Од каде да почнам? Решив, пред да започнам да го подготвувам текстов, да се ставам на местото на публиката и да си ги поставам оние прашања што мене би ми биле битни, за да го појаснам значењето на делото, кое пред нас стои на крст, подготвено да биде судено, за дела кои можеби никогаш и не би се случиле да не беше читателот, тој мистичен свет и преплет од волшебни светови и безвременски фантазии, кој од мислите создава зборови, а од зборовите дела. Читателот е оној жедниот кој треба да се напои, што самото по себе ја наметнува одговорноста кај писателот не само да го предочи изворот на животот, не само да го напои читателот со приказни, туку и да го стори тоа на начин најсоодветен за негово восприемање на она што е најсуштинско во раскажувањето – способноста да се прикаже невидливото, внатрешното, длабокото, недофатното, на начин кој трансцедентално допира до сите и нуди заедничка катарза, заеднички премин кој универзалното, она што не обединува сите.
Токму затоа, првото прашање со кое би се занимавал секој кој би дошол во допир со овој роман е, кој е Јован Илиески? Барбара Страјсенд, во една нејзина песна вели, Careful the things you say, children will listen, careful the things you do, children will see, или, Внимавај што кажуваш, децата ќе слушнат, внимавај што правиш, децата ќе видат. Јован го познавам уште од малечок, кога како мој ученик ги пишуваше најдобрите есеи, или писмени состави, и тоа на англиски, кој отсекогаш беше заинтересиран за раскажувањето и слушањето приказни кои сме ги работеле на час. Но, како што велат стиховите од песната, не можеш да знаеш што сè ќе слушнат и видат децата од тој што им служи како пример, така што внимавај! Во случајот со Јован, и покрај тоа што успеав да видам дека во него се таи еден неоткриен писателски талент со огромна љубов кон раскажувањето, кој допрва ќе го достигнува својот пиедестал, како на домашната, така, верувам и на меѓународната книжевна сцена, тоа што не успеав да го видам е дека тој во мене гледал свој ментор, учител, безвременски пријател и човек што го научил многу повеќе од тоа што можел да научи од било кое училиште! Со огромна љубов, стои посветата на мојот примерок од Татко ми, Босфор, роман кој не ме остави рамнодушен уште при првиот контакт со приказната, која ја проголтав за неколку дена, со утринско кафе. Со огромна љубов и почит, денес, пред мене го гледам Јован Илиески, кој денес веќе е изграден професионалец во областа на психологијата и, како што вели во Белешката за авторот, гешталт-терапевт во бидување, чија психоаналитичка експертиза и длабоките познавања во областа се умешно применети во градењето на карактерите на ликовите кои се опфатени во романот, што на писателот му овозможува да понуди длабока перспектива на внатрешните искуства на протагонистите, низ еден холистички и феноменолошки пристап, ставајќи го акцентот на метафизичката поврзаност на нештата, преку симболи кои му даваат значење и смисол на животот и смртта. Умешно сокривајќи ја оваа психолошка компонента, која сама по себе е мајсторски вградена, Јован Илиески, скромно, за себе вели дека е „по вокација писател, по душа раскажувач“, со веќе пет остварени дела зад себе, со неколку државни награди, со изданија на кратки книжевни дела во списанија, за кого домот не е место, туку друго срце.
Жанровски, романот Татко ми, Босфор би бил нешто помеѓу историска фикција – еден дел од приказната се одвива кон крајот на 19ти век, во Истанбул, за време на владеењето на Султан Абдулхамид и современ трилер, со сите елементи на психолошки, криминален и мистериозен трилер, умешно вградени во една приказна. Она што ги обединува овие, навидум, временски раздвоени настани е името на главниот лик во двете епохи, Камила Џалал, ќерката на починатиот оџа Осман и Камила Џалал, детективката која работи на случај со мистериозни убиства во градот на Босфор, како и имињата на некои од ликовите од животот на двете девојки од различни временски периоди, обединети под велот на наративот дека „историјата се повторува“, одекувајќи, а со тоа и потврдувајќи, ја латинската изрека Nomen est omen – името е знак, ја благослов ја клетва. Името само за себе зборува. Токму тоа име, Камила Џалал, обединува две приказни, кои Илиески ни ги пренесува на јасен сликовит начин, преку кратки епизоди (поглавја) од двете епохи, постепено претставувајќи ни ги главните протагонисти, умешно обликувајќи ги нивните карактери во содејство со различните светови кои ги обликуваат нивните приказни, умешно пренесувајќи го историскиот амбиент од отоманскиот период, во хармоничен контраст со современиот Истанбул, кој и покрај метежот и хаосот кој му доликува како на светска метропола, сè уште го краси Босфорот со неговите иконски обележја кои, како и приказната за овие две девојки, обединуваат две, навидум неспоиви периоди. Сепак, како што вели една реплика во Пред дождот, од Манчевски, „времето никогаш не умира ниту кругот е тркалезен“, се чини дека приказната која Илиески ни ја предочува е закотвена токму за тој концепт, дека времето е циклично, се повторуваат одредени обрасци, она што во психологијата се нарекува феноменологија, а која Илиески ја трансцедентира до степен на метафизичка мистика, чија „реалност“ почива на само едно камче во мозаикот, само едно нешто физички ги обединува двете приказни, а тоа е фотографијата на која е прикажана Камила Џалал со султанот, сликана во 1890 година, која завршува во станот на Камила Џалал, детективката, во 2024, преку брат и Иштар кој ја наследил од стрико му. На рамката од таа фотографија стои натпис Татко ми, Босфор, што Илиески сосем коректно го става како наслов на ова негово мајсторско дело, со цел да обрне внимание на фактот дека токму малите нешта се клучната оска околу која се движат настаните во време-просторот, токму тие мали нешта во себе кријат невидлива структура, која е дел од уште поголема приказна која ги надминува границите на видливото, или надворешно перцептивното, и нуди увид во метафизичкото, надреалното, или барем укажува на тоа дека постои нешто невидливо, недофатно, кое можеби треба да се истражува понатака. Можеби Илиески, ставајќи го фокусот врз овој артефакт, сака да ни наговести продолжение на оваа приказна во серијал кој ќе ги расветли сите можни животни патешествија кои ја довеле оваа фотографија од рацете на Камила Џалал од 19ти век во домот на Камилал Џалал, детективката од 21ви век? Тоа можеби би значело цели студии на низа историски процеси за да се увидат сите можни начини како тоа би можело да се случи, а со психоаналитичкиот пристап на Илиески, со кој што допира и до теми кои се сериозни аномалии во општествените односи, а кои сè уште се сметаат за социјални табуа, како во денешно време, така и во минатото, верувам дека би имале увид и во подлабоката структура што ги обединува сите феномени на „асинхрона синхронизација“, како што тоа впрочем го прави во овој роман.
Да се навратам на структурата на романот! Приказната започнува на две места, во два различни временски периоди, крајот на 19ти век и третата декада од 21ви век, во Истанбул, за кој Петрус Гилиус, цитиран на крајот од делото, вели „И сите држави и градови да исчезнат, сè додека христијаните и муслиманите се живи, Истанбул ќе постои“. Илиески не шета од еден во друг временски период, низ кратки четива, кои започнуваат со цитати од многу мислители тогашни од отоманскиот и од западниот свет како и современи турски и светски автори, па спомнати се Мехмет Мурат Илдан, Орхан Памук, Елиф Шафак, Ајше Кулин, Сабахатин Али, Мустафа Кемал Ататурк, Едмондо де Амиџис, па дури и Наполеон Бонапарта, со кои авторот дополнително го збогатува вкусот на приказната со ориентална мистика, која го оддава длабокото познавање на оваа култура и нејзиното автентично предавање низ приказ кој содејствува на личното доживување на авторот на таа култура, за која како што самиот вели, ужива да ја раскаже. Четивата се приказ на кратки епизоди низ кои се откриваат приказните на двете девојки со исто име, како и низата „случајности“ пренесени преку исти мисли, описи на места, состојби и ситуации, со кои авторот умешно ги поврзува двете епохи, завршувајќи го поглавјето и започнувајќи го следното со истата реченица. Со тоа, на читателот, му овозможува една привилегирана позиција на над-набљудувач на метафизичките мостови кои ги поврзуваат приказните на двата главни лика. Дејствијата се одвиваат скоро филмски, со тоа што на крајот веќе дури се менуваат како кадри на филм, додека се очекува возбудливата разврска на настаните.
Она што исто така ги обединува двете приказни е самиот Истанбул, кој Илиески, очигледно вљубен во неговите мистични предели, како видливи така и невидливи, го опишува со таква скромна страст, како да го издава сопственото најинтимно доживување на овој царски град, како да ги издава тајните што само нему му ги шепнал, а кои, од убавина, го горат да ги прераскаже. Така, авторот, не носи во Истанбул некаде во 1890тите, во Јилдиз сарајот на султанот Абдулхамид, не запознава со најинтимните простори на отоманската империја во тоа време, ни ги прикажува иконските обележја на тогашниот султански град, па не шета низ мирисите на Еминону, за наеднаш да не втурне по тесните сокаци накитени со дуќани во Капаличаршија, секогаш на крајот вперувајќи ни го погледот кон величествениот Босфор. Притоа, авторот мајсторски не става во еден “in medias res” историски контекст, од една импозантна позиција од која, покрај интригите во султановиот харем, дознаваме и за Младотурската револуција, за бунтот на Ерменците со Кристапор Микаелјан, како и за Евреинот Карасу, кој ја основал македонската ложа Ризорта во Солун. Сите овие историски настани се суптилно пренесени од една поинтимна перспектива, низ разговорите на султанот со своите поданици, а сето тоа видено од ќерката на оџата која по Божји благослов се нашла да живее под закрила на сестрата на Султанот.
Од другата страна на приказната, пак, се наоѓа жена, која независно го живее својот јалов живот, до кој е доведена без своја волја, а која се наоѓа растргната од потребата да го пронајде убиецот на својот сопруг и потребата да припаѓа и да има некој свој, што се остварува кога повторно ќе го пронајде братот, кој со себе го носи знакот – фотографијата на девојката со исто име како неа.
Прашање е, кога детективката Камила Џалал би знаела за „коинциденциите“ во нејзиниот живот со животот на ќерката на оџата, дали би истражила како завршил живот на девојката од фотографијата со исто име како нејзиното, и дали тоа можеби би сменило нешто во феноменологијата на „асинхрони синхронизации“ (термин кој тукушто го склопив за да ги објаснам толку честите „коинциденции“ кои ги обединуваат двете приказни кои Илиески сосем суптилно, а јасно ни ги предочува), кои се ексклузивно видливи само за читателот, благодарение на нескромниот раскажувачки талент на авторот на ова интригантно дело.
За содржината нема повеќе да зборувам, оти не би било фер и за приказната и за вас читателите, да ви ја украдам возбудата на откривање на овие мистични светови, кои Илиески толку вешто ги склопил во роман, кој, ве уверувам, нема да ве остави на мира до самиот крај, а притоа, ќе ве тера често да запрете со читањето при секој егзотичен опис на тој далечен и минат свет, кој наеднаш авторот го оживува низ мириси, бои, светлини, вкусови, на кои никој не може да одолее.
Верувам ни вие!