-
ДЕЛОВИ ОД ГРАДОТ
Стави го каишот за да те изведам малку, ми рече Ханс, совршено потстрижен германски овчар. Ханс и јас живееме заедно пет мои години. Секако дека мојот пријател не зборува, но секој негов поглед, грч, движење со ушите, ги препознавам како прецизни наредби. Понекогаш и самиот наредувам на германски. Ако се затрча кон семафорот и ми се причини дека нема трпеливо да го почека зеленото светло, викнувам Halt, а тој ќе се сврти, збунет, затреперен, опашката му удира по слабините. Ханс сè уште се сеќава на својот јазик од времето кога неговиот газда, Германец, загинал некаде на Дурмитор.
Милена и јас не сакавме кучиња. Силните, разгневени животни на Забјела, во нашиот кварт, отсекогаш нè плашеа. Верувавме дека би можеле да нè јадат до смрт. Сепак, смртта на Милена изгледаше поинаку. Се случи отприлика вака: излеговме од колата по прошетката низ градот. Стефан, синот на нашите соседи, стоеше на влезот од зградата, со палка на рамото. Беше дрогиран. Се насмеав кога се доближивме. Праша зошто се смеам. Го замолив да се помести и да нè пушти да поминеме, но тој и понатаму стоеше пред вратата и повторуваше Зошто се смешкаш. Рече Зошто се смешкаш, педеру. Чувствителна и подготвена да научи сè што ќе слушне, Милена го повтори она педеру. Во главата на Стефан зборот одѕвони неколку пати и тоа беше доволно некому да му го скрши черепот.
Кога Милена и јас се доселивме, Забјела изгледаше поинаку. Не забележувавме дека децата станале насилни додека едно од момчињата не застана пред неа и на слогови ги раздвои Пуши ми го курот. Девојчињата ја нарекуваа Глувата Милена. Им читаше од усните и им се смешкаше. А потоа момчето ѝ ја скрши главата и заврши во дом за деликвенти. Неговиот татко почна да ме вика педеру. Жената од трафиката пред влезот одбиваше да ми продаде цигари. Одев до продавницата на другиот крај од зградата, но и таму наскоро стигна приказната за педерот. Соседите зборуваа дека го пратив детето во затвор. Два месеци подоцна морав да се отселам. Го продадов нашиот стан и за истата цена одбрав помал во Блокот 5, на другиот крај од градот.
Брзо се навикнав на вревата на децата под прозорецот. Ги гледав и размислував за Милена. Тие денови во весник го видов Ханс. Неговиот газда загинал на планинарење, а германскиот овчар завршил во Подгорица, во кафезот со џукели. Чувствителен по смртта на Милена, отидов до азилот и го зедов песот.
Така во Блокот 5 станав газдата на Ханс. Сите го знаеја неговото име. Кога влегувавме во кафулиња келнерите кажуваа Achtung, Achtung и се смееја додека Ханс се завлекуваше под масите. Не знаеја дека некои луѓе имаат причини да се плашат од мојот пријател. Го сакаше секој мирен минувач и секое дете, и никогаш не продупчи ниедна топка на ливадата. Но, Ханс беше строго воспитан и верен. За тоа е сведок доктор Калуѓеровиќ, оториноларинголог, кој лежи врзан во нашиот подрум.
Доктор Калуѓеровиќ е хирург – беше хирург, сега е само сплет од мускули и коски на валканиот кревет – кој ја оперираше Милена и неколку месеци пред смртта направи повторно да слуша. Нејзината глувост ја опишуваше како балон во главата. Со тимот хирурзи го продупчи балонот и пушти звук во мозокот на Милена. Кога се разбуди по операцијата ја прашав Како си. Почна да плаче. Подоцна во тој ден рече дека имам глас на девојче. Го повикав лекарот. Се насмеа и рече дека сè е во ред, дека мозокот се навикнува на нови фреквенции како окото на светлината по темнината, и дека наскоро сè што слуша ќе звучи природно во нејзините уши.
По излегувањето од болницата Милена секој ден одеше кај доктор Калуѓеровиќ. Главниот дел од закрепнувањето беше запознавањето со зборовите што првпат ги слуша. Во текот на една од вежбите, додека ѝ ги читаше деновите во неделата, заплака на средата. Рече дека речиси сите пациенти на новите зборови реагираат со солзи. Продолжи од четвртокот, а Милена веќе липаше на саботата. Се исплашив. Лекарот повтори дека нејзините реакции се очекувани и ме замоли да почекам пред ординацијата. Низ вратата на ординацијата слушав како повторно ги чита деновите во неделата и месеците во годината. Милена по половина час излезе расплакана. Молчеше и во колата. Кога влеговме во станот рече дека мора да заспие. Ми се чинеше дека зборува појасно од порано.
Нејзиното закрепнување напредуваше. По деновите и месеците на ред дојдоа предметите. Слушаше лажица, нож, маса, шпорет, полека учеше и плачеше во ординацијата. Потоа почнаа градовите. Тоа за Милена беше најтешко. Кога доктор Калуѓеровиќ ги изговори градовите од Подгорица кон север заплака по неколку зборови. Ниеднаш не издржа подолго од Колашин-Мојковац-Бело Поле. Посебно мачење дома беше временската прогноза на телевизија. Тука водителката понекогаш во една реченица ќе го изговореше месецот, денот и низа градови на југот, северот, во централниот дел. Милена седеше на фотелјата и плачеше, неспособна да го одвои погледот од тродимензионалниот релјеф. Се обидував да ја замолам да го исклучи телевизорот пред почетокот на прогнозата, но таа сакаше да вежба и да биде упорна, според упатствата на докторот Калуѓеровиќ.
Научи да се придружи на гласот од телевизорот. И понатаму повремено липаше, но можноста за усовршување на зборови ѝ го сврти вниманието од болките што звуците ѝ ги задаваа. Гледав како седи пред екранот и повторува. За лекарот, тоа беше совршено закрепнување.
Веќе не мораше да оди на секојдневни вежби, дел од нив можеше да ги извршува со мене дома. Добив задача да измислувам игри за неа. Една од моите омилени беше Делови од град. Ги изговарав имињата на квартовите, а Милена повторуваше. Потоа еден ден посака да ги посетиме местата што ги слуша. Веруваше дека така полесно ќе го поднесува звукот. Беше недела наутро, седнавме во колата и тргнавме.
Ѝ реков дека одиме на Горица, таму може да ги слушне птиците. Повтори птиците. Ја паркиравме колата пред црквата, се качивме на ридот и седнавме на ливадата покрај патеката. Солитерите се подигнуваат од ниските згради. Жолти, розови, сини куќи на ридот отспротива блескаа како крупни, пластични цветови. Беше среќна. Реков Згради на мозоците, Пет вдовици, Блок пет, Толоши, Стара Варош, Бастон, Киник, Момишиќи, Загорич, Пејтон, сè на што можев да се сетам. Ги повторуваше моите зборови. По играта се спуштивме кон центарот. Децата се сликаа со родителите пред празната фонтана. Милена добиваше израз на лицето на тапо дете. Меѓу луѓето беше посреќна отколку на ридот. Ѝ реков дека е време да се вратиме. Во супермаркетот на плоштадот купивме месо за неделниот ручек, се вративме на Забјела и го сретнавме Стефан на влезот во зградата, дрогиран, со палка во раката.
Во тој миг сите вежби на доктор Калуѓеровиќ нè стигнаа пред синот на нашите соседи. Момчето рече педеру, а тој збор за Милена беше уште една нова лекција. Ја фатив за раката и ја замолив да престане, но главата веќе беше напукната. Нејзиниот лакот, нагло отежнат, ми лизна низ дланката.
Не се сеќавам по колку години Ханс ми рече Ајде да го најдеме тоа ѓубре што ја оперираше глувата Милена и да го мачиме во подрумот. Ханс сметаше дека доктор Калуѓеровиќ е виновен и дека Милена би била жива да не ја научеше да повторува зборови. Не можев да ја замислам во станот со пес. Го потсетив дека ние двајцата не би се запознале ако Милена не загинеше. Тој би останал во азил, јас на другиот крај од градот. Тоа не значи дека лекарот не мора да биде казнет, рече. Беше упорен. Го прашав како планира да го изведеме грабнувањето. Со муцката покажа кон весникот на масата. Во аголот на страницата се наоѓаше реклама за приватната ординација на доктор Калуѓеровиќ.
Следниот ден, половина час пред затворањето, бевме пред ординацијата. Чекавме на паркингот. Лекарот излезе и се поздрави со медицинската сестра. Пред да ја отклучи колата го удрив со палка по главата. Ханс весело заквичи и ми помогна да го ставам во багажникот. Еден час подоцна, доктор Калуѓеровиќ се разбуди во нашиот подрум, врзан за креветот. Ханс никогаш не бил посреќен. Ја изеде вечерата, се напи вода и ги протегна задните шепи. Arschloch, сега ќе те дупам, а ти повторувај по мене, рече. Го свртив лекарот на стомакот и го пуштив Ханс да го направи другото. Тоа друго главно беше болно, секоја ноќ, секоја ноќ.
Не знаев до кога Ханс планира да го мачи лекарот. Не ми пречеше да потрае. Работеше стручно и никој во нашата зграда не се сомневаше дека имаме гостин во подрумот. На телевизија неколку дена слушавме за исчезнувањето на познатиот оториноларинголог. Една анонимна пациентка зборуваше во весниците за сексуалното малтретирање во ординацијата на докторот Калуѓеровиќ. И да не било така, доволно би го мразел поради она што ѝ го направи на Милена.
Вчера, додека го гледав дневникот, Ханс се врати од подрумот и рече дека лекарот признал сè, дека е виновен за смртта на Милена, дека непотребно ја терал да ги слуша и да ги повторува деновите во неделата, месеците во годината, имињата на градовите, поради што на крајот полуди и почна да го изговара сето она што го слуша. Му одговорив дека може да продолжи да ужива во лекарот, но и нему почнуваше да му здодева. Мојот пријател сè почесто раскажуваше за соседите што ме повредија. Следен на листата на Ханс беше таткото на Стефан, потоа жената од трафиката на Забјела. Поради неа морав да купувам цигари на другиот крај од улицата.
Утре ќе го убиеме она ѓубре, а потоа продолжуваме понатаму, рече Ханс кога му го ставив каишот за да ме изведе на прошетка.
-
СФИНКТЕР
Можеби сè почна кога бев избран за претседател. Со психијатарот се враќам во минатото и ми се чини дека речиси во сите важни мигови се гледам себеси неконтролирано посран. Кога ќе се сетам на полагањето на заклетвата, гомното е тука. Мојата сопруга се пораѓа, посран сум пред влезот во болницата. Се раѓа второто дете, во гаќите имам неред. Се сеќавам на денот кога во основното училиште секогаш сум избиран за последен во фудбалските тимови, а топлата топка веќе е во шорцот. Психијатарот претпоставува дека хистеричниот сфинктер се појави подоцна. Тоа веќе со години се обидуваме да го утврдиме.
Добро се сеќавам на некои од најважните јавни, како што ги нарекуваме на сеансите. Првото беше на комеморацијата на партискиот колега. Најголемото меѓународно јавно беше во Њујорк. Не дека некои претседатели не се посрамотиле на отворањето на њујоршката берза, но само јас се посрав. Во поголемиот број од јавните случаи тоа успеав да го сокријам. Секретарката ми помага. Ако понекогаш некој се запраша што тоа засмрдува на приемот или на коктелот, секогаш имаме подготвена чиста облека.
За мојата долго време чувана тајна е заслужна секретарката, но политичкиот успех им го должам на Африканците. Ниту во најлудите сништа полни со гомна што прскаат од сите дупки околу мене, не би можел да замислам дека во кариерата ќе ми помогнат оние што отсекогаш сум ги мразел. Растев во главниот град на Црна Гора на крајот од XX век, без црнци на улица. Потоа дојдоа Африканците. За да стигнат до подобар живот во западна Европа мораа да поминат низ нашата земја. За азилантите е направен камп во Подгорица, на Коник, кварт познат по камповите за бегалци од Косово. Африканците беа најодвратни. Белците не ги сакаа. Уште помалку од белците ги сакаа Циганите и бегалците. Црнци имаше сè повеќе. Таксистите одбиваа да ги возат, луѓето ги обвинуваа за грабежи. Булеварот помеѓу кампот и центарот на градот беше нивната омилена патека. Тука одеа, понекогаш боси, до другиот брег на реката. Најголем број црнци во Подгорица е забележан кога станав претседател. Сите се прашуваа што планирам да направам, но немав одговор. Размислував на сфинктерот.
Африканците полека стануваа најголема пречка. Еден црнец го претепала група момчиња, го соблекла гол и се обидела да го запали. Полицаецот дошол навреме и го уапсил азилантот. Сето тоа се случи во првата година од мојот мандат. Советниците, вклучувајќи ја и секретарката, ми зборуваа дека мојата политичка сила ќе се мери со решителноста да се изборам со црнците. Јас, сепак, и понатаму се борев со сфинктерот. Со психијатарот во понеделник се враќав во детството. Со затворени очи, спружен на фотелјата, во сеќавањата ги пушев цигарите на татко ми. На една сеанса се видов себеси посран по прв пат. Поминував покрај Клубот на возачи, при враќањето од музичкото училиште, кога почувствував дека нема да издржам до дома. Го сторив тоа додека поминував покрај тениските терени. Го држев гомното со рацете низ фармерките за да не се лизне низ ногавицата. Беше како мека тениска топка. Со врелата топка во раката одев до зградата. Ова сеќавање психијатарот го оцени како корисно. Работата со него ми годеше, но немаше премногу време за сеанси.
Проблемот со Африканците нè мачеше и понатаму, забелешките на советниците се трупаа на масата. А потоа еден топол викенд, додека со семејството се одморав на планина, го смисливме првото решение. Советниците ми јавија дека цела ноќ меѓу петок и сабота траеле пукотниците во камповите на Коник. Потрчав во тоалетот. Знаев дека таквата вест ќе ги придвижи цревата, а јас нема да имам време да ги запрам. Овој пат бев подготвен. Семејството не ме виде посран на подот. Ми рекоа дека пукотниците биле жестоки и дека немало ранети. Прашав како се случило тоа. Ми рекоа дека група бегалци од Косово пукале на неколку цигански куќи. Прашав каде биле Африканците. Одговорија дека црнците не се вмешани. Тој дел не ми беше јасен. Советниците продолжија да опишуваат како групата бегалци пукала во циганските куќи со калашникови. Од тоа се лизна уште едно гомно, не ги ни закачи ѕидовите на сфинктерот. Прашав од каде пушка кај бегалците, а потоа одговорот ми се јави неочекувано, со уште едно празнење на олеснување. Им ја продале црнците, реков пред да стигнат да одговорат. Знаевме дека тоа е невозможно. Но, ние можеме да го направиме можно. Мојот план им беше јасен. Тогаш направете го, наредив и ја прекинав врската. Се избришав и мирен излегов од тоалетот.
Полицијата влезе во шаторите на црнците, подметна пакети оружје, ги заплени и ги прикажа јавно. Излегувањето од кампот е забрането. За Африканците веќе немаше место на улиците, а јас повторно чувствував нагон за празнење и со силата на сфинктерот го задржував гомното во себе до одењето во тоалетот. Моите анални мускули беа наострени ножови.
Сфинктерот и јас проживувавме златни месеци, азилантската полиција поминуваше ноќи со црнкињите, сите повторно беа среќни. Но, по период на мир во градот и во мојот ректален тракт, еден од полицајците се вљуби во курва. Не му дозволуваше никому да ѝ се доближи. Десет месеци подоцна со службена кола ја одвезе црнкињата во болница за да му роди црногорско-либиско момче. По првиот полицаец, се вљуби следниот. Овој пат курвата беше маж. Се обидовме со ќотек да го натераме да го заборави љубовникот, но беше упорен. Јавно призна дека полицајците подметнале оружје на групата Африканци и дека неговите колеги силувале црнкињи. Пред да стигнеме да го запреме, веста ја премина границата.
Неколку дена подоцна се посрав во живо во преносот на дневникот на Јавниот сервис. Од тој миг сите пишуваа за хистеричниот сфинктер и го поврзуваа со теророт на црнците, и сето тоа го нарекуваа комплекси од детството поминато во страв од неконтролирано празнење. Психијатарот рече дека таквите теории се аматерски. Моето семејство страдаше. Но, во најтешкиот миг, партијата ми помогна. Ме наговорија да се повлечам пред изборите за вториот мандат, а потоа ми го променија животот. Пред локалните избори во главниот град ме предложија за градоначалник. Мојот претходен тим е отпуштен, освен секретарката и психијатарот, задолжени за контрола на сфинктерот. Клучот на новата кампања беше во признавањето. На истото место каде што неколку месеци порано се посрав, во главното студио на Јавниот сервис, раскажував за терапиите кои од мене направија нов човек, способен да се празни како нормален маж и подготвен да ги прифати другите раси. Мојата исповед е прикажувана неколку недели како дел од кампањата во главниот град. По препорака на советниците напишав книга за својот живот. Кога ја објавив Нов живот избран сум за градоначалник.
Првиот телевизиски настап по победата беше подготвуван со психијатарот и со советниците. Го облеков најубавиот костум и пелени за возрасни и излегов пред камерите. Ги повикав сите црнци и мигранти од светот да најдат засолниште и транзит во Подгорица, во една од убавите куќички на Коник, меѓу бегалците слични на себе, во соседски односи со Ромите, Египќаните, Ашкалиите и другите жители на нашиот град. Додека зборував чувствував пулсирање во мускулот меѓу тестисите и анусот, но знаев дека ќе издржам. Успеав. Сите повторно беа на нашата страна.
Новите советници решија да не останам запомнат како претседател кој се посрал пред камерите, туку како успешен писател и градоначалник. Благодарение на нив, мојата тажна приказна и понатаму е на листите на најпродавани книги, јавните читања во книжарниците се најпосетените настани во градот, книжевниците сакаат да се запознаат со мене. Брзо станав влијателен автор. Сепак, продолжив да се борам со хистеричниот сфинктер. Во миговите кога мојот проблем неочекувано се враќа и ме остава посран на подот, секретарката и советниците ми зборуваат дека наскоро ќе биде подобро, дека веќе е подобро, дека животот ќе стане повеќе од топка што се лизга низ моите нозе како топла, гомнеста солза.
-
ЦРНИ РИБИ
Откако ќе се помине Никшиќ, покрај реката, кон шумите на исток, се влегува во градот Плужине. Од патот се гледа неподвижно сиво, вештачко езеро. Над кафеаната Дилдо е изграден нов град, стариот е под вода, седумнаесет метри длабоко. Бев на вештачкото езеро во вештачкиот град.
Дел Арно, организаторот на деновите на СМ краток расказ, по две минути разговор ми понуди пијалак. Ја испив првата вотка и нарачав уште една. Преку работ на кристалната чаша езерото беше блескава хауба во зимзелена досада.
Она е Миси, рече. Видов црн облик во светлината. Беше единственото суштество на брегот.
Тоа е авторка од Загреб, повеќе порн отколку СМ, ќе се запознаете. Црната коса и црната облека изгледаа привлечно во пејзажот на боровите и водата. Миси тргна кон нас.
Уживаш, рече Дел Арно.
Чекам да се појави чудовиште.
Ова е Сало, Дел Арно ме претстави и нè повика на појадок.
Во текот на јадењето главно зборуваше за себе. Роден е во Плужине, живеел во Подгорица, студирал во Белград. Во Подгорица често наминувал во Zwanglos II. Меѓу гостите запознал неколку СМ фанови. Некои од нив пишувале раскази. Му ги читале своите работи. По дваесет години се вратил во Плужине, и ја отворил Дилдо, кафеана со апартмани. Придвижил портал за СМ книжевност и објавувал дела на пријатели. Кога уредувањето на сајтот му здосадило направил фестивал на СМ кратки раскази и четврта година по ред собираше анонимни автори. Бев единствениот гостин од Црна Гора. Миси ја открил на малку познат портал за квир книжевност. Мене ме нашол на хрватски порно-форум. Наспроти смртта на Плужине неговите апартмани работеа, привлекуваше странци желни за скапо планинско доживување и од делот на заработувачката организираше мал фестивал.
Миси предложи по појадокот да се повозиме. Го прашавме Дел Арно што им препорачува на туристите. На парче хартија нацрта мапа со имиња на селата на стариот пат Плужине – Жабљак. Ја одам напред, рече. Седна на моторот паркиран покрај кафеаната. Влегов во колата и тргнав по неа кон излезот од градот.
На свртувањето кон Трса гледав како стегнатиот газ на моторџиката се врти во коженото седиште. Се оддалечувавме од сивото езеро, ливадите завршуваа во планините. Кога наидовме на таблата со знакот Пишче, Миси запре. Пред куќата со покрив до земјата седеше еден маж. Го подигна визирот и праша каде можеме до Пруташ. Оттука, рече и со влакнестата рака покажа низ улицата. А што е ова, праша таа. Кафеана. Миси се насмеа. Заеби го фестивалот и Дел Арно, ова ми изгледа подобро, рече и погледна околу нас. Чувствував како се доближува нов напад. Моите бели дробови беа кактуси давени со планински воздух. Се обидував да го контролирам дишењето.
Испивме пиво и тргнавме понатаму. Патот стануваше потежок. Под врвот Прутаж запревме вторпат. Миси извади шише вотка од ранецот. Рече дека претпоставува дека двајцата сакаме забава на фестивалот на Дел Арно. Ја соблече тесната опрема за возење, ме опчекори и лесно ме доведе до краток, досаден оргазам. Тоа беше запознавање на телата. По паузата, од куферот на моторот ја извлече првата играчка за тој ден. Ребрестата направа можеше истовремено да влезе во аналниот отвор и на маж и на жена. Нè спои. Тоа беше првпат со некој да искористам вистинска играчка. Во реалниот живот моите СМ желби скапуваа како неосончени растенија. Уште од раниот пубертет најболните задоволства беа она што го сакав, но никогаш не најдов партнер за себе. Не можев да дишам ако немам некој да ме стегне за грлото, да ме врзува и да ме мачи додека свршуваме. Дома, родителскиот презир беше целосен од мигот кога мајка ми ја отвори масата во мојата соба и најде евтини играчки купени во единствениот, слабо опремен секс-шоп во градот. Наместо реални мачења имав сајтови за одбрани и мастурбирање со давење. На девојките секогаш полека им ги откривав склоностите кон повредување, но на крајот сите побегнуваа. Кога ја извлековме играчката од нас Миси ја исчисти и ја спакува во торбата. Се облековме и тргнавме.
По неколку километри угорнини и кривини стигнавме до Седло. Тоа беше следниот врв на мапата на Дел Арно. Ја следев стрелката на температурата на моторот како се подигнува кон небото заедно со двете заедно со две илјади метри високиот камен во облик на направа во која би ја врзал Миси и влегував во неа од болниот залет на лулашката. Повторно застанавме. Миси пиеше вотка и раскажуваше. Рече дека нејзините раскази се ролер-костери, скапа и квалитетна скаламерија од која главно се симнуваш посран. Пред неколку години ја отворила издавачката куќа „Порнс анд Ноубл“ и ја објавила првата книга. Издавачите се гомна, рече. Ја бакнав и ја замолив да му удри меѓу нозете. Кога легнав на тревата стави два прсти во мене. Лесно ја пронајде простатата. Ме фати за тестисите и со комбинација на четири стисоци – три кратки, еден долг и посилен, што беше СМ цитат на првите тактови на Петата симфонија од Бетовен – ги исцеди последните капки.
Тоа утро Дел Арно ни раскажуваше за богомилските гробови над езерото. Тие беа следната точка на нашата мапа. Се паркиравме на крајот од асфалтираниот пат и тргнавме покрај карпата, до чистината меѓу дрвјата. Најдовме три издвоени стеќки свртени кон браната и градот. Поради неподвижната, мртва река посакав веќе никогаш да не го видам езерото. Ги погледнав стеќките и го избрав каменот со примитивен цртеж на маж. Миси од џебот извади кесичка мексиканско задоволство. Во златниот прав имаше различни комбинации на чили направено да не ја оштети слузокожата.
Лежев и ја гледав Миси. Спиеше. Беше најубавата, единствената жена во мојот живот. Се разбуди и рече дека е време да тргнеме. Возевме кон Плужине. Кога се паркиравме пред кафеаната на Дел Арно отидовме до плажата. Тргна кон езерото. Гледав како се претвора во црна риба и исчезнува во водата.
Знаев дека Миси нема повторно да излезе. Отидов до Дел Арно на вечера. Дел Арно знаеше за Миси. Сега ја запозна нашата Пепелашка, рече. Беше пијан. Гледаше кого од писателите по првото читање ќе го одведе во апартманот. Му реков дека не се чувствувам добро. Не ме слушаше. Влегов во колата и тргнав кон Подгорица, кон ѕидовите што цел живот ме делат од ’рчењето на родителите во собата. Напишав расказ за Миси. Во расказот, се свртев на влегувањето во Никшиќ, кај кафеаната Риверсајд, и се вратив во вештачкиот град. Ја оставив колата пред кафеаната Дилдо, и се спуштив до плажата. Седнав на брегот. Ништо не се случуваше. Водата беше одвратна. Покрај мене лежеа неколку гости на СМ фестивалот, пијани и подготвени за ебење. Го одбив нивното друштво и преспав во шаторот со пар од Русија. Следната вечер камперите заминаа, јас останав.
Спиев на плажата, камењата стануваа постудени. Потоа се појави Миси. Ме прегрна и ме претвори во црна риба. Влезе со мене во водата и ми ги покажа тајните на езерото. Оттогаш пливаме низ остатоците од камените куќи, се париме и се повредуваме секој ден. Ги гледаме здебелените сомови како ги одвлекуваат труповите на работниците на хидроцентралата што паѓаат во водата и остануваат со нас. Никогаш не посакав да излеземе. Езерото е длабоко и на дното се наоѓа градот. Кога автомобилите ќе слетаат од мостот ги цицаме нивните стакла додека бавно тонат. Во зависност од тоа дали се самоубијци или несреќни случаи, патниците во колите на почетокот се обидуваат да ги отворат вратите, да го скршат прозорецот, се грчат или го чекаат крајот. Никој не ги извлекува давениците и остатоците од колите. Одблесоците од металик сивата почва се нашето единствено сонце и низ него ќе пливаме среќни, во водена болка, до крајот на животот.
Превод: Иван Шопов
-
Преводот е направен во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ што се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.