ГОЛМАНКАТА И МОРЕТО – Марија Пар

Ние речиси никогаш не одевме на одмор. Во секој случај, не во странство. Имаме градина и сето тоа. Но Лена, среќничката, таа беше на Крит две долги седмици заедно со мајка си и со Исак.

Нашата влезна врата тресна така што целата куќа се затресе, а потоа следуваa застрашувачка врева и викање:
– Да му се сневиди!
Зашеметено излегов во ходникот од мансардата. Таму веќе стоеше целото мое семејство, разбушавени во косите и со збунет израз на лицето. Минда, мојата постара сестра, го имаше отворено само едното око. Тато изгледаше како да не знае дали е човек или е ќебе.
– Тресна! – рече Крола гласно.
– Што беше тоа? – праша Магнус, мојот постар брат.
– Или – рече мама – е некаква природна катастрофа, или Лена Лид се има вратено од одмор.

Не беше никаква природна катастрофа. Кога се симнав по скалите, Лена, мојата мила пријателка и сосетка, стоеше долу во ходникот.
– Здраво, Триле – воздивна таа.
– Здраво. Што е ова?
– Мојот подарок.
Си ги протрив очите.
– Благодарам. А што е тоа?
– Епа гледаш, купче стапчиња и скршено стакло! Но беше шише со бротче во него.
Лена беше длабоко разочарана.
– Можеби може да се поправи?
Да се поправи? Тоа ќе беше најубавиот подарок на светот. Не може да се поправи!
– Не сфаќам како успеале да го стават бродот во шише, Триле. Едрата беа исправени и многу пошироки од грлото.

Мајка ми помогна да се расчисти претсобјето. Таа сакаше да го фрли, но јас ги собрав сите парчиња стакло и стапчињата во една кутија од сладолед и ја оставив во мојата соба. И покрај сѐ, тоа беше подарок.

Лена седна покрај нашата маса за појадок. Повеќе пати морав темелно да ја погледнам. Се имаше потстрижено и беше ставила неколку шарени плетени нешта во косата. Беше и потемнета. Јас се чувствував малку премногу слично на себеси седејќи така, во истите куси панталони што ги имав кога таа замина на пат. Ние речиси никогаш не одевме на одмор. Во секој случај, не во странство. Имаме градина и сето тоа. Но Лена, среќничката, таа беше на Крит две долги седмици заедно со мајка си и со Исак.

Дознав дека пиела смуди со чадорчиња, додека јас го јадев мојот леб со паштета. И спиела покриена само со еден чаршаф и се капела во млако море. Таму имало стотици мали продавнички, со милион кул нешта што можела да ги купи. Како она шише. За вечера секој ден јадела пржени компирчиња. А на Крит напладне било топло како цело време да стоиш покрај оган.
– Требаше да го доживееш тоа, Триле!
– Да – реков јас и продолжив да џвакам.

Нервираше тоа што никогаш не сум бил на југ. Но и јас имав нешто за раскажување. Возбудено чекав Лена да праша дали се случило нешто ново во татковината. Но не дојде до тоа. На Крит имало глисер во кој таа се возела до еден остров, а мајка ѝ се обидела да виси над него во некаков балон во воздухот.
– Кажав ли колку е топло таму, меѓу другото? – праша таа.
Кимнав. Лена продолжи да дрдори за куче скитник што се викало Порто, кое, можеби, имало беснило, потоа за некои девојчиња со кои си играла, кои немале храброст да направат ништо храбро со балансирање, како и за тоа дека јадела палачинки за појадок.
Најпосле, не можев веќе да чекам:
– Скокнав од највисокиот дел на пристаништето.
Лена, конечно, престана да зборува и ги подзатвори очите како да не ми верува.
– Се шегуваш.
Одмавнав со главата. Мојата сосетка стана. Сосема јасно видов дека ова беше такво нешто што таа мораше да го види пред да поверува во него. Па и ќе го добие тоа!
– Благодарам за јадењето – промрморив со полна уста и го истргнав мојот пешкир за капење од гелендерот на скалите.

На пристаништето во Кнерт-Матилде во еден агол има место за капење. Во зима бурите нанесуваат ситен песок, од кој можеме да градиме песочни замоци и тврдини. Но кога Лена отпатува на одмор летово, јас бев сам со Минда и со Магнус и со нивните пријатели на надворешниот дел на пристаништето, каде што сѐ е високо и длабоко и студено. Тоа беше речиси како да почнуваш нов живот.

Што се однесува до скокањето од високи места, тогаш Лена е мајсторот во Кнерт- Матилде. Никој нема толку малку страв во стомакот. Или толку малку памет во тиквата, како што вели Магнус. Но Лена никогаш не скокнала од пристаништето. Таа е многу лош пливач.
– Да се фрли Лена во морето е речиси исто како и да фрлаш котва – вели дедо ми.
Сензација беше тоа што постоеше нешто од што јас можев да скокнам, а таа не. Чувствував дека тоа воопшто не ѝ се допаѓа на Лена.

Сега стоев на највисокиот камен на пристаништето. Беше многу рано наутро и имаше само шеснаесет степени.
– Сигурен ли си дека си ментално подготвен за ова – праша Лена сериозно.
Таа се наведна преку еден од камењата, со јакна и со марама на себе. Кимнав. Многупати го имав направено ова додека таа не беше тука. Но тогаш секогаш имаше прилив. Сега имаше одлив и височината беше поголема. Можев да го видам дното. Ветрот ми ги вееше гаќичките за капење. Во еден момент си помислив дека ова не вреди да се направи. Но потоа ја видов Крит-Лена како стои таму наведната преку каменот и не ми верува. Ги затворив очите и длабоко вдишав: Еден. Два. ТРИ!
„Плас трес!“ се слушна кога ја погодив водата, и „блублублуб“, кога водната површина се затвори над мојата глава. Првиот пат кога исчезнав така долу во длабочината, си помислив дека ќе се удавам. Сега знаев дека само треба да претам како луд со нозете и да го држам здивот.
– Пуф! – дувнав кога излегов од водата среде летното утро.
Лена се имаше искачено на каменот и со недоверба гледаше во мене. Јас триумфално се насмевнував. Ете ѝ!

Не успеав ни да помислам на тоа, кога Лена стави една нога пред друга, се удри по образите и викна:
– А-и-а-и-ааааааааааа!
И потоа летна низ воздухот во фармерки, џемпер, јакна, марама и патики.
– Плас трес!

* * *

Скокот од пристаништето беше тоа што направи Лена, навистина, да се почувствува како дома по одморот. Воопшто не е исто да се раскажува за смуди на Крит кога речиси си можел да се удавиш во Кнерт-Матилде. Таа се појави на површината по бескрајно долго време и повторно исчезна со едно „блурп“. Ако не дојдеше дедо ми со стапот со кука, не знам што ќе се случеше. Тој ја извлече на копно како некоја голема риба, додека Лена кашлаше и збревташе повеќе од кога било.

– Еден краток момент, всушност, бев удавена – рече Лена потоа. – Видов една голема светлина.
Испивме по две шолји од врелото јулско какао на Исак, а Лена, сепак, се тресеше како некоја косачка во празно.
– Аха – реков јас. – Не може да се удавиш и да продолжиш да живееш. Тоа било само сонцето, така изгледа под вода.
– Ти не решаваш! Морето во Кнерт-Матилде е постудено од замрзнато. Луѓето од Крит сериозно би умреле ако се капат тука!
Јас ништо не реков. Па ние отсекогаш сме се капеле овде!
– Да, да – рече Лена. – Во секој случај, сè додека сум жива, веќе никогаш нема да скокам од ова пристаниште затоа што сега го направив тоа.
Задоволно ја зафрли главата наназад и го истури во себе и последниот остаток од какаото.

Објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “ГОЛМАНКАТА И МОРЕТО – Марија Пар”