Дабови

Црната обвивка на ноќта долго време тројцата ги повиваше. Ги криеше и штитеше од лоши ѕверови и дамнешни демони. Демони срцесмрзнувачки, крвопијачки. Само што, вечерва, не знаеја кој демон во кој миг душите ќе им ги испие, вените ќе им ги исуши.

Тивка приквечерина. Ведро небо надвиснало, трепкаво гора поздравува. Гора позната, од деца љубена, од стари опеана. А в гората, три стари дабје познати. Дамнешни и вековите, извиле корени столетни на брдото над селото. Неми сведоци на многу мили и немили настани, веселби и плачови. Сенка на бројни талкачи, дом на многу љубени, засолниште на бежанци недоброени. А до нив, вечерва, тројца паталци кора им затоплуваат. Стане, Перо и Даме.

Наредени околу стеблото на најдебелиот даб, рамо до рамо тегоби си мерат, тежина од душа си лечат и истрајуваат. Болно истрајуваат. Чекајќи го намќорестиот брадест челник на дружината, време си минат спомнувајќи си весели приказни и среќни мигови. Другари од детство, неразделни побратими и верни соборци со животот. Заеднички маки, заеднички судбини, заеднички стравови.

Вечерва слобода ќе дочекаат, робијата да ја стават зад себе и маките да ги надминат. Да одминат и никогаш да не се навратат.

Така, барем, Перо се надеваше.

Чудно, и неочекувано, смеа ги зазеде. Кој знае, можеби, помислата дека ќе се ослободат од триседмичните маки срцата им ги наведри и душите им ги притопли. Да, можеби тоа беше. Секако, уште од времето кога крадешкум почнаа во Беличка да се капат, Стане беше најзборелестиот, највердриот. Заразна насмевка која ширеше позитивна енергија. А, да, и најведриот. Секогаш спремен разговор да отпочне, усните да ти ги насмее и радост да ти донесе. Вечерва, иако маки очите со црнина му ги зави, усните му ги исуши и лицето му го остаре, со Дамета умешно се подбиваше. Докажан лутко, но со краток рок, Даме се мрштеше, мртво лице не померуваше. Не знам само од што повеќе се грижеше, дали од глупостите на Станета, или пак од неизвесната им блиска иднина. Никогаш и не дознав. Само едно знам и запомнав, солзи крупни му се навираа, браздите низ лицето му ги пополнуваа и усните му ги вадеа. Светкаа на полумесечината како сребрени потоци низ пусти ливади. Им вети челникот слобода, но каква ми ти слобода? Даме на никого верба немаше и надеж срце не му крепеше. Невена само уште еднаш да ја видеше…

Црната обвивка на ноќта долго време тројцата ги повиваше. Ги криеше и штитеше од лоши ѕверови и дамнешни демони. Демони срцесмрзнувачки, крвопијачки. Само што, вечерва, не знаеја кој демон во кој миг душите ќе им ги испие, вените ќе им ги исуши. Челникот ништо не им кажа, ништо не им напомена, со ништо иднината не им ја просветли. Само оскудното „После полноќ, се гледаме“, ништо не навестуваше. Остана сами да толкуваат, сами да размислуваат и на добро да се надеваат.

Горчливите насмевки во тие тешки мигови беа единствените шумови кои можеа да се слушнат надалеку. Ветрот го снема, глас не му се прочу. Ѕверки тивко трепереа и крик не пуштаа. Мртвата тишина далеку се простираше, селото го зазеде и со мрачнина го затрупа. Чудно е, Перо си помисли. Полноќ ли е, помина ли, никој ништо не знаеше. Остана само будно да нагодуваат, да претпоставуваат и иднина да си замислуваат. Челникот го чекаа…

Седејќи и мачејќи се, нешто, од далку, разговорот им го прекина, мислите им ги збрка. Мртвата тишина ја разбрани, кожата им ја наежи. Петли. Еден со друг се надвикуваа, силно одекнуваа, лисје растреперуваа и навестуваа. Слободата ја навестуваа, тројцата си прорекоа. Даме и Стане се замолкнаа, замислено се загледаа. Има правдина си рекоа, белким бел ден ќе видиме, Беличка да ја посетиме. Златна риба да си фатиме, душите мераклиски да си ги нараниме. На тоа се надеваа…

Второто пеење на петлите уште појако и побурно душите им ги размрда. Искра надеж в срце им зажари, лоши мисли од умот им оттргна. „Спремај се Даме за в меана“, притаено, но, весело Стане зазборе. „Белким челникот навистина слобода ќе ни подари, животот да ни го олесни“. Петлите престанаа, гласот им онеме и мртва тишина пак уво им обзеде. Чудно повторно некако беше, мракот уште повеќе надвисна, лицата еден со друг не можеа да си ги догледаат. Наеднаш, Перо рипна и весело загледа. Шум од некаде заслуша, и очите широко ги отвори. Божем нешто може да привиди во таа мрачнина, но надежта на умот не го управува. Се обидува да види и забележи, дали слободата се доближи. Гласови се наслушуваа, крици човечки до уво им долетаа. „Конечно“, помисли, „мигот дојде, пак, од стока луѓе да се сториме“. Стане неверно го слушаше… Челникот, пред нив се натопори.

Третото пеење на петлите жално ја протресе гората. Не беа тоа песни радосни, не беше ек ранобуден, ниту гордо машко крикање. Три истрели петлите ги онеме, ‘слободата’ ја донесоа, сонови растурија, животот кучешки го свршија и маките им ги скратија.

Остана само дабјето немо и крваво и три куршуми испукани. Испукани и убиствени…

Тагови од објавата
More from Никола Стојаноски
Сеќавања
Чудно чувство ме обезема и умот ми се заматува. Се навраќам во...
Повеќе
0 replies on “Дабови”