Модел

Типот беше, ако може така да се каже, комплициран во својата простодушност – вели Илчо, еден од студентите на Ликовна академија на кои Моделот им позираше – Не знам кој го доведе кај нас, но беше различен од другите модели.

Пред да биде модел, Моделот беше студент на прва година на Филолошкиот факултет, група италијанистика, поточно дуплиран бруцош, зошто го одолжи полагањето испити. Наспроти мрзливоста во студирањето, Моделот беше подвижен и придвижен во дружбите со своите врснички и врсници, при што не малку му помагаше изгледот: со кадрава темно-костенлива коса што богато му се галеше околу лицето и со издолжени нозе што под цефка- пантолоните ја насетуваа нивната мускулестост. Кога, токму поради изгледот, ќе го повикаа на некоја журка во диското на МНТ што ја организираа студентите на Академијата, се појавуваше еден час подоцна, кога сите веќе беа насобрани, а и во џускањето се придружуваше постепено, ќе влезеше во танцувачкиот круг, но некако од страна, додека не ги пуштеа „Led Zeppelin” или „Pink Floyd”, тогаш со замижани очи ќе почнеше да се клати и да ги движи колковите и рамениците како да е насред сцена под фарови.  

– Типот беше, ако може така да се каже, комплициран во својата простодушност – вели Илчо, еден од студентите на Ликовна академија на кои Моделот им позираше – Не знам кој го доведе кај нас, но беше различен од другите модели. А со минималното знаење на италијанскиот, беше убеден дека уште повеќе им се допаѓа на девојките. Коме стаи, кара Сеси?  Бене?, ја поздравуваше студентката Светлана. Оџи, сеи молто бела Маринела!, ќе и се насмевнеше на Марина, која инаку беше најнеприметната во нашата група. 

Илчо ја прераскажува епизодата што ја чул од неговата тогашна колешка Јованка, Јованка Симонова, ја знаеш сликарка акварелистка, позната е, пред короната имаше голема изложба во МСУ. 

Моделот ја викал Џована. Очигледно, најмногу му се допаѓала од присутните. Ди пју!  – Ама баш заради тоа, што многу ја бендисуваше, некако ќе се смоташе пред неа. Заљубеноста е нешто најсмешно што животот му го подарил на човекот… И можеш да замислиш колку пак се вознемири кога го повика да позира акт утре вечер кај неа во ателјето. Насамо. 

Го замислувам вечерта кога појде кон нејзиното ателје, маглата веќе била спуштена врз градската котлина,  добрината на сонцето неповратно исчезната, се навестуваше тешка, густа и смоглива скопска ноќ. Но кај неа во ателјето, претпоставувам, било пријатно топло, опуштено, а таа го пречекала облечена  во тесни фармерки и во широка, а кратка бела блуза, замачкана од бои – И тогаш, чудакот дошол. Што е најсмешно, задоцнил половина час – се смее Илчо – И тука, кутриот, сакал да си даде некоја важност. Иако целиот бил збунка.  

– А Јованка, како изгледаше таа во она време? 

– Јованка, според мене, беше градена чудно, речиси немаше гради, а со тенок струк и голем задник, изгледаше како телото да и составено од два различни дела, од половината нагоре детско, со слаби, кршливи раце, од половината надолу силно, со нагласени, дебели бутки – Илчо ликовно ја представи својата младешка другарка и колешка – Не беше мој тип, иако имаше нешто откачено и привлечно, сраснато со ноќната скопска калдрма на старата Чаршија каде во „Галерија 7“ после часовите на академијата водевме бескрајни муабети. Тука, на една од тие ноќи, Јованка, со наша сесрдна помош, ја смисли зафрканцијата со Моделот. Се виткавме од смеа додека ни ги имитираше неговите глупави реакции на нејзините провокации. Иако не можевме да предвидиме каков ќе биде крајниот исход. 

Според смисленото сценарио, му рекла да се раскомоти и го понудила со виски. Откако го испиле вискито, тој со забрзани голтки, потропнувајќи без да сака со нозете, таа намерно оддолжено, и исто така долго издишувајќи чад од запалената цигара, му рекла да се свлече и да се намести во контрапосто. – Контрапосто позицијата често се користи на вежбите по акт. Рамениците се малку искосени на едната страна, колковите на спротивната, а тежиштето на актот е на едното стопало. Позата создава впечаток на динамика и природно изгледа – стручно ми ја протолкува Илчо позата на кутриот, гол Модел пред штафелајот на Јованка. 

– Јованка седнала отспротива со раширени нозе за да може да го опфати штафелајот – продолжува Илчо – Можеби заради таа нејзина поза во тесни фармерки, можеби внатре било пријатно топло, па кога се соблекол почувствувал дека телото му е среќно, а не премрзнато како во Академијата, а таа го гледала одоздола, онака намерно го меркала, и тука типот се заборавил, се препуштил. Само знаеме дека тогаш Јованка му рекла, мртва ладна: „Не можам да те цртам ваков со дигнат!“. И му наредила веднаш да си ги собере алиштата и да се губи од ателјето.   

– Кутриот тој – не издржав. 

Замислив како му било на Моделот додека се враќал, понижен и потиштен, од ателјето на Јованка во своето подстанарско сопче. Можеби меѓу конфузните мисли му се вовлекла песната на Азра  „Лијепе девојке пролазе кроз град, ја на углу стојим сасвим сам“ – минуваат низ градот, минуваат низ животот, а си мислат дека се нешто специјално, дека се светилници што вечно ќе стојат и ќе не мамат. Е, не може така!… А можеби, бил толку свиснат и изгубен, што имал само желба да побегне што подалеку од местото на понижувањето.  

– Утредента, Моделот не се појави во Академијата, а ни следните денови.  Што да ти кажам. Како да се изгуби од нашето друштво. Им рекол на студентите кои случајно го здогледале по улиците дека доста му е од позирање на неталентирани, разгалени дилетанти. Јас не го видов со децении  – кажува Илчо, инаку денес професор на истата академија каде како студент го сликаше Моделот –  Мислев дека се отселил од Скопје, иако кружеа приказни дека се уште е во градот, но дека многу се запуштил, престанал да се бричи и да се шиша. Кога ќе го видеа, луѓето не можеа да го препознаат. 

Не можеше ни Илчо, кога, после четириесет години, сред карантинот, го пресретна во пустата уличка „Антонио  Грубишиќ“. – Еј другар, амико мио! – одекнуваше гласот низ тивкиот, празен сокак. Не носеше маска, но рацете му мафтаа како краците на страшило на силен ветер. Дури кога му се приближи на два чекора, Илчо сфати дека пред него е некогашниот Модел.  

–  Па тоа си ти… Како си? Дали е се во ред кај тебе? – го прашал.

  – Дај пари. За леб и цигари! 

Му дал стотка. – Што е бе ова?! Не ме заебавај! – се развикал Моделот.  

Пребарувајќи по паричникот, Илчо извадил уште две стоденарки и една десетка. 

– Со ова можам газот да си го избришам! – дрекнал Моделот, ја згужвал и ја фрлил десетдeнарката на улица – Ајде, здраво! 

И заминал, вели Илчо, редејќи ги гласно, најгласно, опачините на светот.   

– И замисли, додека се оддалечуваше од мене, онака неуреден и размафтан, си реков, овој се уште има добра фигура. Вистински Модел. 

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ПОТРЕБНА ДОБЕЛЕШКА ПРЕД КНИГАТА ТРИБУН, ХРОНИСТЕРИК, НОМАД
(пре)именување Поводот за ова размислување „во процес“ е едно мое антиупатство (бр.89),...
Повеќе
0 replies on “Модел”