„Фуснота за романот“ и „Фуснота за Вилен“

Но, како што вели Жид, „не можеш да откриеш нова земја без да си дозволиш да се изгуби глетката на брегот за подолго време“.

ФУСНОТА ЗА РОМАНОТ

Кога за прв пат го читав шармантниот есеј на Андре Жид „Десет француски романи што…“, веднаш се потсетив на една од раните, омилени игри со книгите низ кои ме водеше татко ми. Ме предизвикуваше да направам ранг-листа на три, пет или десет прочитани книги според жанрот, временската (на пр. – втората половина на 19. век), националната определеност, ликот на јунакот (на пр. – студент, фатална жена…). После ги споредуваше со оние од својата ранг-листа. Намерата му беше корисна: да ме „навлече“ да ги прочитам оние дела што се уште ми беа непознати, а што тој ги вреднуваше (можеби намерно) високо. Така моите први средби со Булгаков, Ремизов или Љоса беа инспирирани од ваквото надигрување. За оваа поттикнувачка игра (што се уште, иако многу поретко, ја практикувам со некои свои помлади пријатели) веќе пишував во едно свое поранешно антиупатство (бр. 76). Но да се вратам на ранг-листата на Жид. Замолен, од севкупната, долготрајна богата продукција, да издвои десет свои најомилени француски романи, тој, и самиот високо вреднуван романсиер и еден од највиспрените почитувачи на Прустовото дело, го сочинува изборот со забележлива критичност и повремена потсмешливост. Навистина, вековната популарност и читаност што романот ги обезбедил кај широката, но и кај елитната публика често не соотвествува со неговата божемна супериорност. Неоспорно е дека најмногу се ужива и се занесува во читање романи (иако за овој читател, читањето добри раскази му носи поголемо задоволство), и дека, како што вели Жид, на романот „му припаѓа сета наша наклоност“. Но, ако по извесен број години, се навратиме на некој од тие романи, често ќе не зачуди неговата несовршеност, впечаток што ретко се јавува пред саканата песна или расказ.
Жид на врвот на својата листа го поставува „Црвено и црно“ на Стендал, следат „Опасни врски“ на Лакло. Листата од десет ја завршуваат Флоберовата „Г-ѓа Бовари“ и „Жерминал“ на Зола. Пишувајќи го ова антиупатство, направив мала анкета меѓу моите пријатели, инаку ревносни читатели на современите хит-романи: кои од романите од листата на Жид ги имаат прочитано? Второто надоврзувачко прашање беше дали прочитале некој роман од Жид? Резултатот (очекуван) е дека од десетте избрани француски романи прочитале, како обврзна лектира во средно, два или три, што се однесува до Жид, добриот дел од анкетираните го знаеја само по име авторот на „Иморалист“, „Подрумите на Ватикан“, „Ковачите на лажни пари“… Денес, за новелистичката класика се нема ни време, ни трпение. Спротивно, современите романескни продукти, спакувани шарено и предвидливо, се читаат како алва. И се забораваат. Причина повеќе за вакви ранг-листи. И како поттик за откривање нови читателски задоволства, во кои татко ми умееше така вешто да ме вовлече.
За што, пред се, ќе биде потребно време. Време што ни го крадат глупавите ТВ-серијали или исто така бескрајните политички манипулации. Но, како што вели Жид, „не можеш да откриеш нова земја без да си дозволиш да се изгуби глетката на брегот за подолго време“.

ФУСНОТА ЗА ВИЛЕН

Секој од нас, а тука влегуваат и писателите, постојано ги пишуваат своите приказни од животот. Од друга страна, верувам дека никој од нас (дури и оние со робинзоновски карактери) не може да егзистира без слушање и соучествување во приказните на другите. Љубопитството, разговорливоста, па и куртоазијата, ни овозможуваат, во еден вечерен муабет, покрај брегот на Црното море, со чаша бело домашно вино од Добруџа, да заживееме, како декамеронските јунаци, во светот на паралелните реалности, да се препознаеме, низ изненадување и смеа, во ткн. „туѓи“ животи. Ваквите разговори се и една од причините зошто читаме, оти понекогаш приказната од реалноста и напишаниот по-расказ од книгата ги разграничува само тенката линија на прераскажувањето.
Приказнава е чуена од повозрасен писател од некогашните ју-простори кој 48-та бил ученик во четврто одделение. На почетокот на неговата читанка стоеле две фотографии – на другарот Тито и на другарот Сталин.
Еден ден, во училницата, со својот вообичаен решителен чекор, влегува учителката и со вообичаено заповеднички тон им се обраќа на учениците: – Другари пионери, отворете ги читанките. Таака! А сега ископајте му ги, со моливот, очите на другарот Сталин. Таака!
Учениците, веќе истренирани да слушаат, се даваат на работа. Но на нашиот раскажувач мустаклијата Сталин му станал некако симпатичен. Му заличел на дедо му. Не му одело некако да му ги копа очите, и стискајќи го моливот, се направил дека божемски ја исполнува наредбата, а всушност нешто чкртал. И се би било во ред ако учителката не почнала да ги проверува читанките. Оттаму, се тргнало со голема брзина: вџашеноста и гневот на учителката, спроведувањето кај директорот, директорот наредува под итно да се повика родителот, а родителот (таткото) под итно е испратен кај надлежните на блиски консултации.
Се вратил таткото по два дена, некако изменет и подуен, го повикал синот и му кажал ем тивко, ем строго: – Од денес сине, те молам, слушај ја учителката… и прави се што ќе ти каже.
Тука се надоврзува унгарскиот писател: – А знаете ли дека еден наш политичар, еден од вечните, од Кадар до Орбан, се вика – Сталин!
-А еден од нашите најнаградувани поети – се вмешува Литванецот – Вилен!
Се погледнуваме зачудени: – Па кратенка. Од Владимир Илич Ленин. ВИлен!

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ПИСАТЕЛОТ СТАНУВА ЛИК
Влета во салата еден, на сред предавање, и вика: – Го тепаат!...
Повеќе
0 replies on “„Фуснота за романот“ и „Фуснота за Вилен“”