Ти си само моја. Јас ти го дадов животот. Јас можам и да ти го одземам.

Уште од првите страници, без некој да ми каже, можев да претпоставам дека во рацете држам книга напишана од Славенка Дракулиќ. Нејзините теми и тука се провлекуваат: жена, болка (психичка, но и физичка), тага, женско тело, пропуштени можности…

Овој роман има еден настан, но две приказни. Една е таа што ја знаат сите: соседите, полицијата, судот, роднините. Друга е таа што ја знае само обвинетата. Знаејќи ја втората приказна, нејзиното дело и тоа како е оправдано!

Помеѓу успаното тело на своето дете и вечно заспаната мајка, обвинетата полека ги разоткрива сите свои тајни за нејзините: детство – хорор; стан – затвор; дом – логор; баба – злобен чувар; мајка – која дава нов живот уште пред да биде задоволна со својот; кукла – единствен пријател во цел свет.

Дракулиќ пишува книга во која ликовите немаат име, ама имаат огромна тежина која ја носат во себе и си ја предаваат од генерација на генерација. Сите нив ги спојува болката.
Пишува за едно семејство каде единствени допири се ударите, единствени разговори се навредите, а љубовта и грижата се покажуваат само преку казни и тестови. Во тоа семејство товарот е преголем, па мора да се пренесе и врз невиниот, детски грб.

Обвинетата е ќерка на млада, романтична девојка склона кон мечтаење, полна со живот, страст, планови. Но, откако еднаш во младоста се подлизнува, продолжува да паѓа во понорот, сè пониско и пониско. Со цел да им се одмазди на родителите за тоа, на светот носи мало девојче. Потоа, животот го дели на – убавата младост пред детето и новата тажна реалност. Иако го остава сопругот, никогаш не се ослободува од погубната желба да биде со него. И така, од заљубена девојка се претвора во мајка која го користи своето девојче само како мост кој води кон мажот.

А тоа мало девојче уште пред да заживее е осудено да биде сунѓерот кој ќе ја прими целата тага собрана дотогаш од жените во неговиот живот. Деновите ги поминува тивко, со забрани, заклучувања, казни, со контролирање на сите емоции, без дозвола за плачење и секогаш со заканата: „ Јас ти го дадов животот, јас можам и да ти го одземам“.

Како што за некого нежноста е темел на односот – во ова семејство тоа е стравот, а секој знак на нежност се гледа како знак на слабост. Среде домашниот хаос, девојчето знае дека за да преживее, потребна е снаодливост. Иако толку мала, свесна е дека не постои друго место каде што би нашла прибежиште освен во самата себе.
Не познава друг свет и други можности и расте во девојка свесна дека длабоко во себе мора да го закопа сеќавањето од детството – ако сака да преживее. И кога доаѓа шанса за љубов – чиста, топла, вистинска … нејзиниот образ научен на многу шлаканици, не знае како е да биде погален. Тешко ѝ е да го довери своето тело некому, да го извлече од рацете на мама која го поседува со ќотек, забрани и ускратувања. Тогаш знае дека цел живот е заглавена во мајчината мрежа.

Светот на трите жени е тежок, болен, страшен … ама сепак продолжува со нова генерација – нова надеж, нова ќерка. И на крај останува прашањето: Дали мотивот да се одмаздиш некому за сè што ти било сторено тебе – тука ќе прекине, или кругот на насилството ќе се повторува и понатаму?

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ирина Тумбовска
ГЕОГРАФИЈА НА ЗАГУБАТА („ГЕРМАНЦИ“ – ЈАКУБА КАТАЛПА)
Во областа на книжевноста отсекогаш била присутна темата паметење – меморија –...
Повеќе
0 replies on “Ти си само моја. Јас ти го дадов животот. Јас можам и да ти го одземам.”