Поезија од Дафина Веселиноска

Она што го прави поетот поет / е животната поплава / на ништото / Она што го прави поетот поет / е разочарувањето кое произлегува од вниманието / кон ништото.

Поезија од Дафина Веселиноска

 

СВОЈА

Станав
Запалив свеќа за своја душа
Зашто веќе ме нема
Ја пуштив Лилјана од Тома
И чекав да си одам дома

Свеќата не е домашна, од Икеа е
Лилјана не е домашна, од Тома е
Домов не е мој, од мама и тато е
Јас не сум домашна, не сум нивна
Јас припаѓам на сè она што скита

Не припаѓам на Сонцето, уште помалку на Месечината
Можеби ќе ме биде на небото
А можеби длабоко во земјата
Во филот на некоја блага торта, би рекле некои
Во витрината стаклена кај баба, би рекле други
Јас велам:
Можам да се измешам во чадот од цигари,
Меѓу крвави ружи да не ми се види крвта, ни ноктите
Меѓу ѕвезди пак нема да сум ѕвезда
Меѓу песни ќе сум најтажната
Меѓу фустани ќе сум искинат
Меѓу твоите усни ќе ми е најподносливо
Проголтај ме и вечно ќе кампувам во твоето срце.

 

СЕ ЗАПОЗНАВМЕ ВО НОЕМВРИ

Носев црно, ти сиво
И добивме бело

Се вљубивме во декември
Бевме во занес до јануари
А среќни-до февруари
Нè немаше од март до март

На сон, мој беше

Во јули носев цвеќиња-ти сино
И двајцата пиевме пиво
Во август славевме Бог знае што
Месечината ја гледавме
По Југославија мечтаевме
Септември пребрзо дојде
А нашето време сепак не дојде…

И сега скоро ноември ќе е
Октомври не постоевме
А сега скоро пак ноември ќе е
Камо во 2019 ноември да може да е.

-We fell in love in October-Girl in red

 

ПОСМАТРАЊЕ ОД ВНАТРЕШНОСТА

Таа е однатре пустина
Не се чудам зошто
Жешко е во нејзината соба
Пекол е нејзината куќа
А однадвор е бисерни насмевки
Цели вечерни аутфити
Дечковци од сите краеви
Другарки сите за неа на сè спремни
А таа за нив има неразрешена траума
Што ја прави снаодлива
И не може човек да ѝ замери
Никаков товар не товари
Ами од мајка ѝ го носи
Мамурност, изгубеност, плачливост и тест за бременост
Го сочинуваат неделното нејзино утро
Другарка ѝ „најверна“ неа ја користи како стока запрежна
Оваа учи брзо нашава
Своите другарки да ги впрегнува почнува
Баки дојде, ја повози и ѝ влепи два шамара
Доколку се вљубиш, драги, во неа
Рутински по три ќе добиваш од неа
Реков, таа е брза ученичка
Секој петок, сабота
Со нов лак, ајлајнер е и батка
А инаку знае да врти,
Нашево маче, шетано е
Од Филаделфија, Холандија и Битола
До Охрид, Кашмир и Биртија
Ги врти сите како сака
Ова го кажувам објективно
Ама и субјект сум
Ѝ ги дадов мислите
И сега и мене ме врти како сака…

 

ИМПРЕСИИ

Едиција: Училишни фрустрации

На толку натрупан товар
Си реков нешто
Ќе успеам да извадам од себе

Ја вртам Двојната Лота
Минатата сабота
Неговиот поглед-мојата фантазија

Ја нема да се јави
Изгледа сака да одмори
Слушам приказни за еликсири
И непотребни џагори

Морам да се помирам
дека во секое тримесечје
мора да дојде оној ден
кога треба тест по математика
да се прави
зар мора денес тест да се прави?

Слушам за утилитаризам,
Нè учат за индивидуализам
Ама практикуваат само егоизам
Системот наметнува монизам:
Јас сум еден и совршен!

Нејзе на гламингото главата ѝ ја нема
Па уште во кој филозоф се препознава
Вака оцена не се поправа!!!

Досадата книгата, прозорот и чавките ја лечат
Толку јасно Сонце од минатиот декември
Сме немале
Ми надоаѓаат мисли уште
Ама… не ми се пишува веќе!

 

EX NIHILO

Она што го прави поетот поет
Е животната поплава
На ништото

Она што го прави поетот поет
Е разочарувањето кое произлегува од вниманието
Кон ништото

Она што го прави поетот поет
Е неговата насмевка чија убавина произлегува од убавината
На ништото

Она што го прави поетот поет
Е начинот на кој неговата коса сјае и се лелее како тагата во мене
Како ништото

Она што го прави поетот поет
Е начинот на кој ги става рацете на колкови и се мисли за цар
На ништото

Она што го прави поетот поет
Е неговиот мек глас кој го зарипнува со цигари
Поради ништо

Она што го прави поетот поет
Е начинот на кој вели: аха или ах
Начинот на кој ќе се клацка на столот додека не тресне на земја
Начинот на кој ја троши интелигенцијата за ништо
Начинот на кој игриво подмигнува
Начинот на кој наместо да учи попрво би плачел
Начинот на кој ме тера да се мавнам по глава кога ќе лупне нешто и лесно ќе ме заведе
Неговата неблагодарност помешана со арогантност
Неговите сиви очи од кои привидно извира дожд на љубов
Неговата црнина која однадвор извира и во неговата душа длабоко продира
Неговата испланирана збунетост
Фактот дека уште малку фали да можам да потврдам дека флертува со професори
И уште фактот дека е измамник и лажливец
И гнаса на ништото
Посубјективно…
Ова е она што мене ме прави поетеса
А Конески?
Ги береше песните од дрвото на животот
Случајно се јавуваа, а потоа за цел живот го обврзаа
Конески не создаваше од ништо,
Иако се чинеше така
А јас создавам поттикната од ништо,
Зашто тој е ништо
И создавам за него
Значи за ништото.

Тагови од објавата
0 replies on “Поезија од Дафина Веселиноска”