува…
Тогаш Данка ја теши, а него, кој одвај чека, сочувствено го гушка (во својот бежов „Тревира“ костим). Костимот е од јак материјал, му треба долго да се исуши, па затоа допирот кај градите е влажен. Морето, плажата, музиката на терасата од хотелот и телото на Данка се оние нешта што му ги преполнуваат денот и ноќта.
Данка носи два костима, едниот веќе спомнатиот бежов со цветови во иста боја, вториот шарен, со кафени, цигла и зелени цветчиња, со бела постава што ѕирнува под прслучето кога Данка излегува од морето.Во споредба со строгиот, темен, едноделен костум на мајка му, Данка делува уште поголо. Овие костими за капење се претходници на многу поразголеното бикини, но во она време, навечер, ја замислува во шарениот, влажен костим, како го соблекува, прво градникот со белата постава, потоа гаќичките, и како меѓу нозете и се покажува Тоа! – во облик на големата латинична буква V, само однатре исцрнета со сјајни влакненца, иако не му е баш јасно како Тоа изгледа. Го замислува дека дише, како мов, всушност како животинка со густо крзно, дека некоја розеникава влага испарува од нејзината внатрешност. Го дрка. И така секоја ноќ во Малинска, некогаш по двапати.
Затоа, иако далеку погрозен, земјотресот не го памети толку застрашувачки, ниту јасно како поплавата од минатата година.
Од тоа лето, ја памети Данка.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
„Фуснота за романот“ и „Фуснота за Вилен“
Но, како што вели Жид, „не можеш да откриеш нова земја без...
Повеќе
0 replies on “КАТАСТРОФИ”