Моето едногодишно девојче е воодушевено од мојата коса. Уште пред неколку месеци кога од перспектива на исправен човек почна да го запознава и осознава светот околу неа, започна нескриено да го изразува своето воодушевување од мојата коса. На почетокот мислев дека тоа е дел од нејзината потреба да ја истражи појавата и лицето на мајка си, но нејзиниот интерес сѐ попрецизно се концентрираше само на прамените на косата. Нејзината постапка изгледа отприлика вака: само што ќе се појавам на вратата, ќе воскликне од радост и ќе се стрча кон мене, а јас ќе ја дочекам во прегратка. Но, прегратката не завршува на вообичаена сплотеност на мајка и дете, таа, своите мали рачиња веднаш ги подава кон мојата коса врзана во опавче и ќе го истрга стегачот со кој ми е прицврстено опавчето. Тогаш, кога мојата коса ќе почне да паѓа по рамената и грбот, следува првиот израз на воодушевување: гласна детска насмевка и подадени рачиња кон густите прамени кои се распостилаа на сите страни. Потоа, ќе ги наполни двете рачиња колку што може повеќе со мојата коса и ќе го нурне лицето во нив, ќе се закопа во косата, ја мириса, ја впива, како да се опива од неа. Не знам што е повоодушевувачко во целиот овој чин, дали нејзината реакција и фасцинацијата од актот што го прави, или мојата среќа што ја гледам мојата ќерка како необично си игра со мојата коса. Но како и да е, среќата е заемна, колку повеќе си ја разменувавме, толку посреќни сме. Ваквата прегратка трае, се претвора во игра, во криенка, таа се воодушевува се повеќе кога гледа како мојата коса одненадеш ќе скокне, ќе се разбушави. Тупоти со ножињата, ги стега грстовите полни коса, ги крева рачињата горе во знак на победа, триумф и потоа ги спушта, ќе плесне два-три пати со дланките а во меѓувреме постојано восклика од задоволство.
Таа сѐ уште не знае да зборува, но се прашувам дали воопшто ѝ е потребен говор за да ја искаже својата воодушевеност од моментот? Дали воопшто некому навистина му треба говорот за да искаже задоволство, среќа, за да покаже љубов можеби? Дали тој момент на нејзино воодушевување кога ќе го нурне лицето во мојата коса, што јас сега се обидувам да го опишам со стотици зборови во овој текст, е подобро отсликување на моментот отколку изразот на нејзиното лице? Дали јас сум подобар опишувач од неа само затоа што се служам со јазикот?
Можам да продолжам да поставувам илjадници прашања и самата да си одговорам на нив, зашто едногодишното дете не знае да зборува, но тоа сигурно не го исклучува од комуникација со неговата околина. Деловите од мозокот што ги контролираат емоционалните реакции, јазикот и когнитивниот развој кај децата се развиваат постепено, искуствено, преку интеракција со околината и така, овие искуства физиолошки се кодираат во мозокот и телото. Кога когнитивните и моторните вештини добро ќе се развијат и научат, тие стануваат автоматски и влегуваат во делот на несвесното. Каква порака ми пренесуваше мојата ќерка стегајќи ги цврсто во своите дланки прамените од мојата коса? Јас тврдам дека ѝ покажував љубов држејќи ја во мојата прегратка и тоа го потврдувам со зборови пишувајќи го овој текст. Значи јазикот ни е средство со кое ние возрасните си ја декларираме љубовта, иако на таков начин, преку зборовите, јас во овој момент најмалку можам да допрам до моето девојче. Тоа можеби, на свој начин ги разбира моите зборови, но сигурна сум дека не ѝ значат толку колку мојата насмевка, мојата прегратка или уште повеќе снопот подадена коса кон нејзините рачиња. Тогаш вистински остваруваме комуникација, разменуваме пораки, си подаруваме љубов, само тогаш кога и јас како неа ќе го оставам говорот на страна и ќе почнам да се служам со нејзиниот јазик. А тој јазик за знаци користи насмевки, гестови, мимики, или пак сега гласни насмевки и кикотења, влечење за коса и бескрајно уживање во времето поминато заедно. Ако го користам овој јазик, таа најлесно ме разбира и ако се обидам да го подзаборавам малку говорот, можеби тогаш ќе ја сфатам нејзината воодушевеност и желба да потоне во растурените прамени на мојата коса.
Се прашувам од каде оваа фасцинираност од косата кај толку мало девојче. Овде треба да се знае фактот дека не станува збор за фасцинираност од косата во било каков вид. Таа речиси е свесна дека и самата има коса на главата, што честопати знае да си ја повлече со малото раче, знае дека и тато има коса на главата, иако значително помалку, многу помалку дури и од неа. Куклата со виолетова волница наместо коса на главата исто така личи на коса, ресите на шалот на мама потсетуваат на коса.
Косата прикачена на нашите тела и глави се состои од фоликули и влакна. Фоликулата е живиот елемент на косата, влакното е мтрво и со него можеме да манипупирами и да правиме што сакаме. Така, цивилизацијата кај човекот направила тој да си игра и да ја украсува косата, да ја обликува, чешла, бојадисува, плете, а ден денес и да ја задушува и третира со бројни хемикалии и апарати. Косата претставува граница помеѓу човекот и светот, расте на самата кожа и ја одвојува единката од надворешниот свет, функционира како т.н. меѓузона меѓу живото битие и светот. Таа директно ги трпи влијанијата од средината и на некаков начин го амортизира нивното влијание врз човекот. Ги впива миризбите, нечистотијата од воздухот, загадувачите. Остатоците од косата, влакната паднати на подот ги третираме како отпад. Начинот како луѓето се однесуваат со нивната коса е начин да се пренесе порака. На пример, неуредна долга коса може да означува општествена магринализираност но долгата исукана коса пак, наспроти тоа, е симбол или се поистоветува со растафаријанското движење. Историјата бележи примери: косата до рамена на Франц Лист станала објект на посакување, своевиден фетиш за неговата женска публика. Ништо не е различно ни со денешните познати рок ѕвезди кај кои главно доминираат долгите, разбушавени коси. Уредно и модерно потсрижената коса, соодветно одржувана, денес има тенденција да биде статусен симбол, како кај жените, така и кај мажите.
Значи, косата покрај тоа што има улога да биде физичка граница или таканаречена мембрана меѓу човекот и средината, како што спомнавме погоре, таа сега има тенденција и да пренесува пораки на невербален начин, истото што го прави мојата малечка ќерка која, ете, за медиум преку кој ќе ја пренесе својата порака ја избрала токму косата, поточно косата на мајка си, онаа што е најдолга, најраспространета, со онаа со која на најефикасен начин ќе ја пренесе пораката. А преку пренесувањето на пораките комуницираме со светот, општиме со другите луѓе. Ние возрасните го правиме тоа користејќи го јазикот кој станува жив, оживува кога преку него ќе соопштиме некоја порака. Слично нешто е и косата, која што, како што рековме надвор од фоликулата е мртво влакно, така што таа како медијатор истовремено е и своја и туѓа, кога е дел од фризурата на нашата глава и пренесува порака таа е исто што и „јас“ оживува, но кога ќе пронајдам клопче влакна на подот кои не знам од чија глава потекнуваат, јас воопшто немам чувство дека допирам нечие тело, нечија своина. Кога допирам туѓа коса, јас не ја допирам внатрешноста на тој човек.
И сега да се вратам на мојата ќерка и на моментот кога своето мало раче ќе го подаде кон мојата коса и силно ќе потегне, а јас притоа намерно ќе испуштам звук дека ме боли, дека тој акт ме повредува, само за да ја научам дека на таков начин не смее да се однесува со другите луѓе околу неа и дека влечењето за коса е општествено неприфатлив чин, нешто што ги повредува луѓето, истовремено морам да се запрашам дали сум во право и дали имам право да го спречувам тој чин кај детето?
Се разбира дека овде не ми завршуваат моите размислувања за косата оти, само за некоја година, кога косата на мојата ќерка се нарасне, јас како родител треба да бидам спремна уште повеќе да ја скротам нејзината воодушевеност од растурената и несредена коса, она што во моментов и двете не прави среќни и претставува елемент на игра и уживање кај неа. Ќе треба да ѝ објаснам дека таа како девојче смее да носи долга уредна коса но и да ја украсува и манипулира со неа само на „пристоен“ начин, (прашање е како ќе го дефинираме тоа „пристојно“) за разлика од нејзините машки другарчиња во градинката кои не ќе смеат (или барем засега општествено не е прифатливо спротивното), но тие не ќе смеат ни да ѝ го повлекуваат нејзиниот опавче од коса оти, тоа не е „пристоен“ чин и така се до моментот додека не пораснат доволно за да сфатат дека денешносто општество од косата направило белег не само за сексуална туку и за статусна разлика, нешто што брзо ќе сфатат дека можат но и не мораат да го почитуваат.
Сагите за косата ќе продолжат и понатаму, текстов што го пишувам може да биде и некаква подготовка за одговорите што ќе треба да ѝ ги дадам кога таа ќе почне да ме прашува одново и одново на пример: зошто косата на царевата ќерка во приказната била толку долга, подолга и од неа самата, или како може девојката да има толку долга коса та од неа да може да се исплете скала по кое момчето ќе се качи до највисокиот кат на кулата, и уште којзнае колку други бајковни мистерии за косата кои им ги раскажуваме.