Од романот „Синовите на Адам“ (Восток, 2022)

Можеби немам ништо свое на светот, ама мене сосема малку ми е потребно за да бидам среќен. Како растение на кое сѐ што е премногу ќе му наштети, и премногу сонце, и премногу вода, мене ми е потребно сосема малку, само малку љубов, една топла прегратка, и малку разбирање од воспитувачот, дека ова што го правам и не е толкав грев како што му се прикажува нему во неговиот свет.

Тие две недели отсуство од училиште, постојано цртав. Целото време го поминував во собата за учење, преправајќи се дека читам, ја затворав вратата зад себе, седнував покрај масата, од едната страна ги вадев книгите, а од другата цртежите и со часови не излегував, цртав и никој не ме вознемируваше. Понекогаш се чувствував виновно и ме мачеа тешки прашања, се прашував каде припаѓам, во светот на интернатот во кој ми кажуваат дека цртањето на голото тело е харам, или во светот на училиштетето кајшто голите тела што ги цртам се секојдневие и деновите ми поминуваат гледајќи во актот што ми стои пред очи. Кој сум јас, оној што се моли пет пати на ден, и ревносно се труди да му служи на Бога, или оној што со часови гледа во голите тела и од сета дарба прави уметност. Што сум јас, покорен слуга што се плаши од Божјата казна, или дете обдарено со талантите на Божјата премудрост, кое слика, сонува и се надева да стане уметник.
Таа мачнина ме следеше уште долго време, на часовите по цртање, со часови гледав во моделот, го цртав, потоа ги затворав очите, како сета тежина на светот да натежнала на мене и се молев, Естагфирулах, Естагфирулах, Естагфирулах, прости ми, Боже, ако грешам и ако тоа што го кажа воспитувачот е точно. Јас не правам никаков избор во својот живот, туку сѐ што доаѓа го прифаќам како своја неизбежност и продолжувам да живеам прифаќајќи го тоа како свое. Најголемите борби се борбите на срцето. Можеби немам ништо свое на светот, ама мене сосема малку ми е потребно за да бидам среќен. Како растение на кое сѐ што е премногу ќе му наштети, и премногу сонце, и премногу вода, мене ми е потребно сосема малку, само малку љубов, една топла прегратка, и малку разбирање од воспитувачот, дека ова што го правам и не е толкав грев како што му се прикажува нему во неговиот свет. Другите ученици беа сосем спокојни, како да не беа деца, туку возрасни, зрели личности, тие се толку смирени, а мене сето ова ми паѓа толку тешко, ме растревожува до солзи, се прашував што сум јас поразличен од другите, или можеби местото не ми е овде, стани и оди си, си велев во себе, потоа како да ме обземаше некоја небесна топлина што ме тераше да останам, остани, ми велеше и целата оваа бура нека излезе низ твоите раце на хартијата. Линиите трепереа под моите раце, ќе останам, одговарав, оти овие траги што ги оставам се мои, тоа сум јас. Не сум ниту детето што присуствува на часот, ниту оној што е принуден заради животните неприлики да престојува во интернатот. Семејните односи дома, отсекогаш ни биле комплицирани. И во таа бркотница во домот во кој не беше лесно да се живее како осамена птица што ја чека бурата што надоаѓа, секогаш се чувствував како гостин, дури и полошо од тоа, како туѓинец што не е посакуван во друштвото во кое односите беа толку неподносливи што речиси никој со никого не се сакаше, никој, никому не покажуваше љубов, ниту разбирање. Се живееше од ден за ден, се работеа вообичаените работи, а јас како да стоев над планина и сето тоа да го набљудував одозгора, од некоја невидлива дистанца од која сѐ се гледаше во вистинската светлина, и ако слезев од таа планина, ако се спуштев во нивното секојдневие, тогаш сфаќав дека, всушност, можеби и не им припаѓам, спрема сите чувствував некаков студ.

Тагови од објавата
More from Михајло Свидерски
Исак Барух
(Од необјавениот прозен ракопис „Арагон“) Денес, Хамиде мајката на Моис, ни донесе...
Повеќе
0 replies on “Од романот „Синовите на Адам“ (Восток, 2022)”