ДЕЦА НА ЗЛОТО – Миодраг Мајиќ

Ја зграпчи фасциклата со списи и ја побара страницата на која се наоѓаа резултатите од вештачењето на крвта на патиките најдени во станот на Драган. Тоа беше првото вештачење што беше извршено во случајот со убиството на Ковач, уште додека инспекторот Дробњак со асистенција на Ана раководеше со првите потези на истрагата.

ЧЕТВРТОК, 30 ЈУНИ

По сето она што го слушна од Ненад за деталите од разговорот со фрау Мејер, повторно стоеше пред исцртаниот ѕид во канцеларијата. На едно од последните слободни места на големиот колаж што висеше додаде фотографија од зградата на Гинеколошко-акушерската клиника и фотокопија од портретот на Хајрија. Покрај неа доцрта едноставна фигура на маж, слична на оние што се наоѓаат на црвеното светло на семафорот. На кругот што ја означуваше неговата глава начкраба мал прашалник. Од претсобјето допираше гласот на водителот на вестите што Миња ги гледаше на компјутерот. Ја замоли да го стиши звукот, така што не слушна кога во продолжение на програмата спикерот објави дека во близина на Мартонош на брегот на Тиса се пронајдени телата на две млади жени што настрадале во обид илегално да ја преминат државната граница.
Приказната за доведувањето силувани жени во белградската болница остави длабок впечаток врз него. Ја почна истрагата со ограничена цел. Сакаше да го открие вистинскиот убиец, да утврди кој се обиде да ги намести Драган и него и, на крајот, да си го поврати неосновано нарушениот углед за себе и за својата пријателка. Меѓутоа, работите и овде излегоа од контрола. Откривајќи еден по еден слој од тајните што ги покриваа лешовите на Радован Ковач и на Алекса Дробњак, ги откриваше и вистините по кои трагаше.
Постојат нешта што е подобро никогаш да не се дознаат. Не стануваме подобри од секоја вистина.
Сепак, чувствуваше дека од целта го делат уште сѐ на сѐ неколку чекори. Беше близу. Сосема близу. Му недостигаа уште тие неколку делчиња од сложувалката чие склопување го започна случајно, не знаејќи дали некогаш ќе ја заврши. Имаше тука и делови што беа вишок, и такви што не припаѓаа во колажот. Па, сепак, повеќето од нив создаваа слика што водеше во еден правец. Но недостигаше уште малку…
Кога во истражувањето нешто ќе ти недостига, врати се на почетокот и на сѐ погледни како да го гледаш првпат. Професорот Папиќ го учеше дека е умот нашиот најголем непријател. Нѐ тера да превидуваме некои работи. Рутината и повторувањето прават на фактите да гледаме со очи што веќе донеле заклучоци. Кога се мачиме да најдеме одговор, секогаш постои нешто што сме го превиделе. А тоа нешто, тврдеше ексцентричниот Херцеговец, не го гледаме затоа што е премногу близу до нашите очи.
Го извади кутичето вилсонс, истресе малку темен прав на раката и благо ја шмркна содржината. Почувствува како пријатната арома преку носната слузокожа му се шири низ синусите. Уште неколку моменти ги набљудуваше цртежите, сликите и цртите на ѕидот, а потоа нагло се сврти кон масата. Ја зграпчи фасциклата со списи и ја побара страницата на која се наоѓаа резултатите од вештачењето на крвта на патиките најдени во станот на Драган. Тоа беше првото вештачење што беше извршено во случајот со убиството на Ковач, уште додека инспекторот Дробњак со асистенција на Ана раководеше со првите потези на истрагата. Наизменично гледаше во табелите во кои беа испишани ознаките за крвната група на покојниот, крвта пронајдена на патиките и примерокот земен од прстот на Драган.
Во првите две колони се наоѓаше ознаката АБ позитив. Се сети дека Драган при првиот разговор во полицијата рече дека еден од проблемите е и тоа што покојниот Ковач поседувал исклучително ретка крвна група, која на овие простори ја има само околу четири проценти од населението. Во колоната на Драган беше впишана крвната група А позитив.
Колку сум бил глупав!
Се ѕвереше во буквите како да се обидува да ја отфрли можноста за грешка. Пропуст што и овој пат би го одвел на погрешен пат. Меѓутоа, знаеше дека овој пат нема пропуст. Конечно сфати… И беше длабоко несреќен поради тоа.

* * *

Првиот самрак ги покри душановачките бавчи. Го сопре волвото во Томазеова улица пред дворот со голема буква. Знаеше дека ќе го најде дома. По заоѓањето на сонцето, старецот никогаш не излегуваше ако немаше некоја голема потреба за тоа. Размислуваше како да започне разговор. Дали е соодветно да биде налутен? Да вика? Или да му даде шанса конечно сам да ја каже вистината? Дали е подобро да му каже дека ќе наиде на негово разбирање? На крајот, сфати дека ништо паметно не може да смисли. Наместо тоа, чукна на сронетата дрвена врата, на чија средина се нишаше голема ’рѓосана рачка.
Кога излезе од куќата, старецот го погледна со очи на човек што знае дека адвокатот што во мракот доаѓа ненајавен не носи добри вести. Без зборови го пушти Никола внатре. Неколку мо¬менти се гледаа молчејќи. Не чекајќи домаќинот да му понуди, Никола седна на трошната трпезариска маса.
„Зошто ме лажевте, господине Пажин?“
Старецот молчеше. Гледаше преку неговото рамо во точка на ѕидот што веројатно и не постоеше.
„Зошто ме лажевте дека Драган ви е син? Дојдов, пред да биде доцна и да се случи уште некое зло, конечно да ми ја кажете вистината!“
Звонко Пажин се сврте и отиде до малиот креденец во аголот. Неколку моменти пребаруваше низ чиниите. Изгледаше дека е отсутен и дека успева да се дистанцира од зборовите на Никола.
„Многу работи не ги разбирате, господине Бобиќ.“ Гласот му беше несигурен и тивок. „Дозволете ми овој пат барем да ве угостам како што прилега. Претходниот пат брзавте. Се надевам дека сега можете да одвоите време затоа што се плашам дека нема да имаме уште многу можности за разговор.“
Гледаше како старецот од полицата зема проѕирно стаклено шише, полно до половина. Преправајќи се дека не го слушнал коментарот на Звонко, со мирен тон продолжи.
„Се сеќавате ли кога, при нашата прва средба во канцеларијата, ми ја раскажавте приказната за болеста на вашата сопруга? За тоа како ви недостигал вистинскиот знак пред ознаката за нулта крвна група? Како ве прогонува тоа што поради тој недостиг не сте биле во состојба да ја спасите? Се сеќавате ли кога ме молевте поради тоа да го прифатам случајот?“
Старецот и понатаму молчеше. На масата стоеја две чашки ракија.
„Крвната група на Драган – А позитив – не може да потекнува од вас и вашата сопруга, господине Пажин! Чудно е како веднаш не ми беше јасно тоа. Зошто ме лажевте?“
„Не ве лажев, господине Бобиќ“, проговори старчето со глас што како да не беше негов. „Точно е дека не ви кажав сѐ, но не ве лажев.“
Во просторијата се слушаше сѐ потешкото дишење на Звонко.
„На Драган цел живот му бев татко. Единствениот кого го имал. Го зедов кога никој не го сакаше… му го дадов презимето што го немаше… го лечев, го тешев, го бранев… го чував од луѓето што сакаа да му наштетат… Му бев и повеќе од татко, Никола!“
„Но не сте му биле биолошки родител!“
„Не сум! Зарем тоа е грев?“ Очите на старецот пламнаа. „Стана и јас не можевме да имаме деца, тоа беше Божја волја… но затоа Господ ни го даде него!“
„Зошто не ми го кажавте тоа? Зошто го скривте од мене? И вие и Драган!“
„Затоа што се плашев дека, ако ја дознаете вистината, ќе почнете да гледате со други очи. И дека и вие, кој тогаш бевте единствениот што можеше да го спаси, дури и пред судот ќе му изречете пресуда. Онака како што го осудуваа сите, уште од моментот кога се роди. Затоа што се плашев дека, ако ја слушнете неговата приказна, ќе бидете склон кон предрасудите што ги уништија нашите животи. Вистината не ни помага секогаш, господине Бобиќ. Од неа можеби стануваме помудри, но не и подобри!“
„Што всушност се случило, Звонко? Ќе ми кажете ли конечно што се случило со вас и со Драган? Ќе ми објасните ли конечно во што всушност ме вовлековте? Мислам дека по сѐ имам право барем на тоа. Мојата кариера е уништена. Останав без работа. Ме посрамотија. Ми го осквернавија станот! Според сѐ, некој сака и да ме ликвидира… Ќе ми ја кажете ли вистината барем сега?“
Старецот го гледаше како да гледа низ прозорец. Изгледаше како зборовите на Никола да не го допираат.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “ДЕЦА НА ЗЛОТО – Миодраг Мајиќ”