Ја дочитав… побрзо и од што мислев. Плачев, бев шокирана, гневна, прегорда да се соочам со вистината, алчна и ненаситна за секој нејзин збор. Токму како што се поделени и расказите во збирката раскази на Дијана Петрова, со многу чуден и помалку морничав наслов ,,Не правете им сенка на гробовите“.
Не сум љубител на раскази, од проста причина што сметам дека е тоа премалку простор за еден автор да се искаже и ретки се авторите кои во 5-6 страници успеваат да ме погодат, замислат, а камо ли расплачат.
Но, Дијана некако успеа. Веројатно затоа што сегмент по сегмент, се пронаоѓав во расказите.
Видете… за мене оваа книга беше своевидна катарза. Верувам, дека ќе биде и за многумина од нас кои сме изгубиле некој драг, кои заради загубата сме почнале да размислуваме… што е смртта? Што е животот? Која е нашата вистинска природа?
Низ кратки и отсечни раскази/мисли, Дијана нè соочува со овие прашања. И неминовната болка од нашето искуство. Дали е смртта природна? Секако дека е, и е неминовна. Но, дали е логична?
Знам… знам. Ова е премногу храна за еден ум (па и срце) и ако имате предрасуди или нежен желудник, книгава може да ви се чини како „бизарна“.
Но, јас и погледнав во очи на ,,бизарноста“, на смртта и темнината кои се содржани во секоја страница… и наместо крај, видов олеснување и нов почеток.
Дијана е несомнено талентирана авторка за која допрва ќе се слуша. ,,Морничавоста“ позади корицата и некои од расказите се апсолутна спротивност од олеснувањето кое ќе го доживеете откако ќе ја прочитате оваа книга.
За крај… ќе ве оставам со неколку филозофски мисли/цитати кои се испреплетуваат во расказите.
,,Стравот од мртвите луѓе е само затоа што нè потсетуваат на нашата смртност.“
,,Човек губи сè обидувајќи се да дојде до состојбата што можел да ја постигне и без ништо.“
Храбро, соголено и без влакна на јазикот, Дијана ќе ве поведе на едно патешествие, соочување со сопствената темна страна, истовремено давајќи ви надеж… дека животот е бесценет, особено кога се живее без стравови. Препорака од мене!