ФУСНОТИ, 1

Таму каде куќата исчезнала во зграда, мостот се престорил во друг мост, од улицата се искорнати дрвјата со мириси, шушкања и паднати лисја - меморијата ќе биде главен сведок.

ФУСНОТА ЗА СЕЌАВАЊАТА И СПОМЕНИЦИТЕ

Овие градови ја немаат привилегијата на големите светски метрополи: Париз, Лондон, Њујорк или Рим – да бидат инспиративен предизвик за бројни, повеќе или помалку успешни, книжевни амбиции.
Тие не припаѓаат ниту на оние места и градчиња како Маркесовиот Макондо, Фокнеровата Јокнапатавпа или Кукулино на Јаневски, што, дури и кога би им го виделе името на некоја детално зголемена географска карта, ни се чинат измислени.
Не, овие градови имаат своја јасна, препознатлива топографија. Сепак, само кога се во книгата на еден човек, разоткриени во огледалото на личното време, тие стануваат Даблин на Џојс, Трст на Звево, Александрија на Дарел, Лисабон на Песоа. Градот му припаѓа на писателот, но не онака неприкосновено како што тој го поседува имагинарното место, туку, благодарение на уметниковата предаденост, постоечкиот град станува посложен, потајновит, поразличен.
Во случајот на Скопје, претопувањето на на фактумот во оазата на фантазијата, и спротивно – прасеќавањето за Атлантида трансплантирано во квазиполисот издолжен низ десетина километри со насадени небодери, смог и споменици на заканувачки коњаници со кубури, сабји и бомби, има своја кревка поткрепа: некогашниот град, градот на детството, поради исчезнувањето во земјотресот (точно по првата декада од мојот живот), прераснува во невидлив, калвиновски град-бајка. Текстот за Скопје може да биде создаван преку некој вид анимограф, кога судирот и збогувањата на двата града, оној некогашниот на детето и овој сегашниот на возрасниот – се оддолжуваат, имагинизираат или иронизираат низ непредвидливите меандрирања и раст на душата.
Таму каде куќата исчезнала во зграда, мостот се престорил во друг мост, од улицата се искорнати дрвјата со мириси, шушкања и паднати лисја – меморијата ќе биде главен сведок. Тогаш сосем е можно, во сето чувствено таложење, она што некогаш било и да се случило. Ако пак не, градот е тука, опиплив, грд и раздвижен – scriptor ante portas!

ФУСНОТА ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА

Што уште да се каже за „демократијата“ кога непрестајното декламирање на поимот со разни поводи, намери и подметнувања ја испразни, ја уби неговата суштина?
Во херојските времиња, кога беше идеја-водилка, луѓето кои веруваа во неа, без спремни за неа да го дадат својот живот. Или да го земат на оној кој се противи на таа идеја.
Подоцна, во водедот на модерното доба, некои резултати во борбата за демократија предизвикуваа скепса: францускиот Конвент ја пласираше идејата за „еднаквост, слобода и братство“ што се изроди во крвав терор меѓу припадниците на спротивставените партии од којшто печалеше само гилјотината -во ужасно кус период се тркалаа главите на роланците, жирондинците, дантоновците, јакобинците… Се чини дека Мара, еден од најбесните, имал среќа што умрел како маченик. Дури, убиен во када, бил овековечен на Давидовото платно, за разлика од Дантон и Робеспиер, другите двајца од триумвиратот, кои праќајќи стотици под гилјотината, и самите беа обезглавени во име на народната правда. Но, не е така едноставно. Со промената на владеечката партија, се менуваат и ставовите кој има право да биде погребан во Пантеон, во последното престојувалиште на „најголемите синови на татковината“. Така, посмртните остатоци на Мара кои ги замениле оние на „премногу умерениот“ Габриел Оноре Мирабо, подоцна не само што се отфрлени од Пантеон, туку се и расфрлени без трага.
Во САД, пак, откако се ослободија од британската колонизација, почнаа политиканските сметки, пресметки и пометнувања. По изборите во 1828., престолнината Вашингтон, според сведоштвата на современиците, била преполна со луѓе кои очекувале и барале врски за место во државната служба. Се воведе, денес препознатливиот обичај, дека заминувањето на една партија од власта автоматски значи отпуштање од државната служба на нејзините приврзеници. Од друга страна, приврзениците на партијата што ги доби изборите, Демократската на Ендрју Џексон, сметале дека е сосем нормално, без оглед на својата стручна спремност, да ги заземат сите можни места, од службеничките до министерските (ви заличува ли ова на нешто познато?).
За политичарите, демократијата стана исплатлива парола, на обичните пак, „демократски“ граѓани, им стана појасно: едните дека со неа можат да манипулираат, другите дека преку неа можат да бидат манипулирани. Но, ни на едните, ни на другите, и покрај сите озборувања и кафеански критики, тоа не им пречи. Се навикнаа, си ги поделија улогите. Каде е демократијата денес? Во фер изборите, во владеењето на правото? Не би рекол – улогите се поделени, демократијата е само парола на политичките партии, единствената, вистинска цел е – приграбување и задржување на власта. Тие што ги маргинализираат се различните – индивидуалецот и немоќниот – непотребни во популизмот, па затоа избуркани со „демократски“ одлуки.
Оттаму, мојот претеран потсмев кон партијските политичари понекогаш и самиот станува карикатурален. Иако и така критериумите во политиката рапидно опаѓаат. Колку кич политичари владеат кај нас, околу нас и во светот! Сигурно дека меѓу нив има личности со став, знаење и интелигенција, но кај повеќето партиската (не)свесност ја надвладува граѓанската. Од (начелно) демократскиот дијалог кон (доследно) партискиот монолог! Власта и богатењето наравномерно и недемократски се делат, „цврстото исчезнува во пари“, како што велеше Маркс, а ние си ги тераме нашите стеснети животи, препуштајќи ја иницијативата на некои други, „семоќни“ човечки животни!

ФУСНОТА ЗА ПРИЈАТЕЛСТВОТО

Со годините, се повеќе разбирам, се повеќе сум свесен колку е скапоцено пријателството. Дрво на дрво се потпира, човек на човека, во сите годишни времиња и во сите животни доба. И кога сте најнерасположен, разговорот со добар пријател радува. Во љубовта, во нејзиното опстојување и хранење, спонтаноста на пријателството е онаа заштита што како памукче го обвива понекогаш преостриот дијамант на страста.
Во односот кон професијата, пак, кога писателот се спријателува со својот занает, тој тешко може да го напушти. Единствено Рембо, тој величенствен проклетник, го отфрлил без пардон, но во неговиот случај, иако со извонредни резултати, се работи за пубертетска фаза во вљубувањето, па и бруталната одлука да ја занеми поезијата во себе и да се оддаде на трговија со оружје може да се сфати како како задоцнет постпубертетски каприц. Но, наспроти него, постојат безброј примери на автори кои се предаваат на својот занает со доживотна приврзаност. Флобер, Чехов, Ман, Булгаков, Џојс, Фокнер… речиси сите мои омилени писатели во својот занает имаа најблизок, „вечен“ пријател. И кога минуваа низ мачни искушенија, и кога нивното творештво се вреднуваше со сомнеж, тие безрезервно беа врзани за пишувањето.
Покрај неопходното пријателство со својот занает, на писателот му е потребен книжевен сродник, човек со кој взаемно ќе ја пријателуваат предаденоста во професијата. Што во книжевниот живот не е нималку лесно. Тука отсекогаш демнеат борби со суети, сплетки и озборувања, во нашата државичка уште поприсутни и поотровни. Понекогаш на човек не му останува ништо друго освен слатко или горчливо да се насмее на измислиците и глупостите што кружат за него. Во тој мочурлив свет, добро е да се сретнеш и да другаруваш со вреден сопатник. Зашто, „годините се се побројни – пријателите се помалубројни“, вели Момо Капор, пријателите ни ги крадат нивните сопруги, нивните деца, работата, странството, смертта. И професијата, особено оваа писателската, може да стане сурова кон пријателството. Сојузништвата тука се градат и растураат според моменталните интереси, желбата за (квази)успех, често толку комична меѓу писателите може да раскара, понижи, да ги обезвреди претходните доверливи дружења. Понекогаш птицата на фантазијата што лета во секој писател станува пресметлива птица на која и е најважно не како да ја достигне височината, туку како да стане домашна миленичка на царот (власта, книжевна или политичка). Во едно свое писмо од Петроград до сестра му, Чехов пишува: „Ми приредуваат ручеци и ми пеат лажни пофалби, а во исто време би ме испиле во чаша вода. А зошто? Ѓавол ќе знае. Кога би се убил, би им направил задоволство на девет десетини од моите пријатели и почитувачи“. А Чехов, колку што е познато, освен што е извонреден писател, бил и многу мил и пријатен за дружење. Не само за Толстој, Буњин, Левитан, Горки и бројните и меѓусебно пријатели (неговата сочувана кореспонденција содржи повеќе од 4200 писма), но и за т.н. обични жени и мажи, зашто и тој, пред се, бил дружељубив, срдечен човек.
Животот знае да го провери влогот во пријателството. Колку навистина вредело, колку веселите муабети и тивките доверувања воспоставиле цврст мост меѓу две човечки суштества. Зошто, како што вели Емерсон во својот есеј за пријателството: „Единствена награда на доблеста е доблеста, единствен начин да имаш пријател е да бидеш пријател“.

ФУСНОТА ЗА ПОКОРНОСТА И ОТПОРОТ

Интересно е дека во 1931., кога иновативноста и смелоста на конструктивистичките и футуристичките замисли се веќе насилно угушувани од шематскиот академизам на соц-реализмот, на интернационалниот конкурс за Палатата на Советите во Москва, со свои проекти конкурираат Ле Корбизје, Гропиус и авангардниот советски архитект Бертолд Љубеткин. Нивните динамични, функционални проекти како да ја поткрепуваат оптимистичката енергија на Новото Време. Така, Ле Корбизије проектира градба што наликува на испружена рака што завршува со дланка со раширени прсти, поврзани со реката Москва и пловните канали чие меандрирање го следи. Како и во замислата за Паметникот на Татљин се слави движењето, протокот, функционалноста. Во проектите на Гропиус и Љуботкин пак, таа „напредност“ е искажана преку централната сферична маса што се надоврзува и функционално се шири (Гропиус) или се пренесува во бранови (Љубеткин). Симболиката е очигледна. Центрифугалната и центрипеталната сила на Машината и тука, како кај Паметникот, алудира на постојаната и свежа енергија на Револуцијата.
За жал, како што најчесто се случува, стварноста ги крши идеалите. Ниеден од проектите не е прифатен на конкурсот: динамизмот на револуцијата се угушува во студените канцеларии на политичката бирократија. Теророт, порано оправдуван како средство на борба против класниот непријател, станува бирократизирана машина на стравот со која Државата ги држи стаписаните трудбеници во покорност. Во „Мајсторот и Маргарита“, во хумореските на Зошченко, во остапбендеровските јунаци на тогашните книжевни дела, опстојуваат последните упоришта на отпорот против тиранијата – иронијата и сатирата. Во кусиот предговор на „Златно теле“ (еден од првите преведени романи печатени во Титова Југославија, уште во 1946!), Иљф и Петров портретираат еден таков новокомпониран комунистички ревизор:
„ – Кажете – не праша некој строг граѓанин од оние што советската власт ја признаа нешто малку по Англија, а нешто малку пред Грција – кажете, зошто пишувате смешно? Каков е тој потсмев во реконструктивниот период? Полудевте ли?
Потоа долго и луто не убедуваше за тоа дека смеата сега е штетна.
-Грев е да се смееш – ни зборуваше – Да, не чини да се смееш! Ни да се смешкаш не чини! Кога го гледам новиот живот, сета таа преобразба, јас не добивам желба да се смешкам, туку да се молам!
… Дајте му на таков граѓанин-фанатик слобода, и тој дури и на мажите ќе им навлече фереџе, а самиот од утро од утро до вечер ќе труби химни и псалми сметајќи дека токму на тој начин ја помага изградбата на социјализмот“.
Ваквите партиски бирократи, слепо и дословно служејќи му на стравовладеечкиот Водач, се намножуваат насекаде низ огромната советска држава. Пространствата не се доволно пространи за да го спречат населувањето на партиската бирократија, Чија главна улога е да обвинува, забранува и казнува.
Многу подоцна, по смртта на Стаљин, Илја Еренбург ќе напише во мемоарските „Луѓе, години живот“: „Нашите музеи имаат одлични колекции на „левата уметност“ од првите години по револуцијата. Голема штета е што тие колекции не се достапни на посетителите. Кариката не може да се извлече од синџирот. Јас познавам млади советски сликари кои во шеесетите ја откриваат Америка: го создаваат (поточно кажано, би сакале да го создадат) она што во свое време го создадоа Маљевич, Татљин, Попова и Розанова“.
Ќе поминат уште многу децении додека делата на советската Авангарда не станат достапни на пошироката домашна публика. А креативниот, иновативен, динамичен, блескав дух на Авангардата што се чинеше несопирлив во раните триесетти на минатиот век, ќе исчезне, ќе се закопа во мемливите подруми речиси „преку ноќ“.
Како што вели Мајаковски во една песна напишана пред самоубиството: „Чамецот на љубовта се здроби од карпите на секојдневниот живот“.
Паметникот на Татљин останува во макета.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Записи од корона-окупацијата
Мало ѓезве, таман за едно кафе, имаше обичај да каже дедо ми...
Повеќе
0 replies on “ФУСНОТИ, 1”