„Оставаме намерни и ненамерни траги во туѓите животи“, напиша Горан Стефановски во предговорот кон првата печатена верзија на своето драмско дело „Чернодрински се враќа дома“ (Скопје: НИП Магазин 21, 1992). Го имам – со радост си помислувам! Го имам – со придушен крик си велам! Зашто бев на премиерата со своите 25 години кога заедно со театарската карта за претставата го добив(ме) и драмскиот текст. А ова негово дело следи запретани траги, вистинити и нужни, претпоставени и веројатни кои ги оставил никој друг туку токму Војдан Чернодрински. Ако се земе предвид точната констатација на Горан Стефановски дека „во светската драма најдлабоки се трагите на Шекспир, а во нашата оние на Војдан Чернодрински’ тогаш тука нешто е контрадикторно. Зашто ако навистина овој македонски творец го зазема таквото место во развојот на македонската драма, тогаш ние многу малку се зафаќаме со него или, како што вели Александар Алексиев, „само инцидентно, по повод најразлични јубилеји или кога ни е потребен неговиот убоит драмски збор“. Затоа, ве молам, оваа грешка да не ја правиме и со Горан Стефановски и со него да се зафаќаме инцидентно или кога ни е потребен неговиот луциден, горчливо-сладок убоит (драмски) збор.
Горан Стефановски, пак, на својот учител (книжевен татко) му се оддолжи освен со своето оригинално дело „Чернодрински се враќа дома“ уште и со еден колаж од сцени преземени од делата на Чернодрински под наслов „Кино Чернодрински“ т.е. „Ај лав Чернодрински“ во режија на Бранко Брезовац поставен на сцената на Битолскиот театар. И тоа е сè. Малку или многу, се прашува во тој предговор Александар Алексиев? Малку или многу, се прашуваме и ние? Некој е отсутен. Дали Чернодрински или ние, се прашува Горан Стефановски? Зашто денес еве пишувам за Стефановски, а преку Стефановски и за Чернодрински, повторно по повод. По повод годината помината без Горан Стефановски.
А Горан Стефановски го читам и гледам што би се рекло и го познавам од своите средношколски и факултетски денови. Значи, со него сум во дружба 35 години. Ама, ми беше предизвик да го имам само за себе и за своите слушатели (студенти и семинаристи). Затоа долго време правев напори за една убава средба-разговор со него. И таа конечно се случи на 13 август 2008 во рамките на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Потоа сакав таа средба да ја стокмам и во печатена форма. Ама, некако работата не одеше! Прашањата беа тука. Одговорите веќе беа еднаш (за)дадени, веќе поставени и одговорени токму во вечерните саати на тој 13 август 2008 и тоа крај Охридското Езеро. Како да се повторат, како да се запишат, како да се запаметат. Како да се парафразираат. Изумивме дека наједноставно ќе беше ако направевме напор да го снимиме разговорот. Ама, назад не можеше! А, сепак стоев на тоа дека и во ова (печатено) претставување на Горан Стефановски треба да се чувствува двогласот, мојот и на публиката, од една страна и неговиот и на неговото величество драмскиот автор, од другата страна. Не сакав да седнам и да напишам текст за Горан Сефановски. Па така, решив да го присилам да зборува. И тогаш се случи еден текст кој освен што е објавен во Зборникот од предавањата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (Мојсова-Чепишевска, Весна. „Во знакот на присуството на отсуството“. Предавања на XLI Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура. Литература. Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, 2009, 279-289.), кружи и на интернетот… Во тој текст Горан ми одговараше преку репликите на своите ликови.
Така решив и овој пат да поразговарам со него:
ГОРАН СТЕФАНОВСКИ:
1.
Веројатно сум сè уште многу млад штом во немите полноќни часови добивам необјасниво силна желба да станам од кревет и да трчам, долго да трчам, низ заспаните, влажни улици.
ЈАС: Оваа е првата импресија од нешто повеќе од 100-те твои конзервирани импресии (Скопје: Темплум, 2005). Но оваа е и импресијата која мене не ми дава мира, која не ме остава да го прифатам твоето заминување. Имам впечаток како сè уште да трчаш и трчаш и трчаш низ заспаните, влажни улици, скопски, па и кентерберски. Имам впечаток како да седиш тука некаде, во последните редови на Драмскиот театар, задуман, и како со својата рака ја потпираш својата глава и се смееш под мустаќ.
Колку иронично!!! А иронијата е вметната во делото од страна на ироничарот таму каде што тој претпоставува дека е неопходна и му ја остава на оној кој умее да ја согледа, на оној читател кој од Симор Четман е забележан како некој кој му приоѓа на читањето како на длабок културен чин кој, пак, ќе му овозможи да стаса до второто ниво на читањето – до исчитувањето.
Затоа, Горане, колку твоите драми (прости за ова на ти, ама искрено те чувствувам многу близок) се исполнети со т.н. иронични жаришта, места кои се доживуваат како потенцијални генератори на иронијата?
ГОРАН СТЕФАНОВСКИ:
30.
Светот да е една голема утроба… и јас да ја оплодам.
ЈАС: Впрочем, постојано земаш некој туѓ текст и го вметнуваш во својот текст со намера низ една сериозна метатекстуална игра на иронијата да му овозможиш видување (ново читање) на туѓиот текст и во исто време тој нов текст да го изгради како сопствен коментар, како видување на и за самиот себе.
Навистина, колку возбуда предизвикува кога произведуваш иронични жаришта? Колкава е возбудата кога читателот/гледачот ќе ти возврати на тие твои иронични жаришта?
ГОРАН СТЕФАНОВСКИ:
96.
Сите се правиме маратонци, а секој во стомакот знае точно колку може да истрча, до каде му е дадено да стаса.
ЈАС: Воведувањето на цитатот манифестира и прикажува нови приказни преземени од својата, но и од другите култури. Тој цитат во новиот текст предизвикува промена во неговото значење. А со таа промена се случува и процес на деканонизација на постоечкото при што се создаваат дела со структура на отвореност и нестабилност, дела со транспарентно дејствување на самата иронија во нив. Во допирот на едното со другото се случува она што од теоретски аспект се препознава како почувствувана празнина, вишок знаење, допир на семантичкиот материјал на текстот и семантичкиот материјал на контекстот.
Зошто толку силно инсистираш на присуството на отсуството?
ГОРАН СТЕФАНОВСКИ:
97.
Навечер, со куфери в раце, брзам кон железничката станица, нервозно избегнувајќи ве вас, минувачите, кои ми доаѓате во пресрет. Да не одев на пат, вие ќе бевте мои сограѓани, мои собраќа, заедно уморно ќе одевме на спиење, како обично. Вака, веќе не ви припаѓам, овие улици не се мои улици, градов не е мој град. Иако сè уште не сум тргнал, веќе не сум со вас, не сум тука, веќе патувам.
ЈАС: Дејвид Едгар, драмски автор и еден од неколкумината неоспорни ментори на новата европска драма, констатира дека скоро сите драми на деведесеттите се драми за мажите (притоа нагласува дека не станува збор за некои вообичаени драми за мажите, туку за драми кои зборуваат за машкоста која е во криза). За разлика од осумдесеттите години, кога новиот драмски бран го предводат жените, а драмските текстови интензивно се занимаваат со т.н. женски аспекти, драмите што ги пишуваат поновите автори стануваат сè “помашки”. Всушност, новата европска драма постојано се искажува и докажува како драматика на бруталноста.
Новата европска драма е решена да исполни две радикални и скоро непријатни задачи: да ја шокира т.е. да ја провоцира средината (општествена, културна) и да ја наведе/да ја натера митологизираната, обединета европска средина да се соочи со грдотијата или опачината на сопственото постоење.
Колку твоите текстови испраќаат и вакви пораки?
ГОРАН СТЕФАНОВСКИ:
101.
Околу мене предавства и убиства, палежи, колежи и сиромаштија, мака и смрт, неправда и лудило и самоубиства. Јас мирно седам и молчам и пишувам конзервирани импресии.
ЈАС: Драги Горане, ова наше муабетење не може да престане, затоа дури и се дрзнав и пред 2-3 недели од овој наш разговор на твојата е-адреса ти напишав (debarmaalo@aol.com): „И покрај сè сакав само да (му) напишам… нешто… “. Не ми се врати е-писмото што значи дека твојата е-адреса е сè уште активна!?!?
Ќе продолжам да пишувам некои свои конзервирани импресии…
ТИ БЛАГОДАРАМ ШТО ТЕ ИМАМЕ!