Романот „Фо“ од Џ.М.Куци (2)

Куци фактите ги става под прашање со тоа што прави поместувања или ги пишува со различен пристап кон (фикционалните) факти па така неговиот роман да се гледа како вистинската верзија на фикционалното минато.

Романот под наслов „Фо“ чиј автор е јужноафриканскиот писател Џон Максвел Куци (1940) несомнено е роман кој интригира уште со самиот наслов. Имено, како основа за овој роман е земена приказната од романот „Робинзон Крусо“ од Даниел Дефо. Куци се решава за ваков избор на наслов со што од презимето Дефо, го презема само „Фо“ со што на некој начин ќе биде и ознаката за потеклото на приказна од историјата. Со насловот всушност авторот повторно се оградува со еден вид автентичност. Романот на Куци е објавен во 1984 година. Можеби не е коректно да се каже „преработка“ на романот на Дефо, затоа што приказната што Куци ја креира е сама по себе многу различна од оригиналот.
Она што Куци на местрален начин го прави, поразлично од Дефо е тоа што додава женски лик. Односно нуди едно поразлично перспективно гледиште на целата ситуација. Сузан Бартон е преживеана бродоломничка која е исфрлена на брег од непознат остров. Успевајќи да се спаси од немирните води на океанот се наоѓа на островот на Робинзон Крусо и неговиот слуга Петко. Таму, заедно со нив поминува една незаборавна година се додека не се спасат. Крусо не успева да се спаси, односно умира на бродот на пат кон Англија, додека Петко и Сузан продолжуваат до својата цел. Сузан има план, да му ја даде својата бродоломничка приказна на познатиот автор господинот Фо, тврдејќи дека нејзината приказна е поразлична и доста интересна. Па така, приказната за Робинзон Крусо почнува повторно да се раскажува. Романот на Куци во многу контексти е поразличен од оној на Дефо затоа што во овој случај се користи многу специфична и комплицирана раскажувачка постапка која како однапред да смета на познавање на изворната приказна на Дефо. Го имаме двојството на приказната и оној кој ја раскажува, затоа што она што се раскажува никогаш не е идентично со она што навистина се случило, или со она за кое се раскажува. Сузан Бартон ја зачнува новата приказна. Романот „Фо“ ни дозволува да ја препознаеме и почувствуваме моќта на раскажувачкиот чин на Куци. Приказна за приказната.
Во романот „Фо“ имаме приказна за една жена која додека е во потрага по својата ќерка се соочува со господар и роб на еден остров. А кога се враќа во Англија се обидува да го убеди авторот по име Фо да му ја раскаже својата приказна и тој да ја напише и објави. Иако сме свесни за бродоломничката приказна за Робинзон Крусо, бродоломот како и островот се најверојатно првите индикатори за да се препознаат начините на кои приказната на Куци е поразлична. Крусо никогаш не е спасен, никогаш не се враќа во Англија, Петко не зборува, приказната за островот раскажана од жена. Имајќи след на неколку текстови кои ни даваат пристап до интерпретативни можности кои се наоѓаат не во било кој од индивидуалните текстови, туку во нивните интеракции: првин ја имаме приказната на Сузан која ја живее на островот, потоа ја имаме нејзината приказна што ја гради по враќањето во Англија. Во рамките на романот „Фо“ имаме најмалку една таква неизговорена/ненапишана приказна. Романот ја надминува метафората, односно наместо да ги составуваме деловите од приказните кои течат во „Фо“ се отвараат дополнителни клучни прашања за делови од приказната кои недостасуваат. Одговорите на овие прашања можеме да ги најдеме во релацијата на романот со неговиот интертекст. Најочигледен и најдискутиран интертекст е, се разбира, Робинзон Крусо. Врската помеѓу овие два романа е јасно истакната.
Петко и Крусо се појавуваат и се именувани уште на самиот почеток на романот, овие имиња како и описот на пустиот остров се главните индикатори за поврзаноста на романот на Куци со романот на Дефо. Интертексуталната врска тука е веднаш воочлива. Како оваа приказна, приказната на Сузан, на некој начин интертекстуално ја прераскажува приказната на Робинзон Крусо? Покрај тоа, појавата на девојката која тврди дека е ќерка на Сузан ги активира интертекстуалните очекувања што се појавуваат затоа што ние очекуваме да дознаеме која е навистина оваа девојка, но независно дали ние го толкуваме ова очекување како фрустрација или не тоа во голема мера зависи од авторот. Правилата за конфигурација особено од второстепен наратив ги активира ко-текстуалните и интертекстуалните очекувања во прилог на интертекстуалните очекувања дадени од било кој роман. Ние како читатели градиме очекувања врз основа на текстуалните елементи не само за романот „Фо“ туку и за „Робинзон Крусо“ , ние очекуваме некои сличности меѓу заплетот и ликовите и нивните интертекстови. Секако за да се лоцира историографската метафикција која е употребена во овој роман зависи од тоа дали ни е прочитан романот на Дефо, и дали добро се сеќаваме на истиот. Исто така конструираме очекувања врз основа на претпоставка дека постои некоја причина за овие интертекстуални релации, очекуваме дека романот на Куци или ќе го имитира или ќе го трансформира Дефо на воочлив и добро смислен начин. Заклучивме дека има некои сличности меѓу нарацијата и ликовите во „Фо“ и во „Робинзон Крусо“ но не се идентични. Петко е со потекло од Африка, не зборува англиски односно не зборува воопшто. Иако и во двата романи името на Петко е дадено од Крусо разликата е во присуството или отсуството на говорот. Мораме да ги разграничиме приказната и ликовите на Дефо и Куци, да ги гледаме како две засебни приказни кои до крајот ќе дадат некое метатекстуално објаснување за разликите меѓу „Фо“ и „Робинзон Крусо“. Нашата свест за овие разлики е делумно резултат на интертекстуалните функции низ кои нараторот ни дава информации.
Во романот „Фо“, Сузан Бартон индиректно ни посочува дека нејзината приказна не е приказната која Дефо ја напишал, таа е, ако гледаме ретроспективно, откривање на она што е додадено (авантурата) и изоставените/исечени делови (нејзиното постоење). Па така, доаѓаме до заклучокот дека во привот дел од романот кога Сузан се обраќа кон фиктивно „ти“ всушност се однесува на господинот Фо, ваквото присуство во раскажувањето укажува на тоа дека читателот добива некакво објаснување за тоа како приказната на Сузан раскажана за да се напише од страна на Фо како приказната со која ние веќе сме заспознаени. Дефинитивно станува полесно да се гледа „Фо“ како кохерент, ако тргнеме од фактот дека романот е пред сѐ за раскажувањето приказна, приказна чиј централен настан е повторно раскажувањето приказна. Во првите два дела од романот, централниот настан е всушност сопствен процес на пишување на приказната која ја читаме. Доаѓаме до епизоди во романот каде воочуваме интертекстуални и ко-текстуални празнини кои мораме да ги пополниме со информации од интертекстот и разгледување на релацијата текст – интертекст. Начинот на кој се одредуваат разликите помеѓу двата романа е романот на КуциФо“ да се гледа како алтернативна историја на Крусо.
Со оглед на тоа дека Дефо романот „Робинзон Крусо“ го гради само како „историја на факти“, Куци од друга страна тие факти ги става под прашање со тоа што прави поместувања или ги пишува со различен пристап кон (фикционалните) факти па така неговиот роман да се гледа како вистинската верзија на фикционалното минато. И до одреден степен ние како читатели го прифаќаме ваквиот пристап на авторот. Приказната на Сузан од островот, нејзиното водење евиденција на настаните и случувањата таму на многу начини делуваат поверодостојно и поразлично од оние раскажани во „Робинзон Крусо“. Така историографската метафикција дозволува да си помислиме дека „Робинзон Крусо“ е базирана на романот на Куци. Истовремено, метафикционалните елементи во „Фо“ постојано потсетуваат дека овој роман е тотална трансформација. Ако кај Дефо можеше да се насети тој стил на авантуристичка репортажа кај Куци процесот е далеку поразличен во градењето на наративната форма. Овде се нагласува реториката и моќта на авторот да укаже на процесот на селекција. Акцентот е ставен на процесот на раскажување кој е клучен елемент во овој роман. Во романот, покрај чинот на раскажување приказни, она што го свртува вниманието се местата каде приказната завршува, на пример приказната на Петко останува ненапишана, неизговорена. Неможноста за говор, отсечениот јазик е всушност факт поради кој ние не ја дознаваме неговата приказна. Приказна што не може да биде напишана или кажана од Сузан или Фо; од друга страна ја имаме приказната на Сузан со нејзината потрага по изгубената ќерка, приказна која не ја споделува со Фо. Преку разликите во текстот на Куци и Дефо, Куци не вовлекува во фикционален свет но истоверемено откривајќи ни ја конструктивноста на тој свет.
Ваквиот тип на романи нудат нов текст кој го сместуваат во дијалошки однос со цел читателот да биде во можност да се врати на канонскиот текст. „Фо“ е типичен пример за ваквиот однос затоа што читателот мора да се сети како Даниел Дефо ги гради своите ликови, со цел да се разбере историографската метафикциска врска помеѓу овие два романи. Метафикцијата во романот на Куци е дека или директно ги посочува своите конструкции како на некој начин продолжувач на веќе даден текст или ги коментира формите и јазикот на претходните фикции. Во тој поглед и во однос на романот „Фо“, Куци јасно се одлучил да ја испита сопствената структура на романот и помалку контекстот во кој романот е поставен.
Фо“ има прилично фрагментарна структура, а исто така Куци одлучил да го вклучи и епистоларниот наратив, кој е структуриран како кореспонденција на писма кои Сузан му ги праќа на господинот Фо. Природата на епистоларниот модел е стандарно рефлексивна. Покрај тоа, поради саморефлективната природа на приказната, постојат и прекини во хронологијата на романот што е типична техника во постмодернистичките текстови. Моментот со писмата, исто така објаснува дека метафикцијата во суштина се занимава со односнот помеѓу животот и реалноста и фикцијата. Сузан Бартон исто така се занимава со вистината која е скриена под површината на структурата на романот кој го гради Куци. „Фо“ има наратор кој воспоставува дијалог со читателот. Сепак „Фо“, критички се осврнува на „Робинзон Крусо“ затоа што овој роман претставува фундаментален наратив. Куци прави нагласен текстуален пристап, затоа што тој се одлучува за примена на веќе постоечки текст од друг автор. Со оглед на тоа „Фо“ ја преобразува нарацијата на „Робинзон Крусо“. Романот на Куци ја критикува политиката на колонијалистичката ера, со примена на тексуални техники кои сосема се разликуваат од оние кои се својствени за романот на Дефо. Структуиран како приказна во четири делови. Во првиот дел Сузан делува како наратор. Приказната постојано е фокализирана преку нејзината гледна точка, како што ја раскажува приказната за нејзиното пристигнување на островот и нејзиниот однос со Петко и Крусо. Така ова поглавје е напишано во прво лице еднина. Како резултат на тоа, се чини како да е напишано директно за читателот, кој дејствува како примател на приказната. Вториот дел е напишан во епистоларна форма и повторно е наратив фокализиран низ призмата на Сузан. Овој дел можеме да го дефинираме и како тек на свест на ликот. Таа сака Фо да ја знае секоја нејзина мисла, постојано праќајќи му писма. Така што во овој втор дел примарниот примач е Фо, а читателот се става на секундарно ниво. Сепак, Фо не и враќа на нејзините писма , така што во овој дел не постои вистинска форма на дијалог. Ова се променува во третото поглавје, бидејќи Сузан е во можност да воспостави дијалог со Фо. Овде во третот дел се покажува користењето на ограничена сезнаечка фокализација. Сепак за разлика од монологот од вториот дел, тука Сузан е ангажирана во континуиран дијалог, со цел да преговара за предметот на нејзината приказна. Во завршниот дел, нараторот (кој зборува во прво лице) стои надвор од приказната. Во овој поглед има делумна конфузија, затоа што не е јасно дали приказната е раскажана од Сузан Бартон или од друг наратор.
Ваквата ситуација го разликува овој дел од сите други делови. Со интегрирање на ваква нараторска конфузија, Куци додава „несфатлив“ аспект на овој роман, што придонесува за двосмислен завршеток.
Со реосмислување на романот на Дефо, Куци ја нагласува претпоставката дека реалноста може да биде претставена со користење различни жанрови или пристапи. Во овој поглед Куци се одлучил за деконструкција на романот на Дефо односно со прилагодување како на јазичниот така и на тематскиот модел. Романот на Куци прикажува серија на интигантни очигледни сличности меѓутоа и разлики од оригиналниот модел. Една од разликите се состоои од презентирањето на Крусо како фигура која поседува друг темперамент отколку Крусо на Дефо. Ликот кој Куци го гради како Крусо е рамнодушен кон животот надвор од островот на кој се наоѓаат, додека Крусо на Дефо сака да побегне од островот.
Исто така го имаме односот помеѓу јазикот и моќта, моќта да се поседуваат инструментите да се раскаже сопствената приказна. Сузан Бартон е жена, Петко е роб, двајцата се маргинализирани чиј глас е загубен гледајќи од историска гледна точка. За разлика од Петко кој навидум е помирен со судбината, од друга страна ја имаме Сузан која се бори да биде слушната.
Во романот на Куци ја имаме феминистичка нишка, затоа што ликот на Сузан се соочува со машкиот свет кој е изграден во „Робинзон Крисо“. Овие примери укажуваат на статусот на историографска метафикција. Покажуваат дека пред се треба да се има во предвид како е напишан текстот на Дефо, затоа што романот на Куци стои во дијалог со истиот. Како резултат на тоа, „Фо“ содржи доволно докази за да се смета како типичен постмодернистички деконструктивистички наратив. Куци внесува деконструктивистички стратегии кои се својствени на постмодернистичката проза со цел да пробие некои од идеите на Дефо.
По повеќе од 250 години, Куци преку романот „Фо“ нуди ново и поразлично читање на „Робинзон Курсо“. Многумина би се сложиле дека ликот на Сузан Бартон е „алката која недостасуваше“ во романот на Дефо. Сега, како трет протагонист на некој начин ја комплетира нарацијата. Како надоврзување Куци ја надградува познатата тема на Дефо додавајќи и нови аспекти.
Џ.М.Куци создава нов наратив преку репрезентација на веќе познатата приказна од Даниел Дефо „Робинзон Крусо“. Преку многуте интертекстуални референци Куци во наративот си поигрува со реалноста искривувајќи ја вистината. Соодветно се вклопува во историографската метафикција затоа што и според теориите на Линда Хачион овој роман покрај авторефлексивноста повторно го воведува историскиот контекст во прашање. Конструктирајќи едно ново дело кое за основ го зема концептот на веќе постоечко дело го моделира преку фикционалниот и историскиот факт. Така што доаѓаме до заклучокот дека оваа дело не го негира изворното потекло. Куци успева да менаџира со постоеките факти при што прави поместувања или им дава поинакво значење со што неговиот роман се гледа како вистинска верзија на фикционалното минато. Станува збор за тотална трансформација на наративот но сепак се задржуваат примарните ликови (Петко, Крусо) и притоа додавајќи уште една перспектива односно женски лик (Сузан). Така, делото е во постојан дијалошки однос со својот интертекст.

Користена литература:
1. Димова Ѓоргиева, Марија. 2012. Повторната средба на Клио и Калиопа.
2. Куци.Џ.М. 2004. Фо.
3. Хачион, Линда. 1996. Поетика постмодернизма: историја, теорија, фикција.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ирена Трајкова
Разговор
Кон песната „Разговор“ од Блаже Конески
Повеќе
0 replies on “Романот „Фо“ од Џ.М.Куци (2)”