-
Текстот е базиран на вистинити настани.
Само имињата, локацијата и настаните се променети…
Внимателно го притисна копчето кое ги препозна отпечатоците од неговиот палец и лифтот почна да се спушта надолу. Прв пат се возеше во лифтот без неговите секретари, помошници, припадници на војската и тајните служби. Лифтот застана и се отворија вратите. Пред него се протегаше долг ходник. Ходникот водеше кон собата за кризни ситуации. Се приближи кон вратата од собата, чии сензори автоматски ги скенираа неговите очи. Вратата се отвори, но овој пат нешто не беше во ред. Вообичаено собата за кризни ситуации беше исполнета со луѓе, звуци на апарати и телефони, документи на долгата маса, што ја делеше собата на две еднакви половини, и екрани со сателитски снимки, слики од терористи или вести. Овој пат собата беше празна и тивка, осветлена само од светлината на големиот централен екран. Како мачка која за прв пат влегува во непозната просторија, внимателно стапна во собата, зачудено гледајќи лево и десно. На масата пред неговото столче имаше папка со документи. Се упати кон масата за да види што има во папката. Во тој момент се отвори вратата од собата. Низ вратата влета неговиот помошник. Испаничен како да го брка некој, шепотејќи и со пелтечење почна да се извинува:
„Амбасадоре се извинувам… не знам како… се извинувам, само момент… само што не пристигнале…”
„Кој треба да пристигне? Од каде?”, го праша амбасадорот својот долгогодишен помошник кој никогаш порано не изгледал толку избезумено.
„Дддд… доктор Вајсман…”
„Доктор Вајсман? Прв пат слушам, кој е тој, од каде е, што бара овде?”
„Ох… амбасадоре… аaa… не знам како да Ви објаснам… се извинувам… моја грешка, но ни самиот не знаев дека доаѓаат… да знаев порано, ќе сторев нешто… се извинувам”, задишано одговараше помошникот обидувајќи се да ја напика кошулата во пантолоните.
„Витикер, прибери се… што не е во ред?” извика амбасадорот во обид да го смири веќе испотениот помошник. “Ајде од почеток, дали знаеш кој е тој доктор Вајсман? Дали знаеш поради која причина доаѓа овде?”
„Амбасадоре… нема доволно време, се обидов да соберам информации но немаме доволно време… нема…” скоро да заплака младиот помошник.
„Ништо не знаеш? Каде се вработените од разузнавање? Можеби они знаат?”
„Ги прашав, не знаат, прв пат слушаат за тоа име, но се обидов преку еден мој пријател во Вашингтон… ми кажа нешто… немаше доволно време амбасадоре…”, заплака помошникот.
„Витекер смири се, што дозна од пријателот во Вашингтон?”
Витекер се обиде да се смири, воздивна длабоко како нуркач пред да се нурнe и одговори: „Мојот пријател има слушнато за некаков си доктор, тајно користен од многу претседатели и претходни администрации во Вашингтон… некои луѓе велат дека работи за разузнавање и дека има дозвола да ги користи информациите на сите разузнавачки и контра – разузнавачки одделенија… работи за Белата Куќа подолго дури и од самиот Кисинџер…“
„Аха… а каков доктор?“, замислено и тивко праша амбасадорот.
„Не знам… но мора да е нешто сериозно штом го праќаат овде и сега… што ли им е намерата… амбасадоре, можеби има повеќе информации во папката?”
„Аха да… дај да видам што има внатре…”, рече амбасадорот седнувајќи на своето столче, на чело на масата, но повторно, во самиот момент пред да ја отвори папката, од зад него го слушна механичкиот звук на вратата.
Млада девојка со кратка коса, облечена во темен костим, панталони и црни чевли со ниска потпетица, низ вратата истурка инвалидска количка во која седеше старец со бела коса залижана наназад, со нос како клун на граблива птица. Старецот носеше наочари со дебела рамка и дебели стакленца чија диоптрија создаваше оптичка илузија дека старецот воопшто нема очи туку само темна вдлабнатини.
„Добра вечер, амбасадоре“, рече старецот со блага насмевка и тежок германски акцент.
Амбасадорот и неговиот помошник скоро беззвучно отпоздравија климајќи со главите.
„Дозволете ми да се претставам, јас сум доктор Вајсман, советник во Белата Куќа и безбедносите служби, ова е госпоѓица Шмит, мојота асистентка.“ Не тргајќи го својот поглед од амбасадорот, доктор Вајсман ѝ нареди на својата помошничка: „Госпоѓице Шмит, ќе Ве молам, превземете контрола над техничкиот пулт.” Шмит, со роботска ладнокрвност, се упати кон пултот кој се наоѓаше на десната страна на просторијата. Од пултот се контролира сета електронкса опрема во просторијата. „Госпоѓице Шмит, би Ве замолил да го пуштите видеото на големиот екран“, рече докторот вртејќи ја својата количка кон централно поставениот екран, чија светлост отсјауваше од стакленцата на неговите наочари.
Докторот гледајќи кон големиот екран, со свртен грб кон абасадорот и неговиот помошник им порача: „Oбрнете внимание на тоа што ќе ви го покажам сега.”
На екранот се појави видео кое започна со грбот на САД и следниов текст:
„The longstanding name dispute between the two neighboring countries Macedonia and Greece is coming to its end. Still, in these final steps of the plan, it is to paramount importance that the international community and our allies don’t aggravate one of the sides of this dispute by using the name of Republic of Macedonia. The U.S embassy in Skopje understands the problems that can arise in everyday correspondence, so the staff of the embassy has prepared an instructional video that can serve as a frame and give guidelines to our allies and the international community, on how to address and communicate with Macedonia.”
Текстот исчезнува, а на екранот се појавува ликот на американскиот амбасадор, кој во стилот на цртаните филмови од популарната хумуристична серија „Монти Пајтон” ги изговара следниве зборови:
„It rubs the lotion over it’s skin, it does this whenever it’s told. It rubs the lotion on its skin, or else it get the hoes again.“
Кратка пауза и продолжува:
„Now, it places the lotion in the basket“
Одеднаш почнува да вика гласно, и неговиот лик поцрвенува:
„It places the lotion in the basket!!! Put the fucking lotion in the basket“
Потоа смирено испушта звук:
„Aaaaaaahhhh”
на крајот, хистерично се смее и извикува:
„AAHAAAHAAAHAAA”
Видеото завршува.
„Фала госпоѓице Шмит. Господа, дали ви е познато видеово?”, ги праша докторот своите збунети домаќини.
Како од пушка одговори помошникот Витекер: „Нашите безбедносни служби, секојдневно ја прегледуваат секоја содржина поставена на социјалните медиуми и интернет платформи. Ова видео беше филтрирано како безопасен невкусен хумор.”
„Хаха, да, безопасно, но само ако мислите дека опасноста доаѓа од арапи замотани во партали кој извикуваат смрт за Америка!” му возврати доктор Вајсман. „Дали ви е позната содржината на текстот или пак коja е поентата на ова видео?”
Како неспремни ученици испрашувани од нивниот наставник, амбасадорот и неговиот помошник, тивко одговорија „Не.”
„Аха, во ред, пред да ви објаснам, би сакал да ве прашам нешто, дали името Нора Барнс ви звучи познато?” праша докторот.
„Да, секако”, одговорија и двајцата во ист момент, но со целосен одговор продолжи амбасадорот: „госпоѓицата Барнс до неодамна работеше во мојот тим, ги пишуваше моите говори и беше одговорна за содржината на соопштенијата за јавност.”
„Аха, и каде е сега Нора Барнс?”
„Се врати дома поради здравствени проблеми, главоболка и несоница. “Нашиот доктор постави дијагноза дека здравствените проблеми се предизвикани од замор.”
„Амбасадата изгуби добар професионалец“, продолжи амбасадорот и праша „Зошто, што е проблемот со госпоѓица Барнс, дали е сè во ред?“
„Амбасадоре, дали сте запознаени со фактот дека во последните неколку месеци од нејзиниот престој и работа, овде во Скопје, Нора Барнс стапила во контакт со психијатар во Нујорк, од кого побарала помош за својот проблем со несоница и кошмари?“
Амбасадорот го погледна својот помошнкик кој со отворена уста само ги подигна рамениците, и одговори: „Не докторе, прв пат слушам за ова.”
„Во ред… мојата помошничка Шмит успеа да го пронајде психијатарот и да ги конфискува неговите белешки од разговорите со Нора Барнс. Би сакал да обрнете внимание на една од нив… госпоѓице Шмит, Ве молам ставете ја белешката на екранот.“
На екранот се појави исечок лист од тетратка на која со читлив ракопис пишуваше:
„The client says that as the months go by, the strange dreams intensify. The dreams are divided in more or less two different kind of dreams, one kind in which she sees a creature, that looks like human but is not, no face or eyes, but the creature uses his hands to put some kind of lotion or cream on its body, whenever she dreams of the creature, all the creature does is puts the lotion on its body. The second kind of dreams is usually buffalos, sometimes the buffaloes are dead, sometimes just running wildly in her direction, that scares her a lot and she wakes up all terrified.“
„Дали ја прочитавте белешката господа? Дали забележавте дека во видеото и во белешките од психијатарот се појавуваат зборовите – puts the lotion on its body? Хммм… интересно нели? Се поставува прашањето дали е ова случајно или можеби има врска помеѓу видеото и сништата на младата госпоѓица Барнс?“
„Докторе, дали алудирате дека Нора Барнс има некаква врска со видеото, или пак недозволено споделувала информации кои допринеле за правење на видеото? Што ви е поентата овде?“, дрско праша амбасадорот.
Доктор Вајсман, повтроно ја употреби својата блага насмевка пред да му одговори на амбасадорот: „Мојата верна помошничка, госпоѓица Шмит, е неуморен и скоро непогрешен работник… лесно ја пронајде госпоѓицата Барнс, при што на свој начин успеа да извлече многу информации, но сепак со голема сигурност и точност дознавме дека госпоѓицата Барнс немала никакви контакти со создавачот на видеото. Потоа, со помош на разузнавачките технологии за надзор, успеавме да го дознаеме идентитетот на создавачот на видеото, млад скопјанец, уметник, сликар, кој заработува пари правејќи анимации и дизајни за клиенти од Европа и САД. Младиот уметник и Нора Барнс не знаат дека едниот или другиот воопшто постои, но сепак креативната работа на уметникот има сличност со проблемите на госпоѓица Барнс.“
Доктор Вајсман подзапре за да праша: „Амбасадоре, дали гледате филмови?“
Амбасадорот ја мрдна главата наназад изразувајќи изненадување од прашањето: „Да… но докторе, каква врска има тоа со нашиов случај?“
„Ха… момент… амбасадоре, јас обожавам да гледам филмови, уште од времето кога филмовите беа безвучни… хаха. Но, во моментов за нас е интересен еден филм кој на времето беше многу контроверзен и популарен. Сте го гледале ли филмот Кога јагнињата ќе стивнат?“
„Да, и?“
„Господе!“, извика гласно младиот помошник станувајќи од столчето „сега разбирам…знам, знам!“
„Витекер, смири се“, изреагира амбасадорот, додека пак доктор Вајсман извика уште погласно: „Jааа, ахаха, ајде кажи младо човеку…без гајле!“
„Амбасадоре, говорот од видеото“, продолжи френетично помошникот „говорот е текст од една сцена во филмот… сега ми текна… во сцената серискиот убиец, киднапираната млада девојка ја тера да премачкува лосион на своето тело, девојката е заробена во еден пресушен бунар под куќата на убиецот кој со кофа и го спушта лосионот и ѝ дава наредби како да го користи… ах… тоа е една од нај страшните филмски сцени што сум ги видел… убиецот се викаше Бафало Бил… ги дереше телата на своите жртви, а од нивната кожа шиеше облека.“
„Токму така млад човеку… браво, но дали помниш, зошто Бафало Бил вели it… it… it цело време, а?“
„Знам, знам… мислам дека знам… мислам дека Бафало Бил намерно избегнуваше да го користи името на жртвата, затоа што така ќе му биде полесно да ја убие и дере кожата. Ако не го користи името на жртвата тогаш жртвата е обезчовечена, тогаш е само предмет, само објект…“
„Хахааа, јааа…“, извика повторно докторот и со сериозен израз на лицето, се сврте кон амбасадорот: „помошникот Ви е многу паметен, аналитички ум пар екселанс… браво!“
„Благодарам докторе… Витекер седи ти се молам… но докторе, каде води сето ова?“
„Господа, вашата поранешна колешка и младиот уметник се дел од еден ист психолошки феномен!“, започна да објаснува докторот. „Младиот уметник се користи со сцени и текст од филмот Кога јагнињата ќе стивнат, користи хумор за да го опише апсурдниот начин на кој државниците и политичарите избегнуваат да го изговорат името на неговата држава за да не ги навредат грчките политичари. Од друга страна, Нора Барнс има сличен проблем, нејзината работа стана скоро невозможна, бидејќи е приморана да пишува текстови, говори и соопшенија за јавност без да го спомне името на државата, тоа е многу комплицирано, па така нејзината потсвест се обидува да реагира носејќи на површината спомени од филмот и ужасната сцена. Всушност, младиот уметник и вашата колешка Барнс на површина ги донесоа сигналите на длабоката колективна психологија од ова поднебје. Дипломатските и политичките игри кои ги играте, ги возбудија длабочините на колективната психа на луѓето што живеат овде…“
„Какви се овие глупости?“, нервозно го прекина амбасадорот, „барам да ми објасните кој Ве прати овде? Какви се овие прикаски… филмови… сериски убијци… соопштенија за јавност… немам време за вакви безсмислици.“
Докторот смирено го причека амбасадорот да заврши со тирадата, и уште посмирено му одговори: „Ако се прашувате какви јурисдикции и дозволи имам амбасадоре… сетете се само како влегов во просторијава, како е можно скенерот за очи да ја отвори врата за мене и мојата помошничка? Кој друг го може тоа? Аха?“
„Амбасадоре“, смирено продолжи доктор Вајсман „ …во 1898та година, Морган Робертсон – непознат американски автор на кратки приказни и романи, издава книга во која се збори за прекуатлански луксузен крстосувач, вистинско чудо на тогашната технологија, кој на своето прво патување преку Атлантикот е преполн со богаташи, и едно студено априлско утро, удира во ледена санта и потонува. Робертсон го нарекува бродот од својот роман – Титан. Петнаесет години потоа, британската бродоградна компанија Вајт Стар Лајн, прави брод крстосувач, сличен на крстосувачот од книгата на Робертсон, исто како во книгата, на бродот нема доволно чамци за спасување, бидејќи самиот брод е прогласен како непотонлив. Исто како и во книгата на Робертсон, бродот на Вајт Стар Лајн, на своето прво патување преку Атлантикот, едно студено априлско утро удира во санта лед и потонува. Името на тој брод е Титаник.“
„Навистина?“, праша Витекер.
„Да, секако дека ова е вистина младо момче!“, извика доктор Вајсман, и нагло се сврте кон помошникот, „уметниците, поетите, писателите, сликарите… секогаш стигаат први до вистината, потоа, декади или векови покасно до вистината стигаат филозофите и научниците, за на крај вистината да умре кога до нea ќе се дограбат политичарите. Креативната душа црпи енергија од длабоката индивидуална и колективна психа. Во случајот со Робертсон, колективната психа преку него дава порака дека арогантноста на модерниот човек кој живее помпезно и верува дека со многу пари може да создаде технологија и купи безсмртност, доведува до катастрофални последици. Скопскиот млад уметник пак, го создал ова видео, затоа што колективната психа на неговиот народ знае дека нешто не е во ред кога името на државата не смее да се изговори, знае дека без име само еден обичен објект кој може да се манипулира и масакрира исто како жртвите на Бафало Бил. Од друга страна, младата госпоѓица Барнс, има чуство на вина поради тоа што не може да ги именува луѓето околу неа и државата која во која живеат, па згора на тоа мора многу макотрпно да работи на правилната верзија на говор или соопштение, со страв да не навреди некого или прати погрешен сигнал. Нора Барнс мораше да се самоубеди дека оваа држава и народ се само објект, за да може полесно да ја изврши својата задача. И од таму доаѓа до оваа случајност поради која јас сум дојден тука.“
„Како мислите дојден тука поради оваа случајност?“, повторно дрско праша амбасадорот.
Доктор Вајсман погледна кон своите нозе кои беа покриени со двослојно темно-зелено ќебе, ги погали нежно, си ги поднамести наочарите и одговори: „Амбасадоре, како што можете да видите, моето тело се повеќе одбива да соработува, не ми преостануваат уште многу години, но сепак мојот ум сè уште функционира доволно добро. Јас сум еден од ретките сеуште живи психијатри кои учеле и од Јунг и од Фројд, кои играле карти со Виникот, пиеле чај со Мелани Клајн и пушеле пури со Лакан. Психијатар со искуство како моето, доволно добро знае колкава е психолошката важност и значење на името за психата на личноста. Nomen est omen – името е судбина, тврдеше Јунг велејќи дека Фројд, чие име значи радост и задоволство, токму поради неговото име бил предетерминиран да го изучува задоволството. Кога свештениците вршат егзорцизам, единствен начин да го избркаат демонот е само ако го знаат неговото име, а кога еден бискуп станува папа го менува своето старо име и го остава зад себе, избира ново име. Од психолошка гледна точка со името не смее да се играат играчки. И затоа кога дознав дека на некоја држава и народ им се менува името или се врши некоја манипилација со називот на нивната држава, веднаш се посомневав дека тоа ќе предизвика верижна психолошка реакција која ретко се случува на колективно ниво. Впрочем, годиниве нема многу држави чие име е променето под влијание на светската политичка елита, така? Вакви феномени ретко се случуваат, па морав да дојдам и да се уверам, да го видам тоа со свој очи. Претпоставував дека нешто интересно ќе се случува, па се понудив да ги посоветувам Вашите работодавци во Вашингтон, а за возврат да добијам повеќе информации и шанса да дојдам овде. Мојата понуда беше прифатена, но моето објаснување наиде на скептицизам во високите дипломатски кругови во Вашингтон. Сепак, поради моето долгогодишно присуство во Белата Куќа, ми беше дозволен пристап до сите информации кои само ја потврдија мојата теза. Како за пример, амбасадоре… млад помошнику Витекер, би ви го посочил следново: Во оваа држава годишно исчезнуваат околу двестотина луѓе. Полицијата ги поврзува исчезнувањата со самоубиства поради љубовни проблем, самоубиства и киднапирања поради должнички проблеми со криминални структури, бегство со љубовници и ментални проблеми. Но, за разлика од предходните години, всушност од кога започнаа манипулациите со името на оваа држава, меѓу народот почнаа да се шират приказни за киднапирање на луѓе со цел да им се извадат органите и да се продаваат на црниот пазар за човечки органи. Дали е ова повторно само уште една случајност господа?“
Без да почека одговор, доктор Вајсман веднаш продолжи:
„Колективната народна психа осеќа несигурност поради тоа што и е одземено името и поради тоа што е доведена до ниво на обичен објект за манипулација, па затоа создава фантазии дека е гонета од некаков си Бафало Бил, некаков си предатор, некој мистичен психопат кој не чувствува дека работи со жива материја туку работи со еден обичен безживотен предмет, со едно нешто, па така може да ги сецка и парчи како што сака и како што му треба. Феноменално, нели?“
Докторот го заврши својот говор и повторно се загледа во своите нозе, како да заборави дека не е сам во просторијата. „И што да правиме сега со ова?“, праша амбасадорот, „Докторе имате ли некакви насоки за тоа какви мерки да преземеме? Дали можете да посочите како ќе се развива ситуацијата понатаму?“
„Хммм, насоки…“, се врати назад во реалноста докторот и продолжи „кога ми дозволија да дојдам овде, Вашите шефови, ме замолија да Ви ја предадам папкава, и да Ве замолам што побрзо да ги извршите наредбите кои се наоѓаат во таа папка. И толку, тоа е тоа. Госпоѓице Шмит, време е да си одиме.“
Амбасадорот стана од своето столче: „Да си одите? Но што е со сето ова што го зборевте докторе? Од Вас барам повеќе време за да можеме јас и мојот тим да составиме план за дејствување…“
„Драг амбасадоре“, доктор Вајсман го прекина, „Вие можете само да планирате и дејствувате политички и воено, и за тоа слободно користете се со папката, но мојот совет не е политички и дипломатски, туку е многу едноставен и човечки…не се обидувајте да се борите со тоа што не го разбирате кај луѓето, ниту пак не се обидувајте да го игнорирате, станете од вашите машини, компјутери и алгоритми и отворете ги очите и ушите… гледајте слушајте… хахахаха… многу едноставно нели… хаха. Но сепак знам дека нема да го послушате мојот совет, така? Збогум амбасадоре!“
„Какви уши… што да слушаме?“, запелтечи амбасадорот, но веќе беше касно, госпоѓицата Шмит го туркаше докторот кон вратата која се затвори оставајќи ги двајцата збунети дипломати сами во темната просторија во која сè уште можеше да се слушне ехото од смеењето на доктор Вајсман.
„Амбасадоре, што да правиме сега, да одам по нив? Да ги запрам, што е следно?“, прашуваше Витекер, обидувајќи се да го отрезни својот шеф.
„Не… седи тука… чекај“, замислено одговори амбасадорот, се почеша по челото, се сврте и седна во своето столче. Ја отвори папката . Читаше неколку минути, длабоко воздивна и му се обрати на својот помошник: „Витекер, почни да им се јавуваш на луѓето…“
Неколку дена покасно…
Добра вечер драги гледачи, започнуваме со дневникот во деветнаесет часот:
Голем шпионски скандал ја тресе американската амбасада во Скопје. Од извори блиски до амбасадата дознаваме дека во минатиот период од неколку месеци, лице вработено во американската амбасада, лиферувала информации околу преговорите за името и работатата на амбасадата, до лицето М.А., дваесет и шест години, од Скопје, уметник и сопственик на мала дизајнерска компанија. Лицата одговорни за контра- разузнавање се сомневаат дека вработената во амбасадата и лицето М.А., споделувале информации со цел да извршат саботажа на процесот на преговорите, и предизвикаат негативно мислење кај јавноста околу преговорите за името на државата и напорите на американските дипломати да го олеснат процесот за пристапување кон евро-атланските структури и ЕУ. Исто така постојат основани сомневања дека лицето М.А. работело под инструкции и за интересите на руската разузнавачка служба.
Прес службата на американската амбасада до нашата редакција го достави следново кратко соопштение:
Американската амбасада, нашиот народ и нашите сојузници, се решени да опстојат во своите напори да и помогнат на вашата држава кон нејзиниот пат за интеграција во пошироката меѓународна заедница, НАТО и ЕУ. Американската амбасада нема да подлегне на обидите за саботажа и поткопување на меѓусебната доверба.
Од друга страна, амбасадата на Руската федерација, објави демант во кој ги негира сите обвинувања од страна на американските дипломати, а ваквиот потег на американската амбасада го нарекува срамен чин со кој се прикрива нивната неспособност.
Од другите вести во државава издвојуваме…
КРАЈ?