Поетика: Животот овде и сега
Ханиф Курејши го напиша својот магнум опус. Ќе видиме. Романот „Нешто да ти кажам“ е мошне fashionable во однос на сите постулати што се наметнаа нужни за секого кој претендира да биде сериозен автор: вивисекција на средовечноста на бејбибум генерацијата; трендовска психоанализа поттикната од словенечкиот популаризатор на лакановската школа Славој Жижек; сурфање на работ од баналното секојдневие; во духот reality идеологијата, да се изложиш себеси или своите блиски, сржевито; да наметнеш расправа за Уживањето („Свет на лудачка желба“, Курејши); појдовна точка да ти бидат пост-68-осмашките последици, или со други зборови да опишеш плодовите на разорноста на материјализмот (Курејши себеси се доживува како хроничар на тачеризмот) на новонастанатиот Духовен Холокауст.
Се чини, на ниво на поетика, современата книжевност, го напушта постмодерното експериментирање, прекумерното цизелирање, и се повеќе развива потреба од ургентно толкување на Животот овде и сега.
Во оваа остварена Фаренхајтова 451 дистопија, кога пламенот на визуелната култура ги гори книгите, „Литературата“ што би рекол жовијалниот лунатик Фредерик Бегбеде: „доколку сака да преживее мора да отиде подалеку од тоа што го покрива телевизијата и весниците.“
Поетиката во „Нешто да ти кажам“ во обидот да прикаже каков пустош направи американизацијата на британската стара култура авторот, иронично, не може тотално да побегне од американизмот. Неговата реченица упатува кон хемингвејска традиција, таа е соголена од метафори или барокност како кај прождирливиот „сонародник“ С.Ружди; па, сепак, не би рекол дека се работи за некаков сувопарен анахрон реалист, туку оваа поетика наликува комбинација на експресивен реализам и роман на идеи.
Впрочем, може да се запрашаме што автентично ни понуди Британија со Бог како Рупер Мердок на чело последните 30 години освен килава поп-култура и разните субкултурни движења (панкови, рокови, њувејвови…) кои сите дегенерираа или одлично се вклопија во Culture Capitalism-от!?
Поглавјата наизменично водат кон дигресивно дејство кое се одвива во 70-тите за да се прикаже Coming of age главниот лик Џамал но и на настанокот на Тачеровата контрареволуција. Ако Уелбек се наврти на хипиците, Курејши ги зеде на удар панкерите:
„Никогаш не сум ги сакал панкерите, ваквата анархична, републиканска неморалност понекогаш ми фаќаше око – веројатно поради непочитувањето на авторитети, деструктивноста. Од друга страна, пак, се вклопуваше во либералната економија на Тачер. Како да не се насмее човек што капитализмот кој го пуштја во оптек конзервативците под Тачер ги уништуваше баш оие општествени вредности за кои партијата се залагаше.“
Колапс на културата
Во постмодернизмот на исто рамниште се и митовите и ТВ сапуниците, класичната и поп-музиката, врвната книжевност и тривијалноста, но токму тоа, според британскиот психоаналитичар Роб Ведерил во „Колапс на културата“ предизвикува противречни, збунувачки претстави за стварноста во рекламите, филозофијата, книжевноста, производите за масовна култура, што доведува до подвојување на свеста. Распарчувањето на единствените целовити слики на светот, логично причинуваат разорување и фрагментирање на сликата за себе, дезинтеграција, распад на себството.
Кога ќе дојде до дезинтеграција, губење на кохезијата на себството, тогаш се ослободува огромна количина нагонска енергија која постанува разобличена енергија, неконтролирана, стихијна, а моќна, оттаму и крајно опасна.
Пропаста на фундаменталните вредности, идеи и значења остави огромна празнина во душата на поединецот, кој настојува да ја пополни со консумирање храна, филмови, ТВ-серии. Апатично, празно, духовно, умртвениот поединец има потреба од силни возбудувања и затоа алчно чита таблоиди преполни со сензации, шокантни приказни, голта се’ појаки дози на филмови преполни со насилство, садизам, убивање и брутален порнографски секс.
Феноменот на порекнување на душата во огледалото се рефлектира во укинување на вредностите, автентичноста и автономијата на внатрешниот свет на поединецот, како и претворање на нашето себство во неприкосновен извршител, во гол инструмент за приспособување на средината. Божем „ослободени“ од културните норми, идеали, вредности и забраната за кршење на правилата, лишени од чувствата за трагично, припадниците на современото општество принудно, слепо и неповратно итаат во пропаст, во аномија, нихилизам и цинизам.
Постмодерната култура ја негира самата смрт. Смртта како злокобна, темна и неотстранлива сенка ги надвиснува сите наши мисли, планови, љубови и надежи. Ведерил смета дека претставата за смрт не само што е застрашувачка туку е и крајно тешка за поимање, несфатлива, зошто може да се одреди исклучиво негативно, како ништо, „како празнина“.
-
Автор: Александар Спасевски
Користена Литература:
http://www.filozofijainfo.com/index.php?option=com_content&view=articl e&id=271&catid=45&Itemid=118#sthash.SeUyFLEK.dpuf
Resistance is surrender
KOLAPS KULTURE – Rob Vederil, Izdavač: Clio, 2005
Zašto je Marx bio u pravu – Izdavač: Naklada Ljevak, 2011
First As Tragedy, Then As Farce – Slavoj Zizek, Verso 2009