Сонце над реката, одблесоци на водата, во мене ширина. Војната е веќе сосема далеку, за цело едно пространство промени настанати од ситните менувања што станаа значајни кога веќе сите се случија.
Ми се чини дека секогаш вака го замислував враќањето: пространо небо без закани, сонце што раѓа бои, по малку тапо чувство на среќа поради исчекувањето. И ведри лица околу мене.
Луѓето се навистина ведри. Ги гледаат ниските тињести брегови обраснати со грмушки или матната вода на реката, се довикуваат со оние на речиси потонатите пристаништа кога бродот ќе пристане во некое мало место, и се смешкаат задоволни поради нешто. Или јас сакам така да биде.
Го примам она што е, со сетилата, не подлабоко, како боја, мирис, шум, среќен сум што можам да гледам и слушам, тукутака, ослободен од обврската да мислам претпазливо. Ги навикнувам сетилата да живеат слободно, без плашење. Не подлабоко, со сетилата, не поинаку, голема предност е да не се прават комбинации, не со стравот за кој веќе не сум свесен, ама кој сигурно стана мој скриен ориентир, тајна либела некаде во мене, секогаш жива, не поинаку, не со смисла под видливото. Не се плашам од таа поткожна смисла, само не ми треба, уште, доволни се и водите што се гледаат, зошто трагање по понорниците? Не чувствувам потреба за мачење, ќе се ослободам од него ако наиде и сенката негова, своите загуби ќе ги претворам во светотајни жртви, одвреме-навреме, ќе ги искадам со темјанот на тивкото сеќавање, не подлабоко, не потешко, би можеле да станат неподнослива болка.
Бродот е малечок, ведар, пргав, не особено уреден и не особено сериозен. Личи на својот капетан, веселник, кој не е ни стар ни млад, ни строг ни безгрижен, не е ни отповеќе горд, ниту се лути што е на бродов. Пријатно се чувствува во животот, изгледа.
Од својата кабина донесе добро жупско вино и сесрдно ни го понуди. Пие и тој, со уживање и со радост. Стоиме крај кормилото и управуваме по ред. Капетанот го фаќа тркалото само кога ќе наидат обележени места, потопени бродови или плитко. Душко кажува како сѐ сме патувале, пешки, на коњи, на колена, со железница, со лаѓа. Капетанот за возењето во војната.
– Возевте ли Германци?
– Секако.
Не се чуди. Ни ние. И не се чудиме што не се чудиме. Веќе вчера поинаку ќе разговаравме. Сега е сѐ во ред, убаво и добро: се враќаме од војната и не сме злопамтила. Му се воодушевуваме по малку на капетанот, на неговото пламнато лице, на белата капа со сидро, на безгрижниот израз и интересните приказни. Не ни пречат неговите водникави очи ни носот на пијаница. Задоволни сме што е внимателен кон нас и што нималку не се плаши од нашите униформи и од оружјето. Иако е тоа чудно.
Се смееме. И калуѓерката се смее. Само што таа веќе не е калуѓерка, од утринава, од часот кога сонцето го огреа бродот. Се изненадив. Во ноќта ми се причини грда. Се чешлаше со слободни движења, смешкајќи ни се, ненавредена од нашето синоќешно студенило. Сношти беше воздржана и грда калуѓерка во шинел, сега е расцутена убавица. Што ли направија од неа утрото и сонцето? Или од мене.
Убава е, ама не поради правилните црти, туку поради нешто самосвојно. Изгледа сигурно и складно. Најпрво се забележува изразот на лицето, мирен, доверлив, зрачен, чист некако со ветување дека не крие празнина. Потоа, додека стоевме крај оградата, гледајќи ги населбите до кои пристануваше бродот, бев благодарен што не брзаше да покаже ни духовитост, ни заморна сентименталност, ни воздржаност, ништо од сето она што луѓето при првата средба си го нудат еден на друг. Беше, би рекол, со мера непосредна, ненапрегната, ја поседуваше онаа ретка способност да создаде околу себе клима на доверба човек да се чувствува лесно. Се приспособуваше. Таа особина што ја сакав кај другите, а која никогаш не тежнеев да ја стекнам, кај неа се изразуваше толку богато што бев изненаден: непогрешливо чувствувајќи го туѓиот ритам, таа кон него го нагодуваше својот. Нејзината мисла како намерно да не ги минуваше висината и обемот на туѓата, а нејзините расположенија не беа каприциозни ни упорни, се нагодуваа според другите. Ми се чинеше дека во себе секогаш може да пронајде подлабока смисла и пополна веселост и подуховит збор, само ако го сака тоа и ако ѝ е тоа потребно. Ама со тоа што се приспособуваше, нејзината личност ништо не губеше. Признавам, речиси сум воодушевен од неа, поради промената од сношти го воодушеви и Шестан, зашто со внимание и без досада ги сослуша неговите мислења за сѐ и сешто, не потсмевајќи се ни потоа, кога бевме сами. Паметам што мислев сношти за неа, ама тоа ми е сосема сеедно: му верувам на впечатокот што го создаде овој миг. Друг миг нека си создаде свој впечаток, и тој може да биде точен, колку и да е поинаков.
И ете, стоиме со капетанот крај кормилото, сите по малку возбудени. Девојката, во блуза и здолниште со маслинеста боја, со двете раце голи до лактите го држи големото тркало и се смее со Душко. По малку го мразам.
Гледам: капетанот гледа во неа. Нејзините обли рамена, малку свиени кон кормилото, како да затреперуваат во занос, зашто во подвижното тркало пулсира срцето на бродот. Таа го чувствува, управува со него, му го засилува ударот, трепери од неговата сила, која не се заканува. Фаунските очи капетанови страсно пируваат гледајќи ја девојката претворена во сирена на носот од гусарскиот брод, устремена, а врзана, неподвижна во скокот, опиена од сонцето и водата и далечината, по која копнееме не сакајќи да се приближи.
И одеднаш сеќавам како срцето на бродот трепери под моите нозе. Не лизгаме, туку лебдиме над отсјајот од водата. Радоста, присутна веќе со денови, се распламтува во пожар што беснее и заслепува. Се насмевнувам, веројатно прегласно и разблудено можеби, зашто таа се сврте и ме погледна. Ама не ме прекорува. И таа се смее: сончевите искри и росата од реката ѝ се во очите. Нагло се фаќам за кормилото под нејзината рака, кое лесно се подава и се нуди готово за секаква лудост. Сега има четири испреплетени раце на тркалото, малку се, би сакал да ги има многу повеќе, мои и нејзини раце. Со лактот ја сеќавам еластичната дојка, мишката ми ја пржи топлината на женската пазува, цврстото бедро е до моето, растреперено. Струите на крвотоците ни се измешаа, го сеќаваме единствениот ритам, луд и побеснет. Ударот на водата во носот на бродот нѐ потресува во коренот и го брише светот околу нас. Оловната река запалена од сонцето, и само ние двајцата гориме во тој пожар. Земи нѐ, реко, впиј нѐ, сонце. Сѐ чекаше на овој зажарен час што нема ни минато ни иднина, што се признава само себеси, и сѐ во него е можно.
– Што означува црвената боја лево? – му викам на капетанот.
– Недемонтирана мина.
– Да возам на неа!
– Вози!
Го вртам бродот кон црвената бова пред нас. Се смеам. Се смее и капетанот. Се смее и девојката. Ама нејзината рака сосема меко, иако непопустливо, го држи бродот далеку од мината.
– Зошто? – ја прашувам смеејќи се.
– Премногу е убаво.
– Баш затоа.
Можев да ја бакнам во уста, можев да ја обљубам под кормилото или распната на носот, можев да го кренам бродот во воздух. Сѐ можев во тој краток час лудост, само не можев да го задржам.
Нагло, сосема одненадеж, без никаква видлива причина, сѐ помина. Реката престана да гори, безволно потече сиво олово. Се изгасна пожарот во мене.
Наидуваше она од кое се плашев, надевајќи се дека исчезна. Се јави по неприродно усвитениот миг на занесеност. Како тој оган да ги пеплоса силите што ме бранеа.
Ги извлеков рацете од под нејзините и без збор се одвоив, сакајќи да останам сам. Подоцна се сетив на нивните погледи. Знам дека тогаш не ги видов, не можев да ги видам, сепак се сетив на нив, збунети и уплашени.
Требаше ова да го проживеам сам, без никого. Тоа беше чувство на стишена запрепастеност, која не е ништо одредено. А баш таа неодредена тежина, на која не можам да ѝ ги фатам корените, ни да ѝ ги согледам длабочината и насоката, темната закана на која разумот не ѝ може ништо, се наднесуваше над мене непознатиот ужас, потежок од секое определено страдање. Потполна, конечна самотија, залудност на сѐ што би можел да направам, неизбежност на нешто што ќе наиде, а не наидува. Најлошото е што не доаѓа, зашто ако дојде, би добило каков било облик, и стравот не би бил толку потполн.
А кога помина, зацарува пустошот. Умор како по болест. И чудна мешавина од среќа што помина и тага што некогаш пак ќе се јави.
Се потпрев на оградата и запалив горчлива цигара. Безволно го посматрав пустошот во себе, не жалејќи по ништо.
Девојката пријде и застана крај мене. Приспособена, тивка.
– Лошо ти беше?
– Да.
– Болен си?
– Не ми е ништо.
Ја погледнувам: очите ѝ се добри. Успеав да се насмевнам.
– Ти ли си девојката со мирис на сено во косата?
– Постоела ли?
– Не знам.
– Дали би сакал да сум јас таа?
– Би ја изгубил.
– Ако ја најдеш?
– Да. Таа е сѐ што сакам. Го има обликот на секоја желба.
– Нема свој облик.
– Секогаш е присутна.
– Секогаш отсутна.
– Не можеш да ја уништиш.
Стана сериозна:
– Дали навистина би го повел бродот на мина?
– Не.
Сега сѐ ми изгледа бесмислено. И овој разговор.
– Не ти беше лошо.
– Не.
– Можам ли да ти помогнам?
Благодарен сум ѝ за таа непотребна добрина. Не е веќе распната сирена на носот од гусарскиот брод и не може да разбере. Пред малку можеби ќе разбереше.
– Лудоста не трае долго – велам колку што можам поведро.
– Штета – вели таа. –А можеби е и подобро.
– Ти си разумна.
– Грев ли е тоа?
– Повеќе недостаток отколку грев.
– Ќе одиме ли на кормилото?
– Уморен сум.
Знаеме и јас и таа дека би било бесмислено да се обновува заносот од пред малку. И тажно стоиме еден покрај друг.
Требаше ова да го проживеам сам, без никого. Тоа беше чувство на стишена запрепастеност, која не е ништо одредено. А баш таа неодредена тежина, на која не можам да ѝ ги фатам корените, ни да ѝ ги согледам длабочината и насоката, темната закана на која разумот не ѝ може ништо, се наднесуваше над мене непознатиот ужас, потежок од секое определено страдање. Потполна, конечна самотија, залудност на сѐ што би можел да направам, неизбежност на нешто што ќе наиде, а не наидува.
Тагови од објавата
Број 133-134