„Рокетмен“ или како до успешен омаж кон најголемиот шоумен на светот

Визијата на режисерот за патот на неговиот лик е јасна и никогаш цензурирана - тој ги слави сексуалноста и хомоеротизмот, дури и во моменти кога таа предизвикува огромна душевна болка и отуѓеност од реалноста.
    Кон „Рокетмен“ во режија на Декстер Флечер, сценарио на Ли Хал, кинематографија на Џорџ Ричмонд.
    Оцена: 4/5

„Рокетмен“ нема да успее да побегне од споредбите со минатогодишниот комерцијално успешен, но стерилен филм „Боемска Рапсодија“. НЗС на двете дела се режисерот Декстер Флечер кој неславно го заменил Брајан Зингер по неговото отпуштање во филмот кој му донесе оскар на Рами Малек, како и обработката на славни музички Британски гении во минатиот век. Двете продукции делат и ист лик – озогласениот музички менаџер Џон Рајд (во „Рокетмен“ одлично го игра Ричард Маден) кој по некоја случајност ги претставувал и „Квин“ и неговото височество, Сер Елтон Џон. Едно нешто е сигурно во овие споредби – едниот филм е комерцијална, несексуална, исфилтрирана верзија на култен вокал додека другиот е чувствителен, забавен и нецензуриран мјузикл кој го слави ликот и делото на екстравагантна персона со употреба на добра доза фантазија.

Реџиналд Двајт (Тарон Еџертон, брилијантен кастинг) е производ на скршено семејство на отсутен татко и негрижлива мајка. Тој расте во средина каде единствено бегство му е пијаното и е нон-стоп обземен со парализирачко чувство на напуштеност и недостаток на каква било љубов. Во неговиот живот се појавува шанса во ликот на Берни Таупин (Џејми Бел кој има огромна хемија со главниот актер), млад текстописец кој се покажува како совршен музички јинг на Елтоновиот јанг, па нивните песни брзо го трансформираат идентитетот на Реџи.

Текот на приказната која скоро да е типична за издигнувањето на една музичка ѕвезда во доцните 70-ти е значително освежена поради смелите одлуки на луѓето инволвирани во оваа продукција. Раѓањето на новата ѕвезда во легендарниот клуб „Трубадур“ во Лос Анџелес е лекција во продукциски дизјан – Питер Френсис и Маркус Роуланд буквално постигнуваат публиката да лебди од зашеметеност и користат низа фантастични елементи за да го изнудат потребниот ефект. Визијата на режисерот за патот на неговиот лик е јасна и никогаш цензурирана – тој ги слави сексуалноста и хомоеротизмот, дури и во моменти кога таа предизвикува огромна душевна болка и отуѓеност од реалноста. Сепак, постојат делови кога желбата да се стигне до одредена дестинација е малку избрзана. Огромни периоди од животот на Елтон Џон кои несомнено го формирале неговото понатамошно размислување и трзвеност се само набрзина спомнати и необработени, ставени во втор план. Тоа можеби е и донекаде оправдано кога фокусот е јасно насочен кон одличната музика и вокални способности на актерот кој сам ги изведува легендарните нумери, но распадот и импликациите од долгогодишната токсична врска никогаш не може да се само попатен момент.

На крајот од краиштата, животот на Елтон Џон е ретко инспиративна приказна за овој период од историјата. А што би бил филм кој ја слави таа приказна ако не помалку фантастичен и тотално магичен потпомогнат од прекрасните костими на Џулијан Деј? Сигурно поздодевен, но Елтон Џон е сè само тоа не, како што и порачува во еден од најекстравагантните и климатични епилози – „Јас сè уште стојам“.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Петра Бранковска
„Вокс Лакс“ како недовршен портрет на музичка ѕвезда во 21 век
Кон „Вокс Лакс“ во режија и сценарио на Брејди Корбет, кинематографија на...
Повеќе
0 replies on “„Рокетмен“ или како до успешен омаж кон најголемиот шоумен на светот”