Кон расказот „ТЕТИН РАМПО“ на Блаже Конески

Откако се пензионира, дедо ми, на изненадување на сите нас полека ги промени своите животни навики и стекна нови пријатели со кои почна да се дружи.

Чинам дека беше во седумдесеттите години, не можам со сигурност да се сетам 76-тата или 77-та. Бев студент и тоа лето се наоѓав на ваканција во Прилеп. Една августовска квечерина, само што се вратив дома од мојата редовна послепладневна кошаркарска игра со другарите, кај нас дојде дедо ми Рампо. Веќе имаше длабоко загазено во своите седумдесетти години, одамна беше пензионер, но сепак за свои години добро се држеше. Сè уште со исправена става, добро стокмен во облеката и секогаш со движење и активност. Едноставно не знаеше да мирува и во овие поодминати години.
Откако го подостави арабаџилукот малку, поработи како што тој велеше во „државно“ па со помош на татко ми и чичко ми собра документи за работен стаж и доби скромна пензија. Таа пензија иако не беше голема, сепак нему и на баба ми Васка им овозможуваше самостојно да живеат, им даваше одредена финансиска стабилност и им овозможуваше скромен пензионерски живот. Како што велеа двајцата „фала му на Бога, нас доста ни е за живот, да не сме на терет на челадта“.
Откако се пензионира, дедо ми, на изненадување на сите нас полека ги промени своите животни навики и стекна нови пријатели со кои почна да се дружи. Арабаџиите, со кои го помина поголемиот дел од животот во Прилеп, полека-полека ги напушти, некако како да не му беше интересно седењето со нив по парковите или пиењето пиво пред коперациите.
Дали под влијание на баба ми Васка, која од секогаш беше по верата и одеше по цркви и манастири, или пак богомолството го носел во себе скриено некаде длабоко, не знам. Но, почна да оди по храмовите, да се интересира за верата и верските обичаи. Таму стекна нови познанства, пријателства, почна да ги слуша и полека да ги прифаќа нивните погледи на животот и да учествува во разлини црковни активности.
Дури се занимаваше со арабаџилукот, такво нешто за него беше непозната работа, не го привлекуваше, дури често правеше шеги за богомолството на баба ми. Но последните години стана поголем верник и од неа. Учествуваше во обнова на цркви и манастири во прилепскиот регион и често беше член на некакви инцијативни одбори кои ги водеа и реализираа тие активности.
Секој викенд една група луѓе ги посетуваа црквите или манастирите во прилепскиот крај. Во прво време одеше и баба ми, но потоа, откако се запозна подобро со луѓето црковниот свет, почна да оди сам. Тие активности му го исполнуваа времето и пензионерските денови ги врвеше со некаква испонетост а што беше најважно, здравјето одлично го служеше.
Таа августовска квечерина, кога дојде кај нас, лицето му велеше дека има некаков план и дека ќе бара помош или совет како да го реализира. Јас, се бев искапил и од другата соба го слушнав како му вели на татко ми да ме повика и мене да присуствувам на разговорот. Кога влегов во собата, тој му се обрати на татко ми:
„Слушај синко, решив утре или други ден, да одам во Скопје. Да ги видам Димко, Душанка и внуците. Сакам Љупчо со фичото да ме однесе до таму да не се малтретирам со воз или автобус. Трошоците јас си ги плаќам.“
„Аирлија да е татко. За трошоците ти да не се секираш, тоа е најмалиот проблем, туку, што ти текна вака апансас да одиш во Скопје, да не имаш некоја посебна работа таму, зачудено праша татко ми.“
„Не, не, нема ништо посебно, сакам да ја видам фамилијата, да не те мачам тебе, си реков летово, дури е Љупчо тука да ме однеси, па за ден–два ќе се вратиме“, подготвено одговори дедо ми.
„Нема проблем, јас утре ќе го дотерам фичото, па другиден со Љупчо одете, ако е тој слободен, рече татко ми и прашално ме погледна.“
„Слободен сум дедо, јас ќе те однесам и вратам назад, а и јас ќе се прошетам до Скопје, одамна не сум се видел со роднините и пријателите таму“, му одговарам со насмевка.
„Така внучко, ќе се спремиме и задтутре по сабајле ќе заминиме за Скопје,“ задоволно додаде дедо ми.
Овој предлог за патување беше необичен. Оној што го познаваше дедо ми, знаеше дека тој е мошне тежок кога ќе станеше збор за патување. Кога баба ми ќе му предложеше да одат да ги посетат синот и ќерката во Скопје, со денови се премислуваше, измислуваше разни причини да го одложи патувањето, а често знаеше да се откаже во последен момент кога требаше да се замине на автобуската или железничката станица. Едноставно човекот не сакаше да патува, не сакаше да оди надвор од Прилеп. Затоа ваквата негова самоинцијативна желба за пат до Скопје, беше гром од ведро небо за нас.
Наредниот ден, како што вети, татко ми го среди фичито па двајцата со дедо ми бевме се подготвиле да заминеме на пат. Претпладнето, за кога се бевме договориле за тргнување, дедо ми дојде дотеран како за на свадба, во рацете носеше едно мало куферче со неопходните работи и ништо повеќе. Не сакаше да носи дарови за блиските во Скопје што ги беше спремила баба ми. Ова не прилегаше на дедо ми. Но, јас си молчев и чекав, знев дека кога ќе бидеме сами ќе ми ја објасни својата намера и целта за патувањето.
Кога го искачивме Плетвар и со фичото се спуштавме кон Тиквешијата, дедо ми со една шеретска насмевка ми вели:
„Внучко, знаеш, не сакав на татко ти да му кажам за што точно одам во Скопје. Се плашев дека нема да ме пушти да одиме, па ќе морав сам скришум да одам со воз или автобус.“
Се прашував што е тајната на дедо ми, зошто молчеше и криеше од татко ми. Тој развлече една задоволна насмевка на лицето, се поднамести на седиштето и ми ја почна својата приказна.
„Сакам да одам во Скопје, да го посетам, внукот Блаже Конески, само тој може да помогне и ја спаси ситуацијата. Голема мака имаме внучко.“
„Аман бре дедо, што мака беше што мора Блаже да ја решава, се насмеав.“
Тогаш дедо ми со невообичаена сериозност на неговото лице ме погледна и почна да раскажува.
Во Небрегово уште од стари времиња над селото имало мало манастирче со црква посветена на Св.Јован. Ова црковно светилиште било малку оддалечено од селото ама со текот на времето, низ годините како што луѓето си заминувале од селото селејќи се во градот, полека почнало да пропаѓа и на крај се срушило, бидеќи никој не водел грижа за него. Останале само темелите на црквата на кои своевремено била изградена. Времето врвело и местото полека паѓало во заборав, зараснело во трева и ситни дрвја. „Арно ама светецот не дава така да остане, тоа е божји храм, мора да се обнови,“ како сега да го слушам гласот на дедо ми.
Дедо ми тука малку подзастанува, ме подгледнува под око и ја продолжува својата приказна. Св.Јован, светецот на кого бил посветен манастирот и црквата за да ја пренесе својата порака до нас Небрежаните одбрал едно младо момче, Иван, кое живело во селото и било како што тој вели, од многу арна небрешка фамилија „домаќини луѓе се тие,“ ми нагласува дедо ми. Светецот, на Ивана му дошол на сон и му рекол како знае и умее да собере луѓе и пари, да се снајде и да ја обнови црквата и манастирот.
„Но Иван, небрежанчево, прво си помислил дека тоа е само сон и не обрнал внимание. Ама каде внуче, тоа е божја работа, светецот почнал на Ивана да му доаѓа на сон секоја ноќ, го ставил момчево на големи маки и истизанија. Иван секоја ноќ се будел облеан во пот и измачен како цел ден да орал на нива.“
„Небрежанчево видело-невидело кажало во селото за пораката на Св.Јован. Кога разбрале селаните одма се организирале, направиле одбор со луѓе домаќини од селото и од Прилеп. Јас сум член на одборот,“со посебно задоволство ми соопшти дедо ми.
„Луѓето се организирале и почнале полека, полека да собираат пари и материјал, почнале да го чистат просторот околу манастирот, со намера да отпочнат со обновата на црковниот објект.“
„Арно ама пусти кодоши секаде ги има. Некој од селото за оваа наша работа му кажал на директорот на музејот во Прилеп, на Бошко Бабиќ, го знаеш, резигнирано ми нагласува дедо ми, и продолжува. Тој, Бабиќ, со една дузина луѓе дошол во селото кај манастирот, му покажал на луѓето од одборот некаков државен документ со кој им забранил понатаму да работат на тој црковен објект, дури тој и неговите луѓе не испитаат за каква црква се работи, кога и кој ќе ја гради црквата.“
„Држава си е држава, вели дедо ми, си има закони и ние го почитувавме тоа па прекинавме со работите. Арно ама тие поработија десетина дена на ѕидовите на црквата и си заминаа, но ни нагласија дека не смееме да продолжиме со работа без нивна дозвола.“
Оттогаш поминале два-три месеца а од Бошко и неговите луѓе немало абер. Луѓето од одборот биле кај него во музејот во Прилеп но тој одбил да разговара со нив. Се обратиле кај главниот свештеник во црквата во Прилеп, но тој кога разбрал дека работата била стопирана од Бошко Бабиќ, одма се откажал од било каква помош со зборовите. „Тука стои државата а црквата не смее да се меша и спротиставува на нивните одлуки.“ И така работата со обновата и изградбата на црвата застанала.
Арно ама, Свети Јован не признава држави и музеи, нагласува дедо ми. Тој продолжил секоја вечер да го става на маки и истизанија Ивана. Момчето, кожа и коска се сторило. Или ќе го направите манастирот или тебе ќе те нема, така му велел.
Детето почнало да се топи, да пропаѓа, а Бабиќ не сакал ни да чуе ни да попушти, ниту се јавувал, ниту кажувал уште колку време ова ќе потрае. Луѓето од одборот се собрале за да најдат некакво чаре за работава да тргне од место и да се продилжи градбата. Паднале вакви-такви муабети и предлози и на крај се заклучило дека само некој човек како внукот Блаже може да помогне во оваа ситуација.
„И тој е небрежанец, наше дете, ќе разбере во каква мака се наоѓаме, а него сите врати му се отворени, тој ќе најде начин да поразговара со Бошко Бабиќ и да го убеди да ни се даде дозвола да продолжиме со започнатата работа,“ вели дедо ми, зема малку воздух и продолжува. Мене како негов тетин, што се вели блиска рода, одборот ме одреди да одам кај него, да му ја објаснам ситуацијата и да побарам помош.“
Тука малку подзапревме со разговорот, двајцата молкнавме, небаре секој од нас ја очекуваше реакцијата на другиот. Дедо ми сметаше дека е ред на мене да кажам нешто а јас барав зборови што да му речам а да не го обесхрабрам во намерата. Тој малце се поднакашла и продолжи.
„Ете затоа побарав да одам во Скопје,“ вели дедо ми и продолжува, „ако му кажев на татко ти, ќе почнеше да прашува, па зошто токму мене ме одбрале да одам, па дека ќе му додеваме на Блажета со нашите селски глупости и дека тоа не е негова работа. Затоа не му кажав. Сега, кога ќе пристигнеме кај чичко ти Димко во Скопје ќе му се јавам на телефон на Блаже и ќе се договорам каде и кога да се видиме. Сѐ ќе му раскажам, вака како тебе што ти кажав, па тој нека суди и нека одлучи дали може и дали сака да помогне или не. Но, го знам јас внукот Блаже, тој ќе ја заврши работата како што треба, наше дете е, небрежанче, ќе не разбере во каква мака сме и ќе помогне.“
Вака разговарајќи стигнавме до Скопје. Пред дедо ми јас не се изјаснив за оваа негова намера. Не сакав да судам или со моето мислење да му ги нарушам големите очекувања од оваа средба во Скопје кои, јасно се читаа од неговите зборови и изразот на неговото лице.
Кога пристигнавме кај чичко ми, после ручекот дедо ми ми вели: „Внучко, сега ти си слободен, одовде натаму јас си ја знам работата.“
„Добро дедо, штом така велиш, јас ќе ве оставам да си ја завршите работата,“ му реков обидувајќи се да го сокријам сомнежот во гласот.
Но тие двајцата не обрнаа внимание на мојот глас, продолжија да се договараат кога е најдобро да му се јават на чичко Блаже.
Вечерта јас излегов во град и касно се прибрав, дедо ми и чичко ми веќе беа легнале. Не успеав да дознаам што се договориме за средбата со Блаже.
Утрината станав околу седум часот кога го затекнав чичко ми како пие кафе во кујната.
„Каде е дедо ми, да не спие се уште, ова не ми личи на него,“ се пошегував.
„Какво спиење, него изгледа сон не го фатило, сакаше да оди кај Блажета утрово, ама тој му рече да помине порано, пред да замине на работа. Е сега што значи порано за дедо ти, го знаеш. Кога јас се разбудив, него го немаше. Не знам кога станал и кога заминал. Ама тоа што ме загрижува сега, не знам дали да го чекам сам да се врати или да одам по него,“ се пожали чичко ми.
„Часот е скоро осум, сигурно до сега завршиле со разговорот. Предлагам да појдеме и да го земеме,“ велам јас несигурен.
„Мхм знам јас зошто вака направи, се плаши да одиме заедно, да не му се мешаме во муабетот со Блаже, затоа и тебе ти рече дека си слободен. Ова му е испланирано за да биде сам и да раговара без влијание од други. Туку ајде да одиме по него, може и ќе се видиме со Блаже и вујна Ѕака,“ вели чичко ми.
Ни требаа пет минути со фичото да стигниме до куќата на чичко Блаже Конески. На вратата нè пречека тој. Не бев се сретнал со него нешто помалку од десет години. Беше малку остарен, косата му беше прошарана со седи влакна а на челото се свиле неколку брчки. Тогаш тој нѐ поздрави со, за мене познатата широка насмевка, што ја знам од дете и ни рече:
„Оооо повелете, тетин е веќе тука. Ова изгледа е ден за моите прилепчани. Ме радува што ве гледам. Ова сигурно е внукот Љупчо, не сум го видел одамна. Вистински маж се сторил.“
Не успеав ништо да кажам, изгледав многу збунето. Кога влеговме во дневната соба ги затекнавме баба Ѕака и дедо ми како седат и си прикажуваат. Таа, кога нè виде, стана ни потрча во прегратка и ни рече:
„Ех, колку се радувам што дојдовте да ве видам.“
Чичко ми Димко имаше импресивен настап, умееше секој разговор да го претвори во вистинско уживање. Со еден мекамски пристап и помалку шега во зборот, успеваше да направи пријатна атмосфера секаде каде ќе се појавеше. Така се случи и овој пат, успеа од раната утринска посета на дедо ми, со малце шега да го опушти целиот разговор.
Јас, што од учтивост, што од малку срам, најголемиот дел од разговорот молчев. Во еден момент чичко Блаже ми се обрати:
„Внучко, кажи ми сега за тебе. Што правиш ти, студираш нешто или работиш?“
„Студирам на факултетот за политички науки во Белград. На есен ќе започнам со третата година од студиите,“ одговорив јас.
„Политички науки? Од каде излегоа сега политички науки, колку што се сеќавам ти сакаше да учиш електро-техничко училиште?“ Се насмеа чичко ми Блаже.
Се засрамив, но набрзо се прибрав и реков:
„Ех чичко Блаже, голема грешка ќе направев ако се запишев во техничко улилиште. Јас подоцна сфатив дека не ми лежат природните науки. Ама мислам дека направив вистински избор што се запишав на факултетот за политички науки во Белград. И да знаеш, многу ми помогнаа твоите совети.“
„Драго ми е што така се наредила работата со науката. Велиш, политички науки учиш, значи сакаш со политика да се занимаваш. Ајде и еден политичар да имаме во фамилијава,“ се насмеа Блаже Конески.
„Се надевам дека нема да станам политичар,“ се насмеав јас, „размислувам за научна работа после студиите“,
„Ако е така, тогаш јас ќе бидам многу задоволен“, ми рече Блаже на крај од разговорот.
Поразговаравме уште малку а потоа чичко Блаже стана и се извини дека мора да оди на работа. Пред да замине, се сврте и му рече на дедо ми:
„Како што ти реков тетине, јас ќе се обидам да се видам и да разговарам со Бошко Бабиќ. Тој е паметен и разбран човек. Доколку има и најмала можност да се помогне да почнат работите за изградба на црквата и манастирот, јас ќе го замолам тоа да го стори и да ви издаде дозвола за да продолжите со работите.“
„Со господ напред, тој сполај му со твоја помош ќе ги нареди работите,“ рече дедо ми.
И така заврши посетата и мисијата на дедо ми кај Блаже Конески. Со фичото се вративме кај чичко ми Димко а потоа на ручек кај мојата тетка Душанка, ќерката на дедо ми Рампо.
Кога попладнето се враќавме назад кон Прилеп, не можев да издржам од љубопитност и го прашав дедо ми:
„Дедо, да те прашам, кога замина изутрина кај чичко Блаже?“
„Во пет саатот појдов. Тој ми рече да појдам порано пред работа. А јас мислев дека тој како и сите почнуваат да работат во седум,“ ми рече.
„Дедо, знаеш дека чичко Блаже работи на факултет, дека е професор, а тами предавањата не почнуваат во седум часот? Или можеби замина толку рано за да побегнеш, за да заминеш без нас, а?“
Дедо ми само шеретски се насмевна и ништо не ми одговори.
Есента, за празникот 29 Ноември се вратив од Белград и само што се сретнав со дедо ми, тој задоволно ми рече:
„Нели ти реков дека внукот Блаже ќе ја заврши работата, тоа е наше дете, небрежанче. Пред околу еден месец Бошко Бабиќ ни издаде одобрение дека можеме да продолжиме со градбата на црквата и манастирот во Небрегово,“ со задоволна насмевка ми потврди дедо ми.
Никогаш не успеав да разберам дали добиеното одобрение за градба е дело на замолувањето на Блаже Конески или след на редовната законска процедура. Во секој случа убеден сум дека и Конески го исполнил ветувањето дадено на тетин му Рампо и разговарал за случајот со Бошко Бабиќ.
А црквата и манастирот во Небрегово со несебична помош на населението од тој крај и граѓаните, црквата и манастирот се изградија и сè уште се вистинака гордост за населението од тој крај.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Љубен Конески
ПОСЛЕДНА СРЕДБА – 1993г
Некое време ги следев со поглед двајцата старци од по седумдесетина години...
Повеќе
0 replies on “Кон расказот „ТЕТИН РАМПО“ на Блаже Конески”