ПРОЗНИТЕ АНТИУПАТСТВА НА АЛЕКСАНДАР ПРОКОПИЕВ

Александар Прокопиев не забавува со својата проза. Предизвикувајќи го создавањето, тој одново ја осознава приказната. Поседува свое плетиво, остварува свој прозен вез

Александар Прокопиев (1953), раскажувач, романсиер и есеист, е еден од најпреведуваните македонски современи писатели. Многу често неговите дела, универзални по своите пораки, се читаат на други јазици како да се на нив запишани. На српски се преведени осум негови книги, седум книги раскази и еден роман, „Ѕиркачот“.
Ќе се задржиме на неговата раскажувачка постапка, служејќи се со три книги – „Антиупатствата за лична употреба“ (Геопоетика, 2003), „Таа го сака Чехов“ (Зограф, 2004) и „Човечулецот, бајки од левиот џеб“ (Геопоетика, 2013). Убедени сме дека кусите раскази се вистинскиот нуклеус во создавањето на Александар Прокопиев. Збирките што се предмет на нашето внимание се разликуваат не само од оние што се напишани од македонски автори, туку и од збирките куса проза на најзначајните светски писатели. Тие се – и тоа е нешто што исто така ги одликува – различни и ако се споредат меѓусебе. Се чини дека во Прокопиев буквално клопоти изворот на кусата проза, како тој да ја изнедрил формата во која што ќе се изрази на најдобар можен начин. Она што го посакуваше Антон Павлович Чехов, еден од велемајсторите на ваквата проза, откако му стана сосем јасно дека нема да напише роман и дека, дури и да успее тоа да го направи, никако не ќе може да биде вистинска конкуренција на оние кои веќе ги напишале ненадминатите, на Толстој и Достоевски – пишувањето куса проза како роман на дланка, стана желба, сосем остварена, и за македонскиот писател.
Книжевните теоретичари вложуваат силен труд во обидот да утврдат во што е разликата меѓу новелата, расказот и кусата проза. Нивните ставови можат да заинтригираат, но тешко е да се сосем точни и непроменливи. Сите тврдат дека кусиот расказ не го одликува само неговата должина во однос на останатите типови раскажување. Тогаш, сосем логично, се наметнува прашањето – зошто воопшто се нарекува куса проза? А таа е тука. Сосем присутна, жива и творечки дејствителна.
Сакајќи да ја воспостави разликата меѓу класичниот расказ и своите раскази, Чехов за своите остварувања прибележува дека се „приказни без почеток и крај“. Токму тоа би можело да биде макар почетна точка за дефиниција на кусиот расказ. Според неа, отворени се два рабови – почетниот и завршниот, па и од една и од друга страна, расказот може, без било какви ограничувања, да го „всркува“ контекстот што не е, дирекно, негов составен дел. Ако сакаме да ја „заостриме“ дефиницијата на кусиот расказ, а притоа да не ја затвориме во теоријски кафез, ќе го определиме како расказ епифанија, онака како што епифанијата ја определува Џејмс Џојс, како „ душата на најобичниот предмет, чија структура е во толкава мерка прилагодена, што ни се чини дека зрачи. Така, предметот ја достигнува својата епифанија“.
Одењето по жицата на кусата проза Александар Прокопиев го изведува служејќи се со најразлични нејзини обрасци. Кога станува збор за неговите раскази, меѓу нив можат да се најдат оние што, сосем оддалеку, се потпираат на усната проза, или на љубовни стории, на бајковити, соновидни слики, на црнохуморни минијатури, на јазички бравурозни прозни творби…
Да го земеме како пример фантастичниот расказ „Невидливиот човек“ од збирката „Таа го сака Чехов“. Голем е бројот писатели кои пишувале за вакви ликови, но пристапот на Александар Прокопиев е сосем оригинален. Тој, најнапред, вака ги замислува: „ Тој му припаѓа на племето на невидливите. На луѓето сенки од кои се гледаат трагите во снегот, од кои се слушаат зборови, но кои не можат да бидат видени. Никогаш, освен кога умираат. Само смртта ги прави видливи“. Духот кој и се јавува во креветот на стутканата жена „има блескотно срце што занесено отчукува низ воздухот“ и „ќе и се открие кога ќе ја изгуби влажноста на душата, за, по обичајот на неговото племе, да му ја наполни устата со коски од јагне цицалче, да има храна во онаа другата, неповратна невидливост“. Расказот се завршува така што собата во која жената се наоѓа, куќата во која е собата, градот во кој е куќата „летнуваат кон отвореното небо, во белиот, бел заборав“. Кои се потенцијалните, тематски иновации присутни во овој расказ? Освен луѓето-сенки (со нив можеме да се сретнеме и во расказите на другите фантастичари), невидливите стануваат видливи во моментот на смртта, нивниот дух поседува срце што чука со полна сила, душата на невидливиот е влажна и мора да се сочека сета влажност да испари за да љубената, која го држи во преграб мртов, продуховен, може да го нахрани така што мртвата уста ќе му ја наполни со младо јагнешко за да има што да јаде во оностраната, друга, во смртта постоечка видливост (во животот никој не може да не здогледа, во смртта тоа е можно, со мал услов – да ни се приклучи во неа). Летењето на куќите е класика, но не смееме да зоборавиме дека целта на летот е отвореното небо, големата уста што голта се, како и тоа дека смртта не не стиснува во почвата, туку не изнесува во небото).
Истата збирка, меѓу другите, ја содржи куклената игра за возрасни – „Дедото и двата внука“, „Поетот и Историјата – ситуакции во б-мол“, неколку еротски раскази (во едниот од нив, „Прездрави во мојата прегратка“ наидуваме на следната слика: „Собата има слузокожа. Понекогаш ми се чини дека водиме љубов во тројка… Но, кога сме одвоени, во истата таа соба, ѕидовите вртоглаво бегаат…“). Некои од расказите („И натаму те пресретнуваат познатите зборови или ехото на истргнатото“, „Таа во кадата или чинот на капењето како ритуална вертикала“) се сведуваат на една единствена, „издробена“ реченица, но ги има и оние што се наратолошки разлиени како „Four Oxfordshire Gardens”. „Граѓанинот Љ.“ е расказ во којшто јунакот составува хаику коментирајќи го она што се случува околу и во него. Истиот јунак, во расказот „Турбо биљбиљ, ептен курназ“, меѓу другото, критички го промислува политичкиот миг во кој се наоѓа Македонија. Издвојуваме едно од ударните места: „Како којотот сме, од оној цртан! Еден којот, а многу птици итрици! Пип-пип, трчат кон мајката Европа, пип-пип, влегуваат во големото семејство, а на којотот македонски му местат шајки на патот, го маваат од сите страни, му местат стапици (а тој самиот си ги мести дупло повеќе), пип-пип, птицата итрица заминува зад свиленото перде, а претепаниот којот останува, со џумки на тиквата, да се самосожалува, зашто има толку неправди на овој свет (и се преобразува во Калимеро!)“. Господинот Тест на Валери јунакува со магистерот Мев во расказот „Бронтопс“, што заедно со „Агресијата на жолтите пци“ сочинува дворасказен циклус. Многу поразгранет (единаесет поврзани раскази) е циклусот по кој што целата збирка го добила името, „Таа го сака Чехов“. Потсеќа (по јасно профилираните јунаци кои во него ги „играат“ своите ролји) на фрагментиран роман. Во првиот во нив, „Дождофренија“, месечината е „набабрена“, а во нејзиниот опис, писателот прибегнува кон комична компарација од типот: „Леплива, напумпана Месечина, како јајченик во тркалезна тепсија премачка со белка или како галофакс пинг-понг топче извадено од тегла мед, се влечкаше меѓу небодерите“. Еве уште една компарација, овој пат трагична, со која се окончува тажната сцена меѓу двајцата главни јунаци: “Прогнозата за денес најави минимална температура од +5, сосем прифатливо за овој период од есента, но мене ми студеше и затегнатата епидерма ми се прилепи врз лицето како маска. Оваа маска, помислив, сака да ја погалат, понекогаш и да ја бакнат. Вака, си личев на некој зомби – кога телото спие, и душата си е длабоко, во црната дупка, а кога телото ќе се разбуди, душата веднаш одмаглува во непозната насока. Работите наполно се пресвртеа, иако Ида изгледаше уште попожелно, со неколку килограми повеќе, но распоредени каде што треба, како кај полничка гејша. Секоја вечер, пред да легне, го откопчува елечето и мазно се чешка по плешките, но токму тогаш студено прашува колку е часот, дали ја заклучи влезната или те молам, пази да не го турнеш Чехов (на полицата над креветот, секогаш е распостелена по некоја негова книга). Ги наведуваме овие примери за да покажеме колкаво стилистичко богатство е присутно во расказите на Прокопиев.

* * *
Антиупатствата за лична употреба имаат неколку мини циклуси (нпр. „Борјан и татко му“, или „Приказни од мајчиниот куфер“), еден јунак кој се појавува во повеќе раскази (Хорацио Цвикало) и подеднакво како во „Таа го сака Чехов“, прозните остварувања се меѓусебно различни. Првите реченици на првиот расказ „Влијанието на Хорацио Цвикало врз растот на шарените антиупатства“ не запознаваат со основното поетичко начело на писателот: „Испаѓа, од мојот случај, дека анегдотата за писателот што плива е блиска до вистината. Писателот плива по широката река, а заедно со него пливаат и ликовите за коишто пишува. Секој од нив има свој ритам, свој стил, свој замав во пливањето. Писателот мора да знае не само како и колку плива секој лик одделно, туку и да умее со помош на тоа знаење да го одржи на површината на реката, за овој да не се удави“. Цвикало, кој му ја позајмил оваа „теорија“ на авторот, го заменил поранешниот јунак што се движеше низ неговата проза – Мајсторот на Играта, во којшто пак беа впиени некои од карактеристиките на таткото. Писателот во белешката кон книгата „Антиупатства“ кажува дека почнал со нивните запишувања дамнешната 1979. година, како војник во касарна, и дека нема намера да престане со запишувањето на овие „деталји, импресии, слики, наративни фрагменти“. „Антиупатствата за лична употреба“ можеме да ја споредиме со расказите на Хулио Кортасар. Во нив се наведува една песна на Чарлс Буковски, како и стиховите на Љубомир Мициќ од неговиот „Манифест на зенитизмот“, се цитира Кафкиниот „епистоларен роман“, „Писмата до Милена“, како и одломка од писмото на Жорж Санд до Алфред де Мисе, Торовиот „Валден“, „Брановите“ на Вирџинија Вулф. Се наведува и Џон Купер Повис. Така, писателот остава цитатни траги. И многу филмови обележуваат одделни раскази. Во расказот „Борјан и татко му“, исто како и порано споменатиот „Граѓанин Љ.“ од збирката „Таа го сака Чехов“, „се раскринкува“ настанувањето на хаику творбите. Двајцата хаиџини, Димитар Анакиев и Џим Кацјан, се јунаци на кусата проза „Хаику во Скопје“. Хаику песните и нивните творци се ликови и на „Кралската одора во школка“. „Поетичка“ е приказната „Транзиција и инхибиција“. Можно автобиографска, импресијата од војничките денови – „Димитриевиќ“. Хумористичното, вербално разигрување на Титовиот псевдоним (Ти То, Тото, Титан, Тотем, Тато…). Приказната-есеј „Борхес и Компјутерот“, во којашто духовито се подигрува со помислата дека Борхес кога би бил млад во времето во кое приказнава настанува, веројатно би бил хакер. Микроесеи се и „Ослушкувањето на водата“, „Ах, тие поети“ (во којшто доминира дијалогот) и „За здивот човечки“. Во последната проза во збирката, „Новата книга“, водат дијалог писателот и Времето.
Го наведуваме, целосно, најкусиот во збирката, вонредниот расказ „Клучалка“, кој е вистински-надреален-соновник:
„Нацртана, клучалката личи на платнена детска кукла без раце и нозе. Ѕиркачот, поднаведнат, со левото око ширум отворено и десното замижано, исчекува пред проѕирното тело на клучалката-кукла и адолесцентно ја исполнува делумната глетка со наслада. По десетина минути, можеби половина час, ѕиркачот се исправа и наместо клучот, неговиот растреперен пенис пенетрира во клучалката.
Нацртана, клучалката личи на шаховско пионче. Последното пионче на таблата, стигнато до седмото поле на кое му е потребен уште само еден чекор до величествената преобразба во црна кралица.
Нацртана како дел од бравата, клучалката личи на добродушно усте (горните шрафови на очи, долниот на душче на брада, кваката на Пикасов нос), секогаш подготвено, полузинато во О“.

* * *
Книгата „Човечулец“ самиот писател ја „дефинира“ како бајки од левиот џеб. Прокопиев, како вистински постмодернист што несомнено е, со оваа „дефиниција“ алудира на познатата книга на Карел Чапек „Приказни од левиот и десниот џеб“. Десниот џеб се уште, кога е во прашање македонскиот писател, не ја истресол својата содржина. Во левиот се собрале осумнаесет раскази. Писателот ги нарекува бајки зашто секоја од нив за свој урнек некоја позната или понепозната бајка. Иако ни се чини дека времето на бајките е минато, или дека барем ние не живееме во бајковито време, тоа мислење авторот не го дели. Бајките од кои што поаѓаат неговите раскази сосем се искосени, мајсторски испревртени. Ништо не е свето за да не смее да се подвргне на содржинска иронична, хуморна ревизија. Дури и на авторска диверзија. Треба само да се погледне како минува Петар Пан во „Недојдија“ или Палчо во истоимениот расказ. Пред секоја бајка стои (што му претходи на нејзиниот наслов) „упатство“ кога и кому таа се кажува. Писателот некогаш упатствата ги претвара во антиупатства, па подеднакво забранува некоја од неговите приказни да биде кажана „таму“ и „на некого“. На пример, „Палчо“ се „кажува насабајле, додека бавно се срка шкембе-чорбата за да се отрезни од синоќешното пијанство“, а „Приказната за буквата Љ.“ – „не се кажува на демократите“. Или, „Божикната сказна“ – „се кажува ноќта наспроти роденденот на починатиот татко“, а „Аџијата, кондураџијата и будалата“ – „не се кажува додека се ручаат жабји батаци“. Бајките се распоредени така што градат фрагментирана целост. Во една од нив се појавува Хорацио Цвикало, јунак со кој сме се среќавале во поранешните книги на Прокопиев. Некои од расказите се мошне кратки, додека други спаѓаат во најдолгите што нивниот автор ги напишал. Се експериментира, срамежливо, со бројките и нивните симболични функции, но и со буквите и нивните деформации. Фуснотата станува составен дел од приказната. Цитатната мрежа е расплетена низ целата книга. Со еден збор, наратолошката игра продолжува и понатаму да се игра. Ќе се игра се додека Прокопиев продолжува со своето пишување да ја матира приказната.
Александар Прокопиев нè забавува со својата проза. Предизвикувајќи го создавањето, тој одново ја осознава приказната. Поседува свое плетиво, остварува свој прозен вез. По неговата трага не може да оди никој. Другите, помладите писатели тој не ги советува како да пристапат кон пишувањето куса проза. Тоа, или се знае, или, неповратно, не се умее. Неговото упатство за другите би било, единствено можно, антиупатство. Не поистоветувајте се со мене! Не поистоветувајте се со било кого! Ни со Чехов, ни со Мопасан, ни со По, ни со Кафка, ни со Борхес, ни со Хармс! Поистоветувајте се само – ако сте веќе принудени да се угледате – на своето внатрешно себе. Тогаш, единствено тогаш, ќе бидете приказна.

Тагови од објавата
0 replies on “ПРОЗНИТЕ АНТИУПАТСТВА НА АЛЕКСАНДАР ПРОКОПИЕВ”