Италијанска современа поезија

Ако од љубов се умира, мртви сме ние...
  • Едоардо Сангвинети (1930-2010) е италијански поет, писател и академик, роден во Џенова, водач на авангардната Група 63 основана во 1963, преведувал дела на Џојс, Молиер, Шекспир, Брехт и стари грчки и латински автори. Добитник е на Златен венец на Струшките вечери на поезија во 2000. Бил и пратеник во италијанскиот парламент во 1979. Бил атеист.
  • ЕДОАРДО САНГВИНЕТИ
    Ако се раскинам од тебе, ќе се скинам целиот

    Ако се раскинам од тебе, ќе се скинам целиот
    Но најдоброто од мене (или најлошото)
    ќе ти остане закачено, залепено,
    како мед, како лепак, како густо масло.
    Во мене се враќам, кога во тебе се враќам
    (и си ги наоѓам прстите цели и дробовите бели).
    Уште малку ќе слетам во Мадрид:
    (на опашката од авионот, избрани се моите сонародници,
    деловни луѓе, кажуваат броеви и броеви, додека пијат
    и пушат, возбудени, раздразнето се смеат).
    Живеам уште за тебе, ако воопшто уште живеам.


    ЕДУАРДО САНГВИНЕТИ
    Ако од љубов се умира, мртви сме ние

    ако од љубов се умира, мртви сме ние;
    ние сме роман во прилог: (не, всушност
    ние сме национално-популарен роман, ама калибрирано камуфлиран во љубовен роман): (напротив ние сме еден смел роман): (врел): (не, всушност ние сме пар вегетирачки, вегетативни старци, извиткани во извртениот вител на сребрената брачна годишнина): (на чекор, само зрно од романче црно):(речиси алов роман сме):и од нас, да бидеме искрени, само жива рана, доаѓа, и сомилост

    ги соопштувам потребните податоци; се враќам од Комо, на 26
    септември, часот е 21:37, побарав сметка во ресторанот, ќе се качам на брзиот воз
    во 21:50, и те разбрав: тоа е сѐ:

    затоа што, за тебе, за мене, не е можно повеќе
    да се поднесува оваа нерешлива двосмисленост, во виното на животот што го живееме:

    овој живот, всушност: (животот): (полеан, излеан): и ако ти кажам и ако ти напишам
    дека не сум ништо друго освен еден современик, да ме разберат, да нѐ разберат, ако е сѐ во ред, ќе можат сѐ на сѐ само 25% од нашите природни наследници, во реалната состојба на нештата:
    затоа, со многу желби, сакам да ти докажам, и дека, ние

    ако од љубов се живее, живи сме

  • Еуџенио Монтале (1896-1981) е италијански поет, писател, преведувач и припадник на херметизмот. Роден е во Џенова. Добитник е на Нобелова награда за книжевност во 1975. Се смета за најголем италијански поет после Џакомо Леопарди. Го добива и Златниот венец на Струшките вечери на поезија во 1973.
  • ЕУЏЕНИО МОНТАЛЕ
    Често злото на живoтот

    Честопати злото на животот го среќавав:
    беше тоа задушен поток што жубори,
    беше тоа листот стуткан што шумоли
    суво, беше тоа коњот сотрен наземи.

    Добро не дознав, освен во чудото
    кое ја затскрива божествената Рамнодушност:
    статуа беше тоа на сонливост
    пладневна, и облак, и сокол извишен.

    ЕУЏЕНИО МОНТАЛЕ
    Први јануари

    Знам дека може да се живее
    не постоејќи,
    потонати зад завесите, зад кулисите,
    зад надворешноста која не постои освен ако некој
    не ја видел.
    Знам дека може да се постои
    не живеејќи,
    со корења откорнати од ветришта
    иако не ги помрднуваат и лисјата и здивот не ја расцепува
    водата кон која гледа твојата соба.
    Знам дека не постои магија
    на филтер или на инфузија
    кои ќе можат да објаснат како од тебе се бијат
    прсти и коси, како твојата насмевка прска
    во својата благодарност
    кон малечкиот бог кому му се предаваш,
    од час во час поразличен, и од кого се вардиш.
    Знам дека никогаш не си се прашала
    како – каде – зошто,
    мрзеливо предадена си на безразличноста,
    на не знам кога или колку, впиена во мрачен
    никулец на ларви и билки.
    Знам дека она што го зграпчуваш,
    предмет или дланка, пенкало или пепелник,
    гори и не ни забележува дека гори,
    и не се ни гледаш себеси ти невино животно
    несвесно
    дека си и стожер и пропаст, сенка
    и суштина, зрак кој се смрачува.
    Знам дека може да се живее
    во пламенот внатре во сеното на емулацијата
    без притоа од твоето чело да се раздвои врежаниот жиг
    на Оној што сака ти да си… а ти се каеш за тоа.
    Сега,
    кога излегуваш на балконот, и цвеќињата ги полеваш, го тресеш
    скелетот на божиќното дрво,
    те следи тихо касетофонот,
    се враќаш назад, во огледалото не си се допаѓаш,
    се фрлаш наземи, со партали ги гребеш и рибаш
    од подот трагите на натрапниците.
    Многумина биле тука но најнепретставителниот
    од сите, зашто сепак другите барем говореле,
    јас, немушт, уста затворена.

  • Алда Мерини (1931-2009) е италијанска поетеса и писателка. Голем дел од своето творештво го напишала за време на својот престој во психијатриска болница. Во 1996 Француската академија ја номинира за кандидат за Нобелова награда за литература.
  • АЛДА МЕРИНИ
    Зошто ја одбиваш љубовта?

    Зошто ја одбиваш љубовта?
    Зашто знаеш дека столот е привремен
    и дека гозбата
    ќе трае само еден ден.
    Човекот за себе сака вечни нешта
    а не знае како тоа да му го каже на другиот
    кој не разбрал ништо.

    АЛДА МЕРИНИ
    Во тебе запознав чудесии

    Ги запознав во тебе чудесиите
    толку голите чудесии на љубовта
    што ми се чинеа школки
    кои мирисаат на море и на напуштени
    плажи далечни и таму внатре во љубовта
    јас се загубив како во бура
    но моето срце беше посилно од сѐ
    зашто (добро знаев) љубев химера.


    Превод: Наташа Сарџоска

    Тагови од објавата
    Напишано од
    More from РЕПЕР
    РОМАНОТ ДОБИТНИК НА ГОНКУРОВАТА НАГРАДА, „БУСОЛА“, ОБЈАВЕН ВО „АНТОЛОГ“
    Возбудлива и убедлива ерудиција, со зачудувачки референции на композитори од деветнаесеттиот век...
    Повеќе
    0 replies on “Италијанска современа поезија”