Неколку епизоди за Лем и од Лем

Имаме многу разнородни забелешки на читателите од секаков карактер, што се движат на апсолутните крајности, но постоењето на вистински ЛЕМОЛОЗИ, во Македонија сè уште не е целосно засведочено.

НЕКОЛКУ ЕПИЗОДИ ЗА ЛЕМ И ОД ЛЕМ (како преведувач, читател, полонист)

 

ЈАС СУМ…

Милица Миркуловска, полонистка, професор на полонистиката при ФлФБК на УКиМ, меѓу другото, преведувач на Станислав Лем и еве ги редум моите/нашите ЛЕМОВСКИ деца, а кумот е издавачката куќа АНТОЛОГ:

— најстарото дете СОЛАРИС (2016)

— најсаканото КИБЕРИЈАДА (2018)

— најсилното НЕПОБЕДЛИВ (2019)

— најчувствителното ЕДЕМ  (2020)

— и во 2021 годината на ЛЕМ, новороденото СВЕТОТ НА СТАНИСЛАВ ЛЕМ – ЦИТАТИ И АФОРИЗМИ во избор на Виктор Јазневич (2021)

 

ПРЕВЕДУВАЈЌИ ГО ЛЕМ…

 

Додека го преведувам ЛЕМ имам исто чувство како да сум качена на ролеркостер (roller coaster) и не се знае ни кога ни каде ни како ќе заврши возењето!

Самиот Лем за преводот рекол во „Светот на Станислав Лем“, цитат 1052. Квалитетот на преводот е постојано проверлив со препреведувањето (превод „наназад“, на „композицијата“ назад на јазикот на оригиналот). (Имагинарно величање) и на полски тоа звучи вака 1052. Jakość translacji jest ciągle kontrolowana retranslacją (tłumaczeniem ,,wstecznym” z „ustroju” na powrót na język oryginału). (Wielkość urojona)

 

А како утеха за преведувачите, ЛЕМ потврдува:

во цитат 63. Свесен сум дека неизмерно им ја отежнувам, а понекогаш дури и им ја оневозможувам работата на моите преведувачи додека ги филувам моите книги со определби, за коишто полскиот јазик, се чини, особено е извикан, но што можам да помогнам. (1982, Разговори со Лем «Rozmowy z Lemem») 

 

Земајќи ги предвид дистанците: културолошки, временски, просторни итн. ЛЕМ сугерира во цитат:

  1. Преводот претставува проекција низ друг јазик – во рамките на друг културолошки состав, проекција што секогаш е непотполна, зашто со резон ги придвижува оние делчиња од смислата во чијшто опсег се поклопуваат културолошките репертоари на двете нации.  (Тези и концепти)

 

ЛЕМ за преведувачите има и извесни побарувања:

 

во цитат 32. Мечтаам, моите книги да се печатат во добар превод и – особено на Запад – да ме преведуваат од полски, а не од некои други јазици. (1972, Се натпреварувам со стварноста «Współzawodniczę z rzeczywistością»)

 

СТАНИСЛАВ ЛЕМ ВО МАКЕДОНИЈА… 

 

Станислав Лем во Македонија, и бил и е познат во многу тесен круг на читатели што се запознале со него на англиски јазик или пак, во минатото на српски или на српско-хрватски јазик. Речиси и да немало преводи на неговите дела на македонски јазик, освен еден превод на книгата Соларис од 1989 година во издавачката куќа Детска радост, според описот детски роман, во едицијата Библиотека Фантастика [1]

Од 2015 година со издавачката куќа Антолог https://antolog.mk/ започнавме едно заедничко патување со ЛЕМ и засега, на македонски, ги имаме Соларис, Киберијада, Непобедлив и Едем, како и Светот на Станислав Лем (ЛЕМОЛОШКА РИЗНИЦА НА МУДРОСТА, ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА 2000 МУДРИ МИСЛИ И ЦИТАТИ од Станислав Лем во избор и состав на Виктор Јазневич [2].

Според информациите од интернет, коментарите и сл. се забележува дека Лем не го остава рамнодушен ниту македонскиот читател, колку и да е временски, просторно и јазично оддалечен или пак, претходно образован. Имаме многу разнородни забелешки на читателите од секаков карактер, што се движат на апсолутните крајности, но постоењето на вистински ЛЕМОЛОЗИ, во Македонија сè уште не е целосно засведочено. Имено постои еден тесен круг на љубители на СФ, од постар и понов ков, коишто меѓу останатите СФ творци, го препознаваат и Станислав Лем и се во состојба да го препознаат и според тематиката и според стилот на изразувањето. Исто така, постои извесен круг на љубители на филмот и на компјутерските игри, коишто преку насловите, јунаците и називите на одделни области и сл. ги препознаваат и асоцираат на делата на Станислав Лем.

 

„ЛЕМ-ОНЛАЈНИЈАДА“ НА ФлФБК 

 

Чествувањето на стогодишнината од раѓањето на Станислав Лем на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ го започнавме во навечерието на јубилејот. Имено, 2019 година доделивме 3 дипломски работи на студентите-полонисти во врска со „Киберијада“ од Станислав Лем, културолошко-преведувачки осврт на извесни семантички полиња на неологизми. Две од трите дипломски работи веќе се одбранети, една пред настапувањето на јубилејот, а втората, во рамките на Семестарот со Лем „ЛЕМ-ОНЛАЈНИЈАДА“.

Активности што претходат на јубилејот 100 години Лем во 2021 беа „Деновите на Станислав Лем“ во 2019 и 2020 година во рамките на наставата по предметите Полска цивилизација и култура (ПЦиК) (на почетокот со физичко присуство, а потоа, според КОВИД 19 протоколите, онлајн преку платформата ZOOM), проследени со проекција на филмските верзии на Соларис од 1968, 1972 и 2002 година.

Во 2021 година јубилејот 100 години на Станислав Лем го одбележавме со тоа што му го посветивме целиот летен семестар со наслов ЛЕМ-ОНЛАЈНИЈАДА, во рамките на наставата по слободните изборни предмети ПЦиК 2, 4 и 6. На ФлФБК наставата по овие предмети се одржуваше онлајн, преку платформата ЗООМ и преку групата на Фб, Полска цивилизација и култура https://www.facebook.com/groups/1494901780783132 .  Секоја седмица на Семестарот со Лем носеше нови содржини што беа обработувани во рамките на првиот дел од часот, а остатокот од времето го исполнуваа темите според соодветниот силабус. На тој начин, студентите што избрале како слободен изборен предмет ПЦиК2, ПЦиК4 или ПЦиК6, што навистина ги имаше во солиден број, 170, од различни години и различни групи на ФлФБК и од Економскиот факултет, се здобија со информации за животот и делото на Станислав Лем, за преведените дела на македонски Соларис, Киберијада, Непобедлив, Едем, за филмовите и за компјутерските игри според неговите дела. Студентите изработија и презентираа повеќе презентации инспирирани од одделни факти од делата или од животот на Станислав Лем, а како резиме беа одржани квизови подготвени од студентите, како и подготвен од порталот https://culture.pl/en/quiz/stanislaw-lem-the-100th-anniversary-quiz . Беа споделувани повеќе факти и куриозитети во врска со предвидувањата што Лем ги изнел во своите дела, а денеска што веќе претставуваат секојдневност. Помошните материјали се споделува на Фб групата Полска цивилизација и култура. Во реализацијата на ЛЕМ-ОНЛАЈНИЈАДА-та беа онлајн достапните ресурси, пред сè на англиски јазик, како и на германски, руски и шпански, во помал број и на полски, односно, на матичните студирани јазици на студентите што го избрале предметот ПЦиК2, 4 или 6 во летниот семестар уч. 2020/2021 семестар. И навистина, студентите беа заинтригирани и изнајдоа многу интересни факти за Лем и од областа на лемологијата, што го нагласува фактот дека Лем умее да допре до љубителите далеку, далеку во времето на културолошки доволно далечен простор и во сосема други поколенија.

 

ОМИЛЕНАТА КНИГА ОД ЛЕМ…

 

Дефинитивно Киберијада!!!! Тоа е временско и пространствено патување заради коешто треба настрана, на масичката, да си оставиш сè што имаш во главата, што ти е составен дел на секојдневието и едноставно да се нурнеш, да се препуштиш – и од гледна точка на читател и од гледна точка на преведувач!!!!

Меѓу мноштвото импресии од Киберијада, би ги споменала стиховите на Електрибалтот, електронскиот суперпоет, еден дел од нив се содржани во цитатот бр. 709 во Светот на Станислав Лем:

 

„Ciprijan ciberotoman, cinik, cenejki chujno 

            Crna cherka carska, chudno crno celo,

            Citra chesto civkal. Crveneela cela,

            Celovremeno chekala, chuela, crcorela…

            …Ciprijan cecasi celuva, chuknuvajkјi Сrnкata!!“

 

[Ципријан циберотоман, циник, ценејќи чујно

Црна черка царска, чудно црно цело,

Цитра често цивкал. Црвенеела цела,

Целовремено чекала, чуела, црцорела…

…Ципријан цецаси целува, чукнувајќи Црнката!!]

 

А тоа се стихови по нарачка според следниве услови: „…киберотика, …најмногу шест стиха, а во нив за љубовта и за прељубата, за музиката, за Црнците, за повисоките сфери, за несреќата, за родосквернавењето, римувано и сите зборови да бидат само на буквата „с“!!“

  Овие стихови претставуваат исклучителен предизвик за преведувачите, за читателите, а особено и за ЛЕМОЛОЗИТЕ, па оваа јубилејна 2021 година Виктор Јазневич ја објави антологијата „Станислав Лем во Светот“ (Виктор Јазневич „Станислав Лем в Мире“, Минск, 2021) во којашто централно место зазема и преводот токму на овие стихови на повеќе од 40 светски јазици, како и на уште неколку фрагменти од книгите Соларис, Непобедлив и Едем

 

И стиховите содржани во цитатот бр. 708. „Апентулата непослушна / о бубачки груби / поттик превирања до крај ќе приклучи / скапоцен бајт ќе одмори… “ како дело на истиот електронски суперпоет, Електрибалт, изговорени со „…сјаен баритон со присуство на заводнички вибрации“ додека „…показателите на амплификација покажале дека лиричната моќ доаѓа до максимум,…“

 

Вљубете се во Полска! Вљубете се во ЛЕМ!

 

[1] Лем, Станислав: Соларис /превод од полски јазик Григори Поповски; ликовно-графичко обликување и илустрации Жарко Туниќ, роман; детски општо.
Скопје : Детска Радост, 1989 (Скопје : НИПРО”Нова Македонија”). 182 стр.: илустр.; 20 см. (Библиотека Фантастика)

[2] Лем, Станислав: Соларис /превод од полски јазик Григори Поповски; ликовно-графичко обликување и илустрации Жарко Туниќ, роман; детски општо.
Скопје : Детска Радост, 1989 (Скопје : НИПРО”Нова Македонија”). 182 стр.: илустр.; 20 см. (Библиотека Фантастика)Лем, Станислав: Соларис / превод од полски Милица Миркуловска. Скопје : Антолог, 2016. 224стр.

Лем, Станислав: Киберијада  / превод од полски Милица Миркуловска. Скопје : Антолог. 2018. 448 стр.

Лем, Станислав: Непобедлив / превод од полски Милица Миркуловска. Скопје : Антолог. 2019. 208 стр.

Лем, Станислав: Едем / превод од полски Милица Миркуловска. Скопје : Антолог. 2020 287 стр. 

Светот на Станислав Лем / одбрал и составил Виктор Јазневич; превод од полски Милица Миркуловска. Скопје : Антолог. 2021. 288 стр.

Тагови од објавата
More from Милица Миркуловска
НЕОЛОГИЗМИ во КИБЕРИЈАДА од Станислав Лем
(Овој глосар претставува дел од статијата „Киберијада – Барокот на Космосот“)
Повеќе
0 replies on “Неколку епизоди за Лем и од Лем”