Кадер Абдолах, персискиот ткајач на книжевни килими

Тој ткаач на персиски книжевни килими, вткајува и универзум, суптилно градејќи го преку коранското Alef Lam Miem, онака како започнува арапската азбука, онака како мистично овие букви го откриваат универзумот.

Татко ми продолжи. „Знаеш ли дека прво немало ништо, а потоа одненадеж се случил големиот прасок и потоа ѕвездите почнале да светат? Не го знаеш тоа? Ни јас не знаев, но Ишмаел знае сé.“
Онака како прилега со „Бележникот на татко ми“ и „Куќата на џамијата“ од Кадер Абдолах, во манирот на некоја модерна „Илјада и една ноќ“, пред нас се отвораат две персисики приказни кои се преплетуваат идеолошки, но и чудесно, една меѓу друга, за да потврдат дека физичарот Хосеин Саџади Гемагами Фарахани т.е. Кадер Абдолах, одлично ги познава законите на физиката, но уште поубаво знае да раскажува приказни, кои ги вплетуваат помалечките приказни во една голема. На македонски јазик и двете книги можеме да ги читаме во издание на Антолог. Авторот како да ткае килим, од оние најубавите, персиски, онакви какви ткаат јунаците во неговите романи. Всушност како таков да е односот на Абдолах, кон книжевноста, уметноста. Како во избирањето на најубавите, најавтентични нишки, да се крие тајната, за да пред нас денес да се откријат два прекрасни романи, кои обилуваат топлина и мекост, но кои зборуваат и за болни работи. Вткаени се во романите за да прозвучат со доза авторова носталгија и читателска меланхолија, која особено се чувствува при завршување со читањето на текстот. Таква е меланхолијата и на персискиот поет, се цитираат во неговите текстови неколкумина, за да прозвучат со онаа суфиска суптилност на минливоста на мигот, значењето на љубовта и нејзината поврзаност со светлината, а со тоа и со Бога. Доминира меѓу редови впечаток, дека само светлината може да го надитри времето, и тоа во смисла на физиката како наука, но и во смисла на Бог како светлина. Физички и метафизички. На тие нивоа, и со тоа помеѓу, си поигрува авторот. Тој ткаач на персиски книжевни килими, вткајува и универзум, суптилно градејќи го преку коранското Alef Lam Miem, онака како започнува арапската азбука, онака како мистично овие букви го откриваат универзумот.
„Бележникот на татко ми“, првпат е објавена во 2000 година на холандски јазик, што значи дека авторот кој пишува и на ирански јазик е дводомен. Во Холандија дошол 1988 на покана на Обединетите нации како политички бегалец. Тој и гради ликови на кои е сличен, Ишмаел во „Бележникот на татко ми“, Шахбал во „Куќата на џамијата“. Неговата лична приказна и неговиот личен контекст, се дел од книжевниот килим, како можеме да го наречеме негово писмо. Тоа, обилува со замки, кои го маѓепсуваат читателот, тој останува со текстот, токму како што Шехерезада маѓепсува со своите приказни. Јасно е дека Абдолах ја следи персиската традиција на раскажување приказни како и персиската книжевност на која заедно со холандската се прави алузија и во двете книги.
Уште со својот наслов „Бележникот на татко ми“, наведува дека ќе читаме некаков бележник, и тоа не било кој, бележникот на таткото на главниот раскажувач, Ишмаел. Но не е толку едноставно, освен Ишмаел, постои уште еден само наречен сезнаен раскажувач кој се обраќа во прво лице. На почетокот тој раскажува: „Пештерата беше една од приказните во Светата книга во куќата на Ага Акбар. Почнавме со неговата реч пред да се обидеме да го протолкуваме тајниот бележник на Ага Акбар. Двајца сме, Ишмаел и јас. Јас сум сезнајниот раскажувач. Ишмаел е синот на Ага Акбар, кој беше глувонем“ (11-12) Од овие неколку реченици се расплетува цело дејство. Пештерата, хронотоп на митот и реалноста. Градот Сенеџан, хронотоп кој на некој начин ги обединува и оној на пештерата и онај на бунарот, хронотоп и во „Куќата на џамијата“. Сенеџан кој ги познава планините, и оние села во планините кои се граничат со Русија, што во еден момент ќе стане исклучително важно за дејствието особено во „Бележникот на татко ми“. Дише приказната на Ишмаел, со љубов кон таткото и последиците кои таа љубов ги носи, особено за созревањето на Ишамел. Ага Акбар е глувонем. Дел од одговорноста за него скоро премолчено ја презема Ишмаел. Пред тоа поминува соодветна иницијација, за и кога ќе го остави Ага Акбар, неговото отсуство да се разбере како дел од созревањето и на двајцата и како природен процес. Клучна улога во развојот на двајцата, но и во целото семејство има Казем Кан вујкото на Акбар. Тој како да ја презема улогата на старател, го учи Казем она што татко му не може да го научи, и кој освен влијателно презиме не може да му даде многу. Акбар расте со приказните на Казем Кан. Една од нив е и приказната за пештерата. Во неа на ѕидовите постои древно клинесто писмо, кој никој не успеал да го дешифрира. Фасцинацијата на Акбар, со пештерата била толку голема, што со поттик на вујко му, почнал да користи слично такво писмо во својот бележник. Ги пишувал своите мисли и чувства кои не можел да ги изрази. Во него Казем Кан препознава креативен дух, и затоа го насочил кон ткаењето килими. Доктрина која е исклучително важна за авторот Абдолах. Доктрина која се врзува со персиската традиција и историја. Така преку бележникот и преку работата на килимите Акбар се обраќа. Неговиот бележникот е читлив само за неговиот син. Тој го толкува за читателот, но толкувајќи вметнува и свои приказни, како конци во килимот на писателот Кадер. Читањето на неговите романи, е како внимателно разгледување, конец по конец на најубавите персиски килими. Дури можат и да се допрат. Во приказните на бележникот е и приказната за историјата на акбаровиот живот. Неговото детство, младост, последните години…Растењето, вљубувањето, осамувањето, женидбата, добивањето деца. Фази, кои се сместуваат во слоевите на неговата душа. Фази обременети со историја, политика, копнеж и борба. Лична приказна, која проговорува општо. Проговорува за Иран, оној Иран на шахот Реза, Иран на имамот Хомеини. Иран на левицата, Иран на Ага Акбар, кој негде во неговата душа е сличен на килим, во кој тој ги вткајува клинестите знаци на својата приказна, која Ишмаел подоцна ќе ја раскаже на машина за куцање, слична на онаа од која делува илегално, ширејќи пропаганда. Револуцијата почнува на лично и се проширува на општо ниво. Восхитува Ага Акбар, со своите вештини на планинар, за него нема тајна бунарот на Махди, уште една коранска приказна која вешто се вклопува во романот со својот концепт на надежта, дека според приказната Махди, ветениот, кој ќе излезе од таму после години, кога е исклучително потребен. Верата на Ага Акбар, можеби изгледа наивна, но е длабока. Фасцинира мистификацијата која се однесува на пештерата од почетокот, и пештерата на крајот од романот: „И кога сонцето се појави, луѓето видеа како изгрева од десната страна на пештерата. А кога сонцето заоѓаше, луѓето видоа дека се спушта на левата страна од пештерата, додека тие беа во просторот помеѓу. Мислеа дека се будни, но спиеја“. Преку Златно Ѕвоно, сестрата на Ишмаел, ќерката на Ага Акбар, дел е семејството од пештреската приказна: „Еден ден Златно Ѕвоно ќе се разбуди. Ќе ја напушти пештерата со сребрена паричка во едната дланка. А кога ќе стигне до градот, ќе забележи дека сé се сменило“. Мистификација која е симбол на цел роман и со која тој завршува.
Колку што е промената акцентирана во „Бележникот на татко ми“, односот кон неа во „Куќата на џамијата“ е како спрема уште еден актер во дејствието. Таа е многу важна, но не пресудна. Односот кон неа е во духот на суфи традицијата, таа е нужна за да се согледа вистината. Вистина е Ага Џан, клучниот лик во романот, кон кого нараторот покажува најмногу емпатија. Тој покажува интегритет, дури и пред најголемите промени, кои вклучуваат промена на режимот на шахот Реза и диктатурата на ајатолахот, што предизвикуваат и промена на општеството спрема него. Восхитува развојот на ликовите, кои како во сага се распостилаат пред нас. Ага Џан, сопственикот на чаршијата, но и глава на куќата на џамијата. Таа куќа е дел од теќето, а џамијата е дел од него. Имам е неговиот брат Алсабари. Лесно наративот, може да се смести и во роман со повеќе томови. Но Кадер Абдолах, решава да биде едноставен. Избирајќи пресвртни моменти, читателот може да препознае неколку периоди од животот на куќата. Првиот е присуството на бабите Голбану и Голебах, дојдени уште како девојки со Казем Кан, поетот во куќата. Нивната приказна е меѓу најтоплите, најмеките, токму како што се претставени и тие. Со срца преполни верба. Нивниот

Аџилак граничи со приказните на чудесното, како и тие да стануваат дел од апокрифна исламска приказна, зачинета со опиум. Тие се како неофицијални хроничари на куќата. Скоро невидливи, но нужно потребни. Тука се за да ги слушаат приказните на Зинат, да се восхитуваат на убавината на Фагри Садат, да го гледаат растењето на Шахбал. Но не се таму, кога сето тоа се менува. Но, таму се за да ги засведочат подготовките за плетењето на најубавите килими во светот. Ткаењето како врска и помеѓу двата романи. Во овој вториот „Куќата на џамијата“, објавен 2015, еден од најчитаните во Холандија, авторот оди уште подлабоко во откривањето на тајната на нивната изработка. Фагри Сад сопругата на Ага Џан, ги пречекува со голема љубов, птиците. Уште веднаш се насетува некакава врска помеѓу нив и килимите. Фагри ги набљудува шарите на птиците, најубавите се прецртуваат со најдобрите бои, а потоа користејќи ги цртежите како шеми, се плетат килими. Се избира најпрефинета волна, се комбинираат неколку бои, за да се постигне посакуваниот ефект. Мајсторски чин на уметноста, мајсторски книжевно откриен пред нас. Текстот се плети на неколку нивоа. Плетењето е во суштината на поетиката на Кадер Абдолах.
И двата романи, поставени се во сличен временски, политички, општествен контекст. И двата се зафаќаат со проблематичните и болни моменти од иранската историја. На почетокот и во двата романи е контекстот на владеењето на шехот Реза, на кога не му се допаѓаат традиционалните вредности и чие владеење малку по малку ги истиснува убавите, но тешки за изработка килими, грнчаријата на Музеинот, длабоката мисла на Ага Џан. Со шехот Реза, од Америка доаѓа радиото, телевизијата, киното, прогласени за дела на ѓаволот, во времето на фашистичкиот режим на ајатолахот Хомеини. Со владеењето на Хомеини се прави еден парадокс, убивањето во име на Бога и во името на некаква божја правда. Иранскиот Ком е центар на шиитскиот свет, нивен Ватикан. Таму се образуваат иранските имами. И сé ќе беше во ред ако дел од нив не избереа некој чуден пат до Бога. Пат преку оружјето и смртта. Меѓу нив и Галгал, олицетворение на Ѓаволот. И во тие тешки мигови, доминира достоинството на Ага Џан, неговата доблест да ја прифаќа промената како конечна. Во својот внатрешен џеб, чува збирка поезија која често ја чита. Последна е токму песната која контрира на минливоста: „Ако таа слатка уста, тој пехар со вино, /едноставно засекогаш исчезне, невешто. /Запомни, додека постоиш, ти си само она /што еднаш ќе бидеш: ништо. Помалку не можеш да бидеш/“. (164-165).
Вибрира текстот со ликови, преплетувања меѓу нив на различни ниво. Таман сме се збогувале со некого тој или таа се враќа за конечната разврска. Кадер Абдолах, се занимава со палета на ликови. Секој од нив е изграден соодветно на контекстот, но во исто време може да се почувствува и неговата душа. Така Музеинот кој е слеп, има одличен слух, тој ги повикува верниците на молитва од минарето на џамијата. Парира на глувонемиот Ага Акбар од „Бележникот на татко ми“. Абдолах, како намерно да ги избрал, за да покаже дека физичкиот хендикеп е безначаен, спореден со хендикепот на душата како оној на Галгал или на Зинат. Музеинот и Акбар, имаат висок интелект со чија помош се носат со надворешниот свет.
Игриви се описите на пејзажите, слични на поетски слики, се преплетуваат и во двата романи. Затоа доаѓањето на фотографијата, киното е исклучителен момент за Иран. Носрат, братот на Ага Џан, е човекот што ги снима настаните од романот. Тој има храброст да ја претстави камерата и пред Хомеини лично, кој е тајно одушевен од нејзините можности, но фасцинацијата со камерата ќе се покаже трагична за Носрат. Се прекршуваат тука, воопшто, не наивно сликата и зборот, па и тишината. Носрат е оној што слика/снима, Шахбал е оној што раскажува. НоТие дури и идеолошки се разидуваат. Шахбал како раскажувач се открива во последното поглавје, се открива суптилно преку писмото до неговиот чичко: „Драг мој чичко, сé уште пишувам, последниве години се занимавав со средување на моите приказни. Тоа го направив за Вас и за нашата земја. Го променив јазикот на кој пишувам, не знам дали би требало да бидам задоволен или да се извинам поради тоа. Едноставно така се случи, немав моќ да го направам тоа поинаку. Тоа беше мојот спас. Тоа беше единствениот начин да ги изразам со зборови Вашата болка и болката на нашата земја. Го променив јазикот на кој пишувам, но секогаш се трудам персискиот стар јазик да најде место во моите приказни. Простете ми. Драг мој чичко, толку често сонувам за нашата куќа и за Вас, како всушност да не живеам тука, туку таму, дома. Вие нема да умрете. Туку ќе останете додека сите не пристигнат и сите не си заминат.“ (393-394) Во зборовите на Шахбал, се открива и самиот автор Кадер Абдолах, псевдонимот кој Саџади Гемагами Фарахани го зел во спомен на свој пријател кој загинал од режимот на Иран. Кедар Абдолах е дене со нас, за преку своите книги да потсети, дека човечката добрина е можна, како што е можна градината на среќата, и како што во крајна инстанца можна е светлината: „Тој е светлина./Неговата светлина е како нишка со светилки./Стаклото е како блескава ѕвезда./Тој го пали маслото од благословеното маслиново дрво,/Маслото речиси само од себе дава светлина./Светлината над светлините.“ (395) А и фотографијата е цртање со светлина. И да, само преку светлината и Бог е можен, зошто Бог е и светлина, а ова книжевно писмо на светлината поттикнува копнеж токму за убавото и доброто.

Тагови од објавата
More from Мерсиха Исмајлоска
Анти-бајките на Прокопиев
Кон „Човечулец“ од Александар Прокопиев
Повеќе
0 replies on “Кадер Абдолах, персискиот ткајач на книжевни килими”